Естезисот и поезисот во In Sides од Orbital

12.04.orbital

Уште од Витгенштајновиот трактат се познати тешкотиите, или поточно невозможноста, на уметничкото и естетското искуство да им се даде дискурзивен адекват. Но, In sides просто изнудува сеопшт восхит, почит, воодушевување, екстаза (како кај кого), со еден збор, да употребиме еден ингарденовски термин, афирмативен вредносен одговор. И тоа наспроти сите вкусови, темпераменти, образование и било кој друг релевантен параметар кој може да ни падне на памет.

Сѐ на сѐ сум сретнал една единствена негативна рецензија за овој албум, а и таму сите коментари без исклучок, беа несогласување и побивање на таа рецензија. Општоста, па макар и онаа, кантовски да се изразиме, без поим, секогаш е индикатор за филозофска релевантност. Природно е човек да се преиспита што е тоа што прави ова ремек – дело одново да го воодушевува слушателот и да го двои од огромната масовна продукција електронска музика на ист начин накој се одвоени соѕвездието „овен“ од истоимените жители на трлата и фармите. И уште поважно, што ни кажува за нас и за светот во кој живееме фактот што токму тоа и такво дело ги предизвикува токму тие и такви реакции?

Појдовно мнение за електронската музика (со оглед на тоа што доминантното расположение во овој албум го диктираат аналогните синтисајзери, можеби поарно ќе биде да се смета за „машинска музика“) е дека е фригидна, без чувства, без живот и сѐ така во оваа смисла. Или, попрецизно, дека не е експресивна. Вистина е дека кај, така да се каже, најосамосвестената електонска музика стожерна категорија е конструкцијата. Во интервју за barcodezine.com на прашањето „Што се обидувате да искомуницирате преку вашата музика и кои чувства сакате да ги предизвикате кај вашиот слушател?“, Роб Браун од Autechre одговора „Не знаеме кој слуша, што прави, мисли или каде е, дури ни каков стерео – уред користи, па од наша перспектива тие дадености не ни постојат во музиката“. Приматот на конструкцијата се манифестира со небрежност кон звучниот колорариум, аналогна со индиферентноста на математичките ентитети кон емпириската стварност во која се овоплотени, па дури кон нејзиното постоење или непостоење. Confield од Autechre е најчисто олицитворение на таа тенденција – сета динамика и содржина и структурираност се на планот на  идејата и продукцијата – звуците генерирани според нив  а приори мора да бидат естетски издржани и нема зошто да бидат одмерувани сами по себе при компонирањето (секвенцирањето). На оваа тенденција гесло може да ѝ биде мислата од Шарл Бодлер: „Восхитот од нешто што не е апстрактно е знак на слабост или болест“. Наспроти таа несомнена инклинација на електронската музика,  In sides е нагласено „програмски“, и емотивен и инспиративен како никој друг пред и после него. И тоа, што е најважно, без пеење. Воошто не го штеди слухот на слушателот со стереофонии и „оркестрации“ и непосредно изнудува емотивен одговор, и формирањето на естетски објект, онаа така да се каже когнитивна фаза од естетското искуство доаѓа потоа и само го дополнува тоа првобитно емотивно признание. Речиси без исклучок, двата дела од „Out there somewhere“ се дожувуваат како вистински симфонии, и со оглед дака со нив албумот завршува оставаат впечаток на еден катарзичен но истовремено резигниран мир после завршувањето. Самиот Пол Хартнол вака ја објаснува оваа композиција: “I was looking for samples from this TV programme about the way people react to UFOs. It’s not about UFOs, it’s about that spiritual gap being filled by the aliens coming down to save us… Then the second half is the euphoria of what the person wants to feel when they’ve been abducted.” Дали постојат посодветни инструменти за да се олицетворат овие  расположенија од еден Мекинтош компјутер, E-mu Emax 2 E64 семплер, Logic Audio софтвер, неколку различни аналогни синтисајзери, една ритам машина но и семплови од свирење тапани во живо, искористени во In sides?

Прво треба да запреме врз содржината на поимот „чувства“ кој ова појдовно мнение го експлоатира. Овие „чувства“ се инхерентни на буржоаскиот поим за човечка природа. Таа е една трансисториска и трансопштествена суштина, и сите конкретни чувства кај поединечните личности се само партикуларизации на овие општочовечки „чувства“. Така, љубовта си е љубов  без разлика дали е меѓу двајца припадници на некое амазонско племе или меѓу наркоман и трансексуалец  од Белград, да речеме.  Колку што концептот за човекови права e политички неефикасен за конкретните страдања и неправди со кои се соочуваат луѓето, толку и овој искривоколчен платонизам е сосема стерилен кога како концепт ќе се огледа во конкретни случаи. Ова сфаќање е метафизичко, во значењето кој на овој поим му го дава дијалектичкиот материјализам – суштини целосно изолирани од останатите аспекти на стварноста, непроменливи,  апстрактни…сосема погодни за буржоазијата идеолошки да ги експлоатира. Наспроти нив, ако  човечките чувства ги сфатиме како моменти во еден тоталитет, тогаш тие немаат еден ексклузивен медиум преку кој би се пренесувале (демек „живи инструемнти“, како гитарите или виолините да се во помала мера артефакти отколку комјутерите и синтисајзерите). Првиот звук што се слуша на овој албум е семплувано отчукување на срце кое потоа служи како бас линија  во  „The Girl with the Sun in Her Head“ посветена на починатата пријателка Сели Хардин за на крајот сосема да се изгуби во „соничната“ кулминација на траката, со тонови – знуци на горната граница на човековиот слух.  „ Adnan’s“ е еден вистински униние – универзум кој трае точно 8 минути и 41 секунда и сигурно нема некој за кој тој непознат Аднан после слушањето не останал инстанца на едно вонвременско, натстварно сираштво. Јас лично многу подоцна дознав дека била инспирирана од вест во весник за семејство евакуирано од Југославија, таткото морал да остане, а синот не сакал да го остави па и тој се вратил, и по неколку дена загинал во експлозија. По силината на емотивниот одговор, овие две траки се рамносилни со било која плачлива балада. Не е повеќе спорно дека електронската музика може да биде емотивна. Сега прашањето околу  In sides се видоизменува – каков е тој свет и тие луѓе чии чувства си ја нашле својата вистинска форма во ваква електронска музика?

Карактеристично кај Орбитал е што ова естетичко прашање околу статусот на техниката во (музичкото) уметничко дело се преплетува со еколошкото преиспитување на односот меѓу техниката и природата како постојана тема во нивните композиции. Споменатата „The Girl with the Sun in Her Head“ е снимена со електрична енергија добиена од соларна енергија преку Сајрус – генераторот на Гринпис, материјално отелотворувајќи ја метафората која е наслов на ова дело. „Dŵr Budr“ (нечиста вода на велшки) започнува со амбиентални „морски“ звуци на кои се надоврзува семпл од женски вокал кои постепено се препокриваат, а потоа и сосема заменуваат со секвенца од бас натежнат од делеи и ефекти, за морето и женскиот глас никогаш пак да не се појават до крајот на траката. Всушност, таа и е од инспирирана од еколошка катастрофа, излевање на нафта во морето некаде во северен Велс.  Тензичниот однос меѓу техниката и природата во стварноста се манифестира како тензичен однос меѓу музичките електронски уреди од една и емотивноста и стереофонијата од друга. Доминантно раширено е мнението за антагонизмот меѓу природата и техниката, а често е премолчен капитализмот како оној кој ги посредува сите нивни меѓудејства. Доколку се воведе во равенката, многу од тие антагонизми би ги снемало – не загадуваат фабриките туку приватниот капитал за кој загадувањето на средината не е доволно оправдување за додатни трошоци или стопирање на приозводството, или пак ефектите кои замената на необновливите извори на енергија  со обновливи би ги имало врз светската капиталистичка економија. И на музички план, општораширено е мненението за антагонизмот меѓу емотивноста од една страна и електрониката од друга страна. Те не била жива, те била оттуѓена, те била монотона и бессодржајна…И тука антагонизмот не им е инхерентен на музиката и емотивноста како такви, туку на капитализмот преку индустријата за забава како свој модус, кој ги посредува сите нивни меѓусебни релации. Точно е дека на инстант – културата многу ѝ се има најдено компјутеркото генерирање на звуци, ама, како што рекол Рембо, што е виновен бакарот ако станал труба?  Сето она што на конзумеристичката публика би ѝ се допаднало го нема во In sides: нема пеење, „траките“ траат и по 20 минути, поголем дел е со средно темпо (не е сосема погоден за „журки“ и при изведувањето во живо секогаш трпи аранжмански модификации)…Не е оттуѓена музиката, туку светот, таа само одбива таа оттуѓеност да ја игнорира или разубавува. Во право е Адорно, граѓанинот сака уметноста да е убава, а животот  тежок, а треба да е обратно. Во наредниот албум „Middle od nowhere“ резигнацијата е доминантно расположение и покрај неговата експериментална насоченост. Дури и има трака „I don’t know you people“ каде се семплувани делови говор од хорор филмот „Легендата за пеколната куќа“: „That’s no good”,  „why are we here“, „Nothing changes“, „God damn you”. Атмосферата во In sides е потопла и како албум е комуникативен, истовремено задржувајќи ја неопходната дистанца (револт, одвратност) кон сетилноста контаминирана со рекламократијата преку noise елементите кои ги содржи, без разлика што се секвенцирани во органски, дури и химнични целини. Во P.E.T.R.O.L. таа чар на некултивираната бучава и чувството на приклештеност (има и трака наречена Attached во Snivilisation) на субјектот (вокалниот семпл од тенок нежен глас изобличен од  беспомошност) можеби доаѓаат најмногу до израз и не случајно се најдува на саундтракот од филмот „π“. Сепак, стожер на тоа чувство на клаустрофобија во светот како целина, така да се рече неможнсот да се замине не од местото (како романтичарите) туку од универзумот во кој се страда е композицијата  „The Box“. Само нека се споредат самиот наслов, видеото за оваа „трака“ од Лук Лузи и Џес Бенсток и самата трака и веднаш паѓа во очи парадигматичниот,  да го искоритиме терминот на Умберто Еко, идеолет. На ниво на зборови, визуелно и на аудитивно ниво истовремено е вкодирана истото повторливо „одземање на силата“. Исто како што во видеото Тилда Свинтон на крајот повторно се враќа на истото место од каде што тргнала, така и во самата трака и бас и синтисајзерските линии завршуваат со тон ист или понизок од почетниот – како траектории на некој кој упорно се јази угоре во некоја кутија, се удира од капакот и паѓа долу.

На некој начин, цел албум е свет роден од преетаблираната хармонија меѓу техничката цивилизација и природата од завршниот дел од  „Are we herе“ од  албумот „Snivilisation“, и воедно обвинение до човештвото во име на таа хармонија. Така, таа го исполнува клучниот аксиолошки императив за секое уметничко дело (да не се помирува со стварноста,да не нуди забава, пријатност, удобност, со еден збор да не се спои со индустријата за забава). Но, за таа цел таа не го жртвува естезисот, мелодијата и, од аспект на реципиентот, емотивноста, како IDM или еве, Autechre, на пример. На овој албум тие се ослободени од заложништвото на индустријата за забава. Често освртите кон овој албум ја забележуваат приемчивоста на овој албум за рок – публиката. Отаде сите класификации и моди, In sides останува. Како уметничко дело е вистинито – нема посоодветен збор за да се покажат неговите перзистентни актуелност и релевантност. Не премолчува ништо што не е за премолчување и не се помирува со ништо со што не треба да се помири на план на идејата, и е раскошно, колоритно, интензивно на планот на сетилноста. Многу повеќе и нема што да се пишува за него – може некого да го кандисаш со тебе да појде во црква, ама не можеш и да каснеш причесна наместо него.

Автор: Кирил Бисероски

627 total views, 1 views today