„Бушидо“ кодексот: Осумте доблести на самурајот

22.1.bushido

Кратка историја на самураите

Зборот самурај првично значел „оној што служи“ и се однесувал на мажите од благородничките семејства назначени да ги чуваат членовите на императорскиот двор. Оваа службена етика се смета за корен на самурајското благородништво – и во општествена, и во духовна смисла. Со тек на време благородништвото се соочувало со проблеми со одржувањето контрола над народот и започнало да им ги „изнајмува“ воените, административните и даночните должности на поранешните ривали што ја презеле улогата на регионални управители. Како што се намалувала моќта на императорскиот двор, така растела таа на регионалните управители. Најпосле некои од нив прераснале во даимјо, односно феудални господари што владееле со одредени територии независно од централната власт.

Во 1185 г. Минамото но Јоритомо, воен водач од источните провинции што имал потекло од императорското семејство, ја воспоставил првата воена власт во земјата и Јапонија влегла во феудалниот период (1185-1867). Земјата практично се наоѓала под воена власт речиси 700 години. Но првичната благосостојба што успеал да ја постигне Минамото не довела до долготраен мир. Доаѓале и заминувале други режими, а во 1467 г. паднала националната воена власт, со што Јапонија почнала да тоне во превирања. Со тоа започнала злогласната Епоха на војната, крвав век на неслога во кој локалните воени водачи се бореле да си ги заштитат териториите и правеле сплетки за да ги победат ривалите. Кога Јапонија се нашла во турбулентната Епоха на војната, зборот самурај добил значење на вооружен службеник на власта, мировник и професионален војник; со еден збор, скоро секој што носел меч и бил подготвен да примени смртоносна сила.

Најлошите од овие средновековни јапонски воини биле малку подобри од улични насилници; најдобрите биле жестоко лојални на своите господари и верни на непишаниот кодекс на витешко однесување денес познат како Бушидо (обично се преведува како „Витешки начела“ или „Патот на воинот“). Доблестен или злонамерен, самурајот се јавува како живописна централна фигура во јапонската историја: романтичен архетип близок до европските средновековни витези или американските каубои од Дивиот Запад. Но концептот за самурај драматично се изменил откако Хидејоши ја помирил Јапонија. Откако настапил мир во цивилното општество, улогата на професионалниот воин исчезнала и самураите почнале помалку да се занимаваат со боречки тренинзи, а повеќе со духовен развој, учење и уметност. До 1867, кога носењето меч во јавност се прогласило за незаконско, а класата на воини се укинала, тие веќе прераснале во тоа што Хидејоши го замислил три века претходно: во самураи без мечови.

Кодексот Бушидо

Само неколку децении по укинувањето на класата на воини во Јапонија, американскиот претседател Теодор Рузвелт се воодушевил од новоиздадената книга со наслов „Бушидо: душата на Јапонија“. Купил седумдесетина примероци за семејството и пријателите. Во тенката книшка, што наскоро станала меѓународен бестселер, авторот Нитобе Иназо го толкува самурајскиот кодекс на однесување: за поведението на кавалерите во личниот и професионалниот живот.

Nitobe_Inazo

Иако некои научници го критикуваат делото на Нитобе како романтичарски копнеж по непостојната ера на витештво, нема сомнеж дека тоа се заснова врз илјадагодишни начела на мажественост што имаат корен во витешкото однесување на некои (секако, не сите) самураи. Тоа што денешните читатели може да го сметаат за просветлувачко во Бушидото е нагласувањето на сочувството, добронамерноста и другите неборечки квалитети на вистинската мажественост. Еве како Нитобе ги објаснува  осумте доблести на Бушидото.

I   Чесност или правичност

Бушидото не се однесува само на боречката чесност, туку и на личната: „Чесноста или Правичноста е најсилната доблест на Бушидото. Еден познат самурај ја објаснува вака: Чесност е силата да се одлучи како да се дејствува согласно со разумот, без колебање; да се умре кога треба да се умре, да се нападне кога треба да се нападне. Друг вака зборува за неа: Чесноста е коската што дава цврстина и раст. Без коски главата не може да стои врз ’рбетот, ни рацете да се движат, ни нозете да крепат. Значи, без Чесноста ниту талентот, ни учењето не можат да го сторат човека самурај“.

II   Храброст

Во Бушидото има разлика помеѓу смелоста и храброста: „Храброста е достојна да се вброи меѓу доблестите само ако се применува во служба на Добрината и Правичноста. Во своите Аналекти, Конфучиј вели: Да се знае што е правилно и да не се прави е знак за недостаток на храброст. Или накратко: Храброст е да се прави тоа што е правилно.

III   Добронамерност и милост

Од човекот што имал моќ да командува и да убива се очекувало да прикаже и еднаква моќ за добронамерност и милост: „Љубовта, великодушноста, наклонетоста кон другите, сочувството и сожалувањето се особини на Добронамерноста, највозвишената карактеристика на човечката душа. И Конфучиј, и Менг-це често велеле дека најпотребната особина на владетелот е Добронамерноста“.

IV   Љубезност

За посетителите на Јапонија веројатно не е лесно да се направи разлика помеѓу понизноста и љубезноста, но за вистинскиот маж учтивоста е вкоренета во добронамерноста: „Учтивоста и добрите манири ги забележува секој турист како особена карактеристика на Јапонците. Но Љубезноста треба да биде израз на добронамерниот однос кон туѓите чувства; не е некоја доблест ако е поттикната само од страв да не се прекрши културноста. Во својот највозвишен облик, Љубезноста ѝ се доближува на Љубовта“.

22.1.bushido-1

V   Честитост и искреност

Самурајот, според Нитобе, ги презирал парите, верувајќи дека „човек мора да ги пизми парите, зашто богатството ја попречува мудроста“. Затоа децата на самураите од највисоките редови се воспитувале да веруваат дека да се разговара за пари е некултурно и дека непознавањето на различните монети е знак на добро воспитување: „Бушидото поттикнува на штедливост – не толку од економски причини, туку повеќе како начин на апстиненција. Луксузот се сметал за најголемата напаст за мажественоста и затоа од класата на воини се барала строга едноставност… Се гнаселе од бројници и абакуси“.

VI   Чест

Иако Бушидото се занимава со професијата војник, еднакво е наменето и за неборечкото однесување: „Чувството на Чест, силната свесност за лично достоинство и вредност, е карактеристика на самурајот. Тој е роден и израснат да ги цени должностите и привилегиите на својата професија. Стравот и срамот му висат над главата како меч… Да се биде навреден од најмала провокација се исмевало како избувливост. Како што вели познатата поговорка: Вистинско трпение е да се издржи неиздржливото“.

VII   Лојалност

Економската реалност ѝ има зададено силен удар на организациската лојалност во светов. Сепак, вистинските мажи им остануваат лојални на оние на коишто им должат: „Лојалноста кон претпоставениот е најзавидната доблест од феудалната ера. Личната верност постои помеѓу секакви луѓе: бандата џепчии се заколнува на верност на водачот. Но само во кодексот на витешка Чест вистинската Лојалност зазема врховно место“.

VIII   Карактер и самоконтрола

Бушидото укажува на тоа дека човек треба да се однесува согласно со апсолутните морални стандарди, со оние што ја надминуваат логиката. Доброто е добро, а злото зло. Разликата помеѓу доброто и злото, и правилното и неправилното е предодредена. За тоа нема дискусии или оправдувања и човек треба да ја знае разликата. Најпосле, должност на секој маж е децата да си ги научи на моралните стандарди преку сопствениот пример на однесување: „Првата цел на самурајското образование била да се оформи Карактер. Посуптилните карактеристики како внимателноста, интелигенцијата и дијалектиката биле споредни. Интелектуалната надмоќност се ценела, но самурајот во основа бил човек што дејствува. Ниту еден историчар не може да спори дека Хидејоши не бил баш најсовршеното олицетворение на осумте доблести на Бушидото во текот на животот. Како повеќето големи луѓе, неговите огромни дарби биле проследени со длабоки маани. Сепак, со тоа што избрал сочувство наместо конфронтација и добронамерност наместо воинственост ги покажал безвременските квалитети на мажественоста. Денес неговата лекција не би можела да биде подобредојдена.

Превод: Коста Бојчески

1,188 total views, 1 views today