ЗА РЕФЕРИРАЊЕТО (2 – 5) – Питер Фредерик Стросон

rasel

Во прилог на покажувањето на тоа дека Раселовото решение на овој проблем е погрешно, како и изнаоѓањето на точното решение, сакам овде да направам одредени дистинкции. За таа цел, во понатамошниот тек на ова поглавје, изразите со уникатно реферирачка употреба ќе ги викам кратко „изрази“, а речениците кои започнуваат со таков израз ќе ги викам кратко „реченици“. Дистинкциите кои ќе ги направам овде се дадени некако згора – попреку и, несомнено, можат да се наведат комплицирани примери кои би ја покажале потребата од нивно усовршување. Но, сметам дека се доволни колку за поентата која ја имам на ум. Дистинкциите се помеѓу:

(А1) реченица

(А2) употреба на реченица

(А3) изрекување на реченица

И, соодветно, помеѓу:

(В1) израз

(В2) употреба на израз

(В3) изрекување на израз

Да ја разгледаме уште еднаш реченицата „Кралот на Франција е мудар“. Лесно е да се замисли дека оваа реченица била изрекувана во различно време од, да речеме, почетокот на 17 век наваму, за време на владеењето на секој нареден француски монарх; и лесно е да се замисли дека била изрекувана во наредните периоди во кои Франција не била монархија. Забележете дека ми беше природно да зборувам за „оваа реченица“ или за „реченицата’ дека била изрекувана во различни моменти од овој период или, со други зборови, дека е природно и правилно  да кажеме дека една и иста реченица била изрекувана во сите овие различни околности. Баш во таа смисла, дека е правилно да се каже дека една и иста реченица била изрекувана во различни околности јас го подразбирам она (А1) – реченица. Сепак, има очигледни разлики помеѓу различните ситуации во кои се употребува оваа реченица. На пример, ако некој човек неа ја изрекол за време на владеењето на Луј XIV, а друг за време на владеењето на Луј XV, природно е да се каже (претпостави) дека тие соодветно зборувале за различни луѓе и дека првиот, употребувајќи ја реченицата, направил вистинито тврдење, додека вториот, употребувајќи ја истата реченица, лажно.  Од друга страна, ако други двајца луѓе истовремено ја изречат реченицата (на пример, ако едниот ја напише, а другиот ја изговори), за време на владеењето на Луј XIV, природно е да се каже (претпостави) дека обајцата зборувале за иста личност и, во случајот, употребувајќи ја реченицата, мора или обајцата да направиле вистинито тврдење, или обајцата да направиле лажно тврдење. И ова го покажува она што јас го подразбирам под употреба на реченица. Двајцата кога ја изрекувалеле реченицата, едниот за време на владеењето на Луј XIV, а другиот за време на владеењето на Луј XV,секој направил различна употреба на истата реченица, додека двајцата кои ја изрекувале истовремено за време на владеењето на Луј XIV направиле иста употреба од истата реченица. Очигледно е дека во случајот на оваа реченица, и подеднакво очигледно кај многу други реченици, не можеме да кажеме дека реченицата е вистинита или лажна, туку само дека била употребена за да се направи вистинито или лажно тврдење, или (ако така повеќе ви се допаѓа) да изрази вистинит или лажен исказ. Подеднакво очигледно е дека не можеме да кажеме дека реченицата е за одредена личност, бидејќи истата реченица може во различно време да зборува за различни личности, туку само употребата на една реченица зборува за определена личност. На крај, ќе стане доволно јасно што подразбирам под изрекување на реченица со тоа што ќе кажам дека двајцата кои истовремено ја употребиле реченицата за време на владеењето на Луј XIV извршиле две различни изрекувања на иста реченица, иако направиле иста употреба на таа реченица.

Ако сега не ја разгледуваме целата реченица, туку делот кој го сочинува изразот „кралот на Франција“, очигледно е дека може да се направат аналогни, иако не идентични дистинкции помеѓу (1) изразот, (2) употреба на изразот и (3) изрекување на изразот.Дистинкциите нема да бидат идентични – очигледно е дека не може да стане збор изразот „кралот на Франција“ да се употреби за да се изрази вистинит или лажен исказ, и слично на тоа – единствено употребувајќи цела реченица, а не само израз може да се зборува за определена личност. Наместо тоа, ние ќе речеме дека во случајов ти го употребуваш изразот да спомнеш или реферираш на одредена личност додека ја употребуваш реченицата за да зборуваш за неа. Но, јасно е дека во случајов, како и во многу други случаи, изразот (В1) не може да спомнува или да реферира на било што, исто како што за реченицата не може да се каже дека е вистинита или лажна. Истиот израз може да има различни употреби – спомнувања, исто како што иста реченица може да биде употребена за да се направат тврдења со различни вистинитосни вредности. „Спомнување“ и  „реферирање“ не се нешта кои ги прави изразот, туку нешта кои кои некој ги прави употребувајќи го изразот. Спомнувањето или реферирањето на нешто се особини на употребата на изразот, исто како што „да биде за нешто“ или вистинитоста или лажноста се особини на употребата на реченицата.

filozofija na jazik

Еден различен пример може да ни помогне да ги разјасниме овие дистинкции. Да разгледаме еден друг израз со уникатно реферирачка употреба, имено изразот „јас“; и разгледајте ја реченицата „Јас сум таман“. Безброј луѓе би можеле да ја употребат истава реченица, но логички е невозможно за двајца различни луѓе да направат една иста употреба на оваа реченица или, ако повеќе така сакате, да ја употребат за да изразат ист исказ. Изразот „јас“ може правилно да биде употребуван од и само од било кој од безбројните луѓе за да реферира на самиот себе. Да се каже ова значи дека да се каже нешто за изразот „јас“, односно, да се даде неговото значење. Вакво нешто може да се каже за изразите. Но нема смисла да се каже дека изразот „јас“ реферира на одредена личност. Вакво нешто може да се каже само за поединечната употреба на изразот.

„Тип“ нека биде скратен назив за „реченица или израз“.Значи, јас не велам дека има реченици или изрази (типови) и нивни употреби и нивни изрекувања , на ист начин како што има бродови, чевли и восок за пломбирање. Јас велам дека не може да кажуваме исти работи за типовите, употребите на типовите и изрекувањата на типовите. Факт е дека зборуваме за типови, и таа збрка произлегува од неправењето разлика меѓу она што може да го кажуваме за нив и она што може да се каже за употребите на типовите. Склони сме да мислиме дека зборуваме за реченици и изрази кога зборуваме за употреби на реченици и изрази.

Ова е точно она што го прави Расел. Воопштено, а и против Расел, ќе го кажам следново. Значењето (барем во една важна смисла) е функција од реченицата или изразот. Да се даде значење на еден израз (во смислата во која јас го користам тој збор) значи да се дадат општи насоки за неговата употреба да реферира или спомнува одредени предмети или личности; да се даде значење на една реченица значи да се дадат општи насоки за нејзината употреба при правењето вистинити или лажни тврдења. Тука не станува збор за било која одредена ситуација во која се употребува реченицата или изразот. Значењето на изразот не смее да се поистоветува со објектот на кој тој израз во определени околности реферира при неговата употреба. Имено, значење на реченицата или изразот не е неговата употреба во одредена прилика, туку правилата, навиките, конвенциите кои ја раководат неговата правилна употреба во сите ситуации за нешто да реферираат односно тврдат. Така, прашањето дали реченица или израз имаат или немаат значење (смисла) нема ништо со прашањето дали реченицата, изречена во определена ситуација, била употребена за да се направи вистинито или лажно тврдење во таа ситуација или дали изразот, во таа ситуација, бил употребен да реферира или спомне било што.

Коренот на грешката на Расел лежи во тоа што мислеше дека реферирањето или спомнувањето, ако воопшто ги има, мора да се значењето. Не правеше разлика меѓу В1 и В2; ги мешаше изразите со нивната употреба во определен контекст и на тој начин ги помеша значењето со спомнувањето, односно реферирањето. Ако зборувам за моево шамивче, можеби можам да го продуцирам објектот на кој реферирам вадејќи го од џебот. Не  можам да го продуцирам значењето на изразот „мое шамивче“ вадејќи го од џебот. Бидејќи Расел ги мешаше спомнувањето и значењето, тој мислеше дека ако има изрази со уникатно реферирачка употреба кои се тоа што изгледаат (т.е. логички субјекти) а не преправени во нешто друго, нивното значење мора да биде определениот објект  за кого се користат да реферираат. Оттаму е и проблематичната митологија за логичко лично име. Но ако некој ме праша за значењето на изразот „ова“ – инаку омилениот кандидат на Расел за овој статус – јас нема да му го дадам предметот за кого само што го употребив изразот да реферирам, додавајќи во исто време дека значењето на тој збор се менува секој пат кога се употребува. Ниту пак му ги давам сите објекти на кои било кога реферирал, реферира или би можел да реферира. Јас ги објаснувам и покажувам конвенциите кои ја одредуваат употребата на изразот. И тоа е давање значење на еден израз. Тоа е доста различно од тоа да му се даде (во било која смисла на давање) на објект на кој би реферирал, бидејќи изразот сам по себе не реферира на било што, иако може, во разни пригоди, да реферира на безброј нешта. Додуша, во македонскиот јазик има една смисла на зборот „значи“ во која тој приближно се однесува на „покажување, спомнување, реферирање на нешто“ како во изразите „многу ми значи што дојдовте“ или „тој брак за него значеше финансиска сигурност“. Но, „многу ми значи“ е прилично различно од значењето на изразот кој го употребив за да го кажам тоа. Во оваа специјална смисла на „значи“, луѓето се тие кои значат, не изразите. Луѓето употребуваат изрази за да реферираат на определени нешта. Но, значење на еден израз не е збир на нешта или едно нешто за кои тој израз правилно може да биде употребен да реферира: значењето е збир од правила, навики и конвенции за неговата употреба при реферирањето.

spok 2

Ист, па дури и уште поочигледен, е случајот со речениците. Секој знае дека реченицата „Масата е полна со книги“ е смислена, и секој знае што значи таа. Но ако прашам „За кој објект е оваа реченица“ јас поставувам апсурдно прашање – прашање кое не може да се постави за една реченица, туку само за употреба на една реченица; во овој случај реченицата воопшто не беше употребена туку само земена како пример. Јас знам што значи, вие знаете како правилно да се употребува кога зборуваме за нешто; така, знаењето на значењето нема врска со знаењето  за било која поединечна употреба на реченицата за да се зборува за нешто. Слично на тоа, ако прашам „дали реченицава е вистинита или лажна“ јас поставувам апсурдно прашање чија апсурдност не е ништо помала ако додадам „Мора да е едно од двете бидејќи е смислена реченица“. Прашањето е апсурдно, бидејќи реченицата подеднакво не е ниту вистинита ниту лажна колку што не е за некој објект. Секако, фактот што е смислена е исто со фактот дека може правилно да биде употребена за да се зборува за нешто и дека, користејќи ја, некој може да прави вистинити или лажни тврдења. И би додал дека може да биде употребена за да се прават вистинити или лажни тврдења само ако личноста која ја употребува зборува за нешто. Ако додека ја изрекува не зборува за ништо, тогаш неговата употреба не е онаа изворната, туку прелажна или псевдо – употреба. Тој не прави ниту вистинито ниту лажно тврдење иако може да си мисли дека прави. И ова укажува на точното решение на загатките на кои Теоријата за дескрипциите дава фатално погрешно решение. Она што е битно е дека дали една реченица е смислена или не е нешто независно од прашањето кое би се поставило во врска со нејзината поединечна употреба, односно прашањето дали е таа изворна или псевдо употреба, дали била употребена нешто да каже, или да се натера некого да верува во нешто или како филозофски пример. Прашањето дали една реченица е смислена или не е прашање дали има такви јазични навики, конвенции или правила според кои логично би можела да се употреби за нешто да кажува; и според тоа е независно од прашањето дали во дадена ситуација била употребена на тој начин.

Извор – On reffering, P.F. Strawson, Mind, New series, Vol 59,  No. 235 (Jul. 1950) pp 320 – 344

Превод – Кирил Бисероски

693 total views, 1 views today