За надреализмот (2): Со Андре Бретон и Андре Парино

breton

Ваше не пружаше рака ни за да посака добар ден ни за да каже довидување. Живееше на плоштадот Бефроа, во една убава соба, со една млада жена која ја знаев само по име: Лујза, а која тој, кога доаѓав, ја принудуваше со часови да стои неподвижно и да молчи во еден агол. Во пет часот, таа ќе послужеше чај, а како единствен знак на благодарност, тој ќе ѝ ја бакнеше раката. Ако може да му се верува, со неа немаше никакви полови односи и се задоволуваше со тоа што спиел покрај неа, во ист кревет.

(„Изгубени чекори“: Презрива исповед)

II

- Војната 1914-1918. – Од Гијом Аполинер до Жак Ваше. – Магијата на Рембо. – Пред „заблудите на човечкиот дух“.

Андре Парино: Времето кое ќе го оживееме во оваа втора емисија го опфаќа периодот помеѓу 1914 и 1919. Првиот значаен елемент на овој период: вашата духовна состојба на почетокот на војната. Можете ли да ни доверите некои спомени?

Андре Бретон: Зошто да не? „Со торба на грбот…“ ја знаете таа новела на Уисманс, едно од ремек-делата на натурализмот, која се наоѓа во „Медански вечери“. Е, па, доволно е малку да се помести тоа, малку да се подигне од земјата, па да се создаде претстава за расположението на некои млади луѓе, меѓу кои бев и јас, а кои војната во 1914 ги оттргна од сите нивни стремежи, за да ги турне во бара од крв, глупост и кал.

Имавте став на побуна. Можете ли точно да ја одредите вашата духовна состојба?

Што се однесува до мене, откако помина првиот миг на запрепастеност – неколку месеци артилериска „класа“ – почнав да набљудувам што се случува околу мене, со поглед кој беше повеќе од испитувачки. Сосема близу, во самиот „табор“, најчувствителните потајно пронаоѓаа одредено прибежиште: еден го исполнуваше своето ретко слободно време со цртање нови модели на фустани; читајќи за казните кои ги добиваше за целосната неспособност за војничките задачи, си принесуваше до ноздрите шишенце со масло од амбра; друг, штом ќе го слушнеше зборот „стој“ или „мирно“, ќе се нурнеше во „Посланието до Коринтјаните“. Дури и помалку или повеќе прикриените почетни порази, мрачните перспективи на војувањето во ров, неизвесниот исход од судирите, имаа за последица душевна состојба (треба да се употреби токму тој збор) во која помирувањето со судбината тешко наоѓаше место.

На кој извор како поет го напојувавте својот дух?

Мојата прва осмислена реакција беше да се свртам кон оние за кои верував дека се способни да внесат извесна светлина во тоа осило, то ест прво кон оние кои дотогаш зборуваа гласно, или надалеку, и кои оправдано може да се сметаат за најспособни да „завладеат со ситуацијата“. Какви разочарувања уследија веднаш! Кој денес би имал храброст повторно да ги чита статиите кои тогаш можеа да ги напишат еден Барес или еден Бергсон? Тука немаше ништо што би се издигнало над нивото на изразување на платеничкиот печат, што би можело да ме наведе стрпливо да ја поднесувам својата судбина. Национализмот никогаш не беше моја силна страна. Ако на тој план некој беше извор на мојата мисла, тогаш – а тоа е и денес – тоа е Жан-Жак од „Расправа за потеклото на нееднаквоста и Општествениот договор“. Тогаш веќе немаше глас кој би можел да ја насочи во дуг правец. Русо. Дури мислам дека на таа гранка – за мене прва која израсна до височина на човекот – поезијата можеше да процвета.

Како во такви услови да не бидам во искушение да побарам помош од поетите: што мислеа тие за таа страшна авантура? Што беше со вредностите кои за нив ги надминуваа сите други? На пример, во текот на изминатите години, се зборуваше само за пробивање на сите утврдени рамки, за прогласување на најголема слобода на изразување: што ќе се случи со сето тоа во време кога на сите усти имаше катанец, ако не и превез на сите очи?… Нема да зборувам за поетите – или оние кои се претставуваат така – чија прва грижа беше… да го прифатат моралот на нацијата (како Ренје, Пеги, Клодел) и да ја изведуваат пригодната „Глорија“. Други молчеа: тоа беше малку, но сепак подобро. Подоцна се појавија многу ретки човечки гласови, но слаби, било затоа што ги задушуваа, било затоа што не го имаа посакуваниот тон (мислам, особено, на првата збирка на Пјер-Жан Жув): мене лично тие не ми беа од никаква помош. Зашто тогаш постоеше човек чија поетска генијалност во моите очи фрлаше сенка врз сите други, кој секој час стануваше мета: тоа беше Гијом Аполинер.

Гијом Аполинер, ете, изговорено е тоа големо име, и јас би сакал да ни кажете колкаво значење имаа тој поет и неговото дело тогаш во вашите очи?

Нашето пријателство, кое беше краткотрајно, но крајно постојано од моја страна, се воспостави преку писма. Прв пат пред мене лично се појави на својот болнички кревет, на 10 мај 1916, утредента по операцијата на черепот, како што ме потсетува посветата на мојот примерок од „Алкохол“. Од тогаш го гледав речиси секој ден, сè до неговата смрт.

Тој беше голема личност, каква што во секој случај од тогаш не видов. До душа, беше збунет. Олицетворение на лиризмот. Со себе ја влечеше придружбата на Орфеј.

Беше творец на „Песните на несаканиот љубовник“ и „Зона“, „Емигрантот од Ландор Роуд“ и „Свирачот од Сен-Мери“, беше поборник на песните-настани, то ест заробеник на она сфаќње кое бара од секоја нова песна да биде целосно претопување на средствата на својот творец, во својата авантура да излезе надвор од трасираните патеки, без оглед на претходните успеси. Каква одбрана од шаблоните поради која после него толку тешко ќе ни простуваат! И знаете дека беше способен да се придржува до тој облог…

О, секако, повеќе никој не се сомнева во тоа! И би било интересно да ни ја објасните поетската постапка на Аполинер, неговиот начин на работа…

Тој ја избра за девиза: „Опчинувам“ и јас и денес сметам дека тоа од негова страна беше преголем стремеж, бидејќи беше речиси единствен што имаше широко знаење во посебни области (митовите, сè што спаѓа во областа на големата необичност, како и сè што лежи во пеколот на библиотеката), а сепак беше сосема отворен кон иднината. Не задоволувајќи се со тоа да ги поддржува најсмелите уметнички потфати на своето време, чувствуваше потреба да се вклучи во нив, да го стави во нивна служба сето она знаење, сета жар… и сите подрачја со кои располагаше. Како што беше одушевен од личноста на Жари, чијшто возбудлив портрет го прикажува во „Сликовити современици“, како што умееше веднаш да ја препознае генијалноста на Анри Русо, тој еднаш засекогаш ја одреди постапката на еден Матис, еден Дерен, Пикасо, Кирико. Ја одреди со помош на инструментите за духовно одмерување, какви што веќе не се видени после Бодлер. Тој, кој беше толку пронижан од многу традиции, сметаше дека е чест да состави манифест на „футуристичката антитрадиција“. Додека Валери на тој план претставуваше задоцнет, па дури и непокорен елемент (впрочем, интересен како таков), Аполинер беше во првата борбена линија, со тоа што понекогаш преминуваше од онаа страна на декорот. Го сакав и како таков сè уште многу го ценам. Беше голем „јасновидец“. Повеќето од оние кои говорат за него со симпатија, па дури и со одушевување, остануваат пред неговите врати. Не сјаат уште многу светилки кои водат од „Волшебникот кој скапува“ до „Убиениот поет“, на патот на кој скриените мисли се вкрстуваат со претчувствата.

Како се однесуваше Аполинер во војната?

Многу брзо дознавме дека стапил во војска; оние негови пријатели кои можеа да останат во врска, ни ги пренесуваа неговите песни. Тука се чувствуваше истиот жар, но ништо не укажуваше на појасна свест за настаните. Сè се разрешуваше со одушевувањето кое секако беше искрено, но тогаш се надоврзуваше на одушевувањето по нарачка, и наспроти секогаш новиот израз на чувста, според моето мислење, сепак запаѓаше во конформизам. Најлошата реалност на тоа време овде беше скриена, најоправданите немири беа транспонирани во корист на една игра која себеси си дава слобода во „Калиграмите“, во вистинска смисла на зборот, додека духот тврдоглаво и крајно неразумно сака да си најде среќа во воениот „декор“. На страшниот факт каков што претставуваше војната, Аполинер реагираше со волја за нурнување во детството, за „реанимизам“ по секоја цена, кој ни оддалеку не беше очекуваниот талисман. Колку и да беа големи успесите кои ги доживеа на тој план – мислам на песните каква што е „Априлска ноќ 1915“ – сметам дека во неговата личност поезијата беше немоќна да го преброди искушението. Таа во моите очи се покажа како недоволна. Веројатно тоа ќе ме наведе да ѝ подарам големо внимание на една порака од сосема поинаква природа.

Веројатно сакате да зборувате за Ваше?

Да. Ако постои некое влијание кое сосема делуваше на мене, тоа е неговото.

Ставот на Ваше е многу коментиран, но вие прв го истакнавте значењето на неговото сведоштво. Што го правеше исклучително интересен во вашите очи?

Пред сè, тој пркосеше на сè. Пред ужасот на тоа време, на кој во мојата околина се спротивставија само молчењето и шепотот, единствено тој ми изгледаше како сосема здраво и нормално суштество, единствено кое би било способно да направи кристален оклоп кој ќе го заштити од секаква зараза… Се сретнавме – да, за тоа веќе се напишани многу редови – во една болница во Нант во која работев, а тој беше на лечење. Тоа нè враќа во првите месеци од 1916. Ме фрапираше како со одмереноста, така и со крајно немарниот тон на своите зборови. Многу лесно можеше да се претстави како внук на господинот Тест, да не гледаше така немарно на семејството како и на сè останато. „Грозотијата“ на она што се случуваше и, ако може да се каже така, на она што тогаш воопшто се мислеше, во него предизвикуваше исклучително расположение.

И денес мислам дека тој беше некој вид Дезесент од акција. Неговото „наспроти“ се остваруваше во услови на таков надзор, а сепак така внимателно, што од него прскаше некој вид одмазничка и придушена, да, сосема внатрешна смеа…

На тоа, зарем не, почиваше неговото ново сфаќање на хуморот, мислам дека дури рековте сфаќање „кое се врзува за иницијацијата“?

Тоа значи дека (х)уморот кој тој поради заморот – и под мој притисок – го дефинираше како „смисла за театрална (и невесела)“ бескорисност на сè, беше далеку од тоа да се повлече во контемплација, дури и во онаа најмрачната. Тој „(х)умор“ понекогаш почиваше дури и на ситни постапки направени на штета на оние кои Евреинот Лафкадио ги нарекува „тапири“. Наведов неколку примери за тоа кога ги средував своите сеќавања, при повторното објавување на „Писма од војната“ на Жак Ваше. Тука не беше исклучена онаа шега за која се вели дека е „многу невкусна“ (макар за да се раскрсти со самиот тој вкус). Во личноста на Ваше, принципот на потполно непотчинување, сосема потајно, го подриваше светот, сведувајќи го она што тогаш попримаше полна важност на смешни размери, обесветувајќи сè на својот пат. Дури ни уметноста не беше поштедена. „Ние не ја сакаме ни уметноста, ни уметниците“, обзнани Жак Ваше кој сметаше дека е едвај дозволено „да се создаде лично доживување со помош на блескав судир на ретки зборови“, или уште подобро, „да се оцртуваат јасни агли или квадрати на чувствата“. Неговиот став, во тој како и во секој друг поглед, за мене претставува најразвиен облик на дендизам…

Извинете што ве прекинувам, но помеѓу ставот на Ваше и Аполинер постои длабока спротивност: како можевте да ги усогласите?

Тие два животни стила секако беа длабоко спротивни и според мене никогаш не се соочија подобро отколку на оној 24 јуни 1917, на „премиерата“ на делото на Аполинер „Дојките на Тиресиј“. Имав можност да раскажам како Ваше, доаѓајќи од фронтот на отсуство, таму закажа состанок. Делото почна со задоцнување од речиси два часа во однос на планираното време. Само по себе доста слабо, беше уште и просечно одглумено, па гледачите, веќе изнервирани поради чекањето, го дочекаа првиот чин со врева. Засилената мешаница на одредено место во партерот набрзо ми беше разјаснета: штотуку влезе Жак Ваше, во униформа на англиски офицер: за да се вклучи веднаш во општото расположение, го извади пиштолот и изгледаше расположен да се послужи со него. Го смирив колку што можев и успеав да го наговорам да издржи, не без голема нервоза, до крајот на претставата. Никогаш до таа вечер ја немав одмерено длабочината на јазот кој ќе ја дели новата генерација од онаа која ѝ претходеше. Ваше, кого во таа прилика го разлути како доста евтиниот лирски тон на делото, така и кубистичкото повторување на декорот и костимите, Ваше во став на пркос пред публиката која е блазирана и расипана од таквите испади, во тој момент се појавува како откровител. Неколку години подоцна, три или четири, раскинувањето помеѓу овие два спротивставени начини на мислење ќе биде конечен.

Зарем военото искуство нема да го зголеми и влијанието на Рембо врз вас?

Да, на парадоксален начин, тоа време во Нант кога средбата со Жак Ваше повлекува со себе ревизија на повеќето мои претходни ставови, исто така е и време кога вистински го запознавам Рембо, кога најпосле го истражувам длабоко, внесуваќи ја во тоа сета страст. Треба да се има предвид дека во 1916 беше поминато само малку време откако беа подложени на расправа важни документи, како што се писмата до Делае од 1875, без кои недостасуваше едно суштинско одредиште: имено, тие го означуваат главниот пресврт во развојот на Рембо, конечното простување од поезијата и преминувањето на еден сосема друг облик на дејност. На улиците на Нант, сиот сум обеземен од Рембо: она што го видел тој на сосема друго место, се преплетува со она што јас го гледам, дури го заменува; во врска со тоа, од тогаш, никогаш повеќе не го доживеав тој вид „ненормална состојба“. Доста долгиот пат кој секое попладне го поминувам сам, пеш, од болницата во улицата Бокаж до убавиот парк Просе, ми дава можност за секакви бегства на местата од „Илуминации“: овде куќата на генералот од „детството“, таму „оној дрвен засводен мост“, малку понатаму некои многу необични свиоци кои Рембо ги опишува. Сето тоа понираше кон извесен свиок на реката која го обрабуваше паркот и се мешаше со „реката од отпадни води“. Не можам подобро да ги претставам тие работи. Сета моја потреба од знаење беше свртена кон Рембо, сосредоточена на него; мора сум им здосадил на Валери и Аполонер, сакајќи по секоја цена да ги натерам да ми зборуваат за него, а она што тие можеа да ми го кажат беше, како што може да се претпостави, страшно далеку од она што го очекував. Само по себе се разбира дека Ваше кон Рембо манифестираше најголема нетрпеливост, но тука неговата моќ над мене престана да дејствува. Бев како маѓепсан… Она што можеше да ме потресе нешто подоцна, е преместувањето кое за многу кратко време ме направи асистент на доктор Раул Лероа во психијатрискиот центар на Втората армија, во Сен-Дизие. Во тој центар се упатувани оние кои беа евакуирани од фронтот поради душевни пореметувања (меѓу кои имаше многу случаи на акутно лудило), како и разни престапници против кои Воениот совет покренал обвиненија и за кои се бараше судско-медицински извештај. Мојот престој на тоа место и будното внимание кое му го подарував на она што се случуваше таму, имаа големо значење во мојот живот и без сомнеж одлучувачко влијание на развојот на мојата мисла. Таму – иако тоа тогаш никако не беше обичај – можев да вршам експериментални психоаналитички истражувања врз пациентите, тоа пред сè беше бележење на соништата и неконтролираните мисловни асоцијации, со цел нивно толкување. Веќе може попатно да се забележи дека тие соништа, таквиот вид асоцијации, во почетокот го претставуваа речиси целиот надреалистички материјал. Само ќе се прошират целите заради кои е потребно да се собираат тие соништа, тие асоцијации; толкување, да, секогаш, но пред сè ослободување од принудите – логички, морални и други – со цел повторно стекнување на вродените моќи на духот… Судско-медицинските извештаи, убави состави од школски тип, тие извештаи од чиишто заклучоци зависеа сите животни перспективи на еден човек, во мене разбудија крајно критичко чувство кон поимот одговорост. Најпосле – што е без сомнение посубјкективно – помеѓу тие ѕидови, сретнав една личност која никогаш не се избриша од моето сеќавање. Станува збор за млад, образован човек, кој се прославил на првата линија, на грижа на своите претпоставени, со смелост која одела до врв: исправен на бедемот, среде бомбардирање, го вперувал прстот во гранатите кои пролетувале. Неговото оправдување пред лекарите беше сосема едноставно: спротивно на секоја веројатност, и иако од негова страна оваа мајсторија не беше нова, никогаш не бил ранет. Но, во коренот на таа храброст се криеја изрично иноверни убедувања: таканаречената војна беше само привидение, божемните гранати не можеа да нанесат никакво зло, привидните рани потекнуваат од шминка, а впрочем, за да се спречи заразата, не беше дозволено, заради јасна слики, да се размотуваат завоите. Исто така тврдеше декаттруповите собрани по амфитеатрите беа донесени преку ноќ и распоредени по лажните боишта итн. Секако, испитувачите правеа сè за да го наведат тој човек да изјави дека високата цена на таквата глетка може да има за цел само да го искуши лично него, но тој, ми се чинеше, малку држеше до тоа. Неговата аргументација – една од најбогатите – и невозможноста да се натера да попушти, врз мене остави силен впечаток. Потоа често размислував за крајната точка која тој ја претставуваше на линијата што ги поврзува умувањата на еден идеалист, како што е Фихте, со некои основни сомнежи на Паскал. Извесно е дека за мене оттаму потекнува одредено искушение кое неколку години подоцна ќе се манифестира во мојот „Увод во расправа за недоволноста на стварноста“.

Преминувањето во Сен-Дизие кај вас, значи, остави длабока трага. Можете ли да одредите колку тој период влијаеше врз вашата иднина?

Од преминувањето во центарот во Сен-Дизие, ја сочував живата љубопитност и големата почит за она што прилега да го наречеме заблуденост на човечкиот дух. Можеби научив и да се чувам од тие заблуди, имајќи ги предвид недозволивите животни услови кои тие ги бараат.

Па, сега се приближуваме до 1918 година, кога војната ќе заврши. Дали на поетски план има знаци на опуштање, обновување?

Париз се враќа во живот. Во среда, околу шест часот на терасата на Кафе де Флор, Аполинер, секогаш затегнат во својата небесносина униформа, – со немирни очи до кожениот превез кој ја штити неговата слепоочница – оди од маса до маса, поздравувајќи ги пријателите, собрани во сосема одвоени групи, ако не и отворено непријателски расположени едни кон други. Веќе има една година откако почна да излегува малото но историски значајно списание Nord-Sud, кое иако уште свртено кон кубистичката естетика (во него соработуваат Аполинер, Макс Жакоб, Брак), ги прима и младите (тогаш тоа бевме Супо, Јас, Цара, Арагон и јас), а особено, со потписот на својот уредник Пјер Реверди, истакнува, во поглед на поетското творештво, некои трајни принципи и насоки. Но, допрва требаше да дојде до големи загуби: неколку месеци подоцна ќе исчезнат Аполинер и Ваше: како последица на тоа исчезнување, како и на сето она што на чувствен план тоа значи за некои од нас, ќе се наметне извесна реорганизација.

Значи, третата емисија ќе ја посветиме на новите барања кои ви се наметнуваат.

(продолжува)

Превод: Иван Шопов

(Извор: Окно.мк)

565 total views, 2 views today