Slacker или Замката на претворањето на сопствените инакви мисли во дела кај младите

Slacker-triplet_logon-politikon-1024x264

..Бегалец е оној кој ги избегнува општествените обврски..

Марко Аурелиј, За самиот себе, IV.29.1

 

Има некоја јасна иронија, а некои можеби ќе речат и дофатливo прикриена смисла, во тоа што Толстој, човек на кој му се врачени два ордени и четири медали за воени заслуги, е одговорен што идејата да се одбие извршувањето воена служба врз основа на религиозни убедувања ќе биде нашироко пренесена и масовно прифатена. Точно е дека два од тие медали се комеморативни, а еден не се однесува на дела кои тесно му припаѓаат на бојното поле, како и тоа дека доделувањето на првиот орден ќе го пропушти од причини кои се разликуваат во зависност од изворот кој ги објаснува, но она што не може да се одмине е тоа дека илјадници луѓе, поради  него, само затоа што се согласувале со неговиот концепт, биле испраќани во Сибир.

Да се избере да не се исполни толку елементарна општествена обврска кон заедницата каква што е одбраната на оние кои не можат самите да се одбранат, може лесно да се претпостави, најверојатно во минатото била гледана на два начини: или станува збор за луѓе кои се, наједноставно кажано, кукавици, или станува збор за луѓе кои работат за непријателот. Во двата случаи тие се недвојбено излишни за заедницата, иако, од очигледни причини, оние од втората група, барем во текот на еден крајно надгледуван ограничен временски период можат да бидат од полза.

Сето ова под услов војната да се води за заштита на заедницата.

Ставот на Толстој за служењето војска кој ќе стане познат како приговор на совеста произлегува од неговите етички размисли околу примената на насилство за заштита од насилство кое сè уште не се случило. Со начините на кои го прави тоа ќе се занимаваме подоцна.

Причините за да се одбие лично учество во војна не завршуваат со приговорот на совеста и пацифизмот. Луѓе можат да не војуваат и затоа што не се согласни со раководството, затоа што сметаат дека потребно е да се промешаат сојузниците и непријателите, затоа што сметаат дека судирот има штетни последици по заедницата итн. Општо земено овие би биле дел од една нова трета група: луѓе кои нити се кукавици, нити работат за туѓи интереси, но имаат проблем  со правецот во кој е водена заедницата. Нужен предуслов за нивно постоење е извесно ниво на граѓанска слобода (значи се релативно современи), а центарот на моќ, она јадро што ја води заедницата, ќе се обиде, со помош на разновидни и за суверени луѓе провидни изговори, да ги прогласи за петтоколонаши.

Кога владата на САД почнала да среќава проблеми при мобилизацијата на своето младо население (на пример при Виетнам, особено после воведните месеци од судирот), тие кои на различни начини се труделе да ја избегнат воената служба биле нарекувани slackers (оттука натаму слакер). Ова не е првпат да се користи зборот, ако побарате ќе пронајдете случаи во кои е користен и пред два века.

Дел од нив не можеле да докажат дека она што ги спречува да учествуваат во војната се религиозни принципи. Можат да се сретнат анегдоти при кои институциите на САД објаснуваат дека одбивањето да се учествува во определена војна е различно од приговорот на совеста и што е побитно, згора на сè – тоа не е прифатливо.

Со ова ќе заврши нашиот кус, груб и нецелосен нацрт на товарот кој овој збор го наследува од примената во минатото. Во извесен момент, или како дополнително истовремено второстепено значење на зборот, слакер ги означува и оние луѓе кои не ги вршат должностите на кои ги обврзува заедницата во поопшта смисла. Ова е логично ако се земе предвид дека потребата да се даде животот во одбрана на заедницата е крајна инстанца на докажување дека човек заслужува да припаѓа во неа. Опсегот на општествените обврски може да биде прилично широк во зависност од природата на заедницата и како што се наголемуваат формите на кои човек може да придонесе се наголемуваат и начините истите да се избегнат.

Значи с л а к е р и се луѓе кои ги одбегнуваат обврските. Се разбира, вака поставено, поимот може да опфаќа многу различни толкувања на обврските. Ние ќе се занимаваме со новото дефинирање на поимот во истоимениот филм на Ричард Линклејтер од 1991.

Кој е основниот профил на слакер? Тој е дваесет-и-кусур-годишен високо образован човек чиј начин на живот има низа контракултурни одлики: нема постојано живеалиште – често и нагло се сели, а се вселува кај групи истомисленици; нема работа – ако ја има таа е некоја елементарна услужна дејност која е значително под неговиот капацитет; нема основано семејство – можеби има некоја врска, но ништо што не може без многу мислење да прекине; нема големи материјални потреби – затоа може да се издржува со онаа никаква работа; главно не го прифаќа општествениот поредок и не учествува во носењето на политичките одлуки во заедницата; рекреативно употребува дроги и алкохол; преокупиран е со извесен уметнички проект (музика, сликарство, книга..) чие завршување е неизвесно – и некаде овде, ако не во политичкиот дел, со својата природа на крајно посветен деноноќен вообразувач, тој се ородува со својот духовен предок – Обломов. Како што некој пригодно ќе напише: „Линклатер доловува генерација бистри умови кои не можат да ги претворат сопствените мисли во дела.“

Ова е произволно резиме на профилот на ликови во филмот Слакер, самиот лексички поим можеби подразбира и опфаќа и нешто друго. Начинот на кој е доловено лекомисленото безделничење при кое слакерите, во неуредна соба со портрет од Карл Маркс, разговараат за местењето на изборите со кои Буш Постариот станува претседател на САД, избори на кои – лесно може да се претпостави – тие самите не гласале; или пак посветеноста при истражувањето на недобројните подробности во теориите на заговор за атентатот на Кенеди; а пред се’ отсуството на дијалог во филмот зборуваат сами за себе. Филмот е ретко визуелно и наративно искуство.

По повод 15 годишнината од снимањето на филмот Ричард Линклејтер ќе сними аудио снимка со белешки за процесот на снимање која го проследува текот на филмот. Таму, околу 45 минута ќе каже:

„[Често се вели дека] луѓето во Слакер се мрзливи.. не е точно, сите прават нешто, или се во бенд или слично – има некаква активност..[нивното дејствување] не се совпаѓа со слободниот пазар, .. [тие прикажуваат] алтернативни начини на живот што не се поврзани со пари или напредок,..во филмот се гледа енергија, мисла, интелигенција кои можат да фатат било каков правец..

Значењето на овој навод може да биде во тоа што како на никое друго место преку него несвесно се покажува колку е еднакво битно к о ј е оној што суди со судот што истиот го дава. Од гледна точка на моќта, на она раководството кое и’ дава правец на заедницата, овие млади луѓе се штетни – затоа што не учествуваат во војните што го одржуваат системот во живот, затоа што не заработуваат и не трошат на оној начин кој и’ е потребен на постоечката економија, затоа што не ја легитимираат власта на начин на кој таа тоа го посакува..

Слакерите, како начин на живот, се форма на отпор, кон вредностите кои луѓето што владеат со желба за контрола ги наметнуваат кон широката јавност. Далеку од тоа дека секој од овие слакери е генијалец или дека ќе отсвири, отпее или создаде некое генијално уметничко дело или дека ќе направи нешто вредно за заедницата. Веројатно повеќето од нив, поради недостиг на дисциплина и волја, нема ни да направат нешто битно. Доминантната идеологија е загрозена од самото нивно постоење, од самиот факт што пред јавноста тие покажуваат дека има и некој друг, инаков, начин да се живее. Да не заборавиме, ова е 1991, кога ни САД не ги познавале оние изгубени генерации млади луѓе кои не можат да се вработат (какви што ги има денес) – ова се луѓе кои од идеолошки причини одбираат да не се вклучуваат во пазарот на труд со сиот свој капацитет.

За нивната врска со површниот човек, како и за други нивни аспекти, збор ќе стане понатаму.

 

 ===========================================================================================

Површен човек е серија текстови главно посветена на современите пројави на оној парадигматичен лик во руската книжевност од средината на XIX век кој се нарекува излишен (лишний человек).

Оваа логофилска серија е инспирирана од неодоливо допадливата нарав на Пјер Кирилович Безухов.

Површен  човек   е еуфемизам за и з л и ш е н  ч о в е к, а покрај ова очигледно семантичко ублажување во насловот серијата содржи и текстови во кои станува збор за ликови, случувања, интереси, концепти, дела и дразби кои по својата суштина некогаш се сосем спротивни на вредностите отсутни кај излишниот човек.

Текстовите ги пишува Александар Мицески

696 total views, 1 views today