Разговори на Андре Парино со Андре Бретон: За надреализмот (3)

14.12.surrealisme4-breton-hislum-aragon-eluard

…Блескав лик, во црна светлина, грофот од Лотреамон. Во очите на некои денешни поети, „Пеењата на Малдорор“ и „Песни“ блескаат со неспоредлив сјај; тие се израз на целосното откритие кое, се чини, ги надминува човечките можности. Сиот модерен живот, во она што е во него особено, тука е наеднаш сублимиран. Неговиот декор се лизга на столбовите на некогашните сонца кои го откриваат сафирниот паркет, ламбата со сребрен абажур, воздушеста и фина, која се движи по Сена, зелените мембрани на просторот и дуќаните во улицата Вивиен, зафатени со кристално зрачење од средиштето на земјата. Сосема чедниот поглед кој го гледа научното усовршување на светот, свесно ѝ пркоси на корисноста на тоа усовршување, го става, со сè останато, во самата светлина на откровението. Конечно откровение, тоа е ова дело во кое се губат и распалуваат големите нагонски пориви во допир со кафезот од азбест во кој заробеното срце е доведено до бело усвитување. Она најсмелото што со векови ќе се мисли и презема овде нашло начин однапред да се изрази во својата магична законитост.

(Антологија на црниот хумор)

-Бретон ги сретнува Супо и Арагон („тројцата мускетари“). – Пјер Реверди во улицата Корто. – Пакт со Грофот. – Смртта на Ваше. – Littérature.

Андре Парино: Периодот кој го евоцира оваа трета емисија ги опфаќа месеците пред самиот крај на Првата светска војна. Во средиштето на нејзиниот интерес ќе биде основањето на списанието Littérature, како и вашите односи со оние пријатели кои тогаш се занимавале со истата дејност како и вие…

Андре Бретон: При нашите први средби со Супо и Арагон, започнува активноста која, од март 1919, ќе наиде на првите признанија во списанието Littérature, многу брзо ќе експлодира во „Дада“ и ќе мора повторно од врв до дно да се наполни за да доведе до надреализмот.

Како дојде до вашето пријателство со Филип Супо?

Го запознав Филип Супо преку Аполинер (восхитот кој двајцата го чувствувавме кон него беше основа на нашето зближување); нешто подоцна го сретнав Луј Арагон во книжарницата на Адриен Моние „Куќа на пријателите на Книгата“, во улицата Одеон; по излегувањето од неа, одевме заедно кај Вал-де-Грас, каде двајцата имавме свои воени обврски кои се менуваа со курсеви по медицина за војска.

Треба да се има на ум дека на крајот на војната 1914-1918, во генерацијата која доаѓаше, од оние кои покажуваа животен интерес за поезијата и нејзините проблеми, многу брзо остана мал број. Нема ни трага од она изобилство на списанија и брошури кои го одбележаа крајот на наредната војна и кои, на поетски, како и на толку други планови, создаде многу замрсена ситуација. Помеѓу Супо, Арагон и мене ќе се воспостави размена која е дотолку жива, што подрачјето на учество е сосема слободно и што, колку и да одлучевме да одиме по ист пат, тргнувавме од сосема различни определувања. Секој од нас го изнесува пред другите двајца она што според неговото мислење е најзначајно, најдрагоцено.

14.12.Soupault_and_Nezval_1928 Филип Супо и Незвал

Можете ли да го истакнете оригиналниот придонес на Супо во рамки на вашата мала група?

Придонесот на Супо се состои во изострената смисла за модерното (она што тогаш меѓу себе го нарекувавме „модерно“, не губејќи го од вид она што во самиот поим е непостојано); но во значењето кое ние му го придаваме, Аполинер, на пример, е модерен во најголема мера во делото „Во понеделник во Улицата Кристин“ и во повеќе поглавја од „Убиениот поет“, а престанува да биде тоа – тоа е најмалку што може да се каже – во некои свои последни песни, како што е „Песна за честа“; Жид е „модерен“, иако во помала мера, во создавањето на Лафкадиј од „Подрумите на Ватикан“, дури и во некои ставови од „Мочуриште“ и „Лошо окованиот Прометеј“. Сè на сè, станува збор за целосно ослободување во однос на однапред одредените начини, како на мислење, така и на изразување, со цел нужно унапредување на начинот на чувствување и изразување, кои би биле посебно нови и чие барање по дефиниција подразбира максимум авантура. Супо тука внесуваше многу завидна природна склоност: изгледаше, особено, дека расчистил со „поетската старудија“ која Рембо, по сопствено признание, никогаш не успеал да ја отстрани. Тој во тоа време веројатно беше единствениот (мислам дека Аполинер се присилуваше себеси на тоа, впрочем во долги растојанија) кој ја оставаше песната онака како што надоаѓа, заштитена од секакво каење. Каде било – во кафеана, додека прашува: „Келнер, за што да пишувам“ – можеше да одговори ако некој му побараше една песна. Песната се завршуваше – сакав да кажам: се дочекуваше на шепи како мачка – при првото надворешно вознемирување. Она што беше резултат на таквиот метод, или отсуство на метод, беше доста променливото значење, но барем секогаш вредеше од гледна точка на слбодата и свежината. Мислам на следната песна, која подоцна е вклучена во „Ружа на ветрови“:

НЕДЕЛА

Авионот ги ткае телеграфските столбови
а изворот ја пее истата песна
На состанокот на кочијашите аперитивот е портокалов
но машиновозачите на локомотивите имаат бели очи
Госпоѓата ја загуби својата насмевка во шумите.

А дали би можеле да ни го претставите Супо, Супо од тој период?

Тој беше, како и неговата поезија, крајно суптилен; една далечна, мила и воздушеста маленкост. Во секојдневниот живот не остана долго во сеќавањето. Ги сакаше, без разлика, сите патници – Рембо, можеби во голема мера во тоа својство, Валери Ларбо од „Барнабус“, Сандрар од „Транссибирската железница“, кого го познаваше лично и кој му го откри Артур Краван. Прочита многу малку, иако беше доста задоен со англиската книжевност. Се чинеше дека во таа област повеќе сака романи отколку песни, иако, кога од дистанца ги гледам неговите „Песни“ кои даваа толку нов тон, се прашувам дали тие не ѝ должат многу на „Бесмисла“ на Едвард Лир.

Арагон мора да претставувал необичен контраст во однос на Супо…

Арагон имаше сосема поинаков карактер и образование. На самиот почеток од нашето познанство, тој во поезијата го ставаше Вијон далеку над модерните, а меѓу современиците, Аполинер од „Алкохол“ го претпоставуваше Жил Ромен од „Ода и молитви“. Можете да замислите каков ерес тоа претставуваше во моите очи и очите на Супо, но тоа беше мислење кое беше во оптек околу Адриен Моние – која таа го охрабруваше колку што беше можно – а Арагон беше еден од главните посетители на нејзината книжарница. Ја имаше сета потребна дарба за да блеска таму.

Мислам дека би било пожелно да кажете нешто повеќе за Адриен Моние и нејзината книжарница „Пријатели на книгата“.

Адриен Моние ја претвори во најпривлечно жариште на тоа време. Доброто семе кое умееше да го внесе во расправата, можностите кои им ги даваше на младите, па дури и возбудливата пристрасност на нејзиниот вкус: во играта не ѝ недостасуваа адути. Најпривлечните личности од тоа време ќе се појавеа одвреме-навреме кај „Пријатели на книгата“. Тоа беа Фарг, Реверди, Ларбо или Сати. Ги наведов Валери и Аполинер да го откријат патот до неа – од кој повеќе не скршнуваа. По повод Валери, Пол Леото можеше да каже без големо претерување дека неговата слава и неговите официјални успеси бездруго почнале таму.

Дали Арагон веќе беше оној привлечен и оригинален дух кој ќе се открие во „Парискиот селанец“?

Токму така. Во поглед на вкусот кој можеше да му го спротивстави на Супо, а и мене, многу брзо го отфрли баластот. Го паметам како извонреден другар за прошетка. Париските места, дури и оние најнеутралните, низ кои само минувавме, беа подигнати за повеќе степени благодарение на магично-романескните фантазии на кои никогаш не им недостасуваше здив и кои избиваа по повод некој уличен свиок или некој излог. Дури и пред „Парискиот селанец“, книгата како што е „Анисе“ веќе ги покажува тие богатства. Никој не беше повешт откривач на необичното во сите негови облици; никој не беше склон кон толку опојни фантазирања за некој вид скриен живот на градот (мислам дека само тој можеше да му ја дошепне на Жил Ромен – тој всушност беше во книгата „Ворж против Кинет“ – чудесната бајка за 365 станови со тајни премини, кои божем постојат во Париз). Арагон во таа смисла беше чудо – дури и за самиот себе.

Од тоа време тој навистина прочита сè. Доброто памтење му ги доловува од голема дистанца заплетите од безброј романи. На неговата духовна еластичност ѝ нема рамна, од што може да потекнува приличната лабавост на неговите уверувања, како и извесната сугестибилност. Многу жесток, безрезервно се предава во пријателството. Единствената опасност на која е изложен е преголемата желба да се допадне. Блескав…

Дали тој во некоја смисла е веќе бунтовник?

Во тој миг, кај него имаше малку бунтовништво. Рушителската склоност ја покажува повеќе за да се кочопери, а всушност, весело го поднесува она што го наметнува војната и професионалната (лекарска) определба: војничкиот крст на фронтот; доволно му беше што секогаш малку повеќе од другите „копаше“ по „интернатските прашања“.

Значи, тоа за него сè уште не беше период на инкубација на моралната криза низ која подоцна ќе помине?

Кај него немаше никаква подлабока криза во тој миг… Да, таа мораше да настане подоцна, и тоа, како што ми се чини, поради зараза.

А вие?…

Ах! Што се однесува до мене, јас одамна бев тргнал низ вода: повеќе не беше можен компромис со светот кој толку страшната несреќа не го научи ништо; во тие услови, зошто залудно да се губи време и расположливи средства поради нешто што не е поттикнувачко за мене? Што всушност мислев? Можеби очекував некакво чудо – чудо само за мене – кое би можело да ме наведе да тргнам по пат кој би бил само мој. Кога го гледам својот живот после тоа, мислам дека тоа чудо мораше да се случи, но неосетно. Во секој случај, сето она на што другите ме поттикнуваа го сметав за подметнување, за измама. Воената цензура беше будна: во средините кои можеа да бидат наши, настаните од политичко значење, како што се конгресите во Цимервалд и Кинтал, не оставија силен впечаток, а самата болшевичка револуција ни оддалеку не беше сметана за она што навистина беше. Ако некој тогаш ни кажеше дека од начинот на гледање на она што значеа тие настани, меѓу нас ќе избијат никулците на неслога, кај нас, секако, ќе наидеше на целосно неверуваење. Она што е соодветно да се нарече „општествена свест“ не постоеше кај нас.

14.12.ChantsDeMaldororLes„Пеењата на Малдорор“, книгата што ќе ги фасцинира Бретон и пријателите

Претпоставувам дека во тоа време сè уште ги одржувате врските со Валери и Аполинер?

И понатаму го гледам Валери, несомнено со помалку полет откако знам дека се фати во костец со помалку или повеќе расиновскиот александринец во „Младата Парка“. Зарем беше потребно толку долго да се крие за да се појави повторно во таков костум? Веќе реков дека за мене беше во прашање еден мит кој бара многу: со „Младата Парка“, господин Тест беше изигран, речиси предаден. Со исклучок на неколку искри, ми се чинеше дека таа долга поема – која инаку нејзиниот автор ја нарече „вежба“ – ни оддалеку не се оправдува себеси. Аполинер се врати во својот гулабарник, на булеварот Сен-Жермен број 202. Тука се провлекуваме помеѓу полиците со книги, помеѓу низата фетиши од Африка и Океанија, помеѓу сликите кои тогаш му припаѓаат на најреволуционерниот вид… Кои се како едра што пловат кон најавантуристичките духовни видици. Пикасо, Кирико, Ларионов… Нема пат со повеќе свиоци од оној кој води до таа маса на која се наоѓа тој, полуприсутен, полуотсутен, зашто, не дозволувајќи сепак разговорот да запре, тој овде-онде ќе нафрли по некој збор на еден лист хартија – а неговото перо се втопува во една ужасна кичерска мастилница од позлатена бронза (лудува по такви предмети). Исто така, му се случува со часови да ме остава така сам во станот, откако ќе ми даде некое исклучително дело, од Маркиз де Сад или еден том од „Господин Николас“. Супо и јас, подоцна и Арагон, порадо го посетувавме еден по друг. За нашите средби најпогодна беше речиси празната соба во која нè прима Пјер Реверди, обично во недела. Тој живее на врвот на Монмартр, во улицата Корто, на неколку чекори од Улицата на врбите. Необичната „клима“ која владее овде не може ништо да ја претстави така како онаа прекрасна реченица на самиот Реверди, со која почнува „Овалното прозорче“:

„Во тоа време јагленот стана исто толку драгоцен и редок како грутките злато, а јас пишував на еден таван на кој снегот што паѓаше низ пукнатините на покривот, стануваше син.“

Таквиот начин на изразување за мене нималку не ја изгуби својата чар. Тој моментално ме враќа во срцето на онаа вербална магија која за нас беше областа во која Реверди делуваше. Само Алојзиус Бертран и Рембо отидоа толку далеку на тој пат. Што се однесува до мене, ја сакав и сè уште ја сакам – да, заљубен сум во неа – онаа поезија која обилно се создава во она што се обвива со ореолот на секојдневниот живот, она ехо од страв и знаци што лебди околу нашите впечатоци и постапки. Тој тука влезе речиси случајно: ритамот кој го создаде очигледно беше неговото единствено средство, но тоа средство никогаш не го изневери; беше чудесен. Реверди беше многу повеќе теоретичар од Аполинер: тој за нас дури би бил идеален водач, да беше помалку страствен во расправите, да водеше повеќе сметка за аргументите кои му ги спротивставуваа, но затоа таа страственост во многу голема мера придонесуваше за неговиот шарм. Никој не размислуваше подобро и не умееше да наведе за размислување за скриените можности на поезијата. А потоа, ништо нема да биде позначајно од неговите тези за поетската слика. Исто така, никој не покажа подобра рамнодушност во однос на лошата судбина.

Значи, нема ни најмало разидување со Реверди?

О, со него не ни недостасуваа поводи за несогласувања. И покрај сè, сметавме дека е по малку затворен во сопствениот свет, дека обрнува преголемо внимание исклучиво на она што, околу него, тогаш беше поетски израз во склад со кубизмот. Сметавме – или претчувствувавме – дека наидуваат и други значајни текови и дека ништо нема да ги запре. Инаку, многу наши забелешки беа инспирирани од неодамнешното откривање на Лотреамон, кој нè одушеви сите тројца. Ништо не ме возбуди толку, дури ни Рембо… И денес сè уште сум сосема неспособен да размислувам ладнокрвно за таа блескава порака, за која ми се чини дека во секој поглед ги надминува човечките можности. За да знаете до каде можеше да оди нашата занесеност со него, треба само да се сетите на овие редови на Супо: „Не е мое, ниту на кој било друг, да му судам на Грофот. Не му се суди на господинот од Лотреамон. Патем му се оддава признание и му се поклонува до земја. Му го давам својот живот на оној или онаа која ќе ме натера да го заборавам засекогаш“. Оваа изјава во облик на пакт без колебање би ја потпишал и јас.

Реверди не помина низ тоа, па не можеше да има претстава за силата на оние барања кои „Малдорор“ ни ги наметнуваше. Како тоа Блоа, Гурмон, а неодамна и Ларбо, кои, меѓутоа, подлегнаа на магнетизмот на таа единствена порака, произволно го отфрлија како патолошки случај, како тоа тој не ги потресе во поголема мера? Само Жари, веројатно… но тој за него зборуваше само во алузии. За нас, од почетокот немаше гениј кој можеше да се мери со Лотреамон. Ни се чинеше дека е знак на времето тоа што до тогаш сè уште не чукнал неговиот час, додека нашиот на големо се огласуваше.

Пјер Реверди

Накратко, кои се вашите заеднички настојувања во тие последни воени месеци?

Извинете, тука влегуваме во техничкиот домен. Тоа се оние настојувања кои се стремат кон расветлување на лирскиот феномен во поезијата. Тогаш под лиризам го подразбирам она што претставува во извесна мера грчевито надминување на свесниот израз. Уверен дека тоа надминување може да се оствари само како резултат на голема навала на чувства и дека тоа, од своја страна, е единствен генератор на длабоко чувство, но – и тука е тајната – индуцираното чувство сосема ќе се разликува од индуктивното чувство. Ќе дојде до преобразба. Најубави примери за тоа кај Лотреамон наоѓам во изобилството изрази „Убав како“, од кои најчесто се наведува следниот: „Убав како случајна средба на чадор и машина за шиење врз операциона маса“, како и во празнините во сеќавањето кои, на крајот од четвртото Пеење на Малдорор, ја опкружуваат евокацијата на „Фалмеровата коса“. Кај Рембо, ми се чини дека врвовите се достигнати во „Преданост“ и „Сон“.

Дали вашите размислувања на таа тема тогаш наидоа на шанса да се остварат?

Да се остварат не, но да се потврдат, да. Отприлика во тоа време Аполинер објавува во Mercure de France еден доста долг текст кој има обележје на манифест, под наслов „Новиот дух и поетите“, текст кој, треба да се каже, кај нас наиде само на делумно прифаќање. Ако мислиме дека е добро тоа што тврди дека во поезијата и уметноста „изненадувањето е голем нов извор“ и што бара „незамисливо изобилство на слобода“, загрижени сме поради неговото настојување да ја обнови врската со „критичкиот дух“ на класичарите, што ни изгледа ужасно ограничувачки, како и со нивното „чувство на должност“ кое го сметаме за спорно, во секој случај застарено и на секој начин нешто што не е на место. Желбата да постави расправа на национален, дури националистички план („Франција“, вели Аполинер, „која ја чува сета тајна на цивилизацијата…“) ни изгледа уште понеприфатлива. Не го прифаќаме ни понижувањето на уметноста пред науката. Особено жалиме што така сфатениот „нов дух“ се обидува да се потпре на надворешните средства (типографски и други): лирските можности во вистинска смисла на зборот не се ни продлабочени ни обновени…

Но можеби ранувањето на Аполинер го имаше како последица ограничувањето на неговата смелост и стеснувањето на полето на неговото истражување… Неколку месеци подоцна, тој чудесен глас ќе стивне – според парадоксалната игра на судбината, тоа ќе биде непосредно пред примирјето – тој глас во кој се стопија гласовите на Симон Маг и Мерлин, како и гласот кој, на сосема необичен начин, му го позајми на Кронијамантал, „Убиениот поет“.

Дизајн на Франсис Пикабија за списанието Littérature

Рековте дека сè уште може да се чуе тој глас?

Еве ги плочите на кои Аполинер сними четири песни, под раководство на Шарл Брино, на Сорбона. Техниката беше просечна. Големата документарна а и единствена вредност е во тоа што може да се чуе Аполонер. Значи, еве го гласот на поетот кој извира од темнината:

Отворете ми ја таа врата на која тропам плачејќи
Животот е променлив како и Еврип

Можеби не е потребно да се слуша понатаму?

Не, штета. Тој, кој очекуваше толку многу од фонографот… Да го оставиме тоа. По неполни два месеца, во големата градба која Супо, јас и Арагон ја изградивме заеднички, се појавува нова пукнатина. Во неа беше уште полошо отколку во претходната тоа што повеќе не се наоѓаше на врвот, туку во самиот темел на градбата. Околу 10 јануари 1919 дознавме за смртта на Жак Ваше, која настапи речиси во несреќен случај, по преголема доза опиум, во еден хотел во Нант. Ваше – кого го познавав само јас, иако Арагон размени по едно писмо со него – за нас имаше извонредна привлечност. На неговото однесување и неговите зборови постојано се повикувавме. Неговите писма беа пророштва, а особеност на тие пророштва беше неисцрпноста. Денес мислам дека чуваше голема тајна која истовремено се состои во откривање и сокривање. Во секој случај, јасно е дека тој за нас ја симболизираше најголемата моќ на „рамнодушноста“ (врвна рамнодушност кон сè што се проповедаше лицемерно, рамнодушност кон уметноста: „Уметноста е глупост“, рамнодушност особено кон „моралниот закон“ кој штотуку се покажа во вистинското светло). Изгледаше дека секое дејство кое требаше да се преземе, бидејќи имаше да се каже сè повеќе за тоа, може да води само кон него: само го чекавме неговото враќање, па да го преземеме, зашто, како и ние и нашите врсници, сè уште беше мобилизиран. Доста е да се каже дека таа загуба беше ненадоместлива… Најпосле! Бевме – бев – во оние години кога животот е посилен. Изненаден сум, сега, што толку брзо се вративме, бидејќи во март 1919 се појавува првиот број на списанието Littérature, кое го уредувавме ние тројца (Арагон, Бретон, Супо). Валери ни даде сугестија за тој наслов, кој веќе само по себе содржи двосмисленост, ако се има предвид последниот стих на „Поетската уметност“ од Верлен: „Сè друго е литература“. Од своја гледна точка – гледна точка на интелектот – тој мораше да биде понаклонет кон таа „литература“ која претставува „сè останато“, отколку кон она што Верлен сака да ѝ го спротивстави, но тој во себе се смее, во неговиот совет секако има извесна изопаченост. Што се однесува до нас, ако го земеме тој збор за наслов, тоа е во смисла на антифраза и во подбивен дух, во што Верлен повеќе нема никаков удел.

А како изгледа Littérature на почетокот?

О, како многу пристојно списание! Што сакате повеќе? Големите преживеани симболисти: Жид, Валери, Фарг, одат напред, придружени од поетите кои гравитираа околу Аполинер: Салмон, Макс Жакоб и Жироду, потоа Дрие ла Рошел. Преминот меѓу нив и нас го означува Жан Полан, благодарение на кого набрзо го запознав Пол Елијар. Се чини дека се водеше сметка за сè и дека нè води добар ветер: во своите први четири броеви (од март до јуни 1919), списанието ги објавува „Песни“ на Исидор Дикас, грофот од Лотреамон, кои ги препишав од единствениот познат примерок, оној во Националната библиотека, и една многу значајна необјавена песна на Рембо: „Рацете на Жан Мари“… Но набрзо ќе се појават поинакви искрења, кои ќе бидат предзнаци на „Дада“.

Тоа, ако сакате, ќе биде предмет на нашиот следен разговор.

(продолжува)

(Извор на преводот: okno.mk)

481 total views, 3 views today