Addio del passato или За враќање на слободата

August renoir_white hat portrait

Каква е сега мојата душа? Дали е како на дете? Или е душа на момче? Имам ли душа на жена? Или пак на тиранин? А можеби на диво животно?

Марко Аурелиј, За самиот себе V.11

Sic fortuna in contentione et certamine utrumque versavit, ut alter alteri inimicus auxilio salutique esset, neque diiudicari posset, uter utri virtute anteferendus videretur.

Така судбината во натпревар и битка ги измени обајцата, така што едниот соперник му пружи помош и спас на другиот, па не можеше да се процени кој кого од двајцата надминува во храброст.

Гај Јулиј Кајсар, Белешки за Галската Војна V. 44

Виолета во Addio del passato, арија од Травијата, се прашува дали на нејзиниот гроб ќе има солзи, цвеќе и крст. Се чини со право и на место за жена која умира, а животот го минала како проститутка. Особено откако мажот во кој при последните дни се вљубила се обидува јавно и со коцкарска добивка да и плати за услугите како таа уште да ја врши својата поранешна професија. На жената која толку го сака што на молба на неговиот татко го оттурнува од себе за неговата недолжна сестра да може да се омажи.

Дали човек што со децении ги правел погрешните избори може да се искупи преку еден возвишен чин на саможртва? Дали постои таква околност при која ваквиот човек може да направи нешто што ќе ги натера останатите да го занемарат, од сочувство и со разбирање, а не затоа што се изманипулирани, сето зло што тој дотогаш го нанесол? И можеби најбитното: поради која причина тој се решава на ваков чин?

Paths of glory_white hat_Kirk Daglas_zbirna_dobra verzija

„..[Д]а ги осудите овие луѓе на смрт ќе биде одлука која ќе ве прогонува до последниот ден од вашите животи.“ Полковникот Дакс во одбрана на животите на луѓето од својот полк на кои, во обид да се сокрие злосторството на властољубив генерал, им се суди за кукавичлук – Ходославје (Paths of glory, 1957)

Во мигот кога оние на кои им е доверено да се грижат за безбедноста на заедницата ќе почнат по волја, а не според должност да ги користат средствата што им се на располагање со нивната борбена чест е свршено. Дали овој процес е неповратен? Дали штетата може да се надомести? Единствена причина заедницата да го прости овој хибрис може да биде само директниот придонес во враќањето на нејзината слобода.

Тешко е да се очекува дека генералот-ан-шеф или нему приближно еднаквите, кои се на работ на нашиот свет, чии очи се цврсто вперени во непознатото полно лебеди црни како ноќно декемвриско небо, ќе го сторат она што е потребно.

Искушенијата веројатно се големи и човек лесно може да почне да се бори против они во чие име воопшто и почнал да се бори. Таква е природата на проблемот. Со тоа нималку не се намалува одговорноста.

Се вели дека кога Советската Армија била близу до Берлин, Магда Гебелс на своите шест деца, едно по едно, им давала да гризнат пилули со цијанид пред и таа да го стори истото, а сопругот да се застрела. Јасно е каква е правдата во рацете на оној со сосема спротивни вредности.

За враќање на слободата, таа светла и непотислива потреба, потребни се многу мал број слободољубиви и доблесни луѓе, како полковникот Дакс, и ако сакате и како Виолета, кои од вистинските причини, значи не од самољубие и славољубие, а на своја штета, некои од нив откако долго време правеле нешта кои гледано од аспект на заедничкиот интерес се погрешни, на крајот конечно ќе го сторат, како што вели Дејвид Мичел: „..она што не можат, а да не го сторат..“

 

 

 

Изведби на Addio del passato: Калас, Фритоли, Вишневскаја, на руски, Дамрау

 

 

 

Површен човек е серија текстови главно посветена на современите пројави на оној парадигматичен лик во руската книжевност од средината на XIX век кој се нарекува излишен (лишний человек).

Оваа логофилска серија е инспирирана од неодоливо допадливата нарав на Пјер Кирилович Безухов.

Површен  човек  е еуфемизам за излишен  човек, а покрај ова очигледно семантичко ублажување во насловот серијата содржи и текстови во кои станува збор за ликови, случувања, интереси, концепти, дела и дразби кои по својата суштина некогаш се сосем спротивни на вредностите на излишниот човек.

Текстовите ги пишува Александар Мицески.

 

641 total views, 1 views today