ИЗВАДОЦИ ОД „НАГОВОР НА ФИЛОЗОФИЈА“ ОД АРИСТОТЕЛ

Избор и превод : Петар К. Aнастасовски

aristotle1

Б5

Сите ќе се согласат дека разумноста настапува со учење и барање на она за чија потрага нѐ оспособува филозофијата. Затоа, значи, без никакво оправдување, треба да се занимаваме со филозофијата.

Б8

Она врз што ни се темели животот, како што е телото и она што е во врска со телото, личи на алатка чија употреба е полна со опасности и оние што непрописно се служат со неа главно постигнуваат спротивен резултат. Затоа треба човек да се стреми кон знаење, да стекне и употребува на примерен начин, па со негова помош сето тоа ќе го доведеме во најдобар ред. Нужно е, значи, занимавањето со филозофија, ако сакаме да исправно да се занимаваме со државни работи и корисно да го проведеме својот живот.

Б52

Сѐ што е добро и за човечкиот живот корисно лежи во употребата и дејствувањето, а не само во спознавањето…И најважно од сѐ, не живееме добро затоа што познаваме нешто од она што постои, туку затоа што правиме добро, бидејќи тоа е вистинската среќа. Поради тоа е потребно и во филозофијата, ако е навистина корисна, да треба или да биде правење на добро или да биде корисна за такво правење.

Б65

Ако е човекот разумно битие и ако е неговото суштествување уредено според разумот и умот, неговата единствена работа е само најточната вистина и кажување на вистината за она што постои.

maska

Б85

Едноставен е и за секого лесен заклучокот дека оној што размислува живее повеќе, а најмногу ја достигнува вистината; тоа е оној што е разумен и што разгледува во согласност со најточното знаење.

Б102

И тоа што повеќето луѓе бегаат од смртта ја покажува љубовта на душата за учење. Бега од она што не го познава, од мрачното и нејасното, и природно се стреми кон она што е видливо и спознаено.

Б108

Значи, луѓето немаат ништо, ни божествено ни блажено освен она што е единствено вредно за внимението,  умот и разумноста – доколку ги има во нас…

Б110

Потребно е, значи, занимавањето со филозофија, или да се простиме од животот и да отидеме одовде бидејќи сѐ друго е голема бесмислица и ломотење.

(извадок од книгата „Филозофија или сциентизам“ од Петар К. Анастасовски, Македонска книга, 1989, Скопје)

1,054 total views, 3 views today