Стефан Сидовски – Прашања без одговори 5 и 6

18.01.stefan-sidovski

 

 

Прашања без одговори 5

Занеменост

 

Тоа што се знае има двојна вредност, ако воедно за тоа што не се знае се признае дека не знае“

Артур Шопенхауер

 

Ова е дотолку поважно што укажува на еден основен проблем што филозофијата мошне малку го зема предвид сосем отворено да го решава. Се работи за: Живот, Вистина и Смисла!

Прашањето е во ова: Што е Вистина? Дали В-И-С-Т-И-Н-А е И-С-Т-А? И дали секој поглед на светот е Вистина?

Според тоа, дали секој начин на живот изведен од секое филозофско учење е правилен, па останува секј според сопствените интелектуално – емотивни – волативни афинитети да го избере погледот на свет што нему му се допаѓа? Како што веќе Фихте забележал дека „каква филозофија се избира зависи од тоа каков е човекот, бидејќи филозофскиот систем не е парче на покуќнината што може да се одлага или прифати како што нам ни е волја, туку е одуховен со душата на човекот што ја има“.[1]

Колку во нашево време филозофијата односно филозофите како љубители на мудроста придонесуваат да се разоткрие и покаже Вистина?

 

Прашања без одговори 6

Очекувања

 Вистинскиот лик во којшто егзистира вистината може да биде само нејзиниот научен систем

Г.В.Ф. Хегел

 

Филозофијата, по етимолошката дефиниција, се одредува како љубов кон мудроста. Исто така, филозофијата најчесто се определува како поглед на свет и живот (Weltanschauung).

Секој поглед на свет се дефинира како целосно објаснување на светот, на животот и смислата на постоењето.

Колку еден поглед на свет посуштински ги третира фундаменталните проблеми на животот и човекот и во тоа е покохерентен, толку се смета за позначаен, поинаку речено, филозофијата која го одредува тој поглед на свет се смета за повистинита.

Проблемот на вистинитоста на филозофијата т.е. на секое филозофско учење секогаш се поставува како мошне релевантно прашање иако, често, се премолчува оваа страна на проблематичноста на секоја филозофија.

Колку и да изгледа филозофскиот систем непротивречен, колку и да е изведуван беспрекорно (дедуктивно или индуктивно), колку и да е во себе кохерентен и сеопфатно да ја третира сета проблематика, колку и да отвара можности за нови пристапи кон стварноста, сепак останува проблемот за вистинитоста на било кој филозофски систем. Зошто, на крајот на краиштата, често се случува да се поистоветува вистина и живот, живот и вистина, а оттука доаѓа и проблемот на живеењето. Тоа веќе италијанскиот филозоф, егзистенцијалистот Николо Абагнано мошне јасно го воочил, кога вели дека „филозофијата е самиот човек кој постанува проблем самиот на себе и бара разлози и основи на своето битие“.

На тоа прашање се очекува да одговори филозофијата т.е. погледот на свет и живот.

А погледот на свет претставува сеопфатност на знаења кои во својата среденост ја одредуваат филозофијата на живот. И според Сартр „секоја филозофија е практична, па дури и таа што од почеток се чини дека е најконтемплативна“.

Сеопфатноста на знаењата, во текот на историјата на филозофијата, најчесто се распоредувала во филозофските дисциплини во зависност од сродноста на проблемите, од нивната поврзаност и обусловеност од решавањето. Почнувајќи со онтологијата и гносеологијата, преку аксиологијата и антропологијата, етиката и естетиката до разните филозофии на природата, историјата, религијата, правото, јазикот, политиката…сите се сврзани и заокружуваат една целина на објаснување.

Целината на објаснување секогаш се сметала, иако тоа понекогаш било оспорувано во историјата на филозофијата, за можност за осознавање на вистината и следствено за одредување на филозофијата на живеењето. Во ваков или онаков вид, целината на објаснувањето, без оглед на начинот или карактерот на излагањето била и е присутна, како во митолошко – религиозниот, така и во секојдневниот начин на мислење и живот, а филозофијата го искажува тоа во поими, како што веќе Хегел тоа го искажа во своето дело „Феноменологија на духот“.

Погледот на свет, свесно или несвесно, е присутен како иманентност во живеењето на секоја индивидуа без оглед на тоа како се оформила своевидната лична филозофија на живот. Не може да се биде имун на некои рефлексии за светот и животот, без оглед дали тоа се прави свесно или несвесно. Размислата за светот и животот е иманентност на живеењето без која не може да се замисли можноста за развој на личноста. Ова е уште позначајно и одговорно кога станува збор за младиот човек кој мошне многу очекува од филозофијата да му одговори на многуте прашања за светот и живеењето во истиот свет.

Оттука се поставува барањето младиот човек да се запознае со сите филозофски учења што се појавиле во текот на историјата (на филозофијата) за да самиот ја согледа вистината за светот и живеењето во сопствената определба за филозофија на живеење што ќе биде стварност.

Стефан Сидовски



  Boris Kalin, Povijest Filozofije, Školska knjiga, Zagreb, 1973, стр. 130

868 total views, 1 views today