За Пинк Флојд, за Рим и македонската неизвесност (прв дел)

 „… we came in?“
Roger Waters – Pink Floyd – The Wall

„…нашата таканаречена култура, во голема мера е виновна за нашата беда: би биле многу посреќни кога би можеле да се откажеме од неа и да им се вратиме на примитивните односи.“
Сигмунд Фројд – Неугодното во културата (Der ubenhagen im der kultur)

18.3.pink-floyd-the-wall

Уште од самиот почеток ланската 2015 година кај нас, во нашата Држава, се покажа исклучително тензична, хаотична и неизвесна.
Се чини дека сите настани кои, некако натрупано се нафрлаа за краток временски период, истовремено имаа, и се уште имаат, одредена генеричка форма. Меѓутоа, до ден денес, еве веќе сме ноември, и сме при крајот на 2015-та година, како да не сме во можност да најдеме која е причината за овие непредвилдиви последици. Истовремено е исклучително тешко да се согледа како овие последици би се одразиле во блиска, или подалечна иднина.

Се изредија аналитичари, критичари, политиколози; експерти од секаков калибар, но се чини дека од изјава во изјава, од момент во момент, не само што е тешко внимателно да се следат, туку е тешко да се извлече било каков објективен заклучок за „она што беше, она што е, и она што евентуално би било.“

Би било многу наивно да се каже дека „се започна од студентите“, со оглед да студентите само го лоцираа делот од заболеното општествено ткиво. Но, факт е дека после масовното студентско движење од крајот на 2014, до почетокот на оваа, 2015-та, година, го охрабри и трасираше патот за „бомбите“ и изнесениот валкан долен веш, „јајцата“ пред Владата на РМ, протестите и контра-протестите пред Владата и Собранието, Извештајот на Прибе, Пржино, Специјалната Јавна Обвинителка, а и скорешните падавичарења околу тоа, дали, како и кој да понесе одговорност и храброст за спроведување на Пржино.

Во меѓувреме, како што непредвидливо брзо и тајно се донесе Пржино, така и по меѓусебните инфантилни набедувања, договорот „воскресна“, па мртвилото како зомби почна повторно да чекори во општествениот т.н. живот.

Впрочем сите овие настани само го покажаа вистинското светло на истите; дека тие се причинско последична врска на конфликтно создадениот општествено-правен систем кој веќе, скоро четвртина век се гради во Република Македонија.

Како и да е, во текот на целиот овој турбулентен краток период, без оглед на сфаќањата и ставовите на сите засегнати страни, особено на нас граѓаните, кои сме втурнати во овој хаотичен вртлог, преовладува една заедничка дилема. Токму таа дилема е круцијална во нашата нова расправа, овде меѓу овие редови пишан текст.

18.3.Studentski-protesti

Дилемата е следна, „Дали треба да извршиме фактично рестартирање на целокупниот општествено-политички и правен систем во Република Македонија?“, односно, „Што точно треба да рестартираме, од која точка, и во која насока?“, како и „Дали било какво рестартирање ќе доведе до нова неизвесност, и како до можни решенија?“.

Неумесно е да се каже дека е се уште рано за било какви предлози, т.е. решенија, но истовремено е неумесно и да се делува избрзано. Она што најпрво можеби треба да се направи, е како да се справи со причинетата неизвесност, која е натежната врз сите односи, па поради која е неможно да се согледа потребата од „земање здив пред првиот чекор“.

Како и во секоја драмска претстава, т.е. политичка трагедија, така и во нашиов случај, сосема оправдана е рекапитулацијата. Најпрво треба генерички да се сфати коренот на проблемот, отколку да се разводнува истиот на мноштво вистини.

Една пријателка во неврзан разговор пред околу еден месец ми откри дека за нејзиниот дипломски труд на Филозофскиот факултет – отсек Психологија, како предмет на опсервација го зела филмот-мјузиклот на култниот психоделичен рок бенд „Pink Floyd – The Wall“. Како нивен фан, тоа беше огромно изненадување, па на мое барање дипломскиот труд ми беше даден да го прочитам.

По својот карактер, трудот е концизен и детален. Ја разработува природата и суштината на музиката генерално, како уметнички израз, но и онаа на музиката на овој конкретен албум, т.е. филм. Истовремено навлегува и во детална анализа на песните, нивниот текст, расположение, музички ритам и тон. Она што најмногу остави впечаток е лексичката анализата на песните, објаснување на методот за извршената анализа, како и резултатите од истата. Мора да напоменам дека до сега не сум сретнал ваков труд кај нас во Република Македонија, кој разработува комплетен албум од модерната странска популарна музика, особено не од музика која извршила огромно светско влијание врз модерната музика и културата, а особено врз општествената психолошка, философска и социјална наука и секојдневие.

Навистина, Пинк Флојд, особено со The Wall, се модерен културен феномен. Кога велам „културен“, изрично мислам на оној Фројдов поим „култура“ (Неугодното во културата-Der ubenhagen im der kultur) – како нешто што се наоѓа над општеството како човекова творба; како нешто што е примордијална потреба за општество.

18.3.judgehammerspink

Читајќи ја лексичката анализа, не може да не се забележи тенденцијата за контекстот на зборови употребен во целиот албум т.е. филм. Од друга страна, авторката на трудот, мошне вешто и ненаметливо предупредува кога лексички се пристапува кон албумот. Тоа предупредување се однесува суптилната тензија што бавно се насетува на почетокот од албумот, нејзиното раснење, климаксот, и негова хаотична, но нужна разрешница. Иронично, но исто така нужно, токму тој тивок крај, повторно носи кон нови нужни предуслови за следна неизвесна тензија.

Токму овие дилеми се центар на нашето внимание.

Во Шекспировата трагедија „Јулиј Цезар“ (орг. „THE TRAGEDIE OF IVLIVS CÆSAR“), во еден мошне тензичен приказ се претставени последните неколку часови од животот на последниот доживотен диктатор на Римската Република, Гај Јулиј Цезар. Шекспир не навлегува директно во историските настани на оваа историска драма, иако истите вешто ги знае и манипулира, туку навлегува во нешто сосема друго, посуптилно. Уште од самиот почеток на драмата, па се до турбулентниот крвав крај, Шекспир си поигрува со моралното прашање „Дали убиството на Цезар е оправдано или не?“ Со други зборови, „Дали Цезар треба да го гледаме како спасител, идеалист, напасник, или пак можеби вешт узурпатор?“ Истите прашања, секако, се поставуваат и за ликовите кои ја коваат заверата против Цезар, особено за ликот на Маркус Брутус, кој го добива приматот на „убиец на Цезар“, иако во суштина сите конспиратори го бодат Цезар до смрт.

Одговорот на овие прашања лежи во проблемот со авторитетот, а како би можеле да ја разбереме трагедијата на Јулиј Цезар, и одговорот на овие прашања, мошне е важно да навлеземе во причините за истата.

Историски гледано, Римската Република (Res Publica) била во криза веќе подолго време. Кризата, која што е настаната, е продукт на противречностите при создавањето на самата Република, на внатрешните односи, односно на „создавањето“ на конфликтот меѓу сталежите во Стариот Рим.

Имено, во 509 година п.н.е. , кога благородникот Луциј Јуниј Брут, го предводел бунтот, во кој бил оттргнат од престолот последниот етрурски крал од старото Римско Кралство, Луциј Тарквиниј Суперб, се случил најважниот политичко-правен пресврт, кој дал основа и ја воспоставил транзицијата од Кралство во Република. Таа транзиција била концентрирана во Врховниот Магистрат (Магистратура). Пред овој пресврт, т.н. револуција, Кралот доживотно се бирал од страна на Сенаторите, а сега биле избирани двајца конзули од страна на граѓаните на Рим со мандат од една година.

18.3.caesar

Неколку години подоцна, односно во 494 година п.н.е. започнала војна помеѓу двете соседни племиња во Рим. Оваа војна во суштина била директна последица на претходните настани при воспоставувањето на Републиката. Плебејците барале да имаат право да избираат свои претставници, а поради тоа  плебејските војници одбиле да маршираат против непријателот. Наместо тоа, се отцепиле и сместиле на ридот Авентин (еден од седумте рида на Рим). Патрициите се согласиле, и плебејците се вратиле на бојното поле. За да го официјализираат овој момент, Плебејците, овие свои нови претставници, ги нарекле Плебејски трибуни.

Да појасниме неколку поими и поенти.

Прво, Трибун била титула во Стариот Рим која се однесувала на избраните официјални претставници во Рим. Два најважни трибуни биле, трибуните на плебсот и воените трибуни. Во текот на историјата на стариот Рим, најчесто, колегиум од десет Трибуни на Плебсот делувал како контролен механизам врз авторитетот на Сенатот и на годишно избраните Магистрати. Тие држеле т.н. ius intercessionis, односно, право да интервенираат во име и за сметка на плебејците, и да дадат вето на „неповолната“ легислатива (интерцесија).
И второ, Tribuni Plebis, практично биле политичка моќ на плебсот – народот, за да се заштитат од дивеењето на доминантната власт на Патрициите.

Според тоа, за да можат плебејците да ја „раководат својата власт попрактично“, тие би имале двајца асистенти – помошници, т.н. плебејски едили. Меѓутоа, и покрај овие мерки, во периодот од 375-371 година п.н.е. Републиката доживеала уште една фундаментална криза, во која Трибуните го употребиле своето вето за да спречат избор на постари магистрати. Така, во 367 година п.н.е. бил донесен закон (lex/leges) со кој се барало да се избира најмалку еден плебејски едил секоја година. Иронично, но ако во 443 г.п.н.е била донесена цензурата (забрана за стапување во брак меѓу патриции и плебејци), во 366 г.п.н.е. бил создаден „Преторот“. Многу кратко, подоцна била создадена и Comitia Centuriata (Центуриската Комиција – Собрание), кое постанало законодавно тело.
Како и да е, резутатот од овие и многу други реформи, бил дека, било кој закон донесен од страна на Плебејскиот Совет ќе има полна правна сила, и ќе важи за сите, erga omnes (за патрициите и плебејците подеднакво).

Меѓутоа, до 287 г.п.н.е., економската состојба на просечниот плебеец постанала сиромашна. Помеѓу другите проблеми, се чини дека, најголем бил оној на зголеменото должништво. Плебсот барал олеснување на долговите, но сенаторите одбиле да покажат слух кон нивната ситуација. Резултатот бил плебејска сецесија. Тие се одцепиле на ридот Јанкулум, а за да се сопре сецесијата, бил назначен Диктатор. Диктаторот, Квинт Хортензиј Стариот, го донел законот, наречен по неговото име, Lex Hortensia, со кој се сопрел условот да Патрициските Сенатори мора претходно бидат согласни пред било кој закон бил земен во обзир од страна на Плебејскиот Концил. Со тоа, одлуките на Сенатот и Плебејските трибуни добиле еднаква правна сила.

Lex Hortensia ги лишило патрициите од нивното последно оружје против плебејците, а со тоа го решило последното големо политичко прашање во таа доба. Но, и покрај тоа што законите сеуште биле во рацете на Сенатот, плебејците, некако биле задоволни од моќта што ја добиле, но воопшто не се грижеле да ја употребат. Поради тоа, кон 133 г.п.н.е. плебејците станувале се посиромашни. Долгите воени кампањи го принудиле сиромашното население, кое живеело од земја – фарми (Латифундиите), да ги напуштат фармите за да се борат, а така нивните поседи паднале во заборав и очај, а со тоа и цената на земјиштето станала евтина. Земјишната аристократија, која настанала од купувањето на банкротираните фарми, ги купувала истите по многу ниски цени. Банкротираните и невработени плебејци наскоро го преплавиле Рим. Нивната сиромаштија најчесто ги терала да гласаат за кандидат кој најмногу ќе им понудел, а во суштина ништо не остварувал, туку им пружал празни зборови и евтина надеж.

Така настанала култура на зависност во која граѓаните на Рим се осврнувале кон било кој популистички лидер само за трошка утеха и психичка леснотија. Воената состојба во Републиката се стабилизирала, и помалку војска била потребна, а со тоа пораснал и бројот на нови робови од освоените земји, со што состојбата на невработеност уште повеќе ја влошило состојбата во Републиката.

Во 133 г.п.н.е. претставник на Плебсот, Тибериј Грах, бил избран за трибун, и веднаш се обидел да предложи закон со кој ќе се ограничел бројот на земја што поединец можел да поседива. Аристократијата, која држела огромно богатство, жестоко се спротивставила на овој предлог. Тибериј го предложил овој закон кон Плебејскиот Концил, но на истиот му било дадено вето од страна на трибунот Маркус Октавиј, по што Тибериј го искористил Плебејскиот Концил за да ја отповика одлуката на Октавиј. Законот бил донесен, но Тибериј бил убиен заедно со уште 300 негови соработници во моментот кога се номинирал за повторен избор во Трибунатот.

Во 123 г.п.н.е, братот на Тибериј, Гај Грах бил избран за трибун, чија цел била да се ослабне сенатот и да се зајакнат демократските сили во Републиката. Гај, Senatus Consultum Ultimatum – Врховниот Декрет на Сенатот, го прогласил за неоснован/неконститутивни (треба да се има овде во предвид дека во смисла на денешното право, неуставен т.е. неконституционален, има сосема поинаква правна смисла, додека во Стариот Рим, поимот „неуставен“ повеќе одел во смисла на „неоснован“, од причини што зборот constitutio, во правна смисла, претставува „чин на решавање, воспоставување/регулирање на состојба, се што е регулирано и воспоставено како такво, со одредена регулирана и уредена цел; во денешна правна смисла приближно на уредба. Оттука, најправилно е да се каже „неконститутивни“, со оглед да, во смисла на Римското право, constitutio или constitutiones, претставуваат основните, воспоставени норми кои го уредувале правото, односите и традициите во Стариот Рим.“) со што ја зајакнал политичката моќ на плебсот.

Од овој конфликт израснале две многу моќни политички страни во Републиката. Интересно, но Рим не познавал нешто како што ние денес го поимаме како „политички партии“, но овие две засегнати политички страни, гледајќи од аспект на нивната политичка моќ и цел, ја имале токму таа улога во ова круцијално и тензично раздобје. Тие две политички страни биле Populares и Optimates. Првите ги збирале луѓето кои што биле склони кон напредок, но и оние кои што не биле задоволни со својата општествена и економска положба, додека вторите, Оптимати, го застапувале конзервативниот правец. Тие наоѓале симпатии кај оние граѓани кои од оваа страна очекувале заштита на своите имотни права и продолжување на постоечкиот општествен поредок.

Претставник на Популарите бил Луциј Сергиј Каталина, кој бил осиромашен ноблес и поранешен поддржувач на Луциј Корнелиј Сула, после низа порази при избор за Конзул, во 63 г.п.н.е., на сила, заедно со други нобили, сакал да го уништи Сенатот, да ја сруши Републиката и да воспостави Диктатура. Неговата намера ја осуетил Марко Тулиј Цицерон, претставник на Оптиматите, и чии говори во Сенатот против Каталина, секогаш започнувале со „Quousque tandem abutere Catalina patentia nostra?“ – „До кога Каталине ќе ја злоупотребуваш трпеливоста наша?“

Од тие причини, во 77 г.п.н.е. за да смири бунт во Шпанија, Сенатот испраќа еден од поранешните поручници на Сула, Гнеј Помпеј, а околу истото време, уште еден поранешен поручник на Сула, Марко Луциниј Крас, бил испратен да го угуши востанието на Спартак. Во време на нивното враќање во Рим, забележале дека Популарите жестоко ги нападнале реформите на Сула, па успеале да воспостават договор со Популарите. Во 62 г.п.н.е., кога Помпеј се вратил како победник од Азија, Сенатот, воздигнат од успехот против бунтот на Каталина, одбил да ги ратификува договорите што Помпеј претходно ги воспоставил, со што Помпеј останал без моќ. Така, кога Јулиј Цезар во меѓувреме се вратил од Шпанија, во 61 г.п.н.е., многу полесно му било да се договори со Помпеј, по што тајно, заедно со Крас, постигнале приватен взаемен договор познат како Првиот Триумвират. Според овој договор, договорите на Помпеј со Сенатот би биле ратификувани. Цезар бил избран за Конзул во 59 г.п.н.е., по што ќе служи како гувернер во Галија, а на Крас му било ветено местото Конзул.

18.3.cezar

Меѓутоа, токму во овие хаотични моменти, односот помеѓу Јулиј Цезар и Помпеј се влошува, по што на Триумвиратот му се гледа крај. Незадоволен од титулата Конзул, Цезар сакал да ги тргне во втор план Крас и Помпеј, па во неконтролираната амбиција за земја и титула, Сенатот на Цезар му го продолжува мандатот како гувернер, а на Крас и Помпеј, повторно им биле ветени конзулски места.

Во летото 54 г.п.н.е. бран на политичка корупција и насилие се раширил во Рим. Поддржувачи и блиски соработници на Цезар и Помпеј се убивале меѓу себе. На 1 јануари 49 г.п.н.е. агент на Цезар доставил ултиматум до Сенатот. Ултиматумот бил одбиен, и Сенатот спровел резолуција во која објавил дека, доколку Цезар „не го спушти оружјето на земја“, ќе биде сметан непријател на Републиката. Во меѓувреме, Сенаторите го прифатиле Помпеј како нивен нов шампион соперник на Цезар, за на 7 јануари истата година Сенатот донесува Senatus consultum ultimatum, со кој на Помпеј му се дадени диктаторски овластувања.

Да појасниме на кратко.

За Senatus cunsultum ultimatum, важно е да се разграничи дека, формулата senatus consultum, во суштина, значи „ако тоа им се чини правилно на нив (магистратите) – si eis vidcatur“, додека consultum е технички термин кој се однесувал на правото на магистратот да биде согласен по одредено прашање; без неговиот „совет“ да биде апсолутно обврзувачки. Додека, senatus consultum ultimatum има овластување videant consules, кое се однесувало на Конзулите; „нека Конзулите се погрижат за тоа“. Ова второво, во таа смисла, е повеќе како „совет“, отколку како наредба, за разлика од првата формулација.

Моќта на Сенатот, во смисла на ова овластување, е да го суспендира правото и последователно да прогласи institutum. Така, секогаш кога одреден субјект, квалификуван за тоа, ќе прогласел Institutum, секогаш ќе прогласел „ex auctoritate patrium“. Ова овластување, во суштина произлегува од фактот дека прерогативот на Сенатот бил секогаш auctoritas, но не и potestas односно imperium. Последните две извирале од народот на Рим (populus). Auctoritas, односно Auctoritas patrium била специфична функција на Римскиот Сенат, според Римските конституции.

На 10 јануари Цезар, во спротивност на Римските Закони, ја поминува реката Рубикон со својата војска од прекалени ветерани, и маршира кон Рим. Помпеј бил принуден да избега во Грција и Цезар без борба влегол во Рим.

Со Помпеј победен, Цезар сакал да постигне неприкосновена контрола врз целата власт, па низ овој период, помеѓу 49 и 29 година п.н.е. Рим преминал во една тешка транзиција од Република (Res Publica), во мрежа од зависности на Главниот град за новата Светска Империја. Моќите и надлежностите што Цезар ги презел за себе, подоцна ги наследиле сите негови т.н. наследници. Преземањето и воспоставувањето на овие моќи, го намалиле авторитетот на другите Римски институции. Цезар во своја моќ ги држел и Диктатурата и Трибунатот, и често се менувал измеѓу Конзул и Проконзул. Во 48 година п.н.е. на Цезар му биле дадени сите овластувања на Трибуните, а во 46-та сите моќи на Цезнорите, што му овозможило да го наполни Сенатот со свои следбеници.

До крајот на својот живот, Цезар се приготвувал за војна со Партија. Знаејќи дека неговото отстуство од Рим ќе ја ограничи неговата моќ да назначува свои конзули, тој донел закон со кој се овластил да ги назначува сите магистрати, конзули и трибуни. Со ова, магистратите биле трансформирани од претставници на народот, во претставници на диктаторот.

(продолжува)

Автор: Владимир Патчев

Извор на текстот: Fearless Meddler

639 total views, 2 views today