За надреализмот: Разговори на Андре Парино со Андре Бретон – 1 дел

24.9.breton

Разговорите на Андре Бретон со Андре Парино се одвивале на едно француско радио во периодот март-јуни 1952 година. Во разговорите Бретон зборува за своето дело и за надреализмот, за настани кои го опфаќаат периодот од 1913 до 1952 година. Реализирани се вкупно шеснаесет емисии, а на секоја ѝ претходи по еден поетски или прозен текст кој одговара на евоцираниот период.

На Пол Валери

Насмеана и можеби прелесно овенчана
Со младост што фаун би ја обвил за час
Една нимфа на карпата душа што плени (а јас
се сепнав леко на работ од синевина)

На чунот златен од сништата силни
— Од каде в живот црпиш верба и надеж? —
Во очи отсјај ќе има проследен со растеж
Под етерот свеж, во светлините мирни…

— Но повеќе од рај, кај што мами рака тажна,
Отколку од неа опојна обвиена во белина
Што стварноста сѐ уште не ја покорила;

Галеж на мугра, чувство ко од статуа целина,
Будеж, исповед смела и скрушеност лажна,
Невиност чесна на молитва премолчена.

(Од Заложилница, 1919. Препев: Владимир Мартиновски)

I

-Пред 1914. – Последните ѕвезди на симболизмот. – Влијанието на Пол Валери.

АНДРЕ ПАРИНО: Андре Бретон, во кој момент кај вас се манифестираа почетоците на новиот сензибилитет кој го најавуваше надреализмот? После кои настани?

АНДРЕ БРЕТОН: Па… знаете, доста е тешко да се вратите на почетоците на сопствениот сензибилитет. Јасно гледаме што сме станале, кои настани оставиле трага, но она што секогаш се измолкнува, што останува помалку или повеќе скриено, тоа е она што можело да ги катализира тие настани, она „нешто“ поради кое духовниот живот тргнал по овој или оној тек. Како што предупредуваа некои окултисти, потребна е светлината или огнот за изведување на некои хемиски постапки, па сепак, формулата која ги објаснува тие постапки не зборува за тој оган, за таа светлина без која ништо не би се случило. Тоа е секако недостаток. Мислам дека е исто и во поглед на сензибилитетот.

Без никаков сомнеж. Но, што ве направи приемчив за новите бранови; што всушност ве наведе, прво да пишувате, а потоа да се определите за надреализмот?

Можеби тоа би можела да го објасни само психоанализата која би навлегла далеку во моето детство. За да ви одговорам, морам да се набљудувам себеси многу подоцна, да речеме, по излегувањето од младешката доба, то ест во време кога веќе спознав некои од своите склоности и отпори кои ми се својствени. Тој миг може да се постави во 1913 година.

Во 1913 сте имале седумнаесет години. Мислам дека тогаш сте оделе на предавања по физика, хемија и природни науки, кои ве упатувале на лекарската професија?

Да, но треба да се признае дека тоа е само алиби. Всушност, она што го барав беше на друго место. Моето физичко присуство во тие амфитеатарски клупи или на тие лабораториски маси никако не го подазбира истото духовно присуство. Па сепак, демонот кој тогаш ме опседнува никако не е „книжевен“ демон: не горам од желба да пишувам, да си создадам, како што велат, „име во книжевноста“. Во тие години јас сум предмет на некој неодреден живот, чувствувам, меѓу тие ѕидови, нејасен копнеж кон сè што се случува надвор, таму каде што поради текот на околностите не се наоѓам, со силна скриена мисла дека таму, по улиците, треба да се одигра она што вистински се однесува на мене, она што се однесува само на мене, она што е длабоко поврзано со мојата судбина. Не е баш лесно да се објасни тоа.

Сепак, да се задржиме на тоа. Доколку повеќе што, како што ми се чини, таа склоност е својствена на одреден начин на чувствување и дејствување кој не е само ваш, а кој подоцна ќе се зацврсти во надреализмот, таквиот интелектуален став има одредена, ќе се осмелам да кажам, историска вредност…

Во 1913 година од Рембо знам само неколку антологиски песни. Уште не знам за неговата славна формула за неприфаќање: „Раката со перо вреди колку и раката со плуг. Каков е тоа век на раката! Јас никогаш нема да имам своја рака.“ Сепак, не чувствувам ништо помала одвратност кон секоја „кариера“ вклучувајќи ја и кариерата на професионален писател. „Ужаснување пред сите занимања“, истакнува Рембо.

Кон што имате милост во тоа време?

Кон она сосема исклучително што може да биде создадено во поезијата и уметноста (една година претходно, Маларме, Уисманс, Гистав Моро). Не можете да замислите колку ми беше важно да им се приближам на оние луѓе кои тогаш ја продолжуваа таа традиција. Првиот кој го запознав беше Жан Роајер. „Мојата поезија“, велеше тој, „е затворена како крин“, и навистина, таа величенствена херметична поезија сè уште одекнува во мене. Жан Роајер тогаш го уредуваше прекрасното списание La Phalange, кое ги објави моите први стихови, пред сè мојот сонет посветен на Пол Валери и текстот во чест на Франсис Виеле-Грифен.

Вашите изјави се дотолку поинтерсни што надреализмот, како што е познато, не бил нежен кон симболизмот, а вие самите го запаливте она што некогаш го обожававте!

Не сосема. Мислам дека во тоа време книжевната свест ни оддалеку не беше падната толку ниско како денес. Постоеја во најмала рака посебни подрачја во кои, може да се рече, недвосмислено се негуваше култот на изразување. Тогашното списание Vers et prose, чиј уредник беше Пол Фор, можеше со право да го носи натписот: „Во одбрана и слава на возвишената книжевност и лиризмот во прозата и поезијата“. Широката публика, секако, не беше вклучена, но важно е дека ветувањето беше одржано.

Денешната критика е многу неправедна кон симболизмот. Ми велите дека надреализмот не си поставил задача да го фали: историски беше неизбежно да му се спротивстави, но критиката не мораше да го следи. Таа требаше да го пронајде, да го стави на вистинското место преносниот појас.

Што беше за пример кај оние поети, оние писатели кои тогаш ја достигнуваа старосната зрелост, и од оние од кои повеќето веќе се беа сретнале некои дваесет и пет години подоцна, на средбите во вторниците кај Маларме, мислам, во малиот салон во Римската улица?

Од дистанца, ми се чини дека тоа беше држењето. Уште еднаш, тие не ставаа ништо над квалитетот, отменоста на изразувањето. До душа, убавината која ја славеа веќе не е онаа нашата, и, уште во времето во кое се враќам, почнуваше да остава впечаток на жена со превез која се губи во далечината. Сепак, благодарение на нив, многу суштински вредности се зачувани од секаква дамка. Тоа би морало да биде доволно за да им симнуваме капа и денес (но повеќе не ја носиме…).

Треба да се признае дека тоа време беше многу помалку жестоко од периодот кој ќе уследи. Но една нова генерација веќе ги потиснуваше симболистите, бидејќи кубистите и футуристите гласно се обзнанија во текот на претходните четири години и откако во 1913 се појави едно многу значајно дело, како што е „Алкохоли“ на Гијом Аполинер. Дали тоа кај вас веќе предизвикуваше „тревога“?

Сосема слабо. Во темницата која околу нив стануваше сè погуста, и понатаму ги почитував, зборот не е пресилен, тие големи сведоци на едно изминато време, кои и понатаму не правеа никакви отстапки и кои без горчина гледаа на безначајното место кое им го даваше официјалната критика. Може навистина да се рече дека тие беа над тоа. Што се однесува до мене, бескрајно се одушевував на некои нивни песни или некои нивни страници, и ако се случуваше да молчат повеќе години, нивното молчење, како да кажам, за мене ја имаше истата вредност како и нивниот лгас. Добро е да се каже денес, кога младината нема милост кон постарите, постојано се чувствува повикана да оди понатаму, „да се вмеша“ во секоја прилика, под изговор дека некои од постарите многу се мешале, додека е очигледно дека попрво таа – младината – би требало да се вмеша.

Можеби затоа што веќе не знаеме многу за доблеста како што е молчаливоста која вам ви била толку драгоцена.

Можеби. Мене ми се чинеше дека ми дадоа непроценлив подарок оние чиишто гласови ме возбудија, засекогаш ме пронижаа. Она што ги направи еднаш засекогаш достоинствени во моите очи, е тоа што беа дури и единствените кои ми дадоа подарок – не познавајќи ме, и тоа во свет кој веќе ми изгледаше необично осиромашен. Ако сакав нешто друго од нивна страна, тоа можеше да биде најмногу некој знак на живот, кој би бил упатен лично до мене во облик на одговор на некое писмо или прифаќање на бараниот состанок. Одредени денови ништо не ми беше толку важно како тоа да го добијам едното или другото од еден Виеле-Грифен, Рене Гил, еден Сен-Пол Ру, еден Валери; тоа беше како тие заради мене да се откажуваа од еден дел од својата тајна: таа поради тоа не беше намалена, напротив. Веќе одамна не се пишвуаат писма со тонот на нивните писма, а дури и кога би биле во искушение да го направиме тоа, би се воздржале. Тука се вовлече некаков срам: да се внесе трошка вечност, да се покаже и најмало тежнеење кон збиен израз, денес би изгледало исто толку неумесно како по телефон.

NPG x132973; AndrÈ Breton by Ida Kar

Што ве наведе да воспоставите врска токму со тие поети, а не со некои други кај кои постеше иста тенденција?

Од моја страна тоа беше навистина слободен избор. Виеле-Грифен, денес неправедно заборавен, во симболистичките и постсимболистичките кругови е сметан за водач. За мене беше оној кој посвети една збирка на „Убавото изразување во Франција“. Неговиот стих е најведар, најтечен стих на тоа време. Големата фреска како што е Le Chevanchée d’Yeldis ја презема и обновува темата од „Песната на морските авантуристи“ на Виктор Иго, свртувајќи ја кон внатрениот свет (бев многу изненаден кога, при првата посета на Виеле-Грифен во неговиот раскошен стан на кејот во Паси, ја отркив бистата на Виктор Иго на работната маса). Збирката од дваесет и три песи каква што е „La Partenza“, со која ѝ се вели збогум на убавата страна на животот, е ремек-дело на заносни изливи, а во исто време и на мерка. А потоа? Од оние два-тројца големи автори од 1885, Виеле-Грифен беше оној кој остана далеку од почестите, настрана од вревата. Во него гледав противсредство за еден Анри де Ренје.

А Рене Гил?

Го сакав на начин кој би го означил како најсубверзивен, но и највоздржан. Неговите дела со толку чудни наслови, „Dire des sangs“, „Dire de mieu“ итн. во кои при читањето со поглед толку тешко се насетува дури и најфрагментарна смисла (а тоа е можби и подобро, со оглед на некои псевдонаучни преокупации на авторот), ме вовлекуваа во некој вид вербална темнина, прошарана со ретки искри, која ми пречеше и во исто време ме привлекуваше. Ако зборовите „таинствен“, „нејасен“, можеа да бидат добро применети на некој јазик, тоа е секако неговиот. Па сепак, кога би ги слушнале песните на Гил во некоја сала (за време на некое од оние „поетски матинеа“ какви што имаше тогаш), нивната музичка сила би надвладеала сè. Гил тогаш беше, можеби со Сен Пол Ру, кого дури подоцна го запознав, најкритикуваниот поет на симболизмот. Додека критиката за него секогаш имаше само сарказми и навреди, јас го сметав за многу возбудливо тоа што и покрај сè ја зачува, како што велеше, „волјата“ за „тешка“ и света уметност.

Таа 1913 година отприлика го означува крајот на една линија, линијата на сенката која пирамидата на XIX век може да ја фрли на пирамидата од XX век, која допрва почнува да се гради. Навистина, ќе доживееме убави нешта уште наредната година! Но, до таму, полето на истражување изгледа слободно (четириесет и две години мир, релативна благосостојба, заблуда за напредокот која опстојува).

Меѓутоа, на интелектуален план, подоцнежните сведоштва ќе се обидат да докажат дека сè е збркано…

Би сакале да знаеме дали на тој премин од еден век во друг, според вашето мислење, постоеше барем еден човек кој би можел да ја зацврсти врската?

Да, секако, се вика Пол Валери и беше единствениот во својот вид. За мене долго време претставуваше голема загатка. Го знаев речиси напамет неговото „Вечер со Господинот Тест“ кое се појави во 1896, т.е. во годината во која се родив, во списанието Le centaure, на кое беше еден од основачите.

Постојано го кревав до небо тоа дело, така што во некои мигови ми се чинеше дека ликот на господинот Тест излегува од својата рамка – новелите на Велери – за да дојде да ги повторува пред мене своите остри напади. Таа личност и денес во секоја прилика ја слушам како „мрчи“ како никој друг, нејзе секогаш ѝ давам за право. За мене, Валери тука го достигна врвниот израз: суштеството кое тој го создаде (барем така претпоставувам) навистина се придвижи, ми појде во пресрет.

Дали бевте толку чувствителен и кон неговите постари песни?

Во секој случај, на друг начин. Но веројатно тие на мојот дух му ја поставија замката на истите елипси. Бидејќи беа расеани по разни списанија, беше тешко да се соберат. Но, кога и да ми дојдеше во раце некоја од нив, не успевав да ја исцрпам нејзината таинственост или нејасност. Стануваше збор за извесна многу опасна склоност кон мечтаење, инаку често еротично. Мислам на песната каква што е „Ана“, кога прв пат ја прочитав, па дури и подоцна:

Ана што се меша со бледиот чаршаф и ја остава
Заспаната коса на своите склопени очи
Ги огледува своите далечни раце млитаво свртени
На безбојната кожа на откриениот стомак…

Нема никаков сомнеж дека преку дружењето со Валери стекнав, во духовна смисла, извесна склоност кон соблазнивото.

Според вас, неговиот долготраен молк уште повеќе придонесувал за неговата привлечност?

Тоа е она што во моите очи го направи, од далечина, најфасцинантен… Откако се покажа во таква величина, изгледаше дека најпосле се простил од книжевниот живот. Веќе петнаесет години немаше објавено ништо. Се зборуваше дека целиот се предал на невообичаени истражувања, во кои математиката веројатно имаше голем удел. За мене беше многу примамливо – и на многу пријатен начин залудувачко – да ги насетувам како-така поаѓајќи од барањата на Господин Тест. Мислев дека кај Валери Господинот Тест засекогаш го потиснал поетот, па дури и „љубителот на песни“, како што некогаш радо се одредуваше себеси. Во моите очи, тој со тоа стекна углед каков што можеше да има митот кој се создаваше околу Рембо – мит за човек кој еден убав ден му го свртува грбот на своето дело како тоа, по достигнувањето на одредени врвови, на некој начин да го отфрла својот творец. Таквото однесување од негова страна на тие врвови им дава обележје на нешто што не може да се надмине, нешто по малку вртоглаво, и, повторувам, им дава фасцинантна моќ. Авантурата во Харар (прашањето кое таа го поставува) во голема мера придонесе, и придонесува и понатаму, за страствениот интерес кој го негуваме кон Рембо. Според мене, Валери тогаш се оцртуваше во истата таа светлина, како што во неа подоцна се исцрта Марсел Дишан, и само тој.

Можете ли да го повикате сеќавањето и да ги оживеете своите средби со Пол Валери?

Се сеќавам кога прв пат дојдов кај него, во улицата Вилжист бр. 40, не насетувајќи дека таа еден ден ќе го промени името и ќе го добие неговото. Собите беа претрупани со убави импресионистички слики кои ги покриваа огледалата. Тој човек ме прими најљубезно – тој и никој друг – на чијшто лик, качувајќи се по скалите, не можев да се сетам, и кој ме набљудуваше со своите прекрасни сини очи, проѕирни како морето кое се повлекло, под остриот капак. Се сеќавам дека веднаш многу ме збуни, фалејќи ја среќата која сум ја имал тогаш да живеам во Пантен кој за него се сведуваше на производство на мириси за париските улици: велеше дека ми завидува што се движам „меѓу здолништата на кокошките“. Можеби го сочувал оној уисмановски духовен склоп, но фетишизмот во голема мера беше во неговиот стил. Подоцна доста го фалеа шармот и исклучителната речитост која ја покажуваше во разговорот. Она што можеби беше најинтересно е „длабоко разорувачкиот – дури нихилистички“ дух кој во таа прилика се насетуваше и кој сосема оправдано му оставил силен впечаток на Т.С. Елиот.

Веројатно тоа е она што му го создаде мостот кон надреализмот, мост кој околу 1921 ќе стане несигурен, а неколку години подоцна и ќе се урне?

Точно, но сепак останува тоа дека многу научив од Валери. Со години со неуморна стрпливост одговараше на сите мои прашања. Ме направи – го вложи целиот можен труд за да ме направи – построг кон себе. Нему сум му должен за трајниот интерес за некои возвишени дисциплини. Инаку, умееше да ја остави сета можна слобода, под услов да не бидат изневерени некои основни барања. Ми велеше: „Јас никако не сум човек кој ги наметнува своите идеи. Прозелитизмот ми е сосема спротивен. Секој го гледа она што го гледа…“

…Па сепак, митот за кој зборував мораше да биде најсилен. Ништо не одолеа на незадоволството, разочарувањето, кога одненадеж почна да постапува спротивно на својот став, да објавува нови стихови, да ги дотерува постарите (впрочем, невешто), да се обидува – но залудно – да го оживее Господин Тест. Нема да зборувам за таа спектакуларна фаза во неговиот развој. Го избрав денот кога влезе во Француската академија да се ослободам од неговите писма, по кои копнееше еден книжар. До душа, бев толку слаб што ги сочував нивните копии, но долго време оригиналот ми беше важен како зеницата од окото.

Поминаа години. Претпоставувам дека дојде до многу вкрстувања…

Да, симболистичкото светилиште се урна до крај. Другите минувачи, помалку или повеќе значајни, помалку или повеќе познати, имаа време да се појават, па некои од нив, дури и не оние најмалите, и да исчезнат.

Сè на сè, тие ја носеа пораката на еден сосема поинаков поредок кој бараше веднаш да биде испитан и по својата природа беше насочен напред, а не повеќе назад. Кубизмот и футуризмот претставуваа значајни блескави појави. Војната беше сосема поинаква експлозија. Опфаќајќи го (како што тој сакаше) периодот кој ги поврзува, за мене во прв ред стои ликот на поетот Гијом Аполинер!

Па добро, ако сакате, ќе ја посветиме нашата втора емисија на околностите кои ќе ве откријат самиот на себе, во периодот од 1914 до 1919.

Превод: Иван Шопов

(Текстот е преземен од okno.mk)

622 total views, 2 views today