Тони Димитров: Негативната утопија и современото општество 3 – за актуелната дистопија и можните решенија

26.12.Metropolis

Дистописките визии, нашата реалност

Живееме во современото доба каде ги преживуваме последиците на антиутописките прекогниции, или пак можеби само прости антиципации на визионерите. Сепак доволно прецизни, до детаљ реализирани, за веќе да можеме и мораме, она што се случува околу нас, да почнеме да го воочуваме и прифаќаме. Вслед тоа будење, последниве година-две, оваа тема, малку подзаборавена, повторно се актуализира, a Орвел и Хаксли да се третираат во сериозни анализи.  

Сѐ позабрзаната актуализација на темата и реализација на нејзините аспекти во  хипермодерното доба, подразбира нужност од потемелно запознавање со оваа тематика и компаративната анализа со времето во кое живееме, наменета за оние кои ги живеат благодатите на современото доба и оние кои сега се запознаваат со овој научно фантастичен жанр. Патувањето по социјалната стварност на иднината пред 50-тина години беше можеби возбудливо имагинативно искуство, но денес тоа е само ужасно лутање по застрашувачката сегашност. Тоа беше и причина зошто по веќе 8 години од нејзиното пишување  се одлучуваме да ја објавиме оваа исцрпна анализа и истражување за антиутопијата, негативната утопија или дистопијата и нејзиното компарирање со денешната стварност. Но, и поради тоа што е една од ретките која се однесува на оваа тема воопшто, заклучок до кој се дојде при нејзината работа.

Ова можеби не е најсеопфатната анализа, но содржи сè што можев да најдам на темата во тој период за време на студиите по филозофија и претставува фин вовед за оние кои во општеството не гледаат само систем за регулирање на односите, а во иднината не гледаат само позитивни перспективи на развој. Темата понатака ја надградив и во магистерската теза под наслов „Како да се заштитиме од технологијата во постмодерното општество“, во фокусот поместувајќи ги последиците од технолошкиот и научниот развој. Но за тоа во некоја следна прилика.

Дури сега очекувам сериозен наплив на текстови и анализи кои ќе ја опфатат проблематиката и дополнителна актуализација на дистописките автори и нивните дела напишани пред децении. Сето тоа е во ред, но стравувам, исчитувањето на нивните предупредувања да не е предоцна. 

***

7. Современото општество – реализирана антиутопија

Овие три дела со својата антиципирачка моќ, можеме да согледаме, со помала или поголема прецизност ја доближиле иднината до времето во кое биле напишани и опишале што би можело да се случи во скората иднина или поточно, веќе би можеле да кажеме – што тоа се случува денес. Голем дел од овие предвидувања, современото општество, вслед технолошкиот развој, и не така пополека, но сепак сигурно, евидентно ги остварува, со целата своја огромна лепеза на репресивни апарати, ограничена слобода,  механизми на контрола, присмотра, цензури… Додека, веќе заклучивме, дека досега утопиите тешко или воопшто не успеале да ја видат својата реализација во реалноста во целост, со огромна доза на вистинитост можеме, според сé ова, да кажеме дека денес ние живееме во општество кое претставува една реализирана антиутопија.

Постојанјиот страв со кој човекот е обземен, пренаселеноста, социјалната нестабилност, економската несигурност, неизвесноста, централизацијата и контролата на власта, пропагандата и масовните медиуми, слободата прикриена преку глобализацијата, масовното производство, заканата од еколошка катастрофа или светска војна, владеењето на корпорациите… се карактеристиките преку кој современото општество денес се изразува, предизвикани од пребрзиот технолошки развој, трката за наоружување и неправилната употреба на науката. Дури и самата наука „еволуираше во единствената перспектива на барање  гранични достигнувања, на штета на откритијата на вистината кој би биле корисни за целото човештво“.[1]

Согледавме дека во средновековните утопии главниот мотив за слободно бескласно општество се развива околку приватната сопственост т.е. околку принципот на нејзиното исклучување од општеството. Појдовната точка на критика е дека економијата и приватната сопственост претставуваат извор на сите зла, а додека сопственоста постои општеството секогаш ќе се дели на две спротиставени класи – богати и сиромашни – и во него мора да владее неправда и принуда, кој доведуваат до постојани конфликти. И доколку во вакви услови не може да се оствари идеалот на утописката мисла, среќен и исполнет живот за сите луѓе, комплетно спротивно на тоа, целото современо општество го остварува својот идеал врз спротивни принципи на утописките, поддршка и величање само на приватната сопственост.

26.12.corporacii

Од друга страна уште една клучна карактеристика на утописките идеали не коинцидира со условите во кој живееме денес. Во Утопија или во Градот на Сонцето сите работат во интерес на општеството, но се работи само по четири до шест часа, а остатокот од времето се користи по слободен избор, во надградување и градење на својата индивидуалност, со цел напредок кон се побогат културен и општествен живот. Современиот униформиран човек кој работи во интерес на корпорациите практично и да нема слободно време, а и она што го има, го користи не за надградба, туку за задоволување на радикалните хедонистички потреби поттикнати од наметнатиот конзументски глад на масовната потрошувачка. Со тоа, сите фантастични замисли на индустријализацијата и современата технологија, кој се развиваат и практично се измислени да го олеснат животот на човекот, се неостварени, и наместо машините да работат за него, човекот работи за нив. Работниот час не само што не е намален, туку е и зголемен! Уште Маркс во својот „Капитал“ проценува, дека слободата почнува во оној момент кога престанува работата која е одредена со неволна и надворешна корисност. Човекот треба да господари со работата, наместо таа да господари со него, што денес не е  случај. Сé треба да се извршува со најмалку потрошена сила и во најдостојни и најадекватни услови за човековата природа. А услов за тоа е скратување на работниот ден. Во денешниот свет, опседнат со глобализацијата, свет на корпоративна цензура, контрола на изборот, брендирање на образованието, тиранија на авторски права… свет на McDonalds, Starbucks, Nike и Shell, ниедно од овие побарувања не е задоволено! Процесот на глобализацијата, заснован на логиката на профитот како највисока цел, каде главниот збор го имаат големите мултинационални корпорации, само ги маргинализира останатите сфери, не го поттикнува нивниот развој, а големиот дел од населението се повеќе осиромашува и покрај својата бесконечна работа.

26.12.Metropolis1

Визионерскиот начин на размислување и утопиите од минатото можат секако да ни помогнат да размислиме на нов начин за светот и состојбата во кој тој се наоѓа денес. Меѓутоа ние поинаков свет, свет ослободен од светкавите реклами кој бомбардираат секаде каде ќе погледнеме и допреме, свет во кој нема да помислиме на интернет или мобилен телефон, или нема да купуваме во современата „агора“ – хипермаркетот, веќе не можеме да си замислиме. Дали човекот би се откажал од овие „благодети“ и придобивки на современото капиталистичко општество, без кој веќе не се може, на сметка на спас на човештвото? Дали воопшто би се откажал од модусот на имањето? Малкумина се одметниците кој сакаат „враќање кон природата“. Едноставно, од оваа точка единствено возможно е да се оди само напред, без разлика дали тоа напред значи уназадување, тотална девастација на човештвото и негова духовна смрт со која му се заканува индустриското општество. Сепак човекот е спремен цврсто да стои зад своите веќе добро усвоени потреби, неосврнувајќи се на нивното потекло и на прашањето дали тие навистина му тербаат. Доколку утописките идеи останаа нереализирани, по сé изгледа дека и антиутописките критики не наидуваат на прием. Останува само да ги читаме овие мрачни предвидувања на антиутопијата и да се надеваме дека нема да се остварат, барем не во целост.

8. Современото општество и утопизмот

Авторитарните утопии на деветнаесетиот век се главно одговорни за антиутопискиот став кој преовладува меѓу интелектуалците денес. Но утопиите отсекогаш не опишувале строго управувани општества, централизирани држави и нации на роботи. Дидровото „Tahiti“ и Морисовиот „Nowhere“ се утопии каде луѓето се ослободени како од физичка така и од морална принуда, каде што не се работи од нужност или чуство на обврска, туку затоа што работата им претставува задоволство, каде љубовта не познава закони и каде секој е уметник –  Marie Louise Berneri (Journey Through Utopia, 1950).

Големото ветување за неограничен напредок и материјално изобилство, кое ќе донесе среќа и неограничена слобода за сите, е утопијата на индуструиската ера, која според сите показатели не е реализирана. Индустриското општество и технолошкиот напредок, преку неограниченото производство, а според тоа и неограничената потрошувачка, дава само илузија дека технологијата ќе го направи човекот семоќен. Кога конечно човекот се чувствува слободен и смета дека може да прави што сака, што во феудализмот било привилегија само за припадниците за високите класи, неуспехот на овој напредок го прави свесен за една друга вистина, а тоа е: „колку повеќе моќ има над машините, толку понемоќен станува како човечко суштество; колку повеќе троши, толку повеќе станува роб на вечно-растечките потреби што ги создава и со кој манипулира индустрискиот систем“.[2] Човекот конечно сфаќа дека сепак не е господар на својата слобода, туку само безличен запчаник во бирократската машинерија, а неговите мисли и вкусови се изманипулирани и наметнати од страна на индустријата и средствата за масовна комуникација. А оттука „задоволената алчност станува смисла на животот, а стремежот кон неа, нова религија. Слободата да се конзумира станува суштина на човековата слобода“.[3] Економскиот напредок повторно останува привилегија за малкумина, технолошкиот напредок не води кон благосостојба туку кон еколошка катастрофа, а неограниченото задоволување на потребите не води кон среќа, хармонија и мир, туку кон егоизам, себичност и лакомост. Благосостојбата во општеството сепак нема да произлезе од нашиот начин за трагање по среќата – преку задоволувањето на хедонистичките потреби. Карактерните црти што ги произведува ваквиот оштествено економски систем т.е. нашиот начин на живот, стануваат патогени и произведуваат болен човек, а со тоа и болно општество. Но, што се прави денес за нешто од овие круцијални општествени проблеми и проблеми од животно значење се променат? „Неверојатно е дека не е направен сериозен напор да се избегне она што изгледа како конечна воља на судбината. Додека во приватниот живот никој, освен лудиот, не би останал пасивен кога би се загрозила неговата целокупна егзистенција, луѓето задолжени за јавни работи практично не прават ништо, а оние кои им ја повериле својата судбина тоа им го дозволуваат.“[4]

Сето ова бара темелна промена во вредностите и однесувањето на човекот, нова етика и нов однос спрема природата. Потребата од промена на човековото однесување не произлегува само како етичка потреба, туку и како услов за опстанок на човечкиот род. Меѓутоа тие промени ќе дојдат во онаа мера во која може да дојде до промена на условите во општеството, и во онаа мера во која ќе се променат ставовите на луѓето, особено оние кои се однесуваат на технолошкиот и економскиот раст. Доколку техничките утопии се остварени со новата наука за природата, човечката утопија може да биде достигната само под услов „да во нејзиното остварување вложиме еднаква енергија и ентузијазам како и во остварувањето на техничките утопии“.[5]

Со кризата на современото општество и проблемите кои се појавуваат со технолошкиот развој во индустриското општество се занимава и Ерих Фром во делото „Да се има или да се биде“. Ја лоцира историската димензија кога тие почнале да се појавуваат, воедно ги посочува и можностите на разрешување на таа криза, и решенијата како би можела да се надмине глобалната економска и еколошка катастрофа. Практично дава утописка визија за реформирање на современото општество, која по сé изгледа ќе остане утописка и по својот карактер, од аспект на нејзината реализација т.е.нереализација.

Во ова дело Фром се бави со емпириско-психолошка и општествена анализа на двата модуса на постоењето: имањето или да се има и бидувањетопостоењето т.е. да се биде. Кој од овие два модуса денес доминира и од каде, логично е да претпоставиме. Постоечките општествени норми го формираат и карактерот на својте членови, а една од особините на индустриското  општество е желбата за поседување, која произлегува од приватната сопственост, една од клучните категории на кој почива тоа општество. Во ова општество владее индустриската религија која луѓето ги сведува на слуги на економијата и машинеријата која самите ја изградиле.

26.12.slaves

Човекот станува изолирано суштество, без емоционален однос спрема светот, суштество со кој преовладува пазарниот карактер, чија цел е да се биде прилагоден и пожелен на пазарот на луѓе, суштество кое се чувствува како производ за размена. Членовите на ова општество стануваат безсопствени инструменти, чиј идентитет почива на нивното учество во корпорациите, од каде произлегува „кризата на идентитетот“ на модерното општество, каде наместо солидарност владее сопствениот интерес и взаемниот антагонизам. Практично, владее она што Фром го нарекува „Кибернетска религија“.

„На прв поглед очигледно е дека човекот од себе направи бог бидејќи стекна технички средства за „второто создавање“ на светот кое го заменува првото создавање кое го изврши бог од традиционалната религија. Тоа можеме да го искажеме и вака: машините ги претворивме во бог и станавме боголики, служејќи им. Малку е важно каква формулација ќе употребиме; важно е дека човечките битија, во стадиумот на својата најголема вистинска немоќ, заради науката и техниката се гледаат себеси како семоќни“.[6]

Во овој момент човекот престанува да биде господар на техниката и станува нејзин роб, а техниката „некогаш виталнен елемент на создавањето – го покажува своето лице како божица на деструкцијата (како индиската божица Кали), на која луѓето се волни да се жртвуваат себе и своите деца“.[7] И тоа, додека сеуште се надеваме и веруваме во подобра иднина, а кибернетските луѓе го потиснуваат фактот дека станале обожаватели на технологијата и деструкцијата.

Оваа дехуманизација на општествениот карактер и појава на индустриската и кибернетската религија доведува до раѓање на едно ново протестно, утописко, хуманистичко движење, кое се надоврзува на утопискиот хуманизам за кој говоревме, а кој се протега од касниот среден век до просветителството, барање за создавање на едно ново општество кое ќе ги ослободи луѓето од отуѓувањето, подреденоста на системот и општата судбина на дехуманизирањето. Една од одликите на новиот хуманизам е „обземеноста со човекот, неговото целосно развивање и неговото спасување, не само од физичко изумирање, туку и од духовна смрт со која му се заканува индустриското општество“[8].

Фром се обидува да даде и своевидно решение за ваквата патолошка состојба, со тоа што ги потенцира условите за менување на човекот, особините на новиот човек, воедно и особините на новото општество. Пред сè, треба да се смени денешната ситуација во која здравата економија е можна само преку нездрави човечки суштества, кој своите потреби ги добиваат преку борбата на компаниите и нивното рекламирање, кое единствено за цел има побудување желба за потрошувачка, создадена со законите на капиталистичкото производство кој бараат само зголемување на производството, а со тоа и зголемена потрошувачка, креирајќи homo consumens, чија главна цел е „сé повеќе да конзумира и на тој начин да ја компензира својата внатрешна празнотија, пасивноста, осаменоста и тегобноста“.[9] Сé тоа подразбира формирање на органи и тела кој би ги контролирала виталните функции на општеството и креирање на една партиципациона демократија во која ќе биде исклучено создавањето на демагогијата и бирократијата, кои ќе се заменат со хуманизам.

26.12.homoconsumens

Конечно, постојат ли реални изгледи за ново општество? Ставот на Фром е, дека ако се има на ум моќта на корпорациите, апатичноста и беспомошноста на голем дел од луѓето, недостојноста на политичките водачи, од стојалиште на бизнисот, таков изглед не постои, но, реалните изгледи  мораат да се претворат во реална можност, кога веќе се работи за живот или смрт. Новиот човек кој треба да го смени својот карактер, пред сé треба да биде спремен да се одрече од сите облици на имање, за да  може потполно да биде. Треба да се одрече од желбата за имање, поседување, владеење со светот, робување на сопствените поседи, и да го врати чувството на идентитет, сигурност, солидарност со светот ококлу себе, љубов. Остварувањето на новото општество е можно само ако старите мотиви за профит и моќ се заменат со нови: бидување, делење, разбирање; ако продуктивниот карактер го замени пазарниот; ако кибернетската религија се замени со нов радикално-хуманистички дух. Барањето за создавање ново општество е секако многу тешко, дури утопистичко, од каде произлегува и толку малиот напор во остварување на оваа нужна промена. „Оние кој несвесно очајуваат, но наспроти тоа ја навлекуваат маската на оптимизмот, не се нужно мудри. Но, оние  кои сеуште не ја напуштиле надежта, можат да успеат единствено ако реалистички мислат, ако ги напуштат сите илузии и потполно ги согледаат потешкотиите. Оваа разновидност ја означува разликата помеѓу будните и заспаните „утописти““.[10]

9. Последици и можно решение

Согледавме како изгледа визија за едно совршено општество. Како изгледаат визиите за иднината на денешното општество, и како тоа навистина изгледа денес. Покрај тоа, и неколку обиди, остварувањето на не толку пријатните визии, да се избегне.  Дали овој визионерски начин на размислување и утопиите од минатото можат да ни помогнат да размислиме на нов начин за светот и состојбата во кој тој се наоѓа денес? Дали навистина има изгледи светот да оди во подобра насока и сé ова да се избегне?

Утопијата и визиите за подобро општество настануваат врз почвата на околностите кој се создаваат во сите времиња и територии со огромна сличност, а во утопијата гледаме обновување и повторување на една иста тема илустрирана со различни слики и повторување на едно исто чувство: чувство на пропаѓање на цивилизацијата или поединец фрлен во живот кој не е под негова контрола. Затоа слободно можеме да кажеме дека утопиите колку и да се пишувани во различни времиња и од различни автори, кореспондираат меѓу себе и имаат исто тежнеење, иста цел. Практично, како што потенцира Жан Севрије во својата „Историја на утопијата“, „утопистите ја обележаа историјата на Западот и ги означија моментите на криза, кој современиците не ги сватија доволно, а едвај да ги забележаа подоцна и историчарите“.[11]

26.12.permaculture

Токму поради таа индиферентност на човекот за реалните проблеми во општеството, денес светот изгледа така како што изгледа. Свет во кој реалното и хипереалното ги заменуваат своите места. Хиперреалноста станува нашата стварност, а реалноста станува утопија по која трагаме. Како што критичарот на high-tech капитализмот и пост-индустриското општество, постмодернистичкиот мислител Жан Бодријар луцидно ќе забележи: „Имагинарното беше алиби на стварното, во еден свет во кој преовладуваше принципот на стварноста. Денес, стварноста е онаа која стана алиби на моделот, во еден свет управуван од принципот на симулацијата. И реалното на парадоксален начин стана наша вистинска утопија – но утопија која не е веќе од редот на можното, онаа за која можеме само уште да сонуваме како за загубен предмет“.[12]

И доколку утопиите до XX век, изолирани анахрони места кои не сакаат да знаат за остатокот од светот, кои постојат во вечната сегашност и до кој обично се доаѓа преку патување, даваа светли визии за иднината, по преминувањето, во веќе минатиот век, негативните утопии ја дополнуваат, овојпат, научната фантастика со апокалипичните визии создадени од претераната употреба на техничкиот прогрес. Конечно Артур Кларк во одбрана на писателите на научната фантастика како потенцијални критичари на негативните општествени тенденции, ќе нагласи дека: „Наспроти популарното уверување, писателите на научна фантастика многу ретко се обидуваат да ја предвидат иднината; дури како тоа во една прилика згодно примети Реј Бредбери, тие многу почесто настојуваат да ја спречат“.[13]

 *    *    *

„До иднината или до минатото, до едно време во кое мислата е слободна, кога луѓето се разликуваат еден од друг и кога не живеат сами – до едно време во кое вистината постои и она што е сторено не може да биде отстрането:

Од времето на униформноста, од времето на осаменоста, oд ерата на Големиот Брат, од ерата на двомислата – поздрави!“[14]

Но, дали тоа време минато или идно воопшто ќе дојде? Дали тоа зависи од нас или веќе сме отидени премногу далеку за да се вратиме назад? Дали има решение кое може да го покаже спротивното или времето за нас е истечено? Дали можеме да се вратиме… или засекогаш сме го загубиле времето минато или идно? Засега фактите го потврдуваат само тоа. Подобар свет треба да постои, но веќе, не е можен!



[1] Вирилио, Пол. (2000) „Информатичка бомба“, Нови Сад: Светови – стр. 7

[2] Фром, Ерих. (1989) „За непослушноста и друг есеи“, Скопје: Комунист – стр. 22

[3] Исто

[4] Fromm, Erich. (1984) „Imati ili biti?“, Zagreb: Nolit – стр. 22

[5] Исто – стр. 184

[6] Исто – стр. 162

[7] Исто – стр. 163

[8] Фром, Ерих. „За непослушноста и друг есеи“ стр. 51

[9] Исто – стр. 22

[10] Fromm, Erich. „Imati ili biti?“

[11] Sevrije, Žan. (2005) „Istorija utopije“, – стр. 277

[12] Бодријар, Жан. (2001) „Симулакруми и Симулација“, Скопје: Магор – стр. 159

[13] Klark, Artur. (1983) „2001: Odiseja u svemiru“, Beograd: Narodna knjiga – стр. 186 (од епилогот на А. Кларк)

[14] Орвел, Џорџ. (1998) „1984“, Скопје: Детска радост

 

Библиографија:

-       Fromm, Erich. (1984) „Imati ili biti?“, Zagreb: Nolit

-       Grlic, Danko. (1982) „Leksikon Filozofa“, Zagreb: Napried

-       Huxley, Aldous. (1985) „Divni novi svijet“, Zagreb: August Cesarec

-       Huxley, Aldous. (1986) „Majmun I bit“, Zagreb: August Cesarec

-       Kampanela, Tomazo. (1964) „GRAD SUNCA“, Beograd: Kultura

-       Klajn, Naomi. (2003) „NE LOGO“, Beograd: Samizdat b92

-       Klark, Artur. (1983) „2001: Odiseja u svemiru“, Beograd: Narodna knjiga

-       Mor, Tomas. (1964) „UTOPIJA“, Beograd: Kultura

-       Orvel, Džorž. (1984)  „1984“, Zagreb: August Cesarec

-       Sevrije, Žan. (2005) „Istorija utopije“, Beograd: Clio

-       Vonegat, Kurt. (1978) „Kolevka za macu“, Beograd: Izdavački zavod „Jugoslavija“

-       Wark, McKenzie. (2006) „Hakerski manifest“, Zagreb: Multimedijalni institut

-       Zamjatin, Jevgenij. (1978) „Mi“, Beograd: Izdavački zavod „Jugoslavija“

-       Бодријар, Жан. (1993) „Налозите на симулакрумите“, Во: P. Waugh, ed. Постмодернизам, Скопје: Темплум

-       Бодријар, Жан. (2001) „Симулакруми и Симулација“, Скопје: Магор

-       Бредбери, Реј. (2006) „Фаренхајд 451“, Скопје: Темплум

-       Вирилио, Пол. (2000) „Информатичка бомба“, Нови Сад: Светови

-       Замјатин, Евгениј. (2006) „НИЕ“, Скопје: Темплум

-       Јовановски, Коле. (2002) „Филозофски речник“, Скопје, Ѓурѓа

-       Лаертиј, Диоген. (2004) „Животите и мислењата на славните филозофи“, Скопје: Аз буки

-       Мигуел Руис, Дон. (2005) „Моќта на љубовта“, Скопје: Три

-       Мухиќ, Ферид. (1983) „Филозофија на иконокластиката“, Скопје: Македонска книга

-       Орвел, Џорџ. (1998) „1984“, Скопје: Детска радост

-       Орвел, Џорџ. (1998) „Животинска фарма“, Скопје: Детска радост

-       Платон. (2002) „Политеја“, Скопје: Три

-       Фром, Ерих. (1989) „За непослушноста и друг есеи“, Скопје: Комунист

-       Хаксли, Олдос. (1980) „Есеји“, Београд: Нолит

 

Електронски извори:

-       Bellamy, Edward. (1996) „Looking Backward: 2000-1887“ [online], The EServer’s Fiction Collection, copyright © 1996 by Geoffrey Sauer, Достапно на:  http://fiction.eserver.org/novels/looking_backward/intro.html, [09. 08. 2008]

-       Booker, M. Keith. (1994) “Dystopian Literature: A Theory and Research Guide” [online], Westport: Greenwood press, Достапно на:  http://www.amazon.com/gp/reader/0313291152/ref=sib_dp_pt#, [30. 07. 2008]

-       Butler, Samuel. „Erewhon, or Over the Range“ [online], wikisource, Достапно на: http://en.wikisource.org/wiki/Erewhon#cite_ref-0, [09. 08. 2008]

-       Campbell, Courtney. (1997) “Brave new World: Soma, Shakespeare, and Suicide: The terrors of techno utopia” [online], Corvallis, Department of Philosophy, Oregon State University. Достапно на:  http://oregonstate.edu/cla/philosophy/sites/default/files/Soma_Shakespeare.pdf, [30. 07. 2008]

-       Huxley, Aldous. (1963) “Culture and individual”, оригинално објавено во Playboy. Достапно на:  http://www.psychedelic-library.org/huxcultr.htm, [30. 07. 2008]

-       Lubensky, Andrei. (1993) „A Short History of Russian “Fantastica”“, wikisource (оригинално објавено во “The Mentor”, Australia, Issue 80), Достапно на: http://en.wikisource.org/wiki/A_Short_History_of_Russian_%22Fantastica%22/Part_3 [09. 08. 2008]

-       McDonald, Christie V. (1976), „The Reading and Writing of Utopia in Denis Diderot’s Supplément au voyage de Bougainville“, Greencastle: Science Fiction Studies, SF-TH Inc. at DePauw University (#10 = Volume 3, Part 3 = November 1976), Достапно на: http://www.depauw.edu/sfs/backissues/10/mcdonald10art.htm

-       Meeker, Stacey. (1999) „Utopia Limited An Anthropological Response to Richard Rorty“, Los Angelges: Department of French, UCLA (Anthropoetics IV, no. 2 (Fall 1998/Winter 1999)), Достапно на: http://www.anthropoetics.ucla.edu/ap0402/utopia.htm

-       Munkner, Jorn. „Iceberg: Utopia, Dystopia, and Myopia in the Late-19th Century“, Washington: Georgetown University, Достапно на: http://www9.georgetown.edu/faculty/bassr/exhibition/utopia/utopia.html

-       Sargent , Lyman Tower (1976) „Themes in Utopian Fiction in English Before Wells“, Greencastle: Science Fiction Studies, SF-TH Inc. at DePauw University (#10 = Volume 3, Part 3), Достапно на: http://www.depauw.edu/sfs/backissues/10/sargent10art.htm

-       Sisk, David W. „Dystopia – Recent Directions“, Science Encyclopedia, Достапно на: http://science.jrank.org/pages/9040/Dystopia-Recent-Directions.html

-       Sisk, David W. (1997) Transformations of Language in Modern Dystopias [word document], Westport: Greenwood press, Достапно на:  http://gigapedia.org/v5/item:view_description?id=106048

-       Smith, PD. (2000) „Elective Affinity: A Tale of Two Cultures?“, Prometheus 04 (2000), 46-65, Достапно на: http://www.peterdsmith.com/elective-affinity-a-tale-of-two-cultures/

-       Swanson, Roy Arthur (1976) „The True, the False, and the Truly False: Lucian’s Philosophical Science Fiction“, Greencastle: Science Fiction Studies, SF-TH Inc. at DePauw University (#10 = Volume 3, Part 3 = November 1976) Достапно на: http://www.depauw.edu/sfs/backissues/10/swanson10art.htm

-       Ukushkina, Tatyana. „The “twists and turns” of Yevgeny Zamiatin’s life“ [pdf], Достапно на: www.taleon.ru/taleonclub_ru/projectimages/2187/32_42.pdf

-       Wagar, W. Warren. (1987) „The Best and Worst of Times“, Greencastle: Science Fiction Studies, SF-TH Inc. at DePauw University (#41 = Volume 14, Part 1 = March 1987) Достапно на: http://www.depauw.edu/sfs/review_essays/wagar41.htm

-       Wells, H. G. (2006) „A Modern Utopia“ [online], South Australia, [email protected], The University of Adelaide Library, University of Adelaide. Достапно на:    http://ebooks.adelaide.edu.au/w/wells/hg/w45mu/, [30. 07. 2008]

Интернет страни:

-       Dystopia on Wikipedia: http://en.wikipedia.org/wiki/Dystopia#cite_note-OED-4

-       Dystopia from Wikinfo: http://www.wikinfo.org/index.php/Dystopia

-       Mark/Space Interplanetary Review – utopia: http://www.euro.net/mark-space/index.html

-       UTOPIA ON THE INTERNET: http://users.erols.com/jonwill/utopialist.htm

-       Utopia at british library: http://www.bl.uk/learning/histcitizen/21cc/utopia/utopia.html

-       Utopia online library (a collection of texts and interviews exploring possibilites and boundaries of social evolution): http://www.deepleafproductions.com/utopialibrary/

-       ENCYLOPEDIA OF SOVIET WRITERS: http://www.sovlit.com/bios/zamyatin.html

-       Zamyatin Evgeny Ivanovich (1884-1937) (The author of the biography: Petri Liukkonen, Copyright © 2000): http://orwell.ru/people/zamyatin/zei_en
Zamyatin in Newcastle: http://www.seaham.i12.com/myers/zamyatin.html
Biography of Yevgeny Zamyatin: http://www.kirjasto.sci.fi/zamyatin.htm

-       Biography from a website on George Orwell: http://orwell.ru/people/zamyatin/zei_en

-       Yevgeny Zamyatin Spartacus Educational website by John Simkin: http://www.spartacus.schoolnet.co.uk/RUSzamyatin.htm
Brave New World omn Wikipedia: http://en.wikipedia.org/wiki/Brave_new_world

-       BRAVE NEW WORLD? A Defence Of Paradise-Engineering: http://www.huxley.net/

-       Aldous Huxley at the Internet Speculative Fiction Database: http://en.wikipedia.org/wiki/Internet_Speculative_Fiction_Database

-       Comprehensive information on Aldous Huxley and Brave New World: http://somaweb.org/

-       Select Quotes of Aldous Huxley: http://www.kevinstilley.com/aldous-huxley-select-quotes/

_________________

Текстот е последен дел од дипломскиот труд на Тони Димитров на Филозофскиот факултет, Скопје, одбранет во 2008 година, кај професорот Љубомир Цуцуловски, по предметот Увод во филозофија. Трудот го објавивме во три одделни статии, поделен според содржинскиот редослед и поврзаност на истите во неговата интегрална форма. Благодарност до Тони за минатите, сегашната и сите идни соработки.

2,103 total views, 2 views today