ЗА ДЕТЕРМИНИЗМОТ – Предраг Враницки

determinizam

Проблеми на детерминизмот

Досега главно стануваше збор за општите одредби на објективната стварност во поглед на непосредноста на постоечкото т.е. непосредноста на различните поединечни облици на постоење на материјата. Меѓутоа, самото  искуство од една страна ни кажува дека поединечните предмети не се наоѓаат само во непосреден однос на постоење, туку и дека стапуваат во повеќекратни врски со останатите предмети. Тоа логично произлегува од основниот став за единството на материјата и движењето. Имено, едни делови од материјата во своето движење нужно делуваат на другите делови т.е тие се наоѓаат во меѓусебни односи, па според тоа и зависат едни од други.

Секој дел од материјалниот универзум само е алка во бескрајниот синџир од врски. Затоа, потполно е правилно секој дел барем теоретски да се сфати како резултанта на таа бескрајна поврзаност и условеност. Сосема е јасно дека извесни општи врски се такви константи кои во анализата на некој конкретен случај, конкретен поединечен настан на мал исечок од вселената не мораат ни да се земаат во предвид.

Во таа општа поврзаност едно движење нужно условува друго, едно тело друго и така ad infinitum. Тоа дејствување на едно тело врз друго, определувањето на едно движење со друго е детерминираноста на појавите. Поблиската анализа на проблемот на детерминизмот доведува до следниве констатации.

На прво место, секое дејствување на едно тело врз друго при што она првото предизвикува движење на другото тело е еден облик на детерминација. Тоа воедно е и наједноставната форма на детерминација, каузалност, каде во односот меѓу причината и последицата постои обична сукцесивност на настаните. Меѓутоа, веќе и во овој облик на каузалитет се гледа дијалектичноста на оваа појава бидејќи причината и последицата не се страни на една метафизичка, туку дијалектичка спротивност. Она што е причина на една појава мора веќе да била последица од друга, како што и настанатата последица нужно дејствува како причина за некоја друга. Секоја страна на оваа спротивност е и едното и другото т.е. единство на спротивни одредби.[1]

Понатамошен облик на причинско – последични врски (каузалитет) е оној во кој има сукцесивен ред на причината и последицата, но причината и понатаму трае како и самата последица, па си течат, така да се каже, симултано. Тој облик кој го анализирал веќе Кант ( а го напаѓаше Шопенхауер) особено е важен за општествените појави во кои го нема вообичаениот  механички ред на причини и последици, туку причината и последицата и натаму постојат во исто време.  Тоа не значи дека  во тој случај  причината временски не ѝ претходи на последицата, туку само се сака да се констатира и нагласи фактот дека причината не престанала да дејствува, а и самата последица постои и понатаму. (Некоја определена идеологија е последица од настанокот и постоењето на определена класа, но таа класа и понатаму постои и ја одредува идеологијата, која симултано постои, иако е последица, заедно со постоењето на одредена класа). Тој вид на детерминизам е многу важен при истражувањето на општествените појави, бидејќи таму е особено очигледно дејствувањето на последицата врз својата причина. Тука се работи за дијалектички однос на еден ист ред  причини и последици, што е од првенствена важност за разбирање на историскиот развиток.[2]

И конечно, ножеме да утврдиме и иманентна детерминација т.е. оние случаи во кои детерминацијата се идентифицира со самата законитост. Под принцип на каузалитет често се подразбира токму тој негов облик т.е. константна правилност на едни причини и последици.

Поимот детерминација има свој извор предимно во човечкото искуство, во посматрањето на константните врски меѓу две појави, а и во самата човечка активност. Затоа Енгелс во својата „Дијалектика на природата“ со право има една важна констатација насочена против агностицизмот, дека „ние увидуваме не само дека едно движење следи после друго, туку дека исто така може да произведиме одредено движење ако ги воспоставиме условите во кои се остварува тоа движење во природата, па дури и дека можеме да произведиме и движења кои ги нема во природата (индустрија), или барем не на тој начин, и увидуваме дека на тоа движење можеме однапред да му дадеме насока и обем. На тоа, на оваа дејност на човекот, се темели претставата за каузалитетот, дека тоа движење е причина за другото“.[3]

Бидејќи  тоа е основата врз која човекот ги создава претставите и сфаќањата за каузалитетот, логично е дека сите луѓе имаат поим за каузалитет, дека се однесуваат и дејствуваат според повеќе или помалку спознати причини и последици на одредени настани. Затоа концепцијата на Леви Брол за два различни вида на менталитет, предлогички и логички, беше во основа неправилна, како што подоцна и самиот, барем донекаде, увиде. Постоењето на колективни и мистични претстави не го негира постоењето на претстави за каузалитет, туку говори во прилог на поинакво толкување на причините за поединечните појави. А тоа е резултат на нискиот степен на развој на тие производствени заедници, нискиот степен на совладување и спознание на природните сили и закони, кои на сѐ гледаат низ сфаќања кои имаат мистичен карактер. Нивните секојдневни дејства и постапки, во разни моменти од нивниот живот, најочигледно зборуваат дека и тоа како се управуваат според принципот на каузалитетот, само што степенот на познание на тие каузални врски сѐуште е низок, што од своја страна се компензира на други начини.[4]

marks engels

Односот општо, посебно и поединечно

Со една своја страна проблемот на односот меѓу општото, посебното и поединечното спаѓа во прашањата околу иманентната детерминација на поединечните предмети и појави во нивното движење и развој. Самиот проблем им задавал големи маки веќе на старите мислители кои јасно го истакнале, а особено Платон и Аристотел кај кои предимно се работеше за гносеолошко – логичкото прашање за општото како поим. Односот на нашите поими, кои главно означуваат некоја општост, и стварниот свет, кој на прв поглед сиот е составен од поединечни предмети, понатаму прашањето за науката, која може да биде наука само така што ќе ги утврди општостите (законитостите) во низа поединечни појави -  тоа бил главниот проблем, кој со векови се провлекувал низ историјата на филозофијата. Од платоновите идеи и аристотеловите форма и материја, преку схоластичките расправи околу номинализмот и реализмот, па главно преку номиналистичките тенденции во нововековната прогресивна филозофија, овој проблем доживеал задлабочена разработка кај Хегел, но сепак од идеалистички позиции. Секако, тоа беше причината што ни самиот Хегел не можеше да го реши до крај. Но, неговото учење за суштината и појавата , за заедничкото и општото, нужноста и случајноста – секако е најдлабокото  што е кажано за тие прашања сѐ до Маркс и Енгелс.

Во материјалистичката дијалектика тоа прашање има неколку аспекти од кои ние ќе се задржиме само на битните со оглед на проблематиката на развитокот. Затоа, нема да ги земеме во предвид оние прашања во кои општото се изразува исто така и како нешто заедничко, но не во смисла на законот на развитокот, туку како законитости на извесен однос; исто така, ќе ги апстрахираме оние облици на заедничко – општо во човечката дејност, која во оваа смисла е извор на тоа заедничко. [5]

Материјалистичката дијалектика ја зема стварноста на прво место во нејзината поединечност. Значи, поединечното е „основа“ на секој настан, на секој процес. Но, ние веќе видовме дека поединечното не е апсолутно изолирано од останатите поединечности, туку стои во комплексна поврзаност со останатите поединечни тела или појави.

Меѓутоа, освен оваа „надворешна“ поврзаност постои и „внатрешна“ поврзаност меѓу поединечните предмети. Ако анализираме некоја билка, животно или некој општествен систем, ќе видиме дека секој од нив има ред особини заеднички со другите билки, растенија или општества. Човекот има некои заеднички својства со некои други органски суштества т.е. секој поединечен предмет со некои свои квалитети идентичен со некои други предмети, како што е различен спред своите поединечни особини.

Тоа идентично, тоа заедничко е токму она општо и посебно кое го истражуваме, тоа не е некоја апстракција туку иманентна суштина на поединечните предмети. Во поглед на развитокот на тие предмети, тоа се покажува и како нивна законитост.

Општото и посебното (посебното е исто така општо, само во релација со друго општо кое опфаќа поширока низа појави тоа е посебно) не се никакви субјективни апстракции, ниту „чисто“ општо туку конкретно општо, кое истовремено укажува на поврзаноста, па често дури и на истите извори на поединечните предмети.

Тие општи својства на некои предмети зависат предимно од структурата на тоа поединечно. Поединечното во овој случај секако дека е подинамично, попроменливо, бидејќи под разни влијанија и околности доживува постојани промени. Општото како закон е она што е попостојано при движењето на поединечното, но исто така и зависи од тоа движење. Што ќе рече, со порадикална промена на структурата на поединечното се менува и развива и неговото општо т.е. законот на неговиот развиток. (Тоа најдобро го гледаме во развојот на општествата во преминот од едни во други општествени формации).Тоа се случаи на промена на структурата на поединечни општества, а со тоа и на посебните закони на навнбите развои, иако општата законитост дејствува и понатаму како општо за сите општества). Според тоа, исто како и сѐ поединечно, и општото има историски карактер.

Таа иманентна законитост во поединечниот процес, тоа дејствување на конкретното општо кое со своите специфични структури се наследува во органскиот свет, тоа остварување на видот или родот, всушност е реална, конкретна финалност на еден процес. Со тоа отпаѓаат сите мистицизми во врска со тој проблем, кој се покажува како еден од основните природни феномени, т.е. дека развитокот на една органска или општествена структура може да тече само во правецот на оние закони кои се израз и функција на структурата на самиот предмет, кои од своја страна се менуваат со промената на самата таа структура.

 kant-hegel-comic

Нужност и случајност

Видовме дека општото, како што го третиравме овде (т.е. во смисла на закон) не е апстрактно, туку конкретно општо т.е. доаѓа само во единство со своите посебни и поединечни моменти и во поединечни предмети. Тоа истовремено ги одредува и текот на движењето и развитокот на поединечното, па како такво се покажува како нужност. Нужноста е начин на покажување и дејствување на општото т.е. законите на различните поредоци во природата. Секаде каде се дадени тие услови за развиток на некој вид, тој и се развива со нужноста на својата иманентна одреденост како вид, репродуцирајќи се себе во извесен број индивидуи. Меѓутоа, дијалектичката анализа покажува дека во природата не владее апсолутна нужност, туку дека и случајноста има своја објективна егзистенција.

Во историјата на филозофската мисла постоеја различни обиди да се реши проблемот на односот помеѓу нужноста и случајноста . Тие толкувања поаѓаат главно од третирањето на случајноста како коинциденција на две каузални низи (Аристотел, Мил), преку механицистичкото сфаќање на случајноста како непознавање на причината (француските материјалисти од 18 век) преку дијалектичкото третирање на единството на нужноста и случајноста (Хегел, марксизмот) до индетерминистичкото сфаќање на тој проблем кое настојува потполно да ја елиминира нужноста (Бутру, модерниот позитивизам и некои претставници на природните науки).

Дијалектичко – материјалистичкото  сфаќање на тој проблем ма конкретното општо овозможува – за разлика од другите обиди – тоа прашање подлабоко да се разгледа и сфати.

Со оглед на тоа што општото постои и дејствува само преку индивидуалните, поединечни предмети и појави, во нив тоа секогаш егзистира и со низа појавни, поединечни моменти кои не се безусловно израз на тоа општо (значи не се нужни)и не мора да се ни битни за егзистенцијата на некој вид предмети или појави, туку зависат од низа околности, предимно надворешни.

Тие индивидуални особини не ги чинат обележјата на видот, тие може да се различни од индивидуа до индивидуа, тие не се нужни за развитокот на видот, и истовремено тие се бескрајно разнолики.

Така и Хегел пишува во својата логика: „Според тоа, ние сметаме дека е случајно она што може да биде, а може и да не биде, може вака, а може и поинаку, и неговото да биде или не, да биде вака или онака, не е втемелено во него самото туку во нешто друго“.[6]

Во ваквото толкување случајното се идентификува со небитното, што не мора секогаш да биде така. Тоа е и основно сфаќање на случајноста кое мислам дека не го исклучува она веќе претходно споменато сфаќање дека случајноста може да се толкува и како коинциденција на две самостојни појави кои инаку се без било каква меѓусебна врска.

И во едниот и во другиот пример случајноста може да биде небитна (неважна), но и битна за развотокот на одредено поединечно (индивидуа, општество итн).

Во овој втор наведен случај спротивставувањето на две појави може, но и не мора да биде пресудно за понатамошниот развој на некоја појава.

Во првиот случај, случајните појави главно се небитни за развитокот на поединечното, но извесни случајни појави можат при развитокот на некој вид  да станат и доминантни, значи нужни и битни. На тој премин на случајното во нужно во суштина се темели и целиот дарвинизам. Тоа го воочи веќе Енгелс, кога забележал во својата дијалектика на природата: „Дарвин во своето епохално дело поаѓа од најшироката можна основа која е полна со случајности. Бесконечните, случајни реазновидности на индивидуите внатре во поединечните видови, разновидности кои се засилуваат сѐ до нарушување на карактерот на видот и чии причини може да се утврдат само во многу ретки случаи просто го приморуваат Дарвин да се посомнева во дотогашниот темел на целата биолошка законитост, во метафизички вкочанетиот и непроменлив поим за вид“.[7]

Од сето ова се гледа дека поимот случајност не може апсолутно да се идентификува со поимот небитно, како што се прави понекогаш.

Секако, треба посебно да се нагласи дека тие поединечни особини и случајности исто така се последици на извесни, предимно надворешни причини, значи дека се детерминирани. Друго прашање е тоа колку ние ги спознаваме сите определени детерминанти на една низа случајности и во кој степен можеме да ги одредиме. Од тоа се гледа дека поимот детерминираност и поимот нужност не се преклопуваат. Нужноста е само еден од облиците на детерминираност, какви што се обичниот каузалитет и конечно случајноста.

Неточното разликување на тие поими, несфаќањето на тој проблем во целата негова сложеност, како и некои други појави особено во микрокосмичкиот свет доведе некои мислители, особено на подрачјето на природните науки, наспроти старото, механицистичко сфаќање на законот како апсолутна нужност да ги прогласат, поради низа случајности кои всушност ја следат секоја нужност, извесни настани за индетерминирани.

Се до најновото време во природните науки се задоволуваа со строгиот детерминизам од Лапласовски тип кој произлегуваше од анализата на макроскопските настани. Извонредниот напредок на модерната физика, особено во врска со проблемот на светлината, прилично ги модифицира старите сфаќања.

Проблематиакта на зрачењето на вжарените тела, кој класичната механика не можеше да го реши, поттикна нови физикални концепции од кои Планковата идеја за дисконтинуираност т.е. дисконтинуирано емитирање светлосна енергија, секако е епохална. Таа толку го потресе класичното сфаќање за брановата природа на светлината што Ајнштајн потоа него го жртвува за сметка на корпускуларното. Со тоа се поставени темелите на квантната механика која преку истражувањата на Бор, Хајзенберг, Шредингер, Де Брољи, Дирак, Борн и останатите конечно го постулира дуалистичкиот карактер на светлината т.е. ја сфати светлината и како корпускуларно и како браново постоење.

Сите тие истражувања многу физичари ги доведоа до лудило. Не е ни чудо. Со години воспоставените поими на класичната механика се уриваа, „ненадминливата“ спротивност бран – честичка се покажа во единство, па сето тоа на разноразните позитивисти им послужи пак да инсистираат врз своите идеалистички заклучоци наспроти „метафизичките“ интерпретации на материјалистите. Интересен е фактот дека секој темелен исчекор кој ќе го направат човечкиот ум и наука кај извесни луѓе го поколебува верувањето во објективноста и можноста на човековото познание, наместо баш тој да им биде и најочигледен доказ за силата на човечкиот ум и бесконечноста на неговиот процес на познание.

Во врска со проблемот на детерминизмот особено важен момент  во тој развој на квантната механика претставува формулирањето на неодреденоста од страна на Хајзенберг.

subatomski

Обидите за утврдување на движењата на електроните доведоа до резултати кои се разликуваат од резултатите во класичната механика. Во оваа вторава движењето на некоја точка потполно е определено ако за секој определен момент ги знаеме брзината и положбата на таа точка. Меѓутоа, поради корпускуларно – брановата природа на светлината не можеме истовремено да ги определиме положбата и брзината на електроните. Освен тоа, со осветлувањето на електронот за да ја утврдиме неговата положба истовремено влијаеме врз него во толкава мера што тој од тоа ја менува брзината.

Хајзенберговата релација на неодреденост изразува дека принципиелно е невозможно точно да се утврдат и брзината и положбата на електроните, па корпускуларната слика не може да се применува надвор од границите кои ги дозволува релацијата на неодреденост.

Со оглед на тоа што тие две компоненти – брзина и положба – беа суштински компоненти во формирањето  на принципот на каузалитет во класичната механика, многумина тогаш заклучија дека во микрофизиката воопшто не може да стане збор за каузалитет т.е. за детерминизам, туку за индетерминизам.

До такви ставови дојдоа Планк, Шредингер, Хајзенберг и др. мислејќи дека статистичкиот карактер на тие законитости го негира принципот на детерминизам. За што всушност се работи?

Науката се навикнала на макрофизички релации при кои можеше да се определат компонентите во некој каузален однос. Со проучувањето на низа останати каузални врски (во биологијата, психологијата, социологијата0 кои зависат од голем број поединечни каузални односи, при што секој таков поединечен случај делува на основниот резултат и го модифицира) се увиде дека законитоста не произлегува во апсолутно идентичен облик, туку се покажува како тенденција при што главно се покажува една „основна линија“ со безброј модификации.

Законот како таков во тие случаи е интегриран резултат на низа такви интеракции кои се условени и од внатрешни и од надворешни моменти. Поради тоа има голем број случајности (од кои секоја сама по себе е детерминирана) кои нужно мора да ја нарушуваат еднообразноста (законитоста во старата смисла на зборот) на настаните. Затоа, законитоста  на голем број настани не може да се изрази поинаку освен статистички, при што секогаш се одредува онаа „основна линија“ на настани т.е. највисока зачестеност.

Во проблемот со Хајзенгерговата релација на неодреденост имаме всушност ист случај кој е потенциран со нашата денешна субјективна неможност да ги одредиме сите компоненти на секој поединечен случај.

Но баш постоењето на статистичка законитост ни ја докажува детерминираноста, па може да се каже и релативно еднаквата детерминираност на тие процеси. Бидејќи кога подеднаквите услови, внатреатомските сили и останатите околности не би вршеле законита детерминираност, и кога секој електрон би се однесувал индетерминистички, тогаш онаа „општа линија“ на настани т.е. статистичката законитост би била невозможна, зошто слободните варијации би биле бескрајни. Баш затоа што постојат статистичка законитост  и веројатност, тоа укажува на одредена нужност на тие процеси големиот нивен број да мора баш одредено да се одвива низ низа случајности кои во таквите комплексни структури се сосема разбирливи и нужни.

 -

Извадок од книгата „Historija marksizma“ стр.85 – 93

Превод: Кирил Бисероски


[1] „При поблиско набљудување ние откриваме дека причината и последицата се претстави кои како такви важат само ако се применуваат врз поединечен случај, но штом тој поединечен случај го разгледуваме во неговата општа поврзаност со светската целина, тие се преклопуваат и разрешуваат во претставата за сеопштото заемно дејство во која причините и последиците постојано си ги менуваат местата, така што она што е сега или овде последица, таму или тогаш испаѓа причина, и обратно“ (F.Engels, Die Entwicklung Des sozialismus von der utopie zur Wissenschaft, Berlin, 1945 стр. 40)

[2] Од тие, а и од други причини проблемот на детерминизмот во општествениот живот е многу комплексен, па од своја страна е причина да доаѓа до толку вулгаризации, социологизирање, особено кога треба да с еодредат детерминантите на повисоките духовни процеси:идеологиите, уметноста, филозофијата итн. На прво место овде не се работи за детерминизам од ист тип како физикалниот, второ – овде детерминизмот се прекшува низ суптилноста на човечката психа и свест и трето – интеракциите на сите овие моменти многу се покомплексни отколку во другите области на природата.

[3] F. Engels, Dijalektika prirode, стр. 181

[4] Брол ја изнесе таа своја концепција во инаку многу интересните дела со богата научна аргументација:

Les fonctions mentales dans les sociétés inférieures (1910), La mentalité primitive (1922), L’âme primitive (1927), и др. Таа концепција веднаш и правилно ја критикуваа други социолози:Диркем, Вебер и др.

[5] Тие прашања во марксизмот се многу малку разработени. Некои аспекти од тој проблем обработив во својата теза „За проблемот на општото, посебното и поединечното кај класиците на марксизмот“. Тука веќе беше нагласен поимот структура без чија анализа нема разбирање на поимот законитост. Меѓутоа, треба да се оди и понатаму и да се покаже диферентноста на самите структури. Така, би можело да се разликуваат статички структури со соодветни закони (особено во математиката), структури кои покажуваат законитост во однос на други структури  и динамички структури со динамички закони. Подеталната анализа сигурно би открила и други варијанти, што само покажува дека тој проблем сѐуште не е доволно интерпретиран.

[6] G.W.F. Hegel, Dijalektika, Beograd, 1939, стр 470

[7] Engels, Diajlektika prirode  стр 173

923 total views, 2 views today