ЗА РЕФЕРИРАЊЕТО (3 – 5) – Питер Фредерик Стросон

Да ја разгледаме уште еднаш реченицата „Кралот на Франција е мудар“ како и вистинитите и лажните нешта кои Расел ги кажува за неа.

Расел за оваа реченица кажува барем две вистинити нешта:

1)      Реченицата е смислена, односно секој кој би ја изрекол, би изрекол вистинита реченица.

2)      Втората е дека секој оној кој би ја изрекол реченицата би направил вистинито тврдење само ако постои еден и само еден сегашен крал на Франција и ако тој е мудар.

stroson

Кои се лажните нешта кои Расел ги кажува во врска со реченицата? Тие се:

1)      Дека секој кој би ја изрекол со самото тоа би направил или вистинито или лажно тврдење.

2)      Дека дел од она што се тврди би било дека во сегашноста постои еден и само еден крал на Франција.

Веќе наведов некои причини поради кои овие два става се неточни. Замислете дека некој навистина и сосема сериозно ви вели: „Кралот на Франција е мудар“. Ќе одговорите „Тоа не е точно“? Сметам дека прилично  е извесно дека нема. Ама еве, да речеме дека тој се запнал да ве прашува што мислите, дали она кое штотуку го кажал е вистинито или лажно односно дали се согласувате или не со кажаното. Мислам дека, со извесно колебање, ќе бидете склони да кажете дека ниту едното ниту другото, дека прашањето дали тој став е вистинит или лажен воопшто не се јавува бидејќи не постои личност која е крал на Франција.[1] Би можеле, ако изгледа сериозен (со оној матен јас – не – сум – оттука израз) да му одговорите отприлика вака: „Се плашам дека има некакво недоразбирање. Франција не е монархија“. И тука се гледа дека кога некој сериозно ја изрекува оваа реченица, тоа изрекување во одредена смисла е доказ дека тој верува дека има крал на Франција. Е сега, тоа не е доказ за неговото верување во иста смисла како кога нечие облекување на мантил за дожд се смета за доказ за неговото верување дека врне. Не е ниту доказ за неговото верување во иста смисла како кога нечие велење  „врне“ е доказ за неговото верување дека врне. Тоа може да го разјасниме на следниов начин. Да се каже „Кралот на Франција е мудар“ значи, во извесна смисла на зборот „имплицира“, да се имплицира дека постои крал на Франција. Но, ова е посебна и невообичаена смисла на „имплицира“. „Имплицира“ во оваа смисла секако не е еквивалентно со „следува“ или „логички следува“. А ова произлегува од фактот дека кога како одговор на тоа тврдење ќе кажеме (како што и треба да кажеме) „Не постои крал на Франција“ ние секако не сметаме дека тоа е контрадикторно со ставот дека кралот  на Франција е мудар. Ние секако не тврдиме дека тој е лажен, туку наведуваме разлог да тврдиме дека прашањето дали е вистинит или лажен просто воопшто не се поставува.

Баш тука ни е од помош дистинкцијата која ја повлеков претходно. Реченицата „Кралот на Франција е мудар“ секако е смислена, но тоа не значи дека било која нејзина поединечна употреба е вистинита или лажна. Ние ја употребуваме вистинито или лажно кога ја употребуваме да зборуваме за некого, кога употребувајќи го изразот „кралот на Франција“ ние навистина спомнуваме некого. Фактот дека реченицата и изразот, соодветно, се смислени е просто фактот дека во определена ситуација реченицата може да биде употребена да каже нешто вистинито или лажно, а изразот во определена ситуација може да биде употребен да спомене определена личност, а да се знае нивното значење е да се знae кои се тие ситуации. Tака, кога ја искажуваме реченицата без било кого да спомнеме со фразата „кралот на Франција“, реченицата не ни успева да има вистинитосна вредност, ние едноставно не успеваме да кажеме било што вистинито или лажно бидејќи просто не успеваме да споменеме никого со поединечната употреба на оваа совршено смислена фраза. Тоа е, ако баш сакате, прелажна употреба на реченицата и прелажна употреба на изразот, иако по грешка може да ја сметаме за правилна.

А ваквите прелажни употреби се доста познати. Софистицираната проза, софистицираната фикција[2]се темелат врз нив. Ако почнам со „Кралот на Франција е мудар“ и продолжам „живее во златен дворец и има сто жени“ итн., слушачот совршено добро би ме разбрал без да претпостави било дека зборувам за конкретна личност или дека правам лажно тврдење според тоа што онака како што кажуваат моите зборови се добива впечаток дека таков човек егзистира. (Вреди да се напомене дека во речениците и изразите кои се отворено фиктивни, смислата на зборот „за“ може да се промени. Како што вели Мур, совршено е природно и исправно да се каже дека некои од изразите во Посмртните записи од Пикок клубот се за г-н Пикок. Но, онаму каде што употребата на речениците и изразите не е отворено фиктивна, оваа употреба на „за“ не изгледа толку правилна, т.е. општо земено не е правилно да се каже дека едно тврдење е за г-н Тој – и – тој освен ако навистина не постои таков човек или нешто. Значи, во случаите кога има опасност прозата да се сфати сериозно на прашањето „За кого зборува тој?“ можеме да одговориме со „За никого“ но, велејќи го ова, ние не велиме и дека тој е лажен или бессмислен).

kral na francija

Со исклучок на отворено фиктивните употреби, да се употреби израз како „кралот на Франција“  на почеток од реченица, во определена смисла на „имплицира“, имплицира дека егзистира крал на Франција. Кога некој човек употребува таква реченица, ниту тој изрекува, ниту она што го кажува логички повлекува уникатно егзистенцијален исказ. А една од конвенционалните функции на определениот член е да служи како сигнал  дека се направила уникатна референција – сигнал, а не маскирано тврдење.  Кога некоја реченица ја започнуваме со „x – от, та, то, те,та“, тоа „ – от, та, то, те, та“ покажува, но не тврди, дека ние реферираме, или имаме намера да реферираме, на одредена поединечна индивидуа од видот „x“. Која конкретна индивидуа ќе определат контекстот, времето, местото или било кои други околности во ситуацијата во која се изрекува. Сега, секогаш кога човек ќе употреби било каков израз, претпоставка е дека тој мисли дека го употребува правилно;така, кога ќе го употреби изразот со „х –от,та,то,те,та“ на уникатно реферирачки начин, претпоставка е дека тој мисли и дека постои некоја единка од тој вид и дека контекстот во кој се употребува доволно ќе определи која единка ја има на ум. Да се употреби членот „-от, та, то, те, та“ на овој начин значи да се имплицира (во вистинското значење на зборот) дека егзистенцијалните услови опишани од страна на Расел се исполнети. Но, да се употреби членот на тој начин не значи да се тврди дека тие услови се исполнети. Ако почнам реченица со израз од типот „х –от, та, то, те, та“ и потоа сум спречен да кажам било што друго, јас не сум направил никакво тврдење, но би можел да успеам да споменам некого или нешто.

Уникатно реферирачкото тврдење кое според Расел е дел од било кое тврдење во кое има уникатно реферирачка употреба на израз од типот „х –от, та, то, те, та“  е составено, според него, од две тврдења. Да се каже дека постои φ значи да се каже нешто компатибилно со тврдењето дека има повеќе φ- ови. Да се каже дека не постојат повеќе од едно φ значи да се каже нешто компатибилно со тврдењето дека нема ниедно. Да се каже дека има едно и само едно φ значи да се комбинираат тие две тврдења. До сега претежно се занимавав со наведените тврдења за егзистенција а помалку со наведените тврдења за уникатност. Еден пример кој ги подвлекува вториве ќе послужи појасно да се одреди смислата на „имплицира“ според која уникатно егзистенцијално тврдење е имплицирано, но логички не следува од употребата на изрази на уникатно реферирачки начин. Да ја разгледаме реченицата „Масата е покриена со книги“. Јасно е дека при нормална употреба на оваа реченица, изразот „масата“ ќе биде употребен за да се направи уникатна референција т.е. да реферира на една маса. Тоа е строга употреба на определениот член, во смислата во која Расел зборува за тоа на  30 страна од Principia Mathematica, за употребата на членот „строго, при што имплицира уникатност“. На истата страна Расел вели дека фразата со форма „х-от,та,то,те,та“, строго земено, „може да се аплицира само во случај кога има само еден х и ниту еден повеќе“. Сега станува очигледно лажно дека фразата „таблата“ во реченицата „таблата е покриена со книги“  кога се употребува нормално  ќе може да се аплицира „само во случај да има една маса и не повеќе“. Тавтолошки е вистинито дека при ваква употреба фразата може да се аплицира само во случај да има една маса и не повеќе од една и дека може да се разбере само кога се аплицира во случај да има една  и не повеќе од една маса за која е разбрано дека фразата е употребена да реферира на неа. Да се употреби оваа реченица не значи да се тврди, туку (во посебната смисла на зборот за која дискутиравме) да се имплицира дека има само едно нешто кое е од посочениот вид (т.е. маса) и на кое се реферира од страна на говорникот. Очигледно, не значи да се тврди ова. Да се реферира не значи да се каже дека се реферира. Да се каже дека постои маса или било што друго на кое реферираш не е исто како и реферирањето на поединечна маса. Немаме потреба од фрази како „индивидуата на која реферирам“ освен ако во ситуацијата навистина има потреба да реферира на нешто баш на овој начин. (Нема смисла да кажеш дека нешто си покажал без да има нешто налик на покажување). Така, уште еднаш подвлекувам дека реферирањето или покажувањето на определено нешто не може да се раствори во било каков вид на тврдење. Реферирањето не е тврдење, иако реферираме со цел нешто да тврдиме.

Дозволете да земам за пример за уникатно реферирачка употреба еден израз кој ја нема формата „х –от, та, то, те, тa“. Да речеме дека внимателно сум ги склопил дланките и им ги покажувам на некого, велејќи „Ова е една фина црвена“. Тој ми гледа во дланките и не гледа ништо, па би рекол „Што е? За што зборуваш?“ или можеби „Но ти немаш ништо во дланките“. Секако дека е апсурдно да се мисли дека со тоа што вели „Немаш ништо во дланките“ тој го побива или кажува нешто контрадикторно на она што сум го кажал. Така, „ова“ не е маскирана дескрипција во раселова смисла. Ниту пак е логичко лично име. Некој мора да знае што значи една реченица за да може на соодветен начин да реагира на нејзината употреба. Тоа е баш заради тоа што значењето на зборчето „ова“ е независно од било која поединечна референција за која се употребува, иако не е независно од начинот на кој може да се употреби да реферира, како кога, на пример, го употребувам за да се преправам дека реферирам на нешто.

rasel

Генералната поука од сето ова е дека комуникацијата многу помалку зависи од експлицитни или преправени искази отколку што си мислат логичарите. Посебната примена на оваа генерална поука за која сум особено заинтересиран е примената кај уникатната референција. Дел од значењето на изразите од видот за кој досега дискутиравме е дека тие можат да се употребат во безброј различни контексти за правење уникатна референција. Не е дел од нивното значење да тврдат дека така се користат или дека се исполнети условите на нивната таква и таква употреба. Така, клучната дистинкција која треба да се направи е онаа меѓу:

1)      Употреба на израз за да се направи уникатна референција и

2)      Тврдење дека има една и само една индивидуа која има определени карактеристики (што ќе рече е од определен вид, или се наоѓа во определена релација со говорникот или обете)

А тоа е, со други зборови, дистинкцијата меѓу:

1)      Реченици кои содржат изрази употребени за да покажат или споменат или реферираат поединечна личност или предмет и

2)      Уникатно егзистенцијални реченици

Она што го прави Расел е прогресивно да асимилира сѐ повеќе и повеќе  реченици од класата 1) во реченици од класата 2) и консеквентно на тоа да се вовлекува во несовладливи логички тешкотии како и тешкотии околу вредностите на индивидуалните варијабли воопшто; тие тешкотии конечно го доведоа до онаа логички несреќна теорија за имињата развиена во Истражувањата и во Човечкото познание. Тоа гледиште за значењето на изразите – логички субјекти кое претставува основа за Теоријата за дескрипциите во исто време му овозможува на Расел да пронајде задоволителна замена за тие изрази на кои,  почнувајќи со именските фрази, постепено им го одзема статусот на логички субјекти. Не е баш толку просто, како што понекогаш се смета, дека маката е во  фасцинираноста со односот меѓу името и неговиот носител. Ниту имињата не се вклопуваат во тој невозможен збир на услови. Маката во многу поголема мера ќе да е во комбинацијата од две порадикални грешки:прво, неувидувањето на важноста на дистинкцијата (во вториот дел од статијава) меѓу изразот и употребата на изразот; второ, неможноста да се препознае уникатно реферирачката употреба на изразите меѓу различните но сепак комплементарни, предикативна и атрибутивна употреба. Изразите кои всушност можат да бидат логички субјекти се оние од листата која ја наведов на почетокот (показни заменки, именски фрази, лични имиња, заменки), а тоа значи дека овие изрази, заедно со контекстите (во најширока смисла на зборот) се она што се употребува за да се изврши уникатна референција. Улогата на конвенциите кои раководат со употребата на овие искази е и да обезбеди  уникатност на референцијата во ситуацијата во која се употребуваат. А за да се стори тоа, што е доста – доста е. Додека реферираме, ние ниту постигнуваме, ниту можеме да постигнеме целосна експлицитност во која реферирачката функција не се ни изведува. Секоја извршена уникатна референција се состои од поединечна упореба во определен контекст, а значењето на употребениот израз е збирот од правила или конвенции кои овозможуваат таква референција да се изврши. Оттука ние можеме . користејќи смислени изрази, да се преправаме дека реферираме, при преправањето или фикцијата или по грешка да мислиме дека реферираме кога не реферираме на ништо.

Ова ја наложува потребата да се разлачат два вида (меѓу многуте други) лингвистички конвенции или правила:правила за референција и правила за атрибуција и правила за нивно испитување. Ако ја препознаеме оваа дистинкција во сите нејзини аспекти, на пат сме да го најдеме решението на голем број прастари логички и метафизички загатки.

Последните два дела се занимаваат, но само во кратки црти, со овие прашања.

 

 

 

Извор – On reffering, P.F. Strawson, Mind, New series, Vol 59,  No. 235 (Jul. 1950) pp 320 – 344

Превод – Кирил Бисероски


[1] Откако статијава беше напишана, околу оваа поента се појави јасна разработка од страна на г-н Гич во Analyses Vol 10, No 4. March, 1950

[2] Несофистицираната почнува со:„ Си бил еднаш еден…

745 total views, 1 views today