СТЕФАН СИДОВСКИ: ПРАШАЊА БЕЗ ОДГОВОРИ 7 – ЗА ШТО ФИЛОЗОФИЈА

25.12.sidovski1

Статијава, драг читателе, е претпоследното од осумте поглавја од една поголема брошура. Насловот ѝ е „Прашања без одговори“, поднаслов – „Тегобности на младиот човек во определувањето на една филозофија на животот“, а мото мислата од Анри Лефевр „Тотален човек е слободен поединец во слободна заедница“. Таа е своевиден наговор на филозофија, и исто како и Аристотел, така и  нашиот Стефан Сидовски речиси цел свој животен и работен  век со несмален интензитет го посветуваше на таа благородна задача. На некој начин, овие статии може да се сметаат за дестилат на еден долгогодишен животен ангажман и интелектуално творештво.  Доста лековит дестилат – само прашајте некој од оние кои имале среќа да ги слушаат неговите средношколски предавања

„За смислата на животот не прашува никој кој не чувствува потреба за негова промена; од тоа прашање бегаат сите кои смислата на животот ја нашле во постоечката состојба“

Лашек Колаковски

 

Младиот човек очекува во проучувањето на историјата на философијата да ги осознае одговорите на прашањата што му се поставуваат кои што го одредуваат неговото живеење мошне тегобно во неможноста вредносно да се определи во светот, цивилизацијата и културата во која егзистира, како и во општеството и државата во која што живее со недефинирана надеж дека и државата, и општеството, и културата и цивилизацијата се организирани според Вистина.

А самата Вистина младиот човек очекува да ја осознае во историјата на филозофијата, во философските учења, доктрини и системи.

Младиот човек пристапува кон философијата со полна верба и очекувања, но проучувајќи ја историјата на философијата доживува разочарување од разните учења што се спротивставени и противречни во однос на исти проблеми и прашања. И од таквата какофонија на доктрини и системи, младиот човек постанува збркан, збунет и онеспокоен што го зголемува неговото недоверие во философијата. И неговото разочарување е дотолку поголемо, доколку било поголемо неговото очекување.

Неговиот скептицизам е во тоа што секое философско учење е само слика – за – стварноста, а не и сама стварност. И колку философски доктрини, толку слики – за – стварноста.  А младиот човек не бара слики – за – стварноста, туку познание на самата стварност – како – стварност. Во него се појавува сомнеж во философијата што го доведува до тоа „да философираш значи да се сомневаш“, вели Мишел Монтењ. Ова е парадокс во младиот човек кога самата состојба на сомнеж во философските доктрини, којашто е мачна и болна, сепак по своите интенции е терапевтска со „тоа што е најсигурно (С.С.) треба да излезе од сомневањето, тоа е најповеќе што може да се очекува од сомневањето“, забележува Ернст Блох. А што е тоа што младиот сака да го знае најсигурно? Се разбира, сосем едноставно: Вистина!

 

philosophers

 

Вистина како за Постоење(то), така и за Смисла(та) на Постоење(то) т.е. за Битие(то) и Смисла(та). Зошто? Затоа што знаењето за Битие(то) ја покажува Смисла(та), а познанието на Смисла(та) ја открива Вистина(та) за Битие(то). А зошто му е потребно тоа на младиот човек? На тоа сосем јасно одговорил Ернст Блох кога вели „Пристапуваме  ли кон животот со зло и наопаку, тогаш се постанува сѐ полошо. Но, паметно и добро дело е во состојба текот на нештата да го промени на подобро“. А за тоа, се претпоставува да се знае вистината за светот и животот. Но, паметно и добро дело е во состојба текот на нештата да го промени на подобро“. А за тоа, се претпоставува да се знае вистината за светот и животот. Затоа што, на крајот на краиштата, „човек е одговорен за она што е“, ќе рече Жан Пол Сартр. И младиот човек сака да ја прифати одговорноста за себе и знае дека „да се биде човек значи да се постане човек“, како што тоа го воочил Карл Јасперс. Но, како тоа може да се реализира без знаење за светот во кој што се живее. Токму затоа, младиот човек во почетокот пристапува „да верува во философијата“ – а тоа значи според Макс Хоркхајмер – „да не се дозволи на стравот на било кој начин да ја задуши способноста за мислење“. А се верува дека со мислење може да се осознае Вистина. А според познатиот јогин Свами Шивананда „целта на философијата е правилниот начин на живот“, со што би се согласил младиот човек кој токму тоа го очекува од самата философија. Но, младиот човек забележува дека „философите само  го објаснуваа светот различно, но се работи за тоа да се измени светот“ како што тоа веќе Карл Маркс го истакна во XI теза за Лудвиг Фоербах. А зошто младиот човек сака да го менува светот? Затоа што, како што веќе Серен Кјеркегор вели, „апстрактното не постои“, а токму поединецот е тој што постои и живее во свет „сега, кога науката ни помогна да го надминеме стравот од непознатото во природата, ние сме робови на општествениот притисок на своите сопствени творби. И кога сме повикани да делуваме независно, ние поставуваме по примери, системи, авторитети“ вели Хоркхајмер. А тоа значи  – не сме слободни во својот живот во овој свет. А веќе Шелинг сосем јасно потенцира дека „почеток и крај на секоја философија е слободата“. А без слобода нема творештво кое може да го менува светот да биде слободен и хуман. И според Ернст Блох  „хуманизмот израснал од утопијата“, а утопијата секогаш ја покажува дискрепанцата меѓу реалитетот и идеалитетот на егзистирање во светот. А тоа за младиот човек е лага на живеење, а самиот сака Вистина. И тоа го очекува од филозофијата.

Но, филозофијата за младиот човек се покажа како немоќна, како што тоа веќе го покажал Едмунд Хусерл кога вели: „Отфрли ги празните анализи на зборовите. Ние мораме да се прашуваме за самите предмети. Назад кон искуството, кон очигледното што може да им даде смисла на нашите зборови и право на разбирање. Извонредно! Но што се предметите и какво е тоа искуствона кое мораме да се вратиме?“.  На ова прашање до денес философијата не одговорила и така ќе биде за младиот човек сѐ дотогаш, како што тоа мошне јасно го искажал познатиот индиски мистик на XX век Ошо кога вели „додека не постигнеш сат – чит – ананда, апсолутна вистина, апсолутно знаење и апсолутно блаженство, сѐуште си некаде на патот“. И фолософијата за младиот човек останува само да биде на пат, да прашува, а не и да стигне до целта, да одговори. А младиот човек не сака само да биде на пат, туку сака да е на целта, Вистина(та). Тоа филозофијата не му го овозможи и се прашува зошто уште философија?

 

Стефан Сидовски

1,043 total views, 1 views today