За дискурсот на политичкото повторување (втор дел)

20.2.politicko-povtoruvanje

III. – ДЕЦА НА ПУСТЕЛИЈАТА

На почетокот од Војна на Ѕвездите Епизода 7, во најавната шпица, стои: „…the sinister First Order has risen from the ashes of the Empire.. – … злокобниот Прв Ред се издигна од пепелта на Империјата…“. Веднаш по тоа, сцената се симнува на една пустинска планета, Џаку, која претставува најголем отпад на старини како биваат разјадени од забот на времето. Од сцените, очигледно е дека меѓу тоа ѓубре се и огромните борбени бродови на пропаднатата Империја, како и изгубениот Милениумски Сокол, симболи на едно време кои изминало, но кое после бруталниот конфликт, требало да се трансформира во еден просперитетен период во Галаксијата.
Видно од сцените позади кои чекори хероината во филмот, младата Реј, се чини дека се што е останато е само непрегледна пустина, надеж и ѓубре.

Џаку

Џаку

Како би можеле да ги објаснеме и поврземе компарациите споменати погоре, нужно е да ги погледнеме нештата од перспектива на нашето локално, реал-политичко опкружување.

Книгата на екс-пратеникот, и поранешен (маркантно чест) претседател на Собранието, Стојан Андов, фрла едно светло во зародишот на раната наша Република. Неговата „Драматичната 1991“ пресликува негово непосредно доживување и опишување на настаните кои придонесоа до крвавиот распад на заедничката Федерација – СФРЈ, локалното (македонското) гледиште на тие брзи, непредвидливи, трауматски и неизбежни настани, како и настаните кои ја предизвикаа сецесијата на Социјалистичка Република Македонија, и нејзиното конституирање како независна и суверена Држава.

Не би навлегувале во детална анализа на целокупниот пишан материјал, туку ќе извлечеме неколку поенти кои само би послужиле како параноичниот распад на една политичко-општествена нарација, произвел создавање на „нова“ нарација. Новата нарација, од денешна гледна точка, после 25 години, не е ништо помалку параноична од таа т.н. лепрозно отфрлената.

За да ги разбереме причините и последиците на она што се случувало во последните мигови на поранешниот сојуз на држави, односно во предворјето на независноста од 1991 година, мошне е важно, на кратко, да ги објасниме одредени околности кои довеле до таквото трагично распаѓање.

Во 1963 односно 1974 година, во Уставите на тогашната Социјалистичка Република Македонија, како нивни основни постулати биле воспоставени: општествената сопственост на средствата за производство; самоуправувањето како основа на политичкиот систем; делегатство како облик на одлучување; социјалистичка самоуправна демократија; работничко-класен суверенитет; класното како основа на националното; комунален систем како основа на државната власт и самоуправно-здружен труд (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право стр.272). Нормативниот текст на обата устави, проникнал како израз и сфаќање дека највисокиот акт на Државата треба да се постави како регулатор на општествените односи кои биле замислени да го градат новото, социјалистичко општество, и односите кои произлегуваат од тоа општество, вклучувајќи ги и економските. Тоа пак, од друга страна, значи и дека декларативните определби во одредбите на тие два устави се од програмски карактер. Тој пак програмски карактер произлегувал како израз на увереноста на уставотворецот дека станува збор за „оригинален уставен поредок со сигурна иднина“ (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право стр.273). Токму оваа тенденција, видно од настаните кои следеле, во суштина се покажала како погрешна. Наместо да се изврши толкување на противречностите кои настанале, а допринеле до определбата за нови Устави, па оттука и уставотворецот да ја насочи определбата во де-регулација, за сметка на регулација на секоја пора од општеството (Види Georgio Agamben – State of Exception).

Таков случај е дури и со националните т.е. етничките прашања. Па така, на пример, Уставот на СРМ од 1963 Македонија ја определува како државна социјалистичка демократска заедница на народот на Македонија, заснована на власта на работниот народ и самоуправувањето, (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право (стр. 273) додека, Уставот на СРМ од 1974 година ја дефинира пак како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе. (исто – стр.273)

Од овие тенденции се гледа сфаќањето на уставотворецот да се пристапи кон проблематиката на подвоеноста во општеството кон уставот како акт на општеството, т.е. еден вид на општествена повелба. Тоа значи дека истовремено тоа претставува повелба на југословенскиот социјализам како тип на преодно општество сфатено како тоталитет, односно како единство на економската структура и општествена надградба. Во таа смисла, основна преокупација на Уставот е граѓанинот како работен човек и самоуправува, односно неговата положба во самоуправно здружениот труд и управувањето со општеството во целина. Сепак, овие акти, особено последниот, претставува сложен акт на реалните услови на општеството кое грчевито тежнеело кон т.н. надградба. Оттука, и неговата комплексна структура од 406 члена (без да ги вброиме и амандманите од 80-тите години на 20-тиот век), која сама по себе е енормно сложена, со специфична терминологија. Но истовремено, тргнувајќи од содржината на Уставот, односно декларативниот карактер на неговата преамбула и тенденциите и заложбите на општеството за истиот, мошне впечатливо се јавува и тенденцијата на уставотворецот за настанувањето на т.н. „Ново општество“.

Таквите нарации, кои практично останале само тенденции, се чини дека како сенка го следат и периодот кој што следувал.
Се поставува прашањето, дали тенденциите за она т.н. „Ново“ остануваат само тенденции, наспроти нивните заложби кои преточени во правна рамка, само ги продлабочуваат противречностите кои настанале, наместо да ги решаваат?; и најнакрај, како да се избегне конфликтот меѓу политичкото и правното во т.н. „тенденција за Новото“, без при тоа да се навлезе во повторување на споменатите конфликти?

Тензичен премин

Тензичен премин

Оттука, како реторичко прашање, на веќе изнесените дилеми погоре, а за кое се надевам дека подолу ќе изнајдеме одговор, следи замката „Како знаеме, при процесот на политичка промена, дали желбата за конкретната промена е израз на личен индивидуален политички акт, или истиот е посакуван израз на колективното?“

Да подразјасниме.

Политичките субјекти, под нив мислиме на целото општество, во целина, не само на номенклатурата од врвот, врз основ на начелата на демократијата, принципите за слободно изразената волја на избори и други форми на слободно изразување на волјата (референдум, граѓанска иницијатива, плебисцит и сл.) желбите и потребите за колективното ги изразуваат во рамките на колективното. Своите индивидуални политички стремежи ги судруваат за да го креираат јавното, и да бидат дел од јавното, но не и обратното, да своите каприциозни приватни секвенци ги наметнат во доменот на јавното, како нивен личен израз за јавното. Оттука, доаѓаме до замката, дека е мошне тешко да се одржи политичкиот двигател во јавното, без интервенции на индивидуални, егоистични каприци од доменот на „приватното“.

Во таа далечна 1991 година, беа донесени низа уставотворни документи, кои беа, и до ден денешен се од голема важност за Република Македонија. Следејќи го нивниот редослед, беа донесени акти за конституирање на Македонија како самостојна и суверена држава, најпрво беше донесена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991 година и Декларацијата од 17 септември 1991 година, со која се потврдува изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава на референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Во меѓувреме, следеше и постапката за донесување и спроведување на Уставот на Република Македонија. Така, најпрво, во мај 1991 година, Претседателот на Република Македонија, до Собранието го поднел Предлогот за донесување на Устав на Република Македонија. Предлогот е образложен во Собранието на 23 мај 1991 година, за потоа, Комисијата за уставни прашања да подготви текст на Нацрт – Уставот. Нацрт актот, изготвен од Комисијата, го утврди Собранието на 23 август 1991 година. Јавната дискусија за нацрт актот траела од 24 август до 15 септември 1991 година. На 17 ноември 1991 година беше донесен Уставот на Република Македонија. За Уставот гласаа 92 пратеници, а за Одлуката за негово прогласување гласаа 96 пратеници. Разликата во гласовите ја сочинувале тројца пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и еден од пратеничката група на ПДП. Тројцата се „воздржале“ при гласањето за Уставот, додека кога се гласало за Одлуката за прогласување, гласале „за“. Пратениците од ПДП воопшто не гласале за Уставот, а за Одлуката за неговото прогласување само еден од нив гласал „за“. Уставот не доби поддршка од 22 пратеници од албанските партии ПДП и НДП.

Како што надоаѓал крајот на тој масивен државен апарат во распаѓање, станувало се поизвесно дека во тие негови последни мигови започнало никнување на еден т.н. нов, произлезен од конфликтите на оној во распаѓање. Од конфликтите на стариот апаратус, проникнале нови конфликти. Во суштина, зборот „нови“ е поприлично парадоксален сам по себе, оти се чини, од денешна гледна точка, дека конфликтите, а и системот кој ги произвел, само презеле нова форма, но во суштина, ништо не се сменило.
Ако се направи паралела со крајот на таа држава, и почетните моменти на создавањето на новата, Република Македонија, сосем е извесно дека ќе се забележат многу сличности и дилеми. Ни тогаш, а ни денес немаме јасна слика за тоа каков концепт на држава сакаме. Заложбата за ново општество, поразлично од социјалистичкото, југословенското, се чини дека е само формален запис на хартија, срочен во неколку конститутивни документи. Во „Драматичната 1991“ може да се забележи дека постојат две спротивни т.н. желби, за тоа што потоа. Првата е дека СФРЈ нема да се распадне, и дека иднината на тогашната СР Македонија е да остане во постојната Федерација, односно во некаква поинаква форма на сојуз од држави (произлезена од централното раководство на СКМ-ПДП). Другата, пак, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно предводена од нивниот лидер, г.Љупчо Георгиевски, промовирале еден вид декларација, која г.Андов ја објаснува на следниов начин: „Љупчо Георгиевски во своето тврдење при неговиот избор за Потпретседател на Претседателството во Јануари 1991 година, кога тој ги изложи своите програмски прегледи, велејќи дека Југославија наскоро ќе се распадне, а независна Македонија ќе влезе во конфедерација со Грција и Бугарија. Тоа беше вистинската програмска декларација на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време (стр.159 „Драматичната 1991).“ Така, иако било сосема возможно дека Република Македонија ќе постане суверена и самостојна држава, сепак, гледиштето околу нејзиното понатамошно политичко егзистирање, се менувало без некоја јасна перспектива и покрај формалното донесување на конститутивните документи.
Нештата оделе до таму до тој степен што, дури на моменти се става во прашање и сериозноста на сиот потфат наречен „независност“. Така, на пример, во предвечерието на расправата по нацрт Уставот, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски 5-6 дена пред да почне расправата за Нацртот на новиот Устав, на 5 октомври 1991 година, заминал за САД и Канада. Како што посведочува Андов во својата книга: „Во негово отсуство, се заострија ставовите на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Уставната комисија, а немаше авторитет во таа Партија во земјата кој би се обиделе да ги смириме работите. (стр.297)“. Слично, и премиерот на техничката Влада, кога требало да присуствува во Комисијата за уставни прашања, како што посведочил авторот Андов, видно западнал во преку океански авантури: „Кога најмногу се заостри политичката борба во Уставната комисија и кога таа почна да се прелива во широките народни слоеви на населението, кога почнаа демонстрации кои беа се пожестоки во своите барања, особено оние на кои се собираа приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, од земјава отпатува во странство и премиерот Никола Кљусев. Тој најде изговор да ја напушти земјава кога страстите беа многу разгорени, објаснувајќи дека е поканет од нашата дијаспора во Австралија и дека таму ќе присуствува на некој музички фестивал на пеачките групи на Македонците од Австралија. Кљусев кажа дека во делегацијата ќе бидат и некои овдешни пејачи и пејачки. („Драматичната 1991“ стр.298) “

Сличен е односот и кон други прашања, како на пример, етно-националните прашања околу преамбулата содржана во предлог т.е. нацрт Уставот. Создавањето на т.н. нов наративен елемент, по се изгледа дека не е само прашање на односот кон него, туку и негово толкување. Односот, т.е. толкувањето, ако погледнеме од погоре споменатите примери, не е произлезен сам од себе, туку е тенденција која е стекната од потребите на конфликтите на едно општество во залез. Секако, овде не треба во целост да се тврди дека токму тоа социјалистичко општество е она кое ги создало ваквите проблеми на т.н. „држави со нова политичка нарација“, туку дека го поттикнале токму она од кое и самите тие сакале да го избегнат, а пребегнале под закрила на „избегнување на реалните проблеми“.

Во тој поглед, интересен е примерот, каде во време на расправата по Предлог т.е. Нацрт Уставот на РМ, во Собранието, односно Комисијата за уставни прашања, претставниците на ПДП тврделе дека со тој документ им се стеснуваат националните права на Албанците во Македонија, за истиот тој текст претставниците на ВМРО-ДПМНЕ пак тврделе дека Албанците им се дадени преголеми права, и тие претставници инсистираа Македонија да биде означена како држава на македонскиот народ и тоа својство воопшто да не го дели со никого. („Драматичната 1991“ стр.298).

Собрание на Република Македонија, 1991 - акламаци

Собрание на Република Македонија, 1991 – акламаци

Кон тоа, проф. Светомир Шкариќ, во својата Споредбено и македонско Уставно право, ќе нотира дека: „Некои од албанските партии побараа Албанците во Македонија да се третираат како конститутивен народ, а не како национално малцинство. Згора на тоа, тие сметаа дека предлогот за донесување на новиот устав не дава цврста гаранција за мирен и рамноправен живот на Албанците во Македонија. Беше дури истакнато дека во моментот на распаѓањето на СФРЈ, Албанците во Југославија не смеат да дозволат да бидат поделени во три „национални суверени словенски држави“. (стр.200)“. Понатаму, тој ќе забележи и дека од пратениците – Албанци беше предложено да се воведе консензус во одлучувањето кога Собранието на Република Македонија одлучува за прашања од витален интерес за националностите што живеат во Република Македонија.

Секако, во предворјето на носењето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година, неодминливи биле и демонстрациите за покажување дека е извршено конкретно „предавство“. На 14, односно 15 ноември 1991 година, пред Собранието на Република Македонија, имало засилени демонстрации, во кои демонстрантите барале Собранието да не го донесе новиот Устав, бидејќи тој носел „предавство“ на македонската нација. Демонстрантите носеа многу пароли напишани против Албанците, а конкретни функционери биле нарекувани „шиптари“ и „предавници“. Дел од демонстрантите, дури и излегле со платформа во која барале да се донесе национален устав. Пред очите на пошироката јавност и полицијата, насилно било симнато државното знаме на Република Македонија, а на негово место било поставено партиското знаме на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Собрание на Република Македонија, 1991

Пред Собрание на Република Македонија, 1991

Се чини дека, ваквите дилеми, денес веќе не се тенденции, туку веќе вродена вербална реторика во општеството кое имало тенденција за себе 1991 година, но без некоја јасна насока за себе, па парадоксално, насоката веќе ја трасирало кон она што го имаме денес, и во суштина тоа е насоката која е поставена тие први денови во 1991 година.

Сличниот контекст следи и веднаш по донесувањето на Уставот, односно во периодот на Свечената седница на Собранието на 20 ноември 1991 година. Во „Драматичната 1991“ Андов ќе нотира: „Одржувањето на свечената седница на Собранието по повод прогласувањето и усвојувањето на новиот Устав го закажав на 20 ноември. На 19 ноември, во мојата канцеларија дојде пратеникот Митко Атанасовски. Разбрал дека за свечената седница сум ги поканил и Лазар Колишевски и Страхил Гигов, а тоа било неприфатливо за него. Тие двајцата, рече тој, ги окрвавиле своите раце со крвта на синовите на македонскиот народ. Ако тие дојдат, рече тој, тогаш тие од ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваме на свечената седница. (стр. 303)“

Во овој контекст, не би требало да не чуди производот наречен „Лустрација“ во модерното македонско општество.
Слично, паралелите меѓу очајната транзиција, и модерниот криминал во последните 10 години, еволуцијата на прислушувањето, т.е. тенденцијата на контрола на Власта преку органите на Управата за Државна Безбедност и Контра-разузнување, не треба воопшто да се гледаат како случајна тенденција, туку како реални насоки и определби на едно општество.

Според тоа, во духот на „новиот“ дел од Војна на Ѕвездите, треба да се запрашаме, дали пустото (отсутното) лежи во објективната стварност која е статична и стерилна, или во статичната субјективност на објектите vis-a-vis гледачот т.е. субјектот присутен во дадената стварност? Повторно, одговорот лежи во „посакувањето“ за дадената стварност.

Токму тој одговор ни ја дава последната сцена од филмот, каде хероината Реј, го наоѓа Лук Скајвокер, последниот Џедај, на тотално ненаселена планета, сам на пуст остров. Оваа сцена е дури порадикална од онаа на Реј на Џаку, каде што постојат знаци на живот, но како да се дел од таа пустина околу нив, која секојдневно ја живеат, но ја забележуваат како нешто неопходно.
Сцената меѓу Реј и Лук, во суштина ни појаснува дека Реј не го бара последниот Џедај per se, туку го бара реалното позади митот, нешто за кое што таа верувала дека е мит. Она што е реално е пустелијата. Но не онаа пустелија што ја гледаме пред себе, туку онаа која произлегува од нас. Тоа е вистинската природа на реалното, дека егзистенцијата, во реалноста, е егзил од нашиот вистински дом: ништожноста.

Нешто слично како во Шекспировата политичка комедија „Бура“ (Tempest), каде волшебникот Протеро е прогонет, од политички причини, на пуст остров со неговата ќерка, прекрасната Миранда, па еден ден, кога ќе здогледа брод на непрегледниот морски хоризонт, ќе предизвика Бура за да го изгони. Но Бурата настанува потоа, а не кога Протеро ќе ја формира.

Така и во Episode 7, будењето не настанува во текот на филмот, со откривањето на Реј, туку во ликот на Лук Скајвокер. Сопствената ништожност е реалната пустина.

Лук и Реј

Лук и Реј

Од тие причини Шекспировиот Кориолан и врти грб пред толпата, после неговиот брутален говор, а од исти причини и Ричард III, саркастично се обраќа на толпата, на почетокот од истоимената трагедија (…Now is the winter of our discontent). Тие, обајцата, ја согледале баналноста во повторувањето („…A world elsewhere – Coriolanus“), како и можностите кои произлегуваат од неа.

Она што се случило во периодот пред распаѓањето на СФРЈ, и создавањето на Република Македонија, како независен, суверен и самостоен политичко-правен ентитет, односно, нејзиното политичко-правно градење до ден денешен, во суштина ја само ја следи онаа т.н. тенденција на уставотворецот на СФРЈ 1974 година каде треба да се создаде „општество, сфатено како тоталитет, односно како единство на економската структура и општествена надградба“, со таа разлика што се сменети вербалните наративи, па наместо општествена надградба, добивме „етно-национална надградба“, наместо „самоуправување“ – демократија, наместо „работен народ“ – етнички заедници, и слични нарации, кои не го решиле проблемот со „политичката потреба за живот и нејзиниот еманципаторски карактер“, туку само ги продлабочиле неговите веќе настанати конфликти.

Се чини дека, она што останало од таа иновативна, но неуспешна тенденција од 1974 година е само зборот „тоталитет“, кој денес, е во најсурова форма.

Според тоа, она што т.н. репетитивност донела во Episode 7, односно во Шекспировите Кориолан и Ричард III, по актите за одрекување од светот во распаѓање, е свет во кој се е веројатно, но навидум, ништо не е возможно – една пустина на политичките ентитети, без јасна перспектива.

IV. – ВАКУУМ НА ПОЛИТИЗИРАЊЕ

Во епилогот на книгата од Чак Вендинг „Star Wars – Aftermath“, една личност во сенка, наводно незнаен брутален адмирал на Империјалната флота (подоцна под име Галиус Ракс), за која ќе се открие дека „ги влече конците на настаните“ од позадина, ќе констатира:„… Вака мора да биде. Империјата постана оваа… грда, неелегантна машина. Сурова и неефикасна. Ние требаше да бидеме скршени на парчиња. Ние требаше да се ослободиме од оние сакаа да ја видат таа стара машина како разџагорено повторно и повторно неспособно и неизбежно чекори напред. Време е за нешто подобро. Нешто ново. Империја вредна на Галаксијата што ќе ја владее. …“

Токму овој говор на Ракс , не води кон следното прашање. Ако Империјата ја покажала својата неефикасност, и довела до распад преку Бунтовничката Алијанса, која ја создала Новата Република, зошто тогаш Новата Република, постанала исто така неефикасна? Да преточиме во реални термини: „Ако СФРЈ, поради својата неефикасност, се распаднала во неповрат, зошто Република Македонија, како нејзин сукцесор, е подеднакво неефикасна?“

Како што Ракс ни го посочува проблемот и решението во оваа т.н. криза, така и не доведува до една заблуда.

Пред да ја погледнеме заблудата, да се осврнеме кон една типична шега на Жижек, која се надевам ќе ни ги појасни нештата и ќе не одведе кон посакуваната насока.

На едно отворено панел предавање, во јули 2016 година, словенечкиот психоаналитичар и филозоф, Славој Жижек, на прашање од публиката во врска со, онтолошката сигурност која што се поврзува со категоријата на „убиства од чест (чесно убивање)“, имајќи во предвид дека доаѓа од општество како египетското, каде истото генерално е мизогинично на повеќе нивоа, но дека не слушнала како некој извршил „чесно убивање“ од мизогенични побуди во Египет, пред да се пресели на Запад. Таа додава и дека очигледно оти постои таков тип на убиство, кое очигледно е културолошка карактеристика, со оглед да не може да каже дека убиството во суштина и не е културолошки поврзано за општеството, па оттука не гледа зошто треба да ги раздвоиме таквиот тип на насилство е онтолошки различен од насилството врз жената, воопшто.

Кју Клукс Клан - мирен протест

Кју Клукс Клан – мирен протест

Дел од договорот, негови впечатливи поенти, следат подолу:

„За мене, културата е дефинирана, не само преку нејзините експлицитни правила, туку и преку сопствените безобразни практики на прекршување на овие правила. Како во мојот често споменуван пример, ККК во раните 1920-ти била Христијанска, од со вредности од бели мажи, и така натаму, но била и „Неделно вечерна црнечка, линч и ајде да силуваме“ практика. И според ова, сметам дека треба да бидеме критички настроени кој секоја култура, не само туѓата или нашата. … Отсекогаш сум бил сомничав кон привилегирањето на една форма на, како ја нарекуваме, криминалитет на насилство врз жената, кој го помрачува она генералното, општо, насилство … (за понатаму да продолжи со експлицитен пример) … Постепено се пројавува, како да ја наречам, една генерална теорија на заговор. Можеби сте ја слушнале. Следи на следниов начин. Комунизмот пропаднал во 1920-тите, не постоела Европска Револуција, и тогаш Комунистите го нашле Сталин, и било кој од нив, од Коминтерната, и тие одлучиле да направат нешто. Нивниот резултат бил: Комунизмот пропаднал затоа што комунистите ја потцениле моќта на католичкиот идентитет, држава, стабилниот и етички фамилијарен живот, па затоа одлучиле дека мора прво да го уништиме Христијанството и семејството одвнатре, за ние да добијат втора шанса. Па; навистина е смешно, но ги љубам овие теории на заговор; теориите понатаму велат, дека, комунистите директно го организирале и составиле Статутот на Франкфуртското училиште „Адорно Хоркхајмер“ за да ја изврши оваа работа на самоуништување на Западот и крајното чудовиште овде е Родовата теорија. Родовата теорија е крајната алатка, а на истиот начин за уништување на моралноста на западот, тој исламски фундаментализам не е некаков агент сам за себе, туку тајно е организиран од Европската комунистичка мафија, за да ја уништи Европа. Дека тој, не е религиски феномен, туку дека цело време е обид за да се уништи Европа, и така натаму.“

Мирна тепачка - плоштад „Македонија“, Скопје, 2009

Мирна тепачка – плоштад „Македонија“, Скопје, 2009

Поентата која може да се извлече од погорните два примери е дека политиката во нашето време е конституирана како тоталитарна политика до степен на „досега невидено“. Радикалната трансформација на политиката во доменот на голиот живот, ја легитимирала и нужно овозможила тоталната доминација.

Во ситуација кога во демократија, кога приматот на приватното над јавното и на индивидуалните слободи над колективните обврски тогаш тоа постанува, како и во тоталитарните држави, одлучувачки политички критериум и примерно подрачје на суверени одлуки. Во таа смисла, може да се сфати и, навидум несфатлива брзина со која парламентарните демократии од 20-тиот век да постанат тоталитарни (последните мигови на СФРЈ – нејзиниот тотален изглед), и со која несфатливост, нивното повторно претворање во парламентарни демократии да биде непрекинато (вклучувајќи го и нашето од 1991-ва).

Штом нивните фундаментални референци (основи на создавање – во наша смисла Конститутивни документи), станат дел од голиот живот, традиционалните политички дистинкции (како што се оние помеѓу Десницата и Левицата, либертанизмот и тоталитаризмот, јавното и приватното) ја изгубат нивната чистина и разбирливост и влегуваат во зона на неопределливост и неопределеност. Така, екс-комунистичките владеачки класи кои неочекувано паднаа во најекстремен расизам и национализам (на пример, Српската програма на „етничко чистење“, Хрватскиот национализам во времето на Фрањо Туѓман, македонскиот засилен национализам од 2009 година до денес, под раководство на ВМРО-ДПМНЕ), како и новите форми на фашизам во Европа, ги имаат најдено своите корени токму овде.

Мирни верници - после тепање на неверниците

Мирни верници – после тепање на неверниците

Слично и денес, каде заложбите од 1991-ва, иако од самиот почеток нејасни, со тек на време го изгубиле својот контекст, па веќе пермисите на јавно и приватно, држава и партија, живот и држава, право и живот, ја изгубиле својата јасна дистинкција.

Непосредниот пример на Жижек, во суштина е само последица на овие тенденции кои настанале 1991 година, во нашата држава, но се чини и со падот на Берлинскиот ѕид. Во оној, да го наречеме вакуум простор на политизирање, каде се било возможно и ништо не е невозможно.

Оттука, во смисла на новиот Star Wars Episode 7, односно романот Aftermath, замката таму не лежи во понуденото решение дека „старото треба да се замени со ново“, туку во прашањата „Што е тоа ново? Како тоа треба да функционира? Кој е неговиот корен и тенденција?“ Ако одговорот на прашањата е само проста трансформација, поради желба за трансформација, тогаш, нештата и не се така сменети. Проблемите на старата машина се само подмачкани и стегнати, но нештата само го смениле карактерот, но не и суштината.

Така, во сцената од Episode 7, каде Генералот Хакс држи, про-нацистички говор, на нацистичко нирнбершка филмска сцена, каде отворено говори за „Лагите на Републиката“, во суштина говори од позиција на денешна, модерна Трамповска реторика, односно десничарска традиционалистичка реторика каде, државата е една елитистичка машинерија под закрила на демократијата, па еве ние ќе ја уништиме таа елитистичка машинерија, и под закрила на истите правила, ќе доведеме нов ред.

И токму тука лежи нашата замка. Проблемот не е исклучиво „елитистичката машинерија“, проблемот е во нејзината замена и репетитивноста на она т.н. „ново“. Првиот Одред, во суштина нема да донесе ништо ново, туку само ќе го замени нефунционалното. Галуиус Ракс, не ја преобликува Империјата во нешто ново, туку само ги користи инструментите на целиот тој хаос, за да отвори пат на нова форма, за истата функција.

Да додадеме во духот на луцидниот Вилијам Шекспир, преку неговите Ричард III и Кориолан, она „there is a world elsewhere“, односно „now is the winter of our discontent“ е само еден пркос, и едно исмевање, кон согледаната, погоре спомената парадоксална репетитивност.

Кориолан, иако ја догледал, тој не ја сфатил во целост, па повлекувајќи се од светот кој сам себе се уништувал, само заземал страна за да го доуништи, за на крај биде уништен од она против кое тргнал.
Шекспир, во Ричард III оди чекор понатаму, каде преку „Now is the winter of our discontent/Made glorious summer by this sun of York“ се потсмева со целата таа историска несреќа. Ричард ја користи за да го јавне тркалото на историјата и вешто да го контролира, но јалово истото тоа тркало се врти против него, за повторно, да започне од самиот почеток. Во тој дух, Ричард, како да пркоси со целата ситуација, па бара замена на неговото кралство за коњ.
И обата ликови, практично, во тој вакуум кој им е даден, политизираат со целата ситуација, и на жалост, јалово ја користат.

***
Движечката сила во новиот Star Wars Episode 7: The Force Awakens е, да се разголи и прикаже силата на непрегледната општествено-политичка тоталитарна пустина во која денес живееме.

Истовремено, не можеме, но и можеме да бидеме сигурни во т.н. неопходна форма на настаните кои ги гледаме како се случуваат. Следствено на тоа, и дека од тоа можел да се сочини перфектен погодок за нешто од што ќе произлезе да биде вратничка за потомството и времето, и нивната иднина, како сигурност на направениот личен избор.

Она што не учат овие испреплетени приказни, оние на Шекспир, оние на Лукас, а и општествено-политичките македонски модерни приказни, е дека изборот, а не исклучиво „личниот избор“, е политички акт. Тој е дотолку политички акт, кој не само што ја замаглува целата сцена во политичкиот моментум, туку го замаглува и видикот на политиката како движечка сила за развој на човековиот живот, и последиците по него, како дел од истата.

Со други зборови, вистинската маглина не е онаа при согледување на фундаменталните и конститутивни својства на околностите, нивните причини и можни последици, туку издигнувањето над истите, преку ставање на равенство помеѓу она што претставува „приватно“ и „јавно“.

Тогаш настануваат вистинските мешаници.

Дискурсот на изборот на Кај Марциј Кориолан, Ричард III, Хероите во Епизода 7, како и конститутивните поглавари од 1991 година, не само што оставаат простор за повторување на истите дискурси, и отежнување на изборот при неговото дијалектичко повторување, туку се повеќе и повеќе го шират пустиот вакуум простор, во кој политиката и правото, се одземени како алатки и двигатели за голиот живот, и се претворени во алатки на пустината на ништожноста, каде што животот, политиката и правото, немаат никаква вредност, а се една гола форма на одржување (на шкрги) на самата тоталитарна ништожност.

Таквата потреба за промена произлегува од голата потреба за артикулирање на потребите од секојдневниот живот, а не од ситно политиканство од денес за утре, прокнижено со идеолошки нарации зачинети со сјајна иднина за ентитетите, живот таму некаде, во некој неопределен простор и време, евтино и достапно право за сите при лабилна и недостижна правда, политика за сите, а леб за оној кој заслужил, и слични други национално-романтични општествени, приватно-јавни мешанци и тоталитети.

Токму тоа е отсутната потреба на Star Wars: Episode 7 – The Force Awakens за Star Wars: Episode 8 – The Last Jedi, односно Episode 9 – во разбивањето на илузиите за кои до сега говоревме.

20.2.politicko-povtoruvanje8

„..Во 1930-тите, Германците му се потсмевале на Хитлер, но потоа, престанале да му се потсмеваат. …“

Славој Жижек

„All that is real in human history becomes irrational in the process of time.“

Фридрих Енгелс

Автор: Владимир Патчев

Извор: Fearless Meddler

(За дискурсот на политичкото повторување – прв дел)

162 total views, 1 views today