ЗА ЕЛИТИЗМОТ

Што значи елитизмот во доба на мас – медиумска семоќ? Применето врз една уметничка пракса, во која мерка тој претставува прекор или препорака? Дали е во некаква корелација со прогресивноста или реакционарноста, еманципаторскиот или заглупувачкиот капацитет на таа уметничка пракса?

naslovna

 

Политичка и уметничка модерна

Доколку поаѓалиште ни биде колоквијалното разбирање за елитистичкото како нешто непосредно неразбирливо, кое бара извесен умствен напор и образование за да може да се восприеми итн, тогаш може тој елитизам културно – историски да се конкретизира како модерна (на план на уметничката продукција) односно модернизам (на идеен план). Колку и да е  хетероген феномен, за модернизмот може да се прифати дефиницијата на Борев: „Модернистичките уметнички правци се градат по пат на деконструкција на типолошката структура на класичното дело – едни или други негови елементи стануваат објекти на уметничките експерименти“.[1] Лесно е да се детектира неговиот буржоаски корен (иако гранките му се, така да се каже, наткласни – да се потсетиме само на ЛЕФ). И лесно е, врз база на неговото потекло, да се дискредитира како израз на декаденцијата на една владеачка класа. Често се цитира рефератот на Жданов за списанијата Ѕвезда и Ленинград како карикатурален, најеклатантен пример за настраностите кои може да ги заземе тенденцијата на чисто  „партиска“ критика за вредностите на уметничкото дело. Но, оваа тенденција во пописмен и порафиниран вид не отсуствува ни во подоцнежните фази од творештвото на Лукач, а и ден денес не е сосема искоренето сфаќање. За Маларме, уметноста за сите беше уметничка ерес, а денес се настојува тоа да биде политичко правоверие. Од аспект на класната борба, интересно би било да се размисли како односот уметничко дело – општество се прекршува врз проблемот на елитизмот.

На почеток, треба да се подвлече дека модерната како економско – политичка пракса и модерната како уметничка пракса не само што не се потпоими на една единствена Модерна, туку напротив, тие се спротивставени една на друга. Учеството на Бодлер во борбите во 1848, членувањето на надреалистите во Комунистичката партија, па и ликот и општесвено – културното дело на Мајаковски во СССР не се куриозитети, туку логички надоврзувања на една иста развојна линија. Едноставно, модерната уметност е спротивставување на модерното општество (капитализмот), спротивставување на сведувањето на сета природа и општество на репроматеријал за репродуцирање на една бессодржајна шема (самооплодување на капиталот). Творештвото и познанието од антрополошко – онтолошки апсолути се сведени на работни вештини и обука (познанието) односно стадиуми од кружното движење на капиталот (творештвото како стоково производство). Во преносна смисла, може да се илустрира оваа состојба со описот на Хегел од поглавјето за духовното животинско царство во Феноменологијата на духот.

„Нужноста на творењето се состои во тоа што стремежот просто – напросто е доведен во врска со стварноста, и тоа единство е поимот творештво;се дејствува затоа што дејствувањето само по себе претставува суштина на стварноста. Во творбата навистина се појавува случајностa која ја поседува завршеностa наспроти сакањето и извршувањето, и тоа искуство кое наизглед мора да се смета за вистина, му противречи на овој поим за дејствување. Меѓутоа, ако ја посматраме содржината на ова искуство во неговата севкупност, тогаш се гледа дека таа е творба која исчезнува; она што се одржува не е исчезнувањето, туку самото исчезнување е стварно и споено е со творбата, па со неа исчезнува и тоа самото; она што е негативно пропаѓа со она што е  позитивно, чија што негација ја претставува.“[2]

Граѓанско и аристократско

Во оваа смисла, буржоаското потекло на модернизмот е негова компаративна предност. Имено, на комунистичкиот проект не треба да се гледа како на чисто  – економско политички профилиран. Целта се промени кои го тангираат секојдневниот живот на секој поединец, додека смислата на економско – политичките ангажмани е дека индивидуалната промена е невозможна без промена на целината, а промените на ниво на поединечен живот се невозможни без промена на општествено – економската формација. Како што вели Андре Бретон на крајот од својот говор на Конгресот на писатели 1935: „Да се промени светот, рекол Маркс. Да се промени животот, рекол Рембо. За нас, тие две лозинки значат едно исто“. [3]Така, не е доволно капитализмот само да се победи, туку исто толку неопходно е и да се презре, затоа што светот кроен според него не е само неправеден, туку е и недостоинствен. Како што неправедноста е докажана преку теоријата за потеклото на вишокот на вредноста во првиот том од Капиталот, на недостоинственоста повеќе се однесуваат „Економско – филозофските ракописи“. Таа недостоинственост не е сестрано исцрпена со положбата на работниците – капитализмот не е достоинствен поради односот кон работниците туку сам по себе. И токму оваа недостоинственост по себе е на показ во буржоаските  „мрачни и тешки“ дела.  Да се одречеме од нив замо заради нивното буржоаско потекло е подеднакво бессмислено како да се одречеме од техниката замо затоа што капитализмот го иницирал и забрзал нејзиниот развој.

Всушност, од аспект на хегелијанскиот шематизам, за оперативна противречност низ културната историја на човештвото не треба да се смета противречноста буржоаско (граѓанско) – пролетерско, туку буржоаско (граѓанско ) – аристократско. Она што се наоѓа во тезата секогаш се наоѓа и во синтезата, само рефлектирано, испосредувано, збогатено со одредби и на повизок стадиум на самосвеста.

aristokratija

-  Првобитните државни уредувања се  аристократски. Поимот аристократија тука не е чисто формална одредба (како највисоката класа во било кое општество или посебно благородништвото) туку содржинска (живот со творештво и познание како клучни аксиолошки содржини). Во првобитните општества кои ги нарекуваме аристократски тој исклучиво е одреден од наследното право и од природата. Како таков, тој аристократизам е нешто случајно, несуштинско, неслободно (како и самата природа која претставува идејата –надвор –од-себе) и оттаму нешто апстрактно.

-   Граѓанството е антитеза на тој и таквиот аристрократизам. Наместо непосредниот , од природата и обичајноста доделениот аристократски статус, преку промената на производствените односи настанува и десакрализација на тој и таков аристократски идеал во севладеењето на капиталот и еманципација на индивидуата од веќе нестварните општости кои ја одредувале неговата општествена положба. Во делото Ли Ш Чун – чјоу (Преводот на англиски е The annals of Lü Buwei) можеби е највидлив односот на аристократијата кон трговците.[4]

-  Оттука, социјализмот како негација на негацијата ја укинува независноста и изделеноста на овие два момента. Кога продуктивноста на трудот е енормно зголемена со развојот на техниката, па противредноста за сопствената издршка може да се создаде со мал број работни часови, меѓу поединецот и неговата автореализација преку познание и творештво не постојат повеќе никакви пречки во самите производствени односи ниту во произволноста на природата. Наспроти често раширеното мнение за еднаквоста како клучна одредба на социјалистичките општества, може дури да се труди дека укинувањето на класите е услов за секоја можна нееднаквост.

Во делот од ракописите када се осврнува на фетишизмот на парите Маркс користи и еден  цитат од „Фауст“ од Гете каде најдобро е илустрирана оваа точка. Иако непосредно се однесуваат само на парите, овие увиди на Маркс се релевантни за целокупното функционирање на капиталистичкото општество од гледна точка на обмислувањето на елитизмот, па затоа вреди да се разгледаат од поблиску. Делот кој Маркс го цитира се стиховите 1820-1823 во македонскиот препев, во делот „Собата на Фауст“ изговорени од Мефистофел пред доаѓањето на ученикот.

„Доврага! Се разбира имаш раце, глава,

Нозе и газ и сѐ е тоа твое

Но зар сето она што наслада ми дава

Поради тоа е помалку мое?

Ако можам шест пастуви да платам

Зар не се мои и нивните сили?

Со дваесети и четири нозе ќе можам брзо да се вратам

Како прав маж, напрегајќи ги сите свои сили“

Маркс на ова место вака ja објаснува и спекулативно ја развива суштината на парите:

„Она што постои за мене благодарејќи на парите, она што јас можам да го платам, т.е. она што можат да го купат парите, тоа сум самиот јас, поседникот на парите. Колку е голема силата на парите толку е голема и мојата сила. Својствата на парите се мои – на нивниот сопственик – својства и суштински сили. Затоа она што сум јас и што сум во состојба да го сторам ни најмалку не се определува од мојата индивидуалност. Јас сум грд, но јас можам да си купам најубава жена, значи јас не сум грд, бидејќи дејството на грдоста, нејзината одбивачка сила се уништува од парите. Нека сум јас – според својата индивидуалност – куц, но парите ќе ми добават 24 нозе; значи јас не сум куц. Јас сум лош, нечесен, несовесен со дух скуден човек, но парите имаат почит, значи – почитан е и нивниот сопственик. Парите се највисоко добро – значи добар е и нивниот сопственик. Парите освен тоа ме спасуваат мене од мачењето да бидам нечесен – затоа што претходно се смета дека јас сум чесен. Јас сум скуден со ум, но парите – тоа се реалниот ум на сите нешта – па како може да биде тогаш скуден со ум нивниот сопственик? Освен тоа тој може да си купи луѓе со блескав ум, а зарем оној што господствува над луѓе со блескав ум не е поумен од нив? И зарем јас што со помошта на парите сум способен да добијам сè за што копнее душа човечка, зарем јас ги немам сите човечки способности? Значи, зарем моите пари не ја претвораат секоја моја немоќност во нејзината спротивност?“[5]

Така, во граѓанското општество (капитализмот) се поништува секоја личностна одреденост. А бидејќи аристрократското е инхерентно на личноста, со самото тоа се поништува и секоја аристократска одреденост. Но, во преткапиталистичките општества аристократското е нешто што е само по себе ништожно, резултат на чист каприц на природата, каде отсуствува секоја слобода а со тоа и одуховеност. Социјализмот е токму тоа – отсуство на секакви пречки од областа на производствените односи на патот на соединувањето на идеалното и стварното, меѓу талентот и делото, меѓу умот и науката, меѓу чесноста и среќата.  Во онаа мера во која нив ги има во секој поединец – секако дека разликите меѓу луѓето нема да исчезнат, туку за прв пат во историјата ќе дојдат јасно до израз.

Популарната култура и пролетерите

Ова размислување како да асоцира на сфаќањето на Троцки околу (не)постоењето на автохтона  пролетерска култура во рамките на буржоаското општество.[6] Навистина, често се зборува за „приближување кон масите“, „прилагодување на нивното ниво на разбирање“, против „преголемото интелектуализирање“ и сл. Сите овие мненија се темелат врз претпоставката дека популарната култура е инхерентна пролетерска култура  внатре буржоаското општество која при самата класна борба би требало да се почитува и користи. Тоа поистоветување е широко распространето и заслужува на него посебно да се осврнеме.

Интуитивно, се чини апсурдно дека на еден машинобравар, фабрички работник или било кој работник кој ракува со тешка механизација  10 саати дневно индустријал музиката или металот би му биле нешто непознато, чудно, далечно додека некој петпарички штанцан шлагер за широка потрошувачка би бил израз на „народната душа“. Масовната култура е само буржоаска петта колона во културата. Да се тврди дека народот е прост и дека такви префинетости не се за него – тоа е елитизам и тоа е клучното мнение кое треба и да се побива и да се сузбива. Онолку колку што глупостите кои ги купуваат зошто се рекламираат навистина им требаат, исто толку и масовната поп култура која насекаде се промовира навистина е народска, во колоквијалното значење на тој термин. Сепак, неопходно е да се извршат некои  прелиминарни разјаснувања за да не се заплеткаме во непотребните препирки меѓу андерграундот и комерцијалното. На овој стадиум на глобалниот капитализам, меѓу продажбата и квалитетот не постојат никакви, ниту позитивни ниту негативни корелации. Металика, Џеј Зи и Бон Џови имаат приближно ист број продадени албуми – дистинкцијата комерцијално – некомерцијално доколку претендира да валоризира некои содржински одредби на односните опуси како да станува се попорозна и неупотреблива. Нека е и наjсофистицирано дело кое е признаено само од професорите и студентите по музика низ светот – бидејќи пазарот е глобален, нивниот број би бил доволен издавањето на тоа дело да биде комерцијално исплатливо.

Тешко е дека би можел да се наведе список на  чисто естетски одредби кои јасно би ги исцртувале разликите меѓу автентичната уметност и парауметноста масовно фабруикувана од страна на индустријата за забава.  Земете едно ремек дело како на пример Cherry pie од Underworld и споредете со било која од безбројте траки од било кој од безбројте диџеи кои се хит и цело време се вртат по медиумите и клубовите и обидете се со чисто формални обележја да ја објасните разликата меѓу нив. Но и без тоа, секој би го почувствувал раскошот на првото дело во споредба со шупливоста на второто. Затоа, не треба да се зборува за простотилакот и необразованоста на публиката – за музика, на пример, сѐ што треба е имање чувства и функционален слушен апарат. Па и по дефиниција, уметноста е идеја сетилно отелотворена и сетилно – контемплативниот момент е нејзино суштинско својство. Таман работа да зависеше од способноста за разно – разни деконструкции и  херменевтики за да може да се восприеми. Како и во останатите сектори на капиталистичката економија, така и во индустријата на забава – не се пласира популарната култура поради тоа што народот ја бара, туку народот ја бара затоа што се пласира (и рекламира). И секоја иновативност, секое усовршување кое андерграунд уметноста ќе ги создаде, масовната култура ги интернализира и, така да се каже, пацифизира. Панкот се претвори во индустрија за албуми, облека и модни додатоци, а апстрактните слики станаа декорации во канцелариите на буржуите. Наспроти ова неутрализирачко дејство на масовната култура, духот мора да создава постојано нови и нови облици за да не се спои со неа, како некој бродоломец кој мора постојано да мавта со рацете и нозете за да не се удави. Така, на глобален план, поверојатно изгледа дека општествената промена би можела да придонесе за еманципација на уметноста и културата отколку што некоја уметност или култура би можеле да придонесат за еманципација на општеството.

Сепак, доколку глобалниот план веќе е окупиран од владеачката буржоаска идеологија,  останува како простор за маневрирање – партикуларниот план. И навистина, единствено во една контракултура е можно да преживеат едни неконтаминирани уметност и култура, колку светскиот дух да не остане без свои отелотворувања во ова наше време, за голем срам на човештвото и голема среќа на капитализмот. Всушност, како што на политички план официјалните институции, закони и останата надградба целосно се инструментализирани од страна на владеачката класа, па во борбата против неа често се покажуваат неопходни и вонсистемските облици на отпор, така и на културен план популарната култура и културни институции се инструемнтализирани од владеачката класа, и се покажува како неопходност  културниот живот надвор од неа. Да ја парафразираме изреката на Маркс за филозофијата, револуционарниот пролетаријат е реално оружје на противкултурите, исто како што контракултурите се идејно оружје на револуционерниот пролетаријат. Во рамките на популарната култура се култивираат само пролетери по мерка на буржоазијата, па постои опасност дури и со промена на општесгвено – економската формација да продолжи да се репродуцира буржоаски тип на човек (како што забележа и Фуко во полемиката со Чомски).[7] За ова (само)реализирање на буржоаскиот концепт за пролетаријат нека се земе примерот со југословенскиот социјализам – тешко дека турбо фолкот и незаинтересираноста на работниците за сопствената моќ за одлучување во рамките на самоуправувањето беа еден од друг сосема независни феномени. Но и обратно – доколку се изолирани од класната борба она „контра“ од контракултурите ќе биде само празно, а на поединечно ниво изолирањето од светот кој го презираат само фиктивно.

elitizam

Може да сумираме дека од гледна точка на класната борба, елитизмот и антиелитизмот се подеднакво неприфатливи алтернативи. Се чини, неопходно е да се направи една поимна и терминолошка дистинкција. Во општество на потрошувачи, што само по себе подразбира некреативни и неслободни луѓе, секое издвојување на елити независно од класно – економската стратификација кои нормално функционираат во рамките на тоа и такво општество е проблематично[8]. За ова издвојување е резервиран терминот покондиреност. Секое културно потценување во рамките на капиталистичкото општество обично го има овој облик. Покондиреноста е она што е предмет на критика на идеен план, а предмет на деструкција  на  план на уметничката практика (како хоризонт на очекувања кој се третира како ирелевантен). Во масмедиумски свет, она што се нарекува елитизам е всушност покондиреност и е само облик на лажна буржоаска свест која апстрактно го негира своето потекло. Има нешто ведро во  глетката на граѓанки и граѓани кои одат дотерани на театарска претствава (културен настан од нивна гледна точка) и се враќаат покриени со саѓи и ужаснати – сигурно потсвесно предизвикуваат асоцијации на театарот на светската историја кој го напуштаат оние чие присуство таму и онака било само грешка.

 


[1] Јуриј Борев, Естетика, прев. Ленче Тосева, Македонска реч, Скопје, 2008,  стр 352

[2] Hegel, Fenomenologija duha, Bigz, Beograd, 1979, стр 241

[3] Andre Breton, manifestos of surrealism, Ann Arbor paperbacks, 2007, стр. 241

[4] „Трговците, од друга страна, се нечесни и, според тоа, непослушни. Тие се подли и, според тоа, себични. Имаат малку сопственост па, според тоа, ја напуштаат својата земја кога таа е во опасност“ (Фонг Јоу Лан, Кратка историја на кинеската филозофија,Култура, Скопје; 2003 стр. 39)

[5] „ Парите како општо надворешно средство и способност што не произлегува од човекот како човек и од општеството како општество за да ја претворат претставата во стварност, а стварноста во чиста претстава – исто така ги претвораат вистинските човекови и природни суштински сили во чисто апстрактни претстави и затоа во несовршенства, во мачителни химери како што тие (парите) од друга страна ги претвораат вистинските несовршенства и химери стварно немоќни што постојат само во неговата замисла суштински сили на индивидот во стварни суштински сили и способности. Веќе според таа определба, парите, значи, се општо изопачување на индивидуалностите што ги претвораат во нивна спротивност, и на кои тие им придаваат својства што им противречат на нивните стварни својства.

Како таква сила што изопачува, парите истапуваат потоа и наспроти индивидот и наспроти општествените и слични врски што претендираат на улогата и значењето на самостојни сушности. Тие ја претвораат верноста во неверност, љубовта во омраза, омразата во љубов, добродетелта во порок, порокот во добродетел, робот во господар, господарот во роб, глупоста во разумност, разумноста во глупост.

Бидејќи парите како постоечки дејствувачки поим за вредноста ги заменуваат и разменуваат сите нешта тогаш тие претставуваат општа замена и размена на сите нешта, т.е. светот изопачен ничкум општа замена и размена на сите природни и човекови својства.

Кој може да купи храброст, тој е храбар, иако е страшливец. Бидејќи парите се разменуваат не само за некакво определено својство, за определено нешто или определени суштински сили на човекот, туку за сиот човечки и природен предметен свет, тогаш од гледна точка на нивниот сопственик тие го разменуваат секое својство и секој предмет за секое друго својство или предмет дури и такви што му противречат на разменувањето“ (Карл Маркс „Економско-филозофски ракописи“ https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1844/pari.htm)

[6] Leon Trotsky, What Is Proletarian Culture, and Is It Possible?, https://www.marxists.org/archive/trotsky/1923/art/tia23c.htm

[7] Debate Noam Chomsky & Michel Foucault – On human nature [Subtitled] https://www.youtube.com/watch?v=3wfNl2L0Gf8

[8] Се чини надвор од сомнение вистинитоста на зборовите на Едгар Алан По „Дека извесни луѓе можеа да го надраснат своето време, тоа е факт во кој никој не се сомнева. Но ако би сме сакале, претресувајќи ја историјата, да најдеме трага од нивниот живот, ќе мораме да ги оставиме сите биографии на личностите прогласени за чесни и големи и грижливо да трагаме по неколкуте спомени што ги оставиле несреќните умрени по затворите, во лудниците или на стрелиштата“ (цитирано според Георги Старделов, Вовед во иднината, Скопје, Македонска книга, 1986 стр 156)

 

Автор:   Кирил Бисероски

1,076 total views, 2 views today