НЕ САКАМ ДА ЕМИГРИРАМ: Разговори со Вацлав Хавел

24.3.Vaclav_Havel

НЕ САКАМ ДА ЕМИГРИРАМ[1]

 Господине Хавел, во 1979 г. бевте затворен поради своите ставови.

Во 1979 г. бев осуден на четири и пол години затвор заедно со уште петмина пријатели. Бевме осудени поради нашата работа во ООНП (Одбор за одбрана на неправедно прогонуваните), кој што документираше и објавуваше разни случаи на полициска и правосудна неправда. Тогаш сите тврдевме и сè уште тврдиме, дека нема ништо казниво во нашите активности, и дека нивната казнивост судот воопшто не ја докажа. ООНП впрочем продолжи со својата работа и сè уште постои (не беа затворени сите членови, а местата од затворените веднаш ги зазедоа други). Ова е од голема важност, бидејќи се работи за еден од малкуте обиди работата на Безбедноста[2] и правосудството во нашата земја да се подведе под вистински независна јавна контрола.

 Во затворот бевте приморан на физичка работа. Што работевте? Можевте ли да одбиете?

Работев во железарницата, извесно време и во пералницата, а на крајот повторно во претпријатието Ковошрот, кое што има свои подружници во неколку затвори. И во затворот има можности за административна работа, макар ограничени, но кај политичките затвореници тоа не доаѓа предвид. Со одбивање на доделената работа – на пример од здравствени причини – автоматски подлежите на дисциплинска казна (со престој во поправен дом и сл.). Некои од затворениците го избираат токму овој пат, но со тоа ретко кој нешто постигнал. Одбивањето работа во мојот случај би немало никаков ефект, освен да ми причини уште поголеми страдања. Впрочем, немав ни доволно силни аргументи: иако со потешкотии, сепак бев здравствено способен да ја извршувам работата.

 Можевте да пишувате во ќелијата? Наоѓавте ли поткрепа во интелектуалната дејност?

Да пишувам било што, или да поседувам некаков бележник, ми беше строго забрането. Единствена „книжевна“ себереализација ми беа писмата до жена ми. Смеев да ѝ пишувам еднаш неделно по едно писмо со ограничена должина. Во писмата се обидував да вклучувам и размисли за најразлични прашања од општа природа, но поради тоа – барем првите години – влегував во конфликт со затворската цензура. Секој пат одново добивав наредба да се држам само до „семејните проблеми“, и ниту едно од „филозофските“ писма не ми помина. Со текот на времето ситуацијата се промени на подобро. Во чешкиот самиздат[3] веќе постои и се распространува избор од моите писма на четириесетина страници, наречен Писма до Олга. Пред да ме затворат ја напишав и пиесата Протест, а Павел Кохоут Атест, со цел двете пиеси да бидат поставувани заедно, што подоцна и се случи. Разбирливо, в затвор пиеси не можев да пишувам, но на посетите (еден час посета еднаш на три месеци) добивав најразлични информации, на пример дека Павел Кохоут ја напишал пиесата Кашканица, која е продолжение на претходните пиеси, и ми ја посветил мене, исто како Павел Ландовски со пиесата Арест. Ваквите вести – особено дојавите за солидаризација со мене и со моите пријатели – неимоверно ме крепеа во затворот.

 Во февруари бевте ослободен поради болест. Како се чувствувате сега?

Казната ми беше прекината поради тешко воспаление на белите дробови споено со други компликации (воспаление на плеврата и сл.). Сега сум од тој аспект далеку поздрав; имам потешкотии уште само со лактите (имам таканаречени „тенисерски лакти“, еден вид болест), што значителни би ми ја отежнало физичката работа, дури би ја оневозможило. Компликацииве се јавија во периодот кога работев во затворската железарница.

 На почетокот ви понудија наместо затвор емиграција. Важи ли уште понудата?

Пред судскиот процес во притвор ми беше понуден студиски престој во САД, којшто во суштина би значел и емигрирање (за време на престојот бездруго ќе ми беше одземено чехословачкото државјанство, исто како на Павел Кохоут – всушност, не случајно понудата за емиграција ми беше соопштена официјално една или две недели пред да му забранат на Павел Кохоут да се врати дома). Понудата ја одбив од повеќе причини: од солидарност кон пријателите; бидејќи, која сме веќе сигурни во својата правичност, не ми се виде многу машки да побегнам од последиците на моите залагања; и едноставно од причина, што не сакам да станам емигрант. Во затворот – неофицијално – неколку пати ми беше спомнато, дека понудата за емиграција сè уште важи – несомнено важи до ден-денес.

 Сакате да отпатувате на Запад?

Од горенапишаново произлегува, дека не можам да си дозволам ниту некое кратко патување надвор од нашиве граници: или нема да ми дозволат, или – ако ми дозволат – ќе морам да заминам со знаење, дека нема да можам да се вратам. А не сакам да ризикувам.

 Брехт ја напишал пиесата Швејк во Втората светска војна. Може ли денес да се напише продолжение, Швејк во нормализацијата?

Одличен фељтон на оваа тема напиша Лудвик Вацулик – ви го препорачувам!

 Што можете да пишувате на книжевен план во моментов? Имате ли овде публика?

Сакам да пишувам, и никој тоа не може да ми го забрани – единственото прашање е, дали ќе ми тргне од рака (никогаш не сум пишувал со леснотија). Разбирливо, во Чехословачка не постои театар спремен да ги постави моите пиеси, но секогаш постои можност за неофицијална поставка или снимка, макар со тешкотии и препреки незамисливи за еден Австриец. Мојата домашна „публика“ ја сочинуваат во најголем дел читателите на „самиздатот“.

 Своевремено напишавте есеј за постоењето на две култури во вашата земја: официјалната и онаа „другата“, опозициската. Но втората опфаќа мал број на луѓе. Мислите ли дека ќе преживее?

Терминот „друга култура“ прв почна да го користи Иван Јироус. Според мене токму онаа „друга“ – недозволена или неофицијална култура – кај нас постои и е далеку поразвиена отколку во седумдесеттите години. Се разбира, таа не е ограничена само на поддржувачите на Харта 77[4]. Постојат многу списанија, стотици наслови во самиздат, стотици неизложени сликари, десетици музички групи, кои не можат јавно да настапат. Притоа, границата помеѓу официјалната и неофицијалната култура веќе не е ни одблизу толку остра и непремостлива, каква што беше пред неколку години. Таа граница сè повеќе се преминува – и тоа во двата правци, иако засега пофреквентен е правецот од официјалната во „другата“ култура отколку обратно. Притоа се појавија и многу културни феномени, кои не можат со сигурност да се вбројат ни во „првата“ ни во „втората“ култура. Едноставно, се наоѓаат некаде насредина.

 Ќе се ангажирате ли на политички план како порано, кога бевте гласноговорник на Харта 77?

Своите активности никогаш не сум ги сметал за политички во вистинска смисла на зборот. Едноставно се работеше за еден вид граѓански ангажман. Ваквото становиште не го променив ниту по престојот во затвор; и сега придонесувам во работата на Харта 77, кога и да ми се укаже прилика; но во следниве месеци би сакал да се концентрирам на пишување нова пиеса.

 Господине Хавел, живеете во северна Бохемија[5], каде што уништувањето на животната средина има земено голем замав. Што чувствувате, кога гледате како умираат чешките шуми?

Еколошката ситуација во Чехословачка е според мене навистина алармантна. Најкритично е во северна Бохемија (шумскиот појас на Рудните планини[6] е речиси целосно уништен), со социолошко-еколошката проблематика во овој регион впрочем се занимава еден од последните документи на Харта 77. Најголемиот дел од времето го поминувам во мојата викендичка во Поткрконошието[7]. Ситуацијата и таму се влошува, но засега нема достигнато катастрофални размери како во северна Бохемија.

 Често се коментира, дека мировното движење на Запад Русите го вртат околу малиот прст, дека независните мировни групации на Исток се всушност Реганови следбеници. Како вие ја гледате иднината?

Ситуацијата во земјите од советскиот блок е радикално различна од онаа на Запад. Токму поради тоа мислам дека е од голема важност западното мировно движење да се отвори за дијалог со независните граѓански иницијативи на Исток – всушност и обратно. Харта 77 во таа смисла веќе поведе извесен дијалог, на пример кога се сретнавме со мнозина делегати на неодамнешниот мировен конгрес во Прага и на обострано задоволство откривме, дека нашите становишта, мотиви и цели се всушност многу поблиски, отколку што се претпоставуваше.

(август 1983)

Избор и превод од чешки: Диме Митревски

 

 



[1] Интервју за австрискиот независен неделник Профил. (прев.)

[2] СтБ, озлогласената чехословачка служба за државна безбедност. (прев.)

[3] Самиздатот како издавачки и културен феномен е типичен за сите земји од Источниот блок, каде што владеела строга цензура. (прев.)

[4] Повелба и граѓанска петиција за човечките права сочинета и потпишана во Прага во 1977г. од страна на голем број тогашни интелектуалци. (прев.)

[5] Бохемија или Чехија, еден од трите историски региони на Чешка – Бохемија, Шлезија и Моравија. (прев.)

[6] планински појас во северо-западна Чешка, природна граница со Германија. (прев.)

[7] Крконоше е планински појас на тромеѓето помеѓу Чешка, Полска и Германија, денес познат како туристичка и заштитена област. (прев.)

654 total views, 1 views today