Дејвид Хјум: За Самоубиството

07.01.a-pair-of-shoes

Една значајна предност која никнува од филозофијата е надмоќниот противотров што го нуди за празноверието и лажната вера. Сите други лекови против таа штетоносна зараза се напразни, или, барем, несигурни. Обичниот здрав разум и светското искуство, кои сами по себе најмногу му служат на животот, во тој случај се неефикасни. Историјата, како и секојдневните искуства, нуди човечки примери обдарени со најсилно чувство за работа и потфати, кои цел свој живот се веднеле под јаремот на најголемите празноверија. Дури и ведроста и добрината на духот, кои постилаат мевлем врз секоја друга рана, не нудат лек за толку опасен отров; како што и можеме да видиме од понежниот пол, кој – иако неретко опседнат од ваквите природни дарови – паѓа како покосен пред овој неуморен натрапник. Но кога цврстата филозофија еднаш ќе завладее со умот, празноверието успешно се отфрла, па човек може со сигурност да потврди дека нејзиниот триумф над овој душман е поцелосен отколку над повеќето пороци и мани својствени за човековата природа. Љубовта и гневот, амбицијата и алчноста, имаат корен во наравот и чувствата, кои и најздравиот разум ретко може во целост да ги исправи. Ама празноверието, втемелено во лажни мислења, мора веднаш да исчезне кога вистинската филозофија ќе вдахне повисоки моќи во праведните ставови. Овде битката меѓу заразата и лекот е порамномерна – и ништо не може да го запре вториот да делува, освен неговата сопствена лажност и префинетост.

Овде би било излишно да се поткрепат доблестите на филозофијата со обелоденување на погубниот стремеж на тој порок, од кој го прочистува човечкиот разум. Празноверникот, вели Тали, е беден во секој поглед, во секој дел од животот. Дури и самиот сон, кој ја протерува секоја грижа на несреќниот смртник, му нуди материја за нови ужаси; си ги проучува соништата и во тие ноќни виденија гледа предвидувања за идни несреќи. Би додал дека, иако само смртта може да стави крај на ваквата беда, тој не се осмелува да избега кон ова прибежиште, туку само го продолжува бедното постоење, од суетен страв – да не го навреди својот создател со искористување на моќта со која го дарувало тоа добронамерно битие. Присуството на Бог и Природата ни се немилосрдно одземени од страна на овој суров душман; и покрај тоа што само еден чекор ќе нè ослободи од овие простори на болка и тага, неговите пакости уште нè врзуваат за омразеното постоење, кои и тој самиот најчесто ги прогласува за бедни.

Оние кои животните несреќи ги натерале да посегнат по овој фатален лек забележуваат дека ако непотребната грижа на нивните пријатели им ја оневозможи таквата смрт, кои сами си ја скроиле, тие ретко ќе побараат поинаква, или пак ќе соберат доволно одлучност и вторпат да ја исполнат својата цел. Толку е голем нашиот ужас од смртта што кога ќе ни се појави во било кој облик освен во оној со кој човек успеал да си ја помири фантазијата, добива нови ужаси и ја победува изнемоштена смелост. Но кога пакостите на празноверието ќе се врзат со ваквата природна плашливост, не е ни чудо што целосно го соголуваат човека од секоја моќ што ја има над својот живот – со оглед на тоа дека многу задоволства и уживања, кон кои нè влече силна склоност, се откорнати од нас заради овој нечовечен тиранин. Да пробаме овде да му ја вратиме природната слобода на човекот со тоа што ќе ги разгледаме сите вообичаени приговори против Самоубиството и ќе покажеме дека тој чин е невин пред секој престап што му го препишуваат, според мненијата на сите древни филозофи.

Ако Самоубиството е злочин, мора да е престап на нашата должност, или кон Бога, кон ближните, или кон себеси.

За да се докаже дека Самоубиството не е престап на должноста кон Бога, можеби ќе ни помогнат следниве гледишта. За да може да владее со материјалниот свет, семоќниот создател установил општи и непроменливи закони, по кои секое тело – од најголемата планета до најмалата честичка материја – се одржува на своето место и улога. За да владее со животинскиот свет, им назначил на сите живи битија телесни и умствени моќи – сетила, страсти, апетити, сеќавања и судови, со кои тие се обврзани или присилени во текот на животот, кои нив им се предодредени. Овие два одделни принципи на материјалниот и животинскиот свет постојано се преклопуваат и меѓусебно се уназадуваат и поттикнуваат во дејствувањето. Моќите на човекот и сите други животни се ограничени и управувани од природата и својствата на околните тела; а промените и дејствата на овие тела непрестајно се преобликуваат низ чиновите на сите животни. Реките го запираат човекот во преминувањето на површината на земјата; а човекот, кога правилно ќе ги насочи, ја позајмува моќта на реките за да ги придвижи машините, кои му служат нему. Но, иако световите на материјалните и животинските моќи не се секогаш целосно раздвоени, од тоа не произлегува никаков неред или хаос во создавањето. Напротив, со мешање, со заедништво и контраст на сите различни моќи на неживите предмети и живите битија, се јавува таа изненадувачка хармонија и рамномерност, која ни дава најсигурен доказ за врховна мудрост.

Провидението на божеството не се појавува непосредно во секое дејствување, туку владее со секое нешто со помош на тие општи и непроменливи закони, кои се утврдени од почетокот на времето. Сите настани, во одредена смисла, може да се прогласат за дејства на севишниот – сите тргнуваат од тие моќи со кои ги дарувал своите суштества. Куќата која се руши под својата тежина не е казнета од неговото провидение повеќе од некоја која се руши под човечки раце. Ниту пак се човечките одлики повеќе негово дело отколку законите за движење и гравитација. Кога горат страстите, кога диктира расудувањето, кога екстремитетите се покоруваат – ова е сè дело на Бога – и врз основа на овие живи принципи, како и поради неживите, тој го воспоставил управувањето на универзумот.

Секој настан е еднакво важен во очите на тоа бескрајно битие, кое со еден поглед ги впива најдалечните делови на просторот и најзафрлените временски периоди. Не постои еден настан, колку и да ни е важен нам, кој е за него исклучок од општите закони што владејат со универзумот, ниту пак нешто што тој необично го зачувал за итно и лично дејствување. Револуциите во државите и империите зависат од најмалите каприци и страсти на поединци, а човечките животи се продолжуваат и скратуваат со најмали незгоди, како воздух или исхрана, сонце или бура. Природата и натаму продолжува да напредува и да дејствува; и ако општите закони некогаш биле прекршени со одредени самоволија на божеството, тоа било направено на начин кој е незабележлив за човечкото набљудување. Како што, од една страна, елементите и неживите делови на создавањето продолжуваат да дејствуваат без обѕир на одредени човечки потреби, така и човекот е препуштен на сопственото расудување и одлука под различните удари на материјата и може да ја примени секоја способност која ја поседува со цел да си овозможи спокојност, среќа, или одржување.

Кое е значењето, тогаш, на принципот дека човек, кој е изморен од животот и прогонуван од болка и беда, храбро ги надминува сите природни ужаси од смртта и бега од оваа сурова претстава? Дали тој човек, прашувам, си го навлекол на себе гневот на својот создател со тоа што направил престап против судот на божественото провидение и го нарушил редот во универзумот? Треба ли да претпоставиме дека Севишниот си зачувал за себе, во некоја смисла, начин на кој ќе владее со човечките животи и не го оставил тој настан, ништо поразличен од другите, на природните закони, по кои се води целиот универзум? Ова е, просто, лага. Човечките животи зависат од истите закони како и животите на другите животни – и сите се покоруваат на истите општи закони за материја и движење. Падот на кулата и вбризгувањето на отровот еднакво ќе го уништат човека како и некое злобно суштество. Поплавата збришува сè што доаѓа преблиску до нејзиниот гнев, без предрасуди. Значи, ако човечките животи се засекогаш врзани со општите закони за материја и движење, дали ослободувањето на еден човек од животот е злочин зашто, во секој случај, злочин е да се отстапи од овие закони или да се вознемири нивното дејствување? Ама ова звучи апсурдно. Сите животни се оставени на својата снаодливост и умешност на патот низ овој свет и имаат целосна контрола, колку што е за нив можно, во промената на природните случувања. Без оваа контрола, не би преживеале ни за миг. Секој потег, секое движење на човекот менува некој дел од редот на материјата и ги преместува општите закони за движење од нивниот нормален тек. Кога ќе ги споиме, значи, овие заклучоци, откриваме дека човечкиот живот зависи од општите закони за материја и движење и дека не е престап кон божественото провидение да се вознемируваат или менуваат овие општи закони. Зарем не е секој сопственик на својот живот? И нели може законски да ја примени моќта со која природата го дарувала?

За да се уништат доказите на ваквиот заклучок, мора да дадеме причина зошто овој конкретен случај е исклучок. Дали зашто човечкиот живот е од толкава важност, што би се сметало за дрскост да се ослободи од него? Но, човечкиот живот не е во ништо поважен за универзумот од животот на една острига. А и да бил некогаш толку важен, природниот ред веќе го препуштил на разумноста и ни создал нужда, во секоја смисла, да одлучуваме за него.

Да беше одлучувањето за човечкиот живот зачувано за раката на севишниот, па да се смета за престап што луѓето се ослободуваат од него – ќе беше еднакво неправедно да се дејствува за зачувување на животот колку и за неговото уништување. Ако пренасочам камен кој ми паѓа накај главата, го нарушувам текот на природата и се вмешувам во областа на севишниот, со тоа што си го продолжувам животот подолго отколку што тој одлучил преку силата на општите закони за материја и движење.

Едно влакно, една мува, еден инсект може да го уништи ова моќно суштество, чиј живот има толкава важност. Неразумно ли е да се претпостави дека човекот може законски да се ослободи од тоа што зависи од вакви ситници?

Не би било злочин да ги свртам Нил и Дунав од теченијата, кога би можел да го направам тоа. Како е тогаш злочин да свртам малку крв од нејзиниот природен канал!

Зарем да негодувам на провидението или да си го проколнам создавањето зашто го напуштам животот и ставам точка на едно постоење кое, ако продолжи, ќе ме претвори во бедник? Далеку од тоа. Јас сум само убеден во фактот, кој и вие самите го прогласувате за можен, дека човечкиот живот може да биде несреќен и дека моето постоење, ако и натаму се продолжи, ќе стане премногу неугодно. Ама му благодарам на провидението, и за доброто, во кое веќе уживав, и за моќта, која ми е дадена, да избегам од злото што ми се заканува. Вам ве оставам да негодувате пред провидението. Вие, кои будалесто си вообразувате дека немате таква моќ и кои и натаму го продолжувате омразеното постоење, иако е преполно со болки и болести, со срам и сиромаштија.

Vincent_Willem_van_Gogh_002

Зар не учите дека ако ме снајде некое зло, макар и преку злонамерни непријатели, треба да му се препуштам на провидението и дека човечките постапки се во рацете на севишниот исто толку колку и дејствата на неживите нешта? Оттука, кога ќе паднам на сопствениот меч, ја добивам смртта од раката на божеството, исто како да дошла од некој лав, бездна, или треска.

Покорноста пред провидението што ја барате во секоја несреќа што ќе ме снајде, не ги забранува човечката вештина и спретност; ако, можеби, со нивна помош би можел да избегам од несреќата. А зошто да можам да земам еден лек, а друг не?

Ако мојот живот не е мој, би било злочин да го ставам во опасност исто колку и да се ослободам од него. Ниту пак некој би можел да го заслужи епитетот Херој, кого славата и пријателството го носат кон најголеми опасности, ниту пак друг да ужива во прекорните Бедник и Никаквец – баш како оној кој става крај на својот живот поради исти или слични причини.

Не постои суштество кое поседува моќ или вештина што не ја добило од создателот. Ниту некој што, со неправилна постапка, може да го промени планот на неговото провидение или да го вознемири универзумот. Тие дејства се негова работа еднакво колку и сплетот на настани што ги менуваат. А со тоа можеме да заклучиме дека текот што преовладува му е и најомилен. Без разлика дали е живо или неживо, разумено или неразумено, сè е исто – моќта му потекнува од врховниот создател и исто припаѓа во редовите на неговото провидение. Кога ужасот на болката преовладува над љубовта за животот – кога доброволните постапки го предвидуваат резултатот на слепите причини – само како последица на овие моќи и принципи, со кои тој ги вдахнал своите суштества. Божестевеното провидение уште е непрекршено и поставено далеку од дофатот на човечките престапи.

Небогоугодно е, како што вели староримското празноверие, да се вртат реките од теченијата, или да се нарушуваат природните правила. Небогоудогно е, како што вели француското празноверие, да се вакцинираш против сипаници и да се мешаш во провидението со доброволно создавање зарази и болести. Небогоугодно е, како што вели модерното европско празноверие, да ставиш крај на сопствениот живот и со тоа да се побуниш против создателот. А зошто не е небогоугодно, прашувам, да се градат куќи, да се работи земјата и да се плови по океаните? Со сите овие постапки ги употребуваме умствените и телесните моќи за да промениме нешто во природниот тек – и ништо повеќе. Сите се, значи, еднакво невини или еднакво злосторнички.

Но поставен си како стражар од провидението на одредено место и кога ќе го напуштиш без да те отповикаат, виновен си за бунтување против семоќниот владетел и го навлекуваш неговото незадоволство. Прашувам зошто заклучувате дека Провидението ме сместило баш на ова место? Што е до мене, сметам дека моето раѓање го должам на долга низа случувања, од кои повеќето, па дури и најважните, зависеле од доброволни човечки постапки. Но Провидението ги водеше сите случувања и ништо не се случува во универзумот без согласност и соработка. Ако е така, тогаш ни мојата смрт, колку и да е доброволна, не се случува без согласност. И кога болката и тагата толку ќе ми го надминат трпението и ќе ме изморат од животот, можам да заклучам дека сум отповикан од местото на најјасен и најдиректен начин.

Провидението е, секако, она што ме сместило сега во оваа одаја – но не смеам ли да ја напуштам, кога ќе размислам, без да бидам одговорен пред обвинението дека го напуштам своето утврдено место? Кога ќе бидам мртов, деловите од кои се состојам уште ќе си го пополнуваат својот дел во универзумот и ќе бидат еднакво корисни долгорочно, како и кога го формирале ова засебно суштество. Разликата, сè на сè, нема да биде поголема од тоа дали сум во некоја одаја или на отворено. Едната промена ми е мене поважна од другата; но не и на универзумот.

Богохулие е да се замисли дека некое создадено битие може да го вонземири редот во светот, или да се вмеша во дејствувањата на провидението. Со тоа се претпоставува дека тоа битие поседува моќи и вештини кои не ги добило од својот создател и кои не подлежат на неговото владеење и авторитет. Несомнено, човек може да го вознемири општеството и со тоа да го навлече незадоволството на севишниот. Но, владеењето со светот е сместено далеку од неговиот дофат и насилство. А како да знаеме дека севишниот е незадоволен од постапките кои го вознемируваат општеството? По принципите кои ги вдахнал во човековата природа, кои нè поттикнуваат со чувство на каење, ако ние самите сме виновни за такви дејанија; и со чувството на обвинување и морализација, ако ги наоѓаме кај другите. Да видиме сега, според предложениот метод, дали Самоубиството е вакво дејание и дали е престап во нашата должност кон ближниот и општеството.

Човекот што се повлекува од животот не му нанесува никаква штета на општеството. Само престанува да прави добро, што – ако е престап – е престап од најнизок вид.

Сите наши должности да правиме добро за општеството како да подразбираат некаков реципроцитет. Јас имам корист од општеството и затоа треба да ги поддржувам неговите интереси. Но кога целосно ќе се повлечам од општеството, може ли и понатаму да сум обврзан?

Но, ако претпоставиме дека нашата должност да правиме добро е постојана, мора да признаеме и дека е ограничена. Не сум обврзан да направам мало добро за општеството на сметка на големо зло кон себеси. Зошто тогаш да го продолжувам бедното постоење заради некаква површна предност која народот, можеби, би ја добил од мене? Ако како последица на старост и болест можам законски да се откажам од работното место и целото време да го насочам кон борба со таквите несреќи за да ја намалам, колку што е можно, бедата на мојот иден живот – зошто тогаш да не можам веднаш да ја скратам оваа беда со постапка која не е ништо поштетоносна за општеството?

Но, да речеме дека веќе не сум во можност да ги исполнувам интересите на народот. Да речеме дека сум им станал товар. Да речеме дека мојот живот спречува некого да биде многу покорисен за народот. Во тој случај, моето откажување од животот не само што би требало да е невино, туку и за пофалба. И повеќето кои се во искушение да го напуштат постоењето се во некаква слична состојба. Оние кои имаат здравје, или моќ, или власт, обично имаат подобри причини да му бидат наклонети на светот.

Човек е вмешан во некој заговор против јавното добро, го фаќаат под сомнение, му се закануваат со измачување, па знае – заради своите слабости – дека ќе ја извлечат тајната од него. Зарем таквиот човек може да му направи инаква услуга на народот, освен со брзо скратување на сопствениот живот? Ваков е случајот на славниот и храбар Строци од Фиренца.

Да речеме, пак, дека некој злосторник е праведно осуден на срамна смрт. Може ли да се најде некоја причина зошто тој самиот не би ја претчувствувал казната и не би се спасил од сето патење што го носи мислата за ужасен крај? Тој не се меша повеќе во работата на провидението отколку судијата што го наредил неговото погубување, па неговата доброволна смрт е еднакво корисна за општеството, со тоа што го ослободува од еден штетник.

Нема двоумење дека Самоубиството е често во склад со интересите и должностите кон себеси. Барем не кај оној кој знае дека староста, болеста и несреќата го претвораат животот во товар и го прават поужасен од самото уништување. Не верувам дека некој си го отфрлил животот дури вредело да се живее. Зашто толкав е нашиот природен страв од смртта, што никогаш не би се помириле со ситни мотиви. Иако можеби здравјето и среќата никогаш не го побарале овој лек, може да бидеме сигурни дека секој кој прибегнал кон него без очевидна причина бил проколнат со толку непоправлива изопаченост и мрачност, која сигурно го затрула секое задоволство и го направила еднакво беден како и да бил навасан од најлошата несреќа.

Ако Самоубиството се смета за злочин, само страшливоста може да нè натера на тоа. Ако не е злочин, и разумот, и храброста треба да се впрегнат за да нè ослободат од постоењето што станало товар. Тоа е единствениот начин да сме му од корист на општеството, со тоа што ќе дадеме пример, кој – ако се следи – ќе му даде секому можност за среќа во животот и успешно ќе го ослободи од секоја опасност и беда[1].


[1]  Лесно е да се докаже дека Самоубиството е исто толку законско под христијанската надлежност, колку и за паганите. Не постои ни еден збор во евангелијата што го забранува. Тој голем и непогрешлив кодекс на верата и обичаите, кој владее со философијата и човечкиот разум, во овој случај, нѐ препушта на нашата природна слобода. Предавање на провидението, навистина, се препорачува во евангелијата, но тоа подразбира само предавања пред зла кои се неизбежни, а не и тие кои би можеле да се лекуваат со разум и храброст. Не убивај очигледно го подразбира само убиството на другиот, над чиј живот немаме никаква власт. Дека ова правило, како и повеќето правила, мора да се заобиколува со здрав разум е очигледно од работата на судиите кои ги казнуваат злосторниците со смрт, без разлика на зборовите од овој закон. Но ако оваа заповед некогаш и била директно против Самоубиството, денес нема никаква моќ над него. Зашто законот на Мојсеј е поништен, освен онаму каде што е дел од природните закони, а ние веќе докажавме дека Самоубиството не е забрането во нив. Во секој случај, Христијаните и Паганите се во ист кош. Па ако Като и Брут, Арија и Порша биле херои, тие кои сега ги имитираат би требало да добијат исто признание од нашите потомци. Способноста да се изврши Самоубиство е според Плиниј предност која луѓето ја имаат дури и над самото божество. Deus non sibi potest mortem consciscere, si velit, quod homini dedit optimum in tantis vitae poenis.

Превод: Коста Бојчески

1,298 total views, 6 views today