Зошто Акиндин?

Зошто филозофски

Треба да му се врати достоинството на поимот. Во едно капиталистичко општество насушна е потребата на стимулирање на потрошувачката. Со самото тоа, рекламата потојано расне меѓу теориите, науките и уметностите сè додека сосема не ги исфрли од нивниот терен, како пиле од кукавица своите божемни браќа и сестри. Рекламите ја метастазираат моќта на визуелните медиуми, зошто се понепосредни во приемот и се интернализираат без да се проверат (без многу филозофирање како што вели една колоквијална синтагма). Визуелни спектакли, непосредност, идеологии – лесно е да се препознае архинепријателот на секој поим – мнението или доксата воцарени над нашите судбини. Треба да му се врати достоинството на поимот, исто како што треба да се разбуди некој од кома. Секое филозофирање со самото тоа е и автолегитимирање и единствено можно легитимирање.

Зошто портал

Ако веќе сме согласни дека во современото општество филозофијата е и мора да биде декласирана до степен на питаштво, јасно е дека и методите на преживување мора да ѝ бидат карактеристични за нејзината социјална положба. Во еден портал содржините се крадат, се просат, кога се може самостојно се творат – го немаме луксузот да бидеме пребирливи во однос на начинот како се најдуваат, туку само во однос на нивната вредност. Целта секој медиум го прави благороден. Во отсуство на една дигитална архива на студентски трудови, како и на било каква вонинституционална циркулкација и размена на идеи, еден портал се чини најсоодветен за да се испонат двете задачи.

Зошто Акиндин

За да не охрабри – зошто еден наш сограѓанин бил дел од дебатата која, во одредена мера, го одредила развојот на цела една цивилизација, и за да не посрами – зошто во неговиот роден град ниту има, ниту му недостасува асална книжарница, а не нешто повеќе. И ако сакаме да бидеме цинични и да го користиме овој современ медиумски новоговор – тој уште од тоа време заговарал евроинтеграции.

1,953 total views, 2 views today