ЗА НЕСЛОБОДАТА

free-will

Секоја слобода ја подразбира неслободата, а секој избор – неизбраното. Ако сме слободни со воз да тргнеме било за Битола, било за Скопје – тоа подразбира дека сме неслободни да одбереме – да не бидеме во Велес. Некој ќе рече дека и тоа е резултат на некој претходен слободен избор. Во ред. Но, како истиот аргумент би бил одржлив во следниов пример. Некој кој се родил без нозе е слободен да одбере дали ќе се самосожалува, дали ќе стане депресивен, дали ќе работи напорно со амбиција да учествува на параолимпијада и едночудо други можни избори. Но, не може да одбере да не се родил без нозе. Не може да одбере да биде фудбалер, на пример. Значи, неговата неслобода однапред го ограничува опсегот на неговите слободни избори.

Слобода неограничувана од никаква неслобода, односно состојба во која буквално секој избор би бил можен, т.е. бесконечно многу избори би биле можни, едноставно е хаос. Само од хаосот е можнo да произлезе било која состојба на работите. Аналогно на тоа, само од состојба на отсуство на секоја лична одреденост би биле возможни неограничено многу избори. Нашата неслобода ја дефинира нашата индивидуалност , односно нашето суштество. Надвор од актуелитетот, секој би можел да одбере што и да било – но изборите се однапред ограничени од низа параметри кои се сосема надвор од нашата моќ, и токму тие го дефинираат нашето суштество. Како што според Кант за објектите на можното искуство принципи на индивидуација се просторот и времето, а со тоа индиректно материјата, така за нас принципи на индивидуација е оваа неслобода во смисла на неизбраност.

Што спаѓа во оваа неизбраност? Секако – раѓањето, телото, смртта. Но исто така и местото во мрежата од општествени односи во кои се наоѓаме. Едноставно, како единки се наоѓаме во свет структуриран независно од нас и тоа на повеќе рамништа – од физичко до општествено. Во извесна смисла,  може да се каже дека како единки сме конфигурација од различни детерминистички низи кои се вкрстуваат во нас (на пример, Ром од сиромашно семејство, со вродена аномалија на ‘рбет, меланхоличен темперамент, убаво лице, интелигентен).

Во феноменолошката онтологија (и кај Хајдегер и кај Сартр) заедничкиот термин за сите нив е фактицитет. Кога се работи за структурата на битието на човекот, фактицитетот е само еден нејзин момент. Формулацијата на Хајдегер е „фрлен проект“. Имено, нашите дејствувања не произлегуваат од нив како што, на пример, фенотипот произлегува од генотипот. Тие се просто ситуација која бесконечниот број на можни избори го сведува на конечен. Така, тоталитетот на човековата поединечна егзистенција го сочинуваат, да се изразиме спинозистички, и неговото ропство и неговата слобода.

Но, доколку од онтолошко се симнеме на онтичко ниво, односно од анализа на неговото битие се симнеме на анализа на неговото суштество, тогаш слободата не може да фигурира како структурен момент. Едноставно, сме она што сме, а не она што ќе станеме. Во материјалниов универзум фигурираме само како суштества, и аналогно на тоа секоја општост и одреденост важат само за нашиот фактицитет. Не можеме да го промениме минатото, и ако се каже дека сме биле кукавици, тоа се однесува на нашето минато -  всушност, тоа е констатација дека досега секогаш сме постапувале кукавички. Доколку се обѕираме на слободата и можноста секој кој дотогаш постапувал кукавички одеднаш едноставно да одбере да биде храбар, тогаш секој истовремено е и храбар и кукавица, или поточно самата разлика не би имала никаква смисла. Така, одредбите на нашето суштество се оние од фактицитетот – нашето тело, нашето минато, нашата општествена положба. Како такви, тие може да бидат предмет на класификации и воопштувања.

Често се критикува како редукционизам марксистичката формулација дека човекот е севкупност од неговите општествени односи. Но, „е“ треба да се сфати како онтичка одредба, како одредба која се однесува на неговото суштество. Како таква, видовме дека не е редукционистички марксизмот, туку самото човечко суштество. Кој што сака нека прави од себе – но секој во тој  избор зависи од  своето тело, своето минато и својата општествена положба. Така, здравјето и општеството кое би овозможувале полн развој на креативните капацитети на човекот се општи интереси, и се толку суштински за човекот баш поради тоа што воопшто не допираат до неговата душа, внатрешност и сл. Испаѓа дека она што го индивидуализира човекот е баш она што е надвор од неговата несведливост на друго суштество, имено материјалните, билолошките и општествените   детерминанти, односно општото.  Но, тоа и не треба толку да нѐ изненадува. Не само поради тоа што, како што вели Хегел, „Поимот како таков ги содржи како свои моменти: општоста, како слободна еднаквост со себе си во нејзината одреденост, посебноста, одреденост во која она општото непоматено останува еднакво со самото себе, и поединечноста, како рефлексија во себе на одреденоста на општоста и поединечноста, која е негативно единство со себе си на она што е одредено по себе и за себе и истовремено она што е идентично со себе или општо…Поимот е она што е конкретно бидејќи негативното единство со себе си кое е поставено како одреденост по себе и за себе, единство кое е поединечност, го сочинува само својот однос спрема себе, општоста. Оттаму и моментите на поимот не можат да се одделат – рефлексивните одредби треба да се сфатат и да важат секоја за себе, одделена од спротивната, но бидејќи во поимот е поставен неговиот идентитет, секој од неговите моменти може да се сфати само од другите и со другите“. (G. W. F Hegel, Enciklopedija filozofijskih znanosti, Svijetlost, Sarajevo, 1987, стр. 155 – 156). Имено, односот поединечно – општо во голема мера корелира со односот неслободно – слободно. Имено, парот слободно/неслободно да го замениме со понеутралните термини нужно/случајно. Додека на општ план владее строг детерминизам, сепак на поединеченното суштество му останува одреден отворен простор за слободни избори, во директна корелација со неговата беззначајност и со тоа неговата неможност да влијае на следот настани на општ план. (Исто како што работата на една машина може да се смета дека е закономерна, а ако ќе се изаби или скрши некој  штраф тоа не ја доведува во прашање нејзината закономерност). Како што веќе рековме, индивидуалитетот на човекот, поради неговата слобода, е нешто што се твори и создава, а не однапред зададена и индиферентна одделеност на едно суштество од остатокот на светот. А ни слободното и праведното општество не се некоја природна состојба или  ролсовска апстрактна првобитна ситуација покриена со превез од незнаење, туку исто така нешто што се твори и се создава. Да се вратиме на примерот со штрафовите, доколку (заради специфичноста на својата функција во машината) се обдарени со самосвест, тогаш е нужно да се обидат да ја конфигурираат целината чиј се дел во склад со своите сопствени индивидуални проекти. Притоа, воопшто не сме излегле од детерминизмот -  еден каузален синџир не се укинува со некој индетерминизам туку дијалектички – со друг каузален синџир.

Обично приговорот за редукционизам тврди дека марксизмот се грижел само за економијата, а бил слеп за духовноста и внатрешните драми со кои се соочувал човекот. Но. од претходново би требало да ни стане  јасно дека марксизмот духовноста и внатрешните драми не ги разгледува изолирано баш поради тоа што не е слеп за нив, туку напротив навистина ги почитува. Да поразмислиме подетално за ова.

 

'Free will? -- I think they need more structure than that.'

Често пати се зборува за внатрешна промена, за грижа за душата, тајните како да бидеш среќен и така натаму. Да ја оставиме настрана чисто идеолошката дискусија дали овие учења низа општествени аномалии ги сведуваат на лични и со тоа индиректно ги бранат веќе закостените општествени неправди. Како што велат Iron Maiden во една своја песна, „Walk away from freedoms offered by their jailers in their cage“ (Во Starblind од The Final Frontier”). Но, сите вакви дикусии за внатрешноста и за душата и за нивниот спас имплицираат дека тие си имаат некаква структура, закономерност, па со нивното запознавање ние можеме да манипулираме со нив за да ја постигнеме среќата, исто како техниката што манипулира со природните сили. Оттаму се и различните упатства за употреба на душите и различните рецепти за среќа. Но, за да им се припишат дадена структура и закономерност тие мора да имаат супстанцијалитет. Често пати она што ни се продава како духовност е едноставно припишување на супстанцијалитет на слободата и на отвореноста на човекот за неговите сопствени егзистенцијални можности. Ако им се припишува супстанцијалитет, тоа значи дека и тие се суштества, па наместо фактицитет и слобода имаме два фактицитети на различни нивоа. Со оглед на тоа што терминот фактицитет е дијалектички корелатив на слободата, па како таков бессмислен без неа, наместо два фактицитети имаме две нивоа на детерминизам, без никаква слобода. Оттаму, се чинат непобивливи заклучоците од теоремата 32 со нејзината аргументација во првиот дел од Етиката на Спиноза:

„Волјата не може да се нарече слободна причина, туку само нужна“.

Доказ: Волјата е само одреден модус на мислата, исто како разумот, и оттаму (Теорема 28) никакво сакање не може да постои или да биде потикнато да дејствува освен ако не е определено од друга причина, која од своја страна мора да биде определена од трета причина и така до бескрај. А ако претпоставиме дека волјата е бесконечна, тогаш нејзиното постоење и дејства мора да бидат определени од Бога и тоа не во онаа мера во која тој е една апсолутно бесконечна супстанција, туку во онаа во која поседува атрибут кој ја изразува бесконечната и вечна суштина на мислењето(Теорема 23). Оттаму, и во едниот и во другиот случај, било волјата да ја земеме за конечна или бесконечна, нејзе ѝ треба причина која ќе ѝ го определи постоењето и дејствата, па според тоа (Дефиниција 7) таа не може да се нарече слободна, туку само нужна или принудна што и требаше да се докаже“.

Што  значи префрлувањето на слободата од онтичкото ниво (ниво на суштества) на онтолошко (ниво на битие)? Тоа значи дека секој човек не може да се сведе на тоа што е. Има изрека од Солон дека за никој не може да се каже дека е среќен сѐ додека не умре (оти дури е жив може да се случат едночудо нешта кои би ја поништиле среќата како одредба на неговото суштество – сигуро многумина го сметале Пријам за пример за среќен човек пред да почнат заврзламите околу Елена Тројанска и Тројанската војна). Но, тоа не се однесува само на среќата туку и за било која онтичка одредба. Најдобар опис за постојаното бркање на човекот со сопственото суштество ни дава „Битие и ништожност“ од Сартр. Идеализмот на подрачјето на слободата, проектот и идеалите им припишува супстанцијалитет. Ако тој супстанцијалитет им го одречуваме, тогаш што останува и дали воопшто нешто останува од тоа подрачје? Останува токму – слободата. Едноставно, во рамките на неслободата (фактицитетот) имаме даден број на можности – и толку. Тие се еден вид на промаја од хаосот во сферата на супстанцијалитетот и актуелитетот. Не знам како би можело да постои виша наука или учење за душите налик анатомијата и физиологијата за телото. И од истите причини не знам ни како би можело да има учење за нејзиниот спас или среќа налик на медицината. Едноставно, не знам како би можела нечија интимна болка или надеж да се познаваат наизуст како некоја стихотворба или некому да се дава утеха како некој рецепт за чај против проширени вени. Со тоа што една теорија се ограничува на тоа да изнајдува општи закономерности само за човековото суштество, но не за неговиот тоталитет, таа всушност покажува поголема почит кон човековото достоинство и „внатрешност“.

Во крајна линија, се работи за односот кон она што е над нашата познавателна моќ. Во решението на Енгелс за односот меѓу апсолутната и релативните вистини преку асимптотското приближување на вториве кон првата, се признава дека апсолутната вистина никогаш нема да се достигне во целост колу и да се доближуваме, исто како што растојанието меѓу асимптотата и правата никогаш нема да достигне нула. А уште од античко време она што ја разликува филозофијата од различните самоуверени и големџиски мненија е токму признавањето дека совршеносто познание е достапно само за Бога, па свеста за таа ненадминлива гносеолошка бездна меѓу божјото сезнаење и човечкото конечно знаење е конститутивен момент на секоја филозофија. Да потстетиме само на „знам дека ништо не знам“ на Сократ, на разликата меѓу стварта – по – себе и стварта – за – нас кај  Кант или пак за Тао отаде сите облици и именувања во кинеската филозофија. Значи, под преплетот од поими постојано знае нешто непознато, таинствено или хаос. А субјективната потреба за извесност и вистина не толерира никакви остатоци од хаос или непознато во својот догматистички деспотизам. Оттаму, секоја аномалија, необичност и таинственост настојува да ги вкалапи во своите супстанцијалистички шеми. Така. NDE ги зема за докази за божјото постоење, субатомската физика се прогласи за побивање на материјализмот…Ништо не смее да си остане невино – односно феномен за кој си признаваме дека не разбираме како е возможен бидејќи има толку многу нешта кои не ги знаеме за структурираноста на светот во кој живееме.

Па сепак, секој човек по дефиниција е таков „парафеномен“. Зошто се самоубил? Зошто ги напуштил семејството и пријателите и заминал со некој/а кого/која ја сретнал за прв пат во животот? Ако го оставиме настрана чисто оговарачките анализи втемелени на она што „сиот нормален свет го знае дека е нормално“, кој би можел суверено да даде систематска анализа на ваквите настани? Според зборовите на Рилке, ние „не ги познаваме контурите на чувството, туку само она што го формира однадвор“. Така, слободата е мистерија, еден вид провев свеж хаос во сферата на супстанцијалитетот. И некако се троми и несмасни сите обиди да се фати и зароби во супстанцијалистичките експликативни шеми.

univerzum

Парадоксално, но само преку неслободата е можно да се унапредува слободата. Во примерот со кој започнавме, единствено има смисла да се спречи да се раѓаат деца без нозе (да речеме, преку развиток на медицината и техниката, но и максимална здравствена заштита достапна за сите). Многу повеќе слободата ја унапредува  отстранувањето на материјалните препреки во остварувањето на сечиј самопроект од сферата на производствените односи, отколку ламентирањето и храбрењето кое овие препреки би ги оставиле недопрени.  Себепроектот е себепроект баш поради тоа што нема однапред детерминирани цели и патеки, и како таков не може да биде предмет ниту на некаков систем на знаења, ниту на некаков инжинеринг во пракса.

Оттаму, теоријата за приматот (и меѓудејството) на базата и надградбата на некој начин е консеквентно развивање на овој однос меѓу фактицитетот и слободата. Наместо општество кое се грижи за силината на верата, традиционалните семејни и морални вредности или националната гордост за своите членови, нас ни требаат достапно и квалитетно здравство, социјална сигурност, достоинствена работа и владеење на правото. Од оние кои се борат за слобода во наше име, редно да побараме овие нешта да бидат приоритетни во секоја борба за слобода, правда и еманципација.

Автор: Кирил Бисероски

 

1,308 total views, 1 views today