Стефан Сидовски: Прашања без одговори 4 – „Интимно патешествие“

25.12.sidovski1

Статијава, драг читателе, е четвртото од осумте поглавја од една поголема брошура. Насловот ѝ е „Прашања без одговори“, поднаслов – „Тегобности на младиот човек во определувањето на една филозофија на животот“, а мото мислата од Анри Лефевр „Тотален човек е слободен поединец во слободна заедница“. Таа е своевиден наговор на филозофија, и исто како и Аристотел, така и  нашиот Стефан Сидовски речиси цел свој животен и работен  век со несмален интензитет го посветуваше на таа благородна задача. На некој начин, овие статии може да се сметаат за дестилат на еден долгогодишен животен ангажман и интелектуално творештво.  Доста лековит дестилат – само прашајте некој од оние кои имале среќа да ги слушаат неговите средношколски предавања.

 „Во светот човек без илузии е странец“

Албер Ками

Во своето друштво, младите имаат моментина блискост, сигурност и слобода, но и на оттуѓеност, ограниченост и недоразбирања. Настануваат расправии во кои мошне емотивно, страсно и занесено, а и со подбивна тврдоглавост, иронија сарказам се брани или напаѓа, како своето, така и туѓото гледиште. Иако во тие диспути не доаѓа до некој конечен одговор, или пак до некое убедување или разубедување, сепак тоа е единствената оаза на можност да се зборува без да се внимава што и како ќе се рече и дали е тоа паметно или глупаво. Во таа необврзаност на дискусии, во тие жолчни расправии и атмосфера на упорно бранење на своето мислење и своето гледање на работите (што влијае мислењето да сеодвива во скоковити противречности и мошне духовито, а понекогаш и со вулгарни дигресии), всушност младиот човек несвесно почнува да биде заинтригиран со проблемите, па да се освестува за прашањата и да ги мисли низ својот личен живот, како и низ местото на семејството во кое живее во економско – социјалната структура и статус во општеството. Согледувајќи го својот удел во менувањето на нештата во општеството , и својата перспектива, некако започнува да врши самоедукација која му овозможува да започне да ги бара начините, средствата и можностите за сопствена самореализација како личност.

Особено, периодот од петнаесеттата до деветнаесеттата година од животот е мошне конфузен во тој поглед. Но затоа пак, во истиот период младиот човек може да ги согледа своите интереси и барања и да изнајде кон што да ја насочи својата целокупна активност на живеење. Област за која се смета дека отвора и нуди можности за развој на младата личност е културата, сфатена во најшироката смисла и значење на терминот и поимот.

Обично, тоа се спортот, техниката, уметноста и науката. Сепак, најмногу ги привлекуваат спортот, медиумите и високософистицираната техника, а посебно уметноста. Можеби преголемиот публицитет што им сепридава, како и честото пишување за животот на врвните спортисти и уметници, и прикажувањето на нивниот начин на живот, се мотивите за нивната привлечност за младите луѓе.

Најчесто се започнува со занес, кој во почетокот изгледа мошне наивен сѐ до првите неуспеси, разочарувања , како во недостатоците и ограниченостите во психолошко – морален и материјално – финансиски поглед, така и при среќавањето со сите видови интриги, махинации, корумпираност, протекционизам и непотизам, итроштини и лаги, што често ги има во средините во кои се движи младиот човек.

Младешкиот занес и наивност ќе мора да се замени со искуство и „дипломатска игра“ на додворувања и познанства како услов да се влезе низ вратата на тие спортски, технички, медиски и уметнички дејности. Освен тоа, малодушноста и немањето доволно знаење, а воедно и согледувањето на безперспективноста, доведуваат до очајност што го води младиот човек кон своевиден револт, „контра“ официјалните, институционализирани форми на организираност на културата. Со оскудни материјални и финансиски средства се создаваат творби кои не можат да се подведат под некои канонизирани или класификаторски мерила на родовските и жанровските форми на уметноста, односно на естетиката. Започнувајќи од правењето свои клубови во подрумските простории со декорации на диско – ексклузивни клубови а ла запад, па преку чкртањето разни текстови и цртежи по ѕидовите, преку начинот на облекување, употребувањето на свои „ексклузивни“ зборови и начин на мислење, па до себе изразувањето во музиката, песната или сликарството, медиумите и интернет, видео игрите и виртуелната уметност, младиот човек , без некоја обврска и одговорност, без некоја перспектива и амбициозност, туку како актуелна состојба на доживување на своите проблеми, се искажува во својата подрумска „недостојна забава“, во својата музика, во своите текстови, во своите веб страни на интернет и чатувањето, во своите размислувања и во својата субкултура.

Оваа субкултура беше и е предмет на осудување, предмет на расцеп меѓу генерациите, предмет на оправдувањето дека младината се испушта од контрола, предмет на манипулации, а не се обрнува внимание дека институционализираната култура со сите свои конзервтивни форми ја задушува талентираноста и можноста за развој и правилно канализирање на творечката енергија на младиот човек во неговото изразување.

Изразувањето на младиот човек е и одговор на сопствените проблеми и своевидно решавање на прашањата за кои не може да се најде соодветен , образложен и осмислен одговор, кој воедно би бил и одговор на живеењето.

Поставувајќи се „во контра“ кон културата, младиот човек создава своја култура. Без обѕир како таа ќе биде вредносно определена, тој чувствува дека се наоѓа во својот дом, „меѓу своите“.

Но, штом младиот човек ќе започне да ја шири и да ја популаризирасвојата контра – култура, да ја наметнува и воедно да ја пренесува преку масмедиумите и средствата на официјалната култура, тогаш почнува да се компромитира себеси, да ги прифаќа формите на културата, а да отфрла некои обележја на својата контра – култура со надеж дека на тој начин ќе може да се изврши некое влијание, па дури и со амбиција дека ќе направи некои промени во културата. Во таквата изнасиленост да навлезе во културата, лека – полека започнува да ги заборава или да ги остава настрана прашањата и проблемите со кои се соочуваше и сета негова преокупација станува како себеси да се афирмира, како сиот свој творечки потенцијал да го искаже.

Дотогашниот, необврзан начин на емотивно „испразнување“ повеќе не одговара и мора да му се даде соодветна форма што ќе биде и прилагодлива за општеството. Со тоа, младиот човек минува низ адаптивен процес на живеење во општеството со можност да го зачува интегритетот на својот идентитет т.е. да ја развие својата личност.

Веќе се соочува со проблемите на општеството; нив ги чувствува мошне непосредно, на „сопствена кожа“ и станува заинтригиран од свој аспект. Тоа е веќе стекнување на зрелост, која е мошне макотрпна и со низа компромиси.

Проблемите почнуваат да се мултиплицираат, и тоа пред сѐ оние од економско – социјален карактер. И кога веќе младиот човек непосредно се наоѓа  во живеењето на општествената стварност, чувствува и согледува дека во иднина ќе мора да се пресмета со самиот себе, со некои свои илузии; бидејќи избирањето на животниот позив, можноста за вработување и решавањето на другите проблеми околу егзистенцијата, доведуваат до тоа, младиот човек да се запраша за состојбите и појавите во општеството, бидејќи , директно или индиректно, тоа сеоднесува и на него. Оттука и ја воочува поврзаноста на економијата со политиката и се обидува оваа релација да ја разјасни.

Јавните гласила: радиото, телевизијата, дневниот и неделниот печат, како и месечните списанија, стануваат мета на интересирање, се коментираат појавите од аспект на информираноста и на списанијата, со цел фактички и логички да се образложат општествените појави во нивната економско – политичка и социјална обусловеност.

Во секојдневното живеење и среќавање со истите појави, увидувањето на расчекорот меѓу тоа што е и тоа што треба да биде, согледувањето на дискрепанцата меѓу словото на законот и тоа што се чини по родбинска врска со протекционизам , корумпираност, услуга зауслуга итн.  доведува до тоа, младиот човек да ја согледа својата неспособност да ја сфати во потполност општествената стварност во сета нејзина противречност и ток на одвивање. Исто така, не може да остане на таквата констатација , туку настојува со некои идеи да внесе некој ред, даја сфати сета комплексност на токот на општествената стварност. Станува свесен за идеологијата како извор на политиката;се прашува за доктрината и настојува да си ги објасни теориски и практично.

Неговиот хоризонт се проширува и привидно потиснатите проблеми и прашања сега се преструктуираат во нова структура и се доживуваат во нова формулација , вклучувајќи го и сето непосредно искуство на доживување на светот, меѓучовечките односи и сите појави во општеството.

Ова освестување и само – себе спознавање доведува до тоа да сепостави повторно проблемот на смислата на постоењето, но сега во едно среќавање очи в очи со самото свое живеење. Значи, повторно се наметнува проблемот : „Како да се живее? Зошто да сеживее?“

Младиот човек не ги доби одговорите и сега е поставен самиот пред себеси да одговори: „како да одговорам на прашањата?“

Но, ретко се случува младиот човек да севпушти во самиот себе да ги бара одговорите. Всушност, обично одговорите ги наоѓа во зависност од тоа како, со кого и на кој начин ќе се сретне со ова или она учење кое, не само што ќе ја задоволи неговата љубопитност, туку ќе нуди и можност да стане негова философија на живот, односно негово „credo“.

Во тој поглед, посебно мас – медиумите: радиото и телевизијата , весниците и илустрираните списанија, стрипот и фотографијата, видеото и филмот, електронските медиуми и интернет со сите информации што ги нудат од оваа или онаа област, со сите видови вести и коментари го отвараат хоризонтот на младиот човек кон светот.

Ова отварање во својата конкретност уште повеќе се збогатува со преземањето патувања во странство, обично авантуристички со авто – стоп, кои овозможуваат средби со разни луѓе од различни профили. Тоа на еден непосреден, непредвидлив и неочекуван начин влијае да се примаат сознанија за оваа или онаа појава, за ова или она движење, за овој или оној општествен настан што младиот човек го доживува како нешто ново. Речиси несвесно, во неговата свест се појавува идејата да сепреземе патување кон Запад или кон Индија, два симбола на два различни стремежи што младиот човек може да ги почувствува во себе: едниот како индивидуализам, неограничена слобода и материјално изобилие на уживање, а вториот како мистична оаза на спознание на себеси, ослободување од  илузијата на светот и во блаженство.

Непобитно е влијанието на рок – музиката која во 60 – те години на XX век го започна својот планетарен подем и влијание. Со своите текстови таа ја изрази кризата на светот, а посебно на младите луѓе и нивното место во светот. Рок – составите и пејачите станаа идоли кон кои се стремат интимните желби на младите. Поистоветеноста со идолите водеше и води кон идентификација која преку рок – концертите, фестивалите и музичките списанија придонесе спомнатите симболи (Запад – Индија) да станат еден вид копнеж за „интимната ветена земја“ што треба дабиде во светот.

Иако недефинирани како филозофии, хипи – движењето, панкот и техното, младите ги примија како нешто свое, како свој начин на живот што се манифестира во сите конкретнсоти на живеењето. Некритичкото преземање и наполно прифаќање на сето тоа, повлече со себе и некои последици; на пр. дрогата стана еден вид „статусна ознака“ на диференцирање односно протестна форма на обрнување внимание кон себе, кон својата несфатена очајност и проблематичност на живеење во светот.

Во таква состојба излезот се бараше и се бара во читањето книги од областа на научно – фантастичната и парапсихолошката литература, како и во романите со спиритуално – мистички карактер; на инетрнет со сурфање по информации како безвремено хедонистичко изолирање и чатување како посредуван начин со машина да се чувствува  единство со глобалното село на глобализираниот свет. Исто така, и во дружењето со групи кои вовлекуваа во некои учења, како што се источните философии, или пак, во припаѓањето на некои ориентални или христијански секти. Тоа би претставувало крај на „интимното патешествие во животот“ и  „просветленост во најдената вистина на животот“.

Преку Запад, каде што постојат разни центри и кампови, како своевидни „ашрами“ источните филозофии, а особено јога – философијата здобива свои следбеници.

Оваа философија односно разните варијанти интерпретирани од учителите наречени „гуру“ станува философија на живот што му овозможува на младиот човек да најде одговори на низа свои интимни проблеми и прашања за своето постоење во светов; станува негов начин на живот што ќе го води кон откривањето на вистините на постоењето, Тоа го прави и будизмот, зен – будизмот и трансценденталната медитација и разните ориентални  мистични учења.

Од друга страна, истото влијание го имаат и западните херметички и окултистички учења, како теозофијата, антропозофијата и сциентологијата, па дури и разните братства и  учења на црната магија. А, исто така, се обраќа и кон самите религии од кои очекува да му ги даде одговорите.

Токму тие и такви учења, друштва  и братства нудат некои одговори на суштинските метафизички проблеми за кои младиот човек никаде не би можел да најде задоволувачки одговор кој воедно би бил и начин на живот, философија на живеење на метафизичката потреба за: чистота на живеење, посовршен живот, слобода, блаженство, совршенство, апсолутот.

Стефан Сидовски

755 total views, 1 views today