ЗА РЕФЕРИРАЊЕТО (1 – 5) – Питер Фредерик Стросон

Често употребуваме изрази од определен вид да спомнеме или да реферираме на некоја поединечна личност или единечен објект или одреден настан или место или процес, при што вршиме нешто што обично би го опишале како искажување тврдење за таа личност, објект, место настан или процес. Овој начин на употреба на изрази ќе го наречам „уникатно реферирачка употреба“. Класи на изрази кои најчесто се користат на овој начин се: показни заменки во еднина („ова“ и „она“); лични имиња („Венеција“, „Наполеон“, „Џон“); лични заменки во еднина („тој“, „таа“, „јас“, „ти“, „тоа“); и фразите кои почнуваат со именка со определен член, со или без доопределување („таблата“, „старецов“, „кралот на Франција“). Било кој израз од овие класи може да се јави како субјект во она што традиционално се смета за сингуларна субјект – предикатска реченица и би претставувал јасен пример за употребата за која сакам да продискутирам.

stroson

Не велам дека изразите кои им припаѓаат на овие класи никогаш немаат друга употреба освен оваа за која зборуваме. Очигледно е дека некој кој ја употребува реченицата „Китот е цицач“ го употребува изразот „кит“ на прилично поинаков начин од оној кој е во ситуација сериозно да ја употреби реченицата „Китот го сруши бродот“. Во првата реченица очигледно не се споменува, а во другата очигледно се споменува поединечен кит. Или пак ако кажам „Наполеон бил најголемиот француски војник“ јас го употребувам зборот „Наполеон“ за да спомнам одредена индивидуа, но не би ја употребил фразата „најголемиот француски војник“ за да спомнам некоја индивидуа, туку за да кажам нешто за индивидуата која веќе сум ја спомнал. Природно ни доаѓа да кажеме дека користејќи ја оваа реченица јас зборував за Наполеон и дека за него го кажував тоа дека бил најголемиот француски војник. Но, секако дека би можел да го употребам изразот „најголемиот француски војник“ за да спомнам некоја индивидуа, велејќи, на пример, „Најголемиот француски војник умрел во егзил“. Очигледно е дека барем некои од изразите кои им припаѓаат на класите кои ги спомнав може да имаат употреби различни од онаа за која сакам да дискутирам. Уште една работа која не ја тврдам е тоа дека во било која дадена реченица никогаш нема повеќе од еден израз употребен на разгледуваниов начин. Напротив, очигледно е дека може да бидат повеќе од еден. На пример, природно ни доаѓа да кажеме дека, сериозно употребувајќи ја реченицата „Китот го сруши бродот“ јас кажувам нешто и за определен кит и за определен брод и дека јас го употребив секој од изразите „китот“ и „бродот“ за да спомнам определен објект или, со други зборови, дека јас ги употребив овие изрази на чисто реферирачки начин. Сепак, главно ќе го насочам своето внимание на случаите  каде што изразот употребен на овој начин се јавува како граматички субјект во реченица.

Сметам дека може со право да се тврди дека теоријата за дескрипциите на Расел, која што се занимава со последната од четирите класи на изрази кои ги наведов погоре (т.е. изразите од типот „определен член со именка со доопределување“) сѐуште е широко прифатена меѓу логичарите како најсоодветен приказ на употребата на овие изрази во секојдневниот говор. Сакам да покажам, пред сѐ, дека оваа толку фалена теорија содржи некои темелни грешки.

За кое прашање или прашања за фразите од типот „определен член со именка со доопределување“ теоријата за дескрипциите беше создадена да го (ги) одговори? Сметам дека барем едно од тие прашања може да се покаже на следниов начин. Да речеме дека баш сега некој ја употребува реченицата „Кралот на Франција е мудар“. Никој не би сметал дека штотуку употребената реченица е бесмислена. Секој би се согласил дека таа е смислена. Но, секој знае дека не постои сегашен крал на Франција. Едно од прашањата за чиј одговор беше создадена теоријата за дескрипциите беше прашањето: како може реченица како „Сегашниот крал на Франција е мудар“ да е смислена иако не постои ништо што одговара на дескрипцијата која ја содржи т.е во случајов, кое одговара на дескрипцијата „Кралот на Франција“? Една од причините поради која Расел сметаше дека е важно да се даде правилен одговор на ова прашање беше тоа дека мислеше дека е важно да се покаже дека еден друг одговор кој би можел да се даде е погрешен. Одговорот за кој тој сметаше дека е погрешен и за кого беше толку запнат да изнајде алтернатива  може да се изложи како заклучок од една од следниве два дефектни аргументи. Нека реченицата „Кралот на Франција е мудар“ биде реченица S. Тогаш, првиот аргумент оди вака:

1)      Фразата „Кралот на Франција“ е субјект на реченицата Ѕ и оттаму

2)      Ако Ѕ е смислена реченица, Ѕ е реченица за кралот на Франција но

3)      Ако во никој случај не егзистира крал на Франција, реченицата не е за ништо, и оттаму не е за кралот на Франција па следствено

4)      Бидејќи Ѕ е реченица со значење, мора во некоја смисла (во некој свет) да егзистира (или супсистира) крал на Франција.

Вториот аргумент оди вака:

1)      Ако Ѕ е реченица, мора да е или вистинита или лажна

2)      Ѕ е вистинита ако кралот на Франција е мудар, а лажна ако не е мудар

3)      Но тврдењата дека кралот на Франција е мудар и дека кралот на Франција не е мудар можат да се вистинити ако и само ако постои (во некоја смисла, во некој свет) нешто што е крал на Франција па следствено

4)      Бидејќи Ѕ е смислена, оттаму следува истиот заклучок како претходно.

rasel 2

Ова се прилично очигледно неправилни аргументи и очекувано е што Расел нив не ги прифаќа. Постулирањето на свет на чудни ентитети во кој би припаѓал кралот на Франција се коси, како што вели, со „ чувството за реалност кое мора да се задржи дури и при најапстрактните умувања“. Сепак, фактот што Расел не ги прифаќа овие аргументи не е толку интересен колку степенот во кој, побивајќи ги нивните заклучоци, тој гo признава нивниот најважен принцип. Ајде фразата „кралот на Франција“ нека биде фраза D. Вака, причините за отфрлањето на овие два аргумента од страна на Расел може да се сумираат на следниов начин.  Тој вели дека грешката се јавува кога се мисли дека D, кој секако е граматички субјект на Ѕ, исто така е и логички субјект на Ѕ. Всушност, иако граматички Ѕ има еден субјект и предикат, таа логички воопшто не е субјект – предикатна реченица. Исказот кој го изразува е сложен вид на егзистенцијален исказ, а еден негов елемент може да се опише како „чисто егзистенцијален исказ“. За да се изнајде логичката форма на исказот треба реченицата одново да се напише во логички соодветна граматичка форма на начин на кој залажувачката сличност на Ѕ со речениците кои изразуваат субјект – предикатски искази ќе ја снема, а ние ќе бидеме заштитени од  лоши аргументи како оние погоре спомнатите. Пред да ги наведeме поединостите од Раселовата анализа на Ѕ, да подвлечеме што имплицира неговиот одговор, онака како што досега е наведен. Неговиот одговор изгледа дека имплицира дека штом имаме реченица слична на Ѕ во тоа што 1) граматички има субјект – предикатска форма и 2) нејзиниот граматички субјект не реферира на ништо, тогаш единствена алтернатива на тоа дека е бесмислена е дека таа навистина (т.е логички) воопшто нема субјект  – предикатска форма, туку некоја сосема друга. Ова од своја страна имплицира дека ако има некои реченици со изворно субјект – предикатска форма, тогаш од самиот факт дека се смислени, дека имаат значење, гарантира дека постои нешто на кое реферира нивниот логички (и граматички) субјект. Дури, одговорот на Расел изгледа дека имплицира дека такви реченици постојат. Ако е вистина дека некој може да биде измамен да мисли дека Ѕ логички има субјект – предикатска форма поради граматичката сличност на Ѕ со други реченици, тогаш мора да има други реченици граматички слични со Ѕ кои навистина имаат субјект – предикатска форма. За да покажеме не само дека одговорот на Расел изгледа ги имплицира овие заклучоци, туку и дека ги прифаќа барем првите две од нив, доволно е да се види што вели за класата изрази која ја нарекува „логички лични имиња“ и ја спротивставува со изразите каков што е D кои ги нарекува „определени дескрипиции“. За логичките лични имиња Расел ги тврди или имплицира следниве работи:

1)      Дека тие и само тие можат да се јават како субјекти во реченици кои изворно имаат субјект – предикатска форма

2)      Дека изразот кој сака да биде лично име е бесмислен освен ако нема барем еден објект за кој стои; а значење на тој израз е просто индивидуалниот објект кој тој израз го означува. Оттаму, за да се биде име, мора нешто да се означува.

logika gramatika

Лесно е да се увиди дека ако некој верува во овие два исказа, тогаш единствен начин да ја спаси смисленоста на реченицата Ѕ е да одрекува дека логички таа е субјект – предикатска реченица. Сѐ на сѐ, може да се каже дека Расел признава само два начина на кои реченици кои според својата граматичка структура изгледа дека се однесуваат на определена личност или индивидуален објект или настан може да бидат смислени:

1)      Првиот е  кога нивната граматичка форма ја маскира нивната логичка форма и тие треба да се анализираат, како на пример Ѕ, како специјален вид на егзистенцијални реченици

2)      Другиот е кога нивниот граматички субјект е логичко лично име  чие значење е индивидуалното нешто кое го означува.

Сметам дека тука Расел недвосмислено не е во право и дека има реченици кои се смислени и кои почнуваат со изрази употребени на чисто реферирачки начин без да спаѓаат во ниедна од овие две класи. Изразите употребени на уникатно реферирачки начин ниту се логички лични имиња ниту дескрипции ако она што се мисли кога се нарекуваат „дескрипции“ е дека се подложни на анализа според  моделот кој го дава раселовата теорија за дескрипциите.

Нема логички лични имиња и нема дескрипции (во оваа смисла).

Да ги разгледаме поединостите од анализата на Расел. Според Расел, секој кој ја тврди Ѕ всушност тврди дека:

1)      Постои крал на Франција

2)      Има еден и само еден крал на Франција

3)      Не постои нешто кое е крал на Франција а да не е мудро

Лесно е да се види и како Расел дошол до оваа анализа и како таа му овозможува да одговори на прашањето со кое започна, имено прашањето: Како може реченицата Ѕ да е смислена кога не постои крал на Франција? Начинот на кој дошол до оваа анализа јасно е дека се запрашал под кои околности би можеле да речеме дека оној кој ја изрекол реченицата Ѕ направил вистинито тврдење. И се чини прилично јасно, и не сакам да спорам, дека горниве реченици од 1) до 3) опишуваат околности кои се барем нужни услови за сечие вистинито тврдење при изрекувањето  на реченицата Ѕ. Но, како што се надевам дека ќе покажам, да се каже ова не е исто со тоа да се каже дека Расел дал точен приказ на употребата на реченицата Ѕ  или дури, макар недовршен, сепак донекаде точен приказ; и секако не е исто со тоа да се каже дека моделот чија апликација ја дадовме е соодветен модел за сите (или за било кои) поединечни реченици кои почнуваат со фрази од типот „определен член со именка со доопределување“.

Исто така, лесно се гледа како оваа анализа му овозможува на Расел да одговори на прашањето како реченицата Ѕ е смислена и покрај тоа што нема крал на Франција. Имено, секој кој ја употребува реченицата Ѕ истовремено би тврдел три исказа, од кои еден би бил лажен (т.е. дека постои крал на Франција); и бидејќи конјункцијата од три исказа од кои едниот и лажен и самата е лажна, тврдењето во целина би било смислено, но лажно. Така, ова тврдење не би вклучувало ниеден од оние лоши аргументации со супсистентни ентитети.

spok

Извор – On reffering, P.F. Strawson, Mind, New series, Vol 59,  No. 235 (Jul. 1950) pp 320 – 344

Превод – Кирил Бисероски

735 total views, 2 views today