„Не читај книги!“ – зен песна од 12 век

30.12.zen

Не читај книги

Не читај книги!

Не пеј поеми!

Читањето книги ги свенува твоите очи

оставајќи соголени празнини очни.

Пеењето поеми срцето ти го арчи

со секој еден изречен збор.

Велат, читањето книги е уживање.

Велат, пеењето поеми е забавно.

Но, ако усните твои севездени се звучни

како бубалка што зуи во есенско доба,

не ќе станеш ништо освен папсан старец.

Па, дури и да не станеш уморен старец,

Здодевен за другите ќе си,

принудени да те слушаат што се.

 

Толку е поубаво

очите да ги склопиш, да седиш во смирение,

завесите да ги спуштиш, да го заметиш подот,

да ја согориш лутината.

Убаво е да го слушаш ветрот,

да се вслушаш во дождот,

да се рашеташ кога со енергија зрачиш,

и да си легнеш кога умор ќе сетиш.

Запишана од Јанг Ванли во 12 век, преведена од Џонатан Чејвс (чиј превод беше користен за овој мета-препев на оваа зен песна).

Препев од англиски: Александар Еленин

Можеби денес, нам, кои сме дел од едно динамично лудило од глобализација, брзоразвојна технологија, инстант култура и живот, ова ни звучи глупаво, исполнето со тешка културна иронија, но песната потсетува дека, доколку книгите, денес величани и обожавани како најмедитативна форма на медиум, во 12-ти век беа она што во 21-ви век за нас се компјутерските игри, Твитер и слични модерни појави, тогаш, за некои генерации од иднината – доколку опстоиме како човештво, она што денес го сметаме за празна и безвредна форма на одземање внимание можеби ќе бидат третирани и перцепирани како најсилен бедем и надеж на произведувачи на културна историја. Никогаш не се знае.

Извор: brainpickings.org

891 total views, 1 views today