Стефан Сидовски: Прашања без одговори 2 – Недоумици

Stefan_Sidovski_by_Galevski

Статијава, драг читателе, е второ од осумте поглавја од една поголема брошура. Насловот ѝ е „Прашања без одговори“, поднаслов – „Тегобности на младиот човек во определувањето на една филозофија на животот“, а мото мислата од Анри Лефевр „Тотален човек е слободен поединец во слободна заедница“. Таа е своевиден наговор на филозофија, и исто како и Аристотел, така и  нашиот Стефан Сидовски речиси цел свој животен и работен  век со несмален интензитет го посветуваше на таа благородна задача. На некој начин, овие статии може да се сметаат за дестилат на еден долгогодишен животен ангажман и интелектуално творештво.  Доста лековит дестилат – само прашајте некој од оние кои имале среќа да ги слушаат неговите средношколски предавања.

2.Недоумици

„Да се филозофира значи да се биде на пат. Нејзините прашања се побитни од нејзините одговори, а секој одговор повторно се преобразува во прашање…“
Карл Јасперс

Како што споменавме, тоа најилустративно се согледува од прашањата што се поставуваат, без оглед на формата на изразувањето, бидејќи, во основа, тоа се постојано едни исти дилеми со кои се соочува младиот човек.

Што е постоење? Како постои светот? Зошто постои светот? Која е и каква е целта на постоењето на светот? Дали светот ќе заврши еднаш во постоењето или не? Навистина ли светот во својата основа е материјален или не? Како тоа светот да постои од секогаш? Како тоа да се сфати дека материјата е вечна во вечно движење? Што е вечност? Како да се сфати вечноста? Што значи тоа: светот е создаден? Зошто е создаден, ако е создаден? Што е тоа свест? Како се појавува свеста? Како се случил преминот од материја кон појава на свеста? Дали во светот, во неговата основа, е идеја? Како постои идејата? Во што е, ако е идеја, вечноста на идејата? Зошто се поставуваат многу прашања, а тешко се одговара? Што е човекот? Зошто живее? Која е целта на неговото живеење? Што да се прави во животот? Каква е смислата на животот кога мора да се умре?

Како и да изгледаат овие прашања во нивната оправданост или неоправданост, во логичката исправност или неисправност, или пак во нивната наивност или остроумност, тие се илустративен показ на проблемите  што предизвикуваат дилеми, што се одразуваат на животот на младиот човек, кога си ги поставува прашањата за:

Како да се сфати смртта? Што значи умирањето? Зошто се умира? Дали со умирањето сосема се исчезнува во ништо, во празнина, во атоми и молекули, или пак останува нешто што трае? Зошто се појавува толку страв од смртта? Каква смисла има да живеам кога сè е бессмислено, кога мора да се умре? Зошто толку трка по пари и материјални добра, кога еден ден ќе ме нема на светов? Треба ли да живеам или не? За што треба да се живее? Која е смислата на моето живеење? Зошто толку да се мачам во животов, кога еден ден ќе умрам? Како да се одбранам од помислата на умирање? Зошто ми е страв од умирањето? Зошто помислата на смртта ми го прави животот бесмислен? Ако смртта е конечен крај на мојот живот, како да биде осмислен мојот живот? Со што може да се осмисли животот? Која и каква вредност го чини животот вреден? Кои и какви идеали да прифатам? Зошто човек да има идеали, кога на крајот на краиштата мора да умре?

Најчесто возрасните кон ваквите прашања се однесуваат како да се божем тоа наивности и занемарливи „мушички“ што се вртат во главата на младите, а фактички и самите немаат расчистено со себе во тој поглед (со една свесна или несвесна мотивација, како своевиден добро оправдан механизам дека „животот треба да се живее, а не да се размислува за умирање, за смрт“). Но, токму во тоа е интенцијата на прашањата: како да се живее животот, бидејќи животот поставува проблеми кои не можат така игнорантски да се занемаруваат. Посебно, кога ќе се земат предвид прашањата за задоволствата на животот, за уживањето во животот:

Зошто се ограничуваат задоволствата? Која е причината за тоа? Зошто се зборува упорно против уживањето? Што е тоа срам од уживање? Зошто срам од секс и од сексуално – еротски задоволства? Зошто не се зборува едноставно и недвосмислено  за сексот и уживањето? Кога да се почне со сексуалните односи? Како да се ужива во еротските задоволства? Зошто се појавува страв од  сексуалните односи? Зошто чувство на вина и тескоба од сексуалните односи? Како да се постапува правилно? Што има зло, порочно во тоа? А што е добро? Зарем тоа не е природно? Што има неприродно, ненормално во тоа? Зошто тоа се одредува како неморално? Што е тоа морал? Зарем моралните норми не ни го ограничуваат тоа што е природно, нормално? Со кое право тоа да се прави? Зошто стравувања од своето тело, срам од голотија? Како да се однесувам природно, без чувство на страв, вина, каење и мачнина, затоа што ќе имам сексуален однос? Како можам да се ослободам, да живеам слободно со своето тело, без срам, со чувство на љубов?

Упорноста овие прашања да се направат табу води кон тоа да и слободното време, за кое се мисли дека треба да биде исполнето со творечка дејност и со самоизградување во сестрана личност, биде здодевност и празнотија.

Што е здодевноста? Како да се исполни времето? Што да се прави? Зошто се појавува здодевноста? Со што да се занимавам? Не знам за што сум способен…сакам уметност, музика…но, како? Не можам секогаш сам, па тогаш со кого? Сè зависи и сè се гледа низ пари и успех, па како да се занимавам тогаш? Како да го организирам времето? Како да знам дека тоа што го сакам, сакам со него да се занимавам и дека ќе успеам? Што ќе биде со мојата иднина? Каде и како да ја согледам перспективата? Работа, семејство – тоа е живот?!  Не сакам, што да правам?

Прашањата за живеењето се редат: како да се живее? Кој начин на живот да го одберам?  Како да се вклопам во целокупниот општествен живот? Во што е мојот придонес и како да придонесувам? Како да ја сфатам стварноста, кога мојата слика за тоа „како треба“  не е иста со стварноста? Зошто е така? Како да ги сфатам сите појави во општеството? Зошто двојност  во моралот и во живеењето? Морам ли да бидем двоен во моралот и во живеењето, или не? Што барам јас во животот? Што сакам да остварам? Навистина ли јас се борам за некоја чистота на живеење или се залажувам? Како да знам кое е најисправно мислење и постапување? Можам ли слободно да ги искажувам своите мисли, без да се судрувам со некој или некои кои се на јавни функции? Дали моето мислење за некои појави во општеството има некое значење или не? Дали да се повлечам во мирен живот, да се посветам на работата и на семејството и да бидам спокоен или да се борам и да создавам? Како да живеам?

Има ли вистински живот, вистински начин на живеење? Кој е тој начин?

И така, прашањата можат да се редат, земено апроксимативно, во недоглед. Во основа, тие ја покажуваат сета проблематичност на живеењето и перспективата на младиот човек.

Автор: Стефан Сидовски

_____________

(Редакцијата на „Акиндин“ му изразува огромна благодарност на Сидо за отстапениот корпус текстови со кои веруваме дека на ваков начин ќе ги приближиме неговите глаголенија до оние на кои им се упатени. Благодарност и до побратимот Виктор Јованоски, за посредувањето со кое ни помогна да дојдеме до овие бесценети думи и слова од Сидовски)

* Насловната фотографија е авторско дело на Галевски и истата е преземена од интернет

917 total views, 2 views today