Курт Гедел – човекот кој го победи времето

kurt

Не постои почеток. Се обидов да го измислам но беше лага, а јас не сакам да лажам. Приказнава ќе започне онаму каде што заврши, во средината. Триаголник или круг. Закривена линија со три точки: минато, сегашност и иднина.

Декември 1977 година, со тежина од 29 килограми е хоспитализиран професорот по математичка логика во болницата Принстон. Умира на 11 јануари 1978, со дијагноза „неухранетост и исцрпеност поради нарушување на личноста“, насловна страна на Дејли Принстониан, најстариот студентски весник на Универзитетот во Принстон, САД.

****

Курт Гедел, слаб до точка на изнемоштеност, го сокрива своето тело во жештината на летото во капут и шал. Целосно закопчан, вистински пример на една строга резервираност: тмурен, песимистичен, со воздржаност кон секаков човечки контакт освен за најблиските пријатели. Често луѓето ќе забележат една осамена фигура, со рацете позади својот грб, подгрбавен како запирка во една бескрајна полноќна прошетка вдолж морскиот брег. Оние што го здогледуваа се вџашуваа од неговиот намуртен поглед и необичен германски акцент. Личеше на таен германски шпион кој дава тајни сигнали на непријателските воени бродови.

На престижниот Институт за напредни студии во Принстон, Њу Џерси, повеќе нема да шета сам, предизвикувајќи сомнеж кај соседите. Тој ќе има пријател за прошетка, негов колега на Институтот и негов најдобар пријател. Тоа беше уште еден германски бегалец со математички став и држење, и најпознатиот научник на сите времиња, Алберт Ајнштајн, чии замислени скитања веќе подолго време ги иритираше жителите на Принстон. Кон крајот на својата кариера, тој ќе рече дека неговото дело повеќе не му е важно, и дека оди на работа, само колку да има привилегија да шета и да си оди дома заедно со Курт Гедел.

- Убавото време денеска ни се погоди за шетање!-рече Ајнштајн сокривајќи се под белата шапка од летното сонце.

- Веќе е средина на август, а цвеќињата се овенати. За жал, живееме во свет во кој 99% од сите убави нешта се уништуваат во нивниот корен-изговори Гедел со темен, песимистички тон.

На Институтот во Принстон, омилена тема на дискусија на двајцата пријатели е- Кант. Гедел смета дека Ајнштајн обезбедил научна верификација на временскиот идеализам на Кант кој е имплицитен во неговата теорија на релативитет.

- Времето е мистериозно и само-противречно битие кое го формира јадрото на постоењето на светот и на нас самите- рече Гедел, ѕиркајќи  низ темните наочари како некој був од друга димензија

- Знаеш дека јас не верувам во мистерии, туку во цврстата логика на здравиот разум. Тој е крајната точка на која се потпира математиката- му одговори Алберт.

- Но во математиката исто така постојат интуиции. Колегите се подбиваат со мене поради тоа. Но математичките равенки се патека која може да не одведе во ветената земја на нови увиди.

Дури и онтолошкиот доказ за постоење на Бога мораше да го сокрива и да не го објави. Едноставно, неговите современици беа во војна со неговите сфаќања. Потоа продолжи:

- Ние имаме нешто како перцепција на објектите од теоријата на класите, што се докажува со фактот дека аксиомите ни се прикажуваат како вистинити. Не гледам никаква причина зошто помалку да и веруваме на ваквиот вид перцепција, т.е. во математичката интуиција, од сетилната перцепција.

Таткото на релативитетот ги поткрена широките бели пантолони кои ги држеа еден пар трегери и во попладневната жега шетајќи по тревната патека рече:

- Времето суштински го дофатив во посебната теорија на релативитетот. Тоа е четвртата димензија на релативистичкото простор-време и не е апсолутно како што сметаше Њутн, туку е локално и релативно!

- Факт е дека твојата теорија на релативитет не успеа да го прикаже времето онака како тоа се случува во нашето секојдневно искуство. За Кант, просторот е интуитивна форма на „надворешното сетило“, времето на „внатрешното сетило“. Времето не е ништо друго од форма на внатрешно сетило, на интуицијата за нас и за нашите внатрешни состојби. И токму поради тоа што оваа внатрешна интуиција не бара геометриски облик, насочени сме да го замениме со помош на аналогии.

- Аналогии?- зачудено извика Алберт и димна со лулето.

- Токму така. Аналогијата е да мислиме за времето, кое не е простор, за просторно! Не можеме, вели Кант, за себе да обезбедиме претстава за времето кое не е објект на надворешна интуиција освен преку слика на една линија во просторот. Така, кога ти го зафати времето во посебен релативитет, уште еднаш го претвори во простор, овој пат, во четврта, временска компонента на геометриска структура на четири-димензионалното простор-време!

Ајнштајн во ниту еден миг не помисли дека неговата теорија го потврдува филозофскиот идеализам на Кант. Генијот кој го научи Њутн дека гравитацијата не е ништо друго од закривување на четиридимензионалното простор-време, и кој сите ги научи дека енергијата е производ на масата и квадратот на брзината на светлината, сега учеше од својот пријател дека неговите равенки математички го негираат реалното постоење на времето.

-  Релативитетот не ја дофаќа суштината на интуитивното време, бидејќи кога доаѓаме до времето, нашите интуиции не издаваат. Ако времето е релативно, во однос на што универзумот се шири, апсолутно и временски? Кога си го претставуваме времето, тоа едноставно ни бега, не се согласува со фактите-рече Гедел тапкајќи го својот пријател за рамото. Тој само се насмеа и за да го пренасочи разговорот го праша:

- Како е Адел?

Гедел во тој момент западна во длабока замисленост. Тукушто го поби најголемиот научник на сите времиња. Но што ако времето навистина не постои? Што ако живееме во еден безвременски свет? Како е тоа можно кога во неговата глава во тој момент блесна неговата Адел и тоа толку реално и толку убаво беше сеќавањето кога за првпат ја запозна во виенскиот ноќен клуб „Молец“. Адел Поркерт, танчерка во ноќните клубови беше шест години постара од него, разведена, и католик, за што неговите родители многу се противеа. Но тој многу ја сакаше и покрај сите препреки, на крајот се ожени со неа. Немаа деца. Сега, нивниот брак се разнишуваше поради неговата параноја. Адел, која беше прекрасна девојка со секогаш широка насмевка и и која зборуваше непрекинато, се претвори во негова сенка. Сепак, остана храбра и решителна да му помогне низ сцилите и харибдите низ кој поминуваше неговиот совршен ум.

- Дојди кај нас дома. Ќе ти покажам нешто што ме мачи.

Заедно отидоа во домот каде што живееше Гедел со неговата сопруга. Адел ги пречека многу љубезно. Отидоа во неговата работна соба. Алберт ја здогледа импозантната библиотека која ги покриваше сите агли од неговата соба. Една книга која штрчеше од останатите му го задржа погледот. Тоа беше книга за непознатите ракописи на Лајбниц. Гедел ја повлече и одеднаш целата библиотека се отвори и позади неа се откри еден таен ходник.

Зачекорија во него и долго одеа се додека не пристигнаа во една голема просторија со големи прозорци. Низ нив се гледаше јасното ѕвездено небо. Во средината имаше еден џиновски жироскоп, а на краевите стоеше големиот фотографски атлас на галаксиите на сателитот Хабл.

На една голема табла со бела креда беа исчкртани еден куп равенки. За големо запрепастување на познатиот научник, од неговите равенки беа изнесени модели кои укажуваа дека целата материја во универзумот ротира.

- Со помош на твоите равенки открив дека постои едно инертно поле кое ги одредува движењата на сите тела на кое пак, не дејствува ниту една сила!

Му го покажа жироскопот кој се наоѓаше во центарот.

- Ова инертно поле го одредува однесувањето на оската на ротација. Галаксиите релативни на ова поле ротираат како во овој произволно ротирачки жироскоп. На овој начин, ротира целата материја во универзумот!

Ајнштајн внимателно го погледна големиот атлас на Хабл на кој беа повлечени линии на секоја галаксија кои требаше да ги претстават нивните оски на ротација. До нив, беа испишани сумарните статистики на секоја од нивните ориентации. Со незапирливо темпо, Гедел продолжи:

-  Во овој ротирачки универзум не постои релативно време, туку целата материја ротира. Како таков, тој не е ниту во експанзија, ниту во ентропија. Неговата геометрија е толку закривена што постојат просторно-временски линии кои се закривуваат околу себе.

- Сакаш да кажеш дека формираат круг?

-  Токму така. Затварајќи се самите себе, се враќаат на нивната почетна точка.

- Тоа би значело дека точката на иднината се поклопува со точката на минатото. Патувањето низ времето е научна можност!

Не му одговори. Го забележа треперењето во неговиот глас. Веројатно од возбуда. Од неговата теорија на релативитет со помош на неговите алати, конструраше бомба. Овој пат, не беше атомска, туку бомба која се закануваше да го промени самиот тек на историјата. Да го промени концептот на времето и да овозможи враќање назад во минатото и негова промена.

-  Едно вселенско летало со енормно забрзување и енормна количина гориво, ако патува по оваа линија, може да се рече дека патува низ времето.

Притисна едно копче и од таванот се спушти најновото супердизајнирано вселенско летало. Германските воени старешини му помогнаа да дизајнира ракетна машина со точно пресметаните количества гориво и соодветен материјал кој ќе може да ја издржи потребната брзина. Ајнштајн не можеше да ја сфати оваа необична опседнатост. Да се врати назад во времето. Да го живееш животот повторно. Овој пат, без истите грешки кои ги направи кон својата Адел.

Го повика заедно да патуваат. Ајнштајн, кој веруваше во неповторливите работи кои ги носеше животот, го одби. Веќе се приближуваше неговата смрт. Но тоа беше животот за него. Убав и неповторлив.

На одење му подаде факел. Љубовта кон Адел беше главната причина поради која големиот логичар, чиј универзум се состоеше од безвременски математички свет на класи и броеви, го прими Ајнштајновиот факел пред да зачекори во неизвесностите на новото простор-време.

****

Ковчест, измачен и опседнат, Курт лежи во својот кревет. Одбива да јаде. Мисли дека го трујат и храната е отровна. Едвај тежи 40 килограми и секој ден слабее се повеќе. Но тој негираше дека е болен. Велеше дека тукушто се вратил од минатото кон кое патувал со брзина помала од онаа на светлината. Тоа му беше научно оправдување за својата потпросечна телесна тежина. Сепак, неговата кафена коса беше остра, а неговите сини очи светеа со интелектуален жар. Но, не успеа да ја врати својата љубов. Дури ни кога се врати во минатото. Ниту во своите мисли. Адел беше хоспитализирана во болница и повеќе немаше кој да му готви.

Срцето му бие, градите му се исполнуваат со прашања со секој здив под влијание на неговите мисли, кои нема никогаш да бидат одговорени. Вистини кои нема никогаш да бидат докажани.

Ги претвораше улиците и оградите од околните куќи во кодови. Потоа меѓу нив бараше правила. Потоа правила кои ќе ги кршат правилата. Бесконечност која не е доволно бесконечна. Бесконечност која не дозволува да се дефинира со ниту едно правило. Бесконечна листа на математички факти кои никогаш не можат да бидат докажани. Непресметливи броеви кои засекогаш ќе останат отаде здравиот разум.

- Да пронајдам барем времено решение на оваа мистична равенка-си велеше во себе – Времено додека се борам со постоењето на времето во мојот живот. Времено за да го намалам овој немир и оваа болка макар привремено. Но тоа нема никогаш да се случи во овој живот. Ќе умреме без да го знаеме одговорот. Ќе умреме опкружени со некомплетност!

Ги претвораше улиците и целата природа во кодови. Ја бараше вистината за да ја соголи до коска. Вистината која постои независно од нас, која постои таму некаде надвор во светот. Груба и бесчувствителна. Беше спремен да ја прифати без оглед колку беше алармантна и страшна, дури и ако ја докажуваше несовршеноста на човековиот ум. Дури и ако докаже дека ние не сме слободни и дека љубовта, таа петта димензија на простор-времето е само уште една илузија.

Гладувањето е доказ на храброст, претстава на слободата. Тоа е доказ на слободната волја, еден невозможен избор наметнат против сите лажни сили. Секоја сила во универзумот не води кон овие очигледно неизбежни циклуси. Го правам невозможното. Избирам да не ги слушам овие сили, да реагирам поинаку од она што тие го наредуваат.

Бидејќи некои вистини не можат никогаш да се докажат придржувајќи се до правилата. Така, целата оваа приказна за Вистината е Лага. Лажгото вели- Ова е лага.

Не постои крај. Се обидов да го измислам но беше лага, а јас не сакам да лажам. Приказнава ќе заврши онаму каде што започна, во средината. Триаголник или круг. Закривена линија со три точки: минато, сегашност, иднина.

Автор: Огнен Коцевски

1,147 total views, 2 views today