ЗА РЕФЕРИРАЊЕТО (4 – 5) – Питер Фредерик Стросон

strawson

Една од главните намени поради кои го употребуваме јазикот е да се тврдат факти за нешта, настани и личности. За да ја исполниме оваа намена, ние мора да имаме начин да го спречиме појавувањето на прашањата „За кого (што) зборуваш?“ и „Што ми кажуваш за него (неа, тоа)?“. Спречувањето да се појави првото прашање е задача на реферирачката (или идентификациска) функција. Спречувањето да се појави второто прашање  е задача за атрибутивната (или дескриптивна или класификациска или аскриптивна) функција. Во една обична македонска реченица која се употребува за да тврди или која полага право дека тврди некој факт за некое индивидуално нешто или личност или настан, изведувањето на овие две функции може приближно и ѓутуре да се додели на одделни изрази. Во една ваква реченица, доделувањето на одделните улоги на овие изрази соодветствува на вообичаената граматичка поделба на подмет и прирок. Сепак, врбувањето на различни изрази за овие две функции не е некој единствен или неприкосновен метод.  И други методи се можни и се користат. Така, има метод да се употреби еден збор или атрибутски изрази во упадливо присуство на објектот на кој се реферира. Аналоген е методот  кога на некој мост ќе се стави табла со натпис „не е безбедно за возила“ или кога ќе се стави налепница со цена врз парчињата овошје или зеленчук по пазарите. Дури може да замислиме една разработена игра со погодување во која нема да смее да се користат уникатно реферирачки изрази, туку само уникатно егзистенцијални реченици со кои ќе се обидуваме на слушателот да му овозможиме да погоди за што се работи преку редење на зависни односни реченици. (Овој опис на целта на играта покажува во која смисла тоа е игра – тоа не е нормалниот начин на кој ги употребуваме егзистенцијалните реченици). Треба да се подвлечат две поенти. Првата е дека за нужноста од овие две функции со цел да се тврди определен факт не ни е потребно трансцендентално објаснение; во извесна смисла, ова станува јасно и од самото значење на изразот „да се тврди факт“. Втората поента е дека дури и ова разјаснување се врши преку категории изведени од граматиката на обичните сингуларни реченици и дека дури  претежно функционалната лингвистичка дистинкција меѓу идентификувачката и атрибутивната улога која зборовите можат да ја играат во јазикот произлегува од тоа што секојдневниот говор ни дава одделни изрази на кои проближно и разделно може да им се припишат овие одделни функции. И оваа функционална дистинкција фрла сенка врз многу филозофски теми. Дистинкцијата меѓу партикуларното и универзалното, супстанција и квалитети се такви псевдоматеријални сенки кои произлегуваат од граматиката на обичната сингуларна реченица во кои одделните изрази имаат дистинктивна улога.

Да се употреби одделен израз за да се изврши првата  од овие две задачи значи да се употреби изразот на уникатно реферирачки начин. Сега сакам во општи црти да зборувам за конвенциите при овој начин на употреба на тие изрази и  да ги споредам со конвенциите при атрибутската употреба. Потоа ќе продолжам со краток осврт врз овие општи забелешки и кон некои нивни понатамошни примени.

За да се направи уникатна референција очигледно мора да постојат некои инструменти за да се покаже  и дека имаме намера да направиме уникатна референција и која уникатна рефереција имаме намера да ја направиме, односно некои инструменти кои би овозможиле слушателот или читатетелот да идентификуваат за што се зборува. За да се обезбеди тоа, контекстот на употреба има неспоредлива важност. Под „контекст“ ги подразбирам местото, времето, ситуацијата, идентитетот на слушателот, темите кои се непосреден предмет на интерес и личните истории и на говорникот и на оној кому му се обраќа говорникот. Освен контекстот, се разбира, тука се и конвенциите – лингвистичките конвенции. Но, исклучувајќи ги личните имиња со кои ќе се позанимавам подоцна, исполнувањето на повеќе или помалку прецизни експлицитни контекстуални услови е нужно конвенционално (или логичко во пошироката смисла на зборот) за точна реферирачка употреба на изразите во смисла различна од онаа за точна аскриптивна употреба. Предусловот за точна примена на еден израз за дадено нешто во неговата аскриптивна употреба просто е тоа нешто да биде од определен вид, да има определени карактеристики. Предусловот за точна примена на еден израз за дадено нешто во неговата реферирачка употреба е нешто што е над било кој услов кој произлегува од едно такво аскриптивно значење кое може да го имаат изразите; тој се состои во тоа нештото да биде во определен однос со говорникот и со контекстот во кој се употребува. Овој предуслов ќе го наречеме контекстуален предуслов. Така, на пример, во случајот со зборот „јас“ контекстуалниот предуслов е нештото да биде идентично со говорникот, но за повеќето изрази кои имаат реферирачка употреба не може толку прецизно да се одреди овој предуслов. Друга суштинска разлика меѓу конвенциите за реферирање и конвенциите за дескрипција е онаа која веќе ја спомнавме,имено тоа што исполнувањето на условите за точна аскриптивна употреба на израз е дел од она што се тврди со таа употреба, додека исполнувањето на условите за точна реферирачка употреба на некој израз никогаш не е дел од она што се тврди иако тоа се подразбира (во релевантната смисла на зборот „подразбира) со таквата употреба.

Конвенциите за реферирањето досега беа или игнорирани или погрешно сфаќани од страна на логичарите. Не е тешко да се видат причините за ова игнорирање, иако е тешко накратко да се наведат сите. Сепак, две од нив се 1) обземеноста на повеќето логичари со дефинициите 2) обземеноста на некои логичари со формалните системи. 1) Дефиницијата, во највообичаеното значење на зборот, е специфицирање на условите за правилна аскриптивна или класифицирачка употреба на еден израз. Дефинициите воопшто не го земаат во предвид контекстуалниот предуслов. Така, сѐ додека барањето на значење или барањето на анализа на еден израз се поистоветуваат со барање дефиниција, неизбежно е да се игнорираат или погрешно да се сфатат било какви конвенции различни од аскриптивните. Можеби е подобро да се каже (  не сакам да судам за „дефинициите“ и „анализите“) дека логичарите не успеале да разберат дека проблемот на употребата е многу поширок од проблемот на анализата и значењето. 2) Влијанието од обземеноста со математика и формална логика најјасно може да се види кај Лајбниц и Расел (да не земаме посовремени примери). Пронаоѓачот на калкулусот, немајќи ниту интерес ниту потреба да формулира конкретни поединечни тврдења на применетата логика и пристапува со предрасуда. Него му доаѓа природно да претпостави дека конвенциите кои ги познава како адекватни за една област треба да важат и во друга, имено областа на тврдењата на поединечни факти, а единствено што треба да се стори е да се открие како. Така, Лајбниц маки мачеше уникатноста на уникатната референција да ја вметне во логиката (во потесното значење на зборот). И Расел, на поинаков начин, очајнички се обидуваше да го стори истото и со уникатноста и со егзистенцијата.

Досега би требало да биде јасно дека овде се обидувам да подвлечам дистинкција меѓу различните улоги кои изразите може да ги играат во јазикот, а не меѓу различни групи на изрази. Имено, некои изрази може да се појават и во двете улоги. Некои видови изрази за кои ќе зборувам имаат претежно, иако не исклучиво, реферирачка улога. Ова најочигледно важи за заменките и обичните лични имиња. Други можат да се појават и како цели изрази или делови од изрази кои имаат претежно реферирачка употреба и како цели изрази или делови од изрази кои имаат претежно аскриптивна и класифицирачка употреба. Очигледни примери се општите именки, или општите именки заедно со придавки, вклучувајќи ги и глаголските придавки, или пак, помалку очигледниот случај со придавки или глаголски придавки сами. Изразите кои можат реферирачки да се употребуваат меѓу себе се разликуваат на барем три, меѓусобно поврзани, начини.

1)      Се разликуваат во тоа во која мера референцијата за чие извршување се употребени зависи од контекстот во кој се изрекуваат.Зборовите како „јас“ и „тоа“ стојат на едниот крај од оваа скала – крајот на целосна зависност- додека изразите како „авторот на Ајванхо“ и „деветнаесеттиот крал на Франција“ на спротивниот крај,

2)      Се разликуваат според степенот на „дескриптивно значење’ кое го поседуваат. Под „дескриптивно значење“ подразбирам „конвенционално ограничување  при примената на нешта од определен заеднички вид, или кои поседуваат определени заеднички одлики“. На едниот крај  од оваа скала се личните именки кои најчесто ги употребуваме во секојдневниот говор – и луѓе, и кучиња и моторцикли може да го носат името „Хорас“. Името како име нема никакво дескриптивно значење (освен некое кое би го стекнало како резултат на некоја своја поединечна употреба како име). Збор како „тој“ има минимално дискриптивно значење, но сепак го има. Именските фрази како „тркалезна маса“ содржат максимум дескриптивно значење. Интересна е меѓуположбата на „не – чистите“ лични имиња како на пример „Тркалезната маса“ (од легендата за крал Артур). Тоа се именски фрази кои добиле функција на лично име.

3)      На крај, може да ги поделиме во две големи класи: a) оние чие правилно реферирање е регулирано со некои општи реферирачки или аскриптивни конвенции. Во оваа класа спаѓаат и заменките, кои најмалку имаат дескриптивно значење, и именските фрази кои го имаат најмногу; б) оние чие правилно реферирање не е регулирано со никакви општи конвенции, било контекстуални, било аскриптивни, туку со конвенции кои се воспоставуваат ад хок за секоја поединечна употреба (иако не за секое поединечно искажување). Горе – долу, најпознатиот вид лични имиња спаѓа во оваа класа. Непознавањето на нечие име не е непознавање на јазикот. Затоа и никогаш не се дискутира за значењето на личните имиња. (Но, тоа не е исто со тврдењето дека тие немаат значење). И пак, меѓуположбата е за фразите како „Стариот претендент“. Таа реферира само на на некој стар претендент на било што, но да знаеш дека тоа е прекар баш за принцот од Велс Џејмс Френцис Едвард Стјуарт е знаење на една ад хок, а не општа конвенција.

 

Кога станува збор за фрази од типот „х –от, та, то, те, та“ употребен реферирачки, употребата на „от, та, то,те, та“ заедно со местото на фразата во реченицата (дали на почеток или после некој преоден глагол или предлог) функционира како сигнал дека се извршила уникатна референција, а именката, или именката заедно со придавка кои се членувани, заедно со контекстот во кој се изрекува, покажуваат која уникатна референција се извршила. Општо земено, функционалната разлика меѓу општите именки и придавките се состои во тоа што првите вообичаено и нормално се употребуваат реферирачки, додека вториве не, освен како определување на некоја именка, иако можат да се користат и се користат и самостојно. Се разбира дека оваа функционална разлика не е независна од дескриптивната моќ која му е својствена на секој одделен збор. Главно ние сметаме дека дескриптивната моќ на именките е толкава што нив ги прави посоодветни алатки да се покаже она што уникатната референција намерава да го покаже кога таа референција е сигнализирана. Исто така, сметаме дека дескриптивната моќ на зборовите кои вообичаено и нормално ги употребуваме за да извршиме уникатна референција ја одразува нашата заинтересираност за карактеристичните, релативно постојани и бихејвиорални особини на нештата. Овие две очекувања не се независни одно од друго и, ако ги погледнеме разликите меѓу најобичниот вид на општи именки и најобичниот вид на придавки, ќе видиме дека и двете се исполнети. Toa се истите оние разлики кои Лок ги подвлекува со еден старински шарм кога кажува дека нашата идеја за супстанција е само збир од прости идеи и кога вели дека „моќта во голема мера ја сочинува нашата идеја за супстанција“ и кога продолжува со „спротивноста меѓу идентитетот на реалните и номиналните суштини кај простите идеи и отсуството на идентитет и променливоста на номиналните суштини кај супстанциите“. Самата „супстанција„ е проблематичен поим кој се должи на нејасната свесност на Лок за разликата во принципиелно лингвистичката функција која се задржува дури и кога именката се сведува на еден помалку или повеќе неопределен сноп од придавки. Расел ја повторува грешката на Лок со таа разлика што, признавајќи ја поврзаноста меѓу синтаксата и реалноста до таа мера што чувствувал дека може да се ослободи од ова метафизичко непознато само ако го исчисти јазикот од секаква реферирачка функција, тој ја скицирал својата програма за „укинување на партикуларитетите“, програма со која се укинуваат и разликите од логичка природа за кои овде со судни маки се обидувам да ги покажам.

Контекстуалниот предуслов за реферирачка употреба на заменките може да биде утврден со поголема прецизност во некои случаи (на пример, „јас“ и „ти“) и прилично неодредено во други („тоа“ и „ова“). Мислам дека не треба многу – многу да се зборува за заменките, освен да се укаже на еден симптом дека не се успеало да се препознае уникатно реферирачката употреба како таква, имено фактот дека некои логичари сакаа да најдат варијабли во секојдневниот говор наведувајќи реченици како „Тој е болен“, „Тоа е зелено“ како примери за реченичи функции. Секако, вистина е дека зборот „тој“ може во различни прилики да се употреби за да се реферира на различни луѓе или животни. Но, истото важи и за зборовите „Џон“ и „мачка“. Она што ги одвраќа овие логичари да ги сметаат овие два збора за квази- варијабли е, како прво, старото суеверие дека името логички е врзано за една индивидуа и, како второ, дескриптивното значење на зборот „мачка“. Но „тој“ иако има широк опсег на примени и минимална дескриптивна моќ, сепак може да се употреби само како реферирачки збор. Од овој факт,заедно со неумеењето на реферирачки употребените изрази во логиката да им се даде местото кое им припаѓа (местото кое се чува за митските логички лични имиња) се причината за овие кривонасочени обиди да се разјасни природата на варијаблите преку референцијата на зборчиња како „тој“, „таа“ и „тоа“.

Често се вели за личните имиња дека во суштина биле зборови од кои секој се употребува за да реферира само на една индивидуа. Тоа е очигледно неточно. Многу обични лични имиња – имиња во вистинската смисла на зборот – правилно се употребуваат за да реферираат на голем број на луѓе. Обично лично име, грубо објаснето, е збор кој кога се употребува реферирачки, неговата употреба не е одредена од никакво дескриптивно значење , ниту од некакво општо правило за употреба како реферирачки израз (или дел од реферирачки израз) какви што има за зборовите како „јас“, „ова“ или членовите, туку е раководен од ад хок конвенции за секој поединечен збир од примени на зборот врз одредена личност. Главното овде е дека правилноста на таквите примени не следи некои општи конвенционални правила за употреба на овие зборови. (Врв на апсурдот и очигледен круг во докажувањето се обидите да се третираат имињата како преправени определени дескрипции како Расел; она што во една посебна смисла е имплицирано, но логички не следува од моето реферирање на некого по име е само егзистенцијата на некој на кого во моментот се реферира и кој конвенционално е рефериран со тоа име). Па и оваа содржина на имињата е само индикатор на намената поради која постојат. Сега нашиот избор на имиња делумно е случаен, а делумно е зависен од законските и општествените словености. Сосема е возможно да имаме еден функционален систем на имиња. базиран врз, да речеме, датумот на раѓање, или врз евиденција и класификација на физиолошките и анатомските разлики. Но, успехот на секој систем од тој вид целосно зависи од прикладноста на така настанатата распределба на имиња за вршење уникатни референции. а таа од своја страна зависи од разноликоста и бројноста на искористените класификации и степенот во кој тие ќе ги опфаќаат сите вообичаени општествени групирања. Ако во доволна мера ги имаме овие две реботи, селективноста на контекстот ќе го заврши преостанатото, исто како кај нашиве сегашни начини на именување. Со еден ваков систем, ние зборовите – имиња би ги употребувале дескриптивно (како што ги користиме и сега донекаде но на различен начин, кај некои прекари, познати имиња и сл.), а не само референцијално. Нo, ние треба да го проценуваме секој систем на именување само според критериумите кои произлегуваат од предусловот за да се изврши референција. Од гледна точка на именувањето, ниту еден вид на класификација не е ни подобра ни полоша од некоја друга само врз основа на самата анатомска или натална класификација.

Веќе ја спомнав класата на квази – имиња, имено именските фрази кои почнуваат со голема буква, како на пример „Големата војна“, „Охридскиот договор“, „Тркалезната маса“ и др. Додека дескриптивното значење на овие членувани зборови останува релевантно за нивната реферирачка улога, големата буква е знак за екстра- логичката селективност во нивната реферирачка употреба карактеристична за личните имиња. Вакви фрази настануваат кога некој член на класа од настани или нешта е од исклучителен интерес за одредено општество. Овие фрази се ембрионални имиња. Ваква фраза може , од очигледни причини, да влегува и излегува од оваа класа.

566 total views, 1 views today