Тони Димитров: КРАФТВЕРК – последниот голем бенд

KRAFTWERK 3D Der Katalog  1 2 3 4 5 6 7 8 Kunstsammlung NRW Düsseldorf 2013

Денес, во музичката индустрија е тешко да се биде нов, свеж, инвентивен. Во целата хиперпродукција и масовност на креативните индистрии, тука вклучувајќи ја и музиката, скоро е невозможно да се појави некој или нешто (група или артист) кој ќе ги помести темелите по својата свежина и инвентивност во пристапот, а тоа да не биде покренато од шок или комерцијална изнасиленост, или други вештачко создадени критериуми за популарност. Според денешното сфаќање на терминот популарен, денес веќе не постои голем бенд.

Полните стадиони не се критериум за квалитетот, големината, ниту за популарноста, тука говорејќи за популарност според вистинските критериуми на креативност, како поместување на границите на жанровите, мултимедијалноста или влијателноста. Битлси тоа го постигнаа во 60-те години од минатиот век, потпомогнати, во тоа време, од масовноста и популарноста на телевизијата како медиум. Но денес, во ерата на интернетот како медиум, тешко може да се каже дека постојат вистински критериуми, а и големината веќе не се третира еднакво. Битлси останаа само поим за популарност или поп.

28.2.kraftwerk1

Капитализмот (читај хипер-капитализмот) денес се наметнува со поинакви параметри, посебно кон публиката, во контекст на консумација на музиката. Тука посебен акцент ставаме на терминот консумација, бидејќи во овие услови, во консументското општество, дури и музиката се консумира (а не перципира). Критериумите се дури и повеќе од јасни, посебно на новите генерации дигитални домородци. Број на допаѓања (лајкови) на youtube, број на пуштања на видеото на MTV, лајкови на фејсбук/твитер и слични мрежи, учество во реалити шоу, број на брендови кои се произведуваат со нивното име и сл. Тука веќе претходно споменатите поими: нов, свеж и инвентивен, стануваат секундарни или немаат значење. Денес секој може да биде популарен.

Каква врска имаат Kraftwerk со сето ова? Тие се бенд кој на самите почетоци неприфатени од пошироката јавност, можеби и од критиката, сосема парадоксално, подоцна оставаат сериозно влијание на целокупната музика по нив, комплетно и трајно менувајќи го изгледот токму на поп музиката. Точно, технологијата се развиваше толку брзо, што просто ја втурна електронската музика во меинстримот. А токму Kraftwerk беа катализатор на тој процес.

Денес можете да најдете безброј текстови и анализи како се тие највлијателната поп група на сите времиња. Kraftwerk не беа само пионери на еден жанр. Тие буквално го создадоа и поставија темели на цела една естетика и пристап кој подоцна беше пример за копирање и моделирање. Бенд кој електрониката и стерилниот компјутерски стил го обликуваа во поп манир, нудејќи го на масите за секојдневна консумација.

28.2.kraftwerk2

Нивното основање во 70-те години, го врзуваме со германскиот краутрок звук, иако и тука Florian Schneider и Ralf Hütter студенти по уметност во Robert Schumann Hochscule во Дизелдорф, ги покажуваат своите експериментални аспирации. Доколку ги погледнете нивните први концерти, таа авангардност нема врска со ништо направено дотогаш, а нивниот звук и естетика немаат врска со онаа на останатите бендови од таа сцена. Не само компјутерите, туку и електронската музика сама по себе, во тој момент е се уште нешто ново.

Popol Vuh можеме да ги потенцираме како првиот krautrock бенд кој користи синтисајзер во нивната музика, но Kraftwerk сето тоа го издигнуваат нивоа повисоко, по своите први три психоделични албуми. Веќе во 1974 и албумот Autobahn, Kraftwerk заземаат друга димензија кон повеќе поп ориентиран звук и класична структура на песните. Со ова ја здобиваат својата популарност и пробив кон интернационалната публика. Веќе наредната година, следниот албум Radio-Activity, комплетно го снимаат во нивното Kling Klang студио, кое бендот го користи како инструмент, и секако како алатка за контрола врз сопствената продукција, пристап кој го користат далеку пред било кој да има лесен и ефтин пристап до аудио софтверот и компјутерите за слична намена. Со тоа поставуваат нови рамки и ја редефинираат музиката каква што ја познаваме.

28.2.kraftwerk3

Пред тоа доба, многу бендови користат синтисајзери за да созаддат звучни ефекти во нивната музика, исто така ритам или дел од ритамот. Но пред Autobahn, ниеден артист во поп домејнот не ја создал својата музика во целост со синтисајзер т.е. електронски. Тоа значи дека секоја електронска песна која сте ја слушнале оттогаш, ја слушате благодарејќи на оваа иновација на Kraftwerk.

Доколу говориме за конкретните влијанија кои ги оставаат врз останатите музичари, листата ќе ни го одземе комплетниот простор за оваа анализа. Па така, тука можеме да споменуваме и артисти и бендови, но и цели правци кои се појавуваат под директно влијание на музиката и пристапот на Kraftwerk. Со тоа тие не стануават само просто влијание, ниту само голем бенд, туку бренд.

Можеме слободно да кажеме дека го придвижуваат звукот на 80-те во сосема поинаков правец. Претставуваат директно влијание на Gary Numan, Depeche Mode, Visage, Soft Cell, The Human League, целиот синтпоп, електро поп, електро, па сѐ до класичниот Детриот техно звук. Juan Atkins, Kevin Saunderson и Derrick May, ги фузионираат репетитивните мелодии на Kraftwerk со фанк ритам создавајќи го со тоа највлијателниот звук на денешнината. Хип хопот следува. Верувам сите се сеќавате на Planet Rock на Afrika Bambaataa. Чујте ја и сѐ ќе биде појасно. Гитарскиот звук не останува имун на овие влијанија. Post-punk звукот и бендовите како PiL, Joy Division или Magazine прифаќаат пристап, посебно кај ритам секцијата, кој е под директно влијание на Kraftwerk. Joy Division се секако најблискиот пример, а секако тие влијанија потоа директно се манифестираат и кај New Order, кој пак ја семплуваат Uranium за Blue Monday, најголемиот денс хит на сите времиња!

Senor Coconut, 8-Bit Operators или Kraftwelt прават преработки, пародии и извитоперени верзии на музиката на Kraftwerk, со тоа директно реферирајќи кон нивната големина. Легендарниот ноис бенд на Стив Албини Big Black во прецизен манир ја преработи The Model на својот албум од 1987-та Songs About Fucking. Talk на Coldplay започнува токму со риф позајмен од Computer love од 1981-та. Chemical Brothers во Leave home од 95-та ја цитираат Ohm sweet ohm, Jay-Z ja презема The Man Machine, Fatboy Slim исто така ги семплува со The Robots, тука се Franz Ferdinand, Missy Eliot, Madonna, Jay Jay Johanson, па и Pink Floyd, Snap, Ladytron и уште мал милион добро познати групи кои ја искажале својата почит на овоj начин, листата не застанувајќи на овие бендови, ниту на по една песна од нивниот опус. Со тоа Kraftwerk стануваат еден од најсемплуваните бендови на сите времиња.

И покрај сѐ ова, музиката и воопшто делото на Kraftwerk, го задржува нивото и квалитетот воопшто невулгаризирајќи се. Држат дистанца од општиот поп манир и комерцијализацијата, не даваат интервјуа и не се појавуваат често на екраните, зачувувајќи го идентитетот. Според тоа не знаеме точно како ја создаваат музиката, кој инструменти/софтвер ги користат денес, креирајќи со тоа аура на мистика, оставајќи ја музиката да говори за нив.

Кога сме кај мистиката, не смееме да ги заборавиме ни визуелните аспекти на нивната музика, тука мислејќи на самиот дизајн на омотите на албумите (дело на нивниот близок соработник Werner Emil Schult), но и на целокупната сценографија и сценски изглед, костими и настап. Со својата појава фокусот од своето его, го ставаат на музиката. Својот индентитет го заменуваат со безличен, роботски, втемелувајќи се само на музиката, наместо на личностите. Daft Punk, меѓу другите, се директен резултат на оваа идеја.

Секако, се уште е отворена дебатата дали Битлси или Kraftwerk се повлијателен или позначаен бенд во историјата на музиката. Аргументите одат и на едната и на другата страна од различни перспективи. Битлси ја поместија парадигмата на музичката индустрија каква ја знаевме до тогаш, но ни влијанието на Kraftwerk судејќи според сѐ погоре искажано, не може да се занемари во тој контекст.

Нивната музика сите ја знаеме и без да сме обрнувале посебно внимание на неа. Таа е потсвесен архетип за електронска музика. Потајна меморија од детството. Саундтрак на неколку генрации. Но, нивната музика е сѐ уште свежа. Тие сѐ уште настапуваат и се прилагодуваат на новите технички иновации, како во музиката, така и на концертите. Тие сѐ уште претставуваат современ мултимедијален перформанс, каде се спојува звукот, визуелното, перформативното и технологијата. Kraftwerk, накратко се бенд од минатото, кој го трасира патот на музиката во иднината.

Извор: nomads.mk

698 total views, 1 views today