Слободата како фетиш

11.1.free-will

Нашево време на збор е најслободољубиво во споредба со сите други минати епохи. Никогаш порано немало толку пофалби и теоретски одбрани на слободата, законски уредби за вакви или онакви слободи…

Слободата била апсолутна вредност, врховна вредност, единствена вредност (и навистина, кај нас има безброј сиромаси кои освен слободата да се кандидираат и да гласаат на слободни избори немаат ништо друго). Во својата љубов кон слободата нашево време не се двоуми дури и војни да води за да ја одбрани. Да се работеше за еден човек кој цело време зборува за едно те исто и кој дури станува агресивен кога смета дека тоа е загрозено, најверојатно ќе помислевме дека се работи за некое опсесивно – компулзивно нарушување. Па, природно на човека му доаѓа да се посомнева дали оваа поплава од слободољубие не е резултат од некоја подидеолошка (по аналогија со потсвеста кај поединците) фискација со и поколонение пред неслободата.

Слободата како отсуство на пречки

Да тргнеме од колоквијалното значење на зборот. Што подразбираме под слобода? Горе – долу, разните нешта кои ни паѓаат на памет обидувајќи се себе си да си го одговориме ова прашање можат да се сумираат во формулацијата: отсуство на пречки при реализирањето на сопствениот себепроект. Ова „пречки“ треба да се сфати во најширока можна смисла – недоволно ресурси, закани, притисоци итн. Така, кога ќе нѐ заклучат в соба сме неслободни затоа што не можеме да отидеме онаму каде што сакаме и да го правиме она што сакаме да го правиме, а не можеме во собата во која сме заклучени. Ако претпоставиме дека сѐ што ни треба за нашиот себепроект си го имаме во собата, (книги, музички инсрументи, прибор за сликање, компјутер со најдобра графичка картичка и акаунт од World of Warcraft), ние воопшто нема ни да се обидеме да ја отвориме вратата и нема ни да забележиме дека е заклучена.  Не само што нема да забележиме дека сме неслободни, туку воопшто нема да бидеме неслободни (според формулата на Сартр „битието на свеста е свеста за битието“, битието на неслободата е свеста дека си неслободен). Доколку цел пролетаријат почне среќата да ја идентификува со потрошувачката на стоки и зјапањето во реклами, калсната борба би била не само беспредметна туку и непостоечка, целта на капиталистите исполнета, и би била започната диференцијацијата на Елои и Морлоци од „Времепловот“ на Х.Џ.Велс.

Оттаму, слободата секогаш е релативна во однос на себепроектот. Вредност е самоостварувањето на себепроектот, инструментални вредности би биле остварувањата на партикуларните цели кои се во склоп на тој себепроект. Од овој аспект погледнато, спорен би бил аксиолошкиот статус на слободата. Имено, според отсуството на позитивни супстанцијални одредби, слободата би се поистоветила со ништото во Хегеловата логика, би претставувала само апстракција. Да замислиме каква би била таа среќа и радост дека сме слободни, а при тоа да ги исклучиме сите конкретни активности и страсти кои се содржина на нашиот живот. На пример, сакаме да излеземе од затвор, но не за да бидеме со саканата личност, не за да можеме да планинариме, не за да можеме да продолжиме со свирење со својот бенд итн, туку чисто и само за да бидеме слободни и за ништо друго. Слично и со оној маркетиншки слоган на фармацевтските корпорации: здравите имаат многу желби, а болниот само една – да оздрави. Само да се обидиме да мислиме на тоа дека сме здрави или слободни (и на ништо друго) и да видиме дали тоа ќе предизвика среќа само по себе, или дури и дали такво нешто воопшто би ни било можно да замислиме. Станува јасно дека својството да биде вредност, својата емоционална боја, својата важност слободата ја позајмува од остварувањето на себепроектот исто како што месечината ја добива својата светлина од сонцето.

Но, ако погледнеме однопаку на работата, колку повеќе од слободата се прави цел, толку повеќе се замаглува ова нејзино конкретно, материјално значење. Во името на слободата се оправдуваат сиромаштијата и војните – оние нешта кои претставуваат најголеми пречки за слободата во ова елаборирано значење. Така, формулата  од 1984 „Слободата е ропство“ најдобро го објаснува форсирањето на дискурсот за славење на слободата од страна на либералниот капитализам. Во постоечкава општествено – економска формација како правило да е: колку повеќе политички слободи, толку помалку средства за остварување на слободно одбраните цели. Така, на луѓето кои се без слободно време од монотони и стресни работни места или барање такви места за да се спасат од беда, постојано во неизвесност за својот опстанок, сиромашни и со тоа понижени да им се брани статус квото и системот во кој живеат преку потенцирањето на некакви си права и слободи е аналогно на заљубени луѓе без своите сакани да им се даваат само парчиња облека од тие сакани и да ги убедуваат дека тоа е среќа. По класификацијата на Фројд од „Сексуална теорија“ тоа се нарекува фетишизам, па соодветно би било така да го наречеме и нашиот однос кон слободата од една и кон остварувањето на сопствениот самопроект од друга страна.

Од материјалистичка гледна точка, и на општествен план слободата значи отсуство на материјални (економски) пречки на себепроектирањето. Така, кога би постоеле социјални механизми (кога веќе постојат технолошки на овој стадиум на развитокот на производствените сили) за решение на сечие станбено прашање, достоинстевно вработување, владеење на правото и сл., се чини дека како гордиев јазол се решаваат многу недоумици во врска со разни категории неслободи – од родови до национални. Кога не морам да трпам никого и ништо бидејќи можам да се иселам и сам да се издржувам, тогаш проблемот на слободата од општиот и општествен се префрла на поединечен и личен план, каде што теоријата молчи и треба да молчи.

Слобода при избирањето на себепроектот

Слободата често се разбира и како слобода на избор, односно како слобода на волјата. Тоа подразбира дека изборот на личноста не е последица од никакви причини од материјалниот свет, туку личноста ја носи сама  и самостојно. Оваа слобода е првенствено онтолошки проблем. Имено, како што забележал Шопенхауер, оваа слобода значи исто што и „последица без причина“. Така, главната дилема е дали мотивацијата е само специјален вид на каузалитет т.е. каузалитет посредуван но не укинат од познанието како што тврди Шопенхауер или пак мотивацијата е антоним на каузалитетот (како во „Мотивација и медитација“ од Ферид Мухиќ). За одговор на ова прашање е неопходно да се наведе една цела онтологија. Така, ако човекот е навистина креатура од чиста материја, тогаш не би можел да биде слободен во оваа метафизичка смисла. Односот причина и последица би бил искомплициран, но не и укинат. Така, според теоријата дека случај е место каде се пресекуваат два различи каузални синџири, и при изборите кои ги правиме би делувале многу различни причини – од генетски до психолошки, но сепак причини чија резултанта би била поединечната постапка, и оваа слобода би била само илузија. Нашите рецептори би биле наелектризирани од нашата околина, тој електричен импулс би бил проследуван до ЦНС каде што би се процесуирал, би предизвикувал фацилитација на неврони, би патувал до различни центри и којзнае уште какви не чудеса, се додека од ЦНС не стигне импулс кој го активира рецепторот. Така, иако тоа не е истиот импулс (како во рефлексот), сепак единствен начин да има  електричен полнеж за ефекторот (дејство) е претходно  да дошла ексцитација однадвор на некој рецептор (причина), иако тешко може да претендираме дека целосно сме го сфатиле сето она што се случува при нивното меѓудејство. Од друга страна, да се тврди дека има ваква метафизичка слобода на волјата мора да има некој нејзин трансцендентен (нематеријален) агенс. Така, во Заедница Платон го опишува NDE на еден војник во кој душите си ги одбираат телата за следната реинкарнација. Така, иако штом се отелотворат стануваат подложни на законите на материјалниот свет, сепак одбирањето токму на тоа тело е избор вон било какви надворешни условувања, и со самото тоа сите избори на тој душа – тело систем може да се сметаат за слободни. Исто како што некој навистина не знае што прави кога е пијан, и од таа гледна точка се чини дека е неслободен, додека се опива е свесен дека кога ќе се опие нема да биде свесен што прави, па со тоа ја презема одговорноста за сите недела кои ќе ги стори пијан т.е. слободно ги избира тие постапки. Се чини дека инсистирањето врз ваква слобода на волјата е неодвоива од идеалистичката онтолошка позиција (иако не важи и обратното).

Едно вакво прашање заслужува само целосна, а не патемна посветеност. Сепак, таа се однесува на изборот на самиот себепроект, а не на остварувањето на самиот себепроект. Затоа, тоа воопшто не ги тангира нашиве идеолошко – политички дилеми во врска со слободата. Во едно бескласно општество, главната димензија на проблемот би била баш оваа, додека праксата би ја разрешила онаа политичко – правната.

Така, во однос на нашиве маки овде, повторно е на дело оваа ујдурма борбата за материјални средства за живот да се сведе на борба за слободи. Слободата на изразување е единственото што директно ја тангира оваа слобода како отсуство на пречки за самопроектот. Па и таа не е самодоволна – што ако никој не ти налага и забранува каква уметност да создаваш и каква филозофија да браниш ако мораш да работиш две работи за да се прехраниш или немаш пари за инструемнти? Којзнае колку авторски потенцијално славни судбини се запечатиле и сѐуште се запечатуваат по бироата за вработување, по текстилните фабрики или по нивите?  Во затвор Александрос Панагулис барем имал минимум услови за творечка работа – си ја имал крвта и ѕидовите од затворската ќелија. Економската принуда е поподмолна, невидлива но исто толку ефикасна во репресијата кон творечките индивидуи. Но, регуларноста на изборите, независноста на институциите, поделбата на власта -  има опасност сите овие медиумски мантри да го одвлечат вниманието и да ја банализираат главната борба. Ние сме сиромашни, понижени и здравствената заштита ни се укажува повеќе како нечија (пријателска, рушвтска, партиска) милост отколку како право кое ни следува. Проблемот не ни е тоа што не можеме да одбереме кого сакаме во парламентот, туку тоа што не можеме да го ставиме она што го сакаме на трпезата и под елките на децата. Без да постојано акцентот да се става на економскиот аспект, овие политички игри само дефокусираат. Кога се бориме за слобода, треба во главата да ја имаме конкретна идеја за што се бориме, истата која ни ја сугерираат здравиот разум, непоредно личниот и класниот интерес.

Автор: Кирил Бисероски

846 total views, 1 views today