Времето и Ништото ич на дума не ги редиме – една година Акиндин

naslovna

Во една од своите најкратко, но најубави песни, He Wishes For The Cloths Of Heaven, ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс пее:

HAD I the heavens’ embroidered cloths,
Enwrought with golden and silver light,
The blue and the dim and the dark cloths
Of night and light and the half-light,
I would spread the cloths under your feet:
But I, being poor, have only my dreams;
I have spread my dreams under your feet;
Tread softly because you tread on my dreams.

Од многу причини, субјективни и суетни, но и објективно достојни, ние многу ја сакаме оваа песна, мала по формат, но колку сите земски и космички планини голема по значење. Таа, некако суптилно и од најсредето ни звучеше кога пред точно една година, ја објавивме порвата содржина на akindin.com, филозофската шега за „Ангелот и филозофите“. Не затоа што копнеевме да го достигнеме небеското, божеско руво од светлини и сенки, од игра на есенцијата и привидот. Па ние и не се сметаме достојни за кога ќе чукне часот, да се сместиме удобно во тие небесни сфери. Ниту пак сме учени на таква „рајска“ удобност.

Она кое ни се вртеше во мислите, она кое го имавме во средето на нашите вознемирени и нескротими духови беа токму тие – соништата. Нашите, искрени и прости. И кога го инициравме Акиндин, погледите и стремежите ни беа насочени токму кон оној втор, како што ние љубиме од милост да си го нарекуваме, „сирачки“ дел од стишјата на Јејтс – да ги спростреме тие наши сништа и копнежи, мечти и визии. Сништа и копнежи за подобро, помудро и поубаво денес, мечти и визии за некое поосвестено, повозвишено и попросветлено утре. Сето тоа во име на поубави, подобри и подоблесни Луѓе. Оти нашите стремежи и тенденции почнуваат и завршувата тука и вака, со нашата земска опстојба и животна духовна и мисловна настројба. Да ги спростреме тие наши приземни и чесни идеали пред вас и вашите мудречки чекорења (оти убедени сме, во секој од нас бдее по еден мудрец), не за да внимавате кога газите врз нив. Напротив, за да внимавате колку посилно и поцврсто, пожестоко и поодлучно да газите врз нив, за вашите стапки да оставите ваш траен печат врз нив, па тие со тоа да станат побогати, подостојни и поискрени. И од тоа ходочастие на мудроста, глобоките думи и знаењето сите да излеземе поубави, поискрени, подобри. Во име на еден попристоен свет.

Дали успеавме? Времето, ако не чуе од некоја страна, би рекло дека една година и не е некој период на кој треба да му се придава значење. Една година е Ништо во споредба со космичката временска гигантомахија. Но, како што рековме, ние на Времето и Ништото (поучени од чесниот даскал Посна Сарма, од кој универзална ука и мудрост земаше освестениот Колобан во истоимената драма) ич дума не клаваме. Ништи да се фаќаме во костец со Времето и Ништожност, на кои не им сме ни оддалеку достојни соперници, само им се поклонуваме и продолжуваме по наше. Секако ќе загубиме, но барем целиме високо, можеби и највисоко. За да промашиме (а Ферид Мухиќ убаво учи на тоа, да се цели високо, по цена со сигурност да се промаши), но не и за да се чувствуваме поразени поради тоа. Туку да излеземе поголеми од целиот тој џенг на предизвици.

Па, дали успеавме? Сигурно не. Ни одблиску. Ни приближно. Затоа што нема меродавни параметри по кои можеме да си го измериме успехот во овој наш (за некого можеби смешен и апсурден) стремеж. И затоа што не ја сакаме конечноста на успехот – оти сè што ќе го достигне својот врв, нужно ќе мора да пропадне. Но, веруваме дека направивме многу повеќе од оние кои се стремат кон истите хумани идеали и вредности, а сепак, ете, од некои за нив само познати причини, не прават ни чекор поскраја од нивните удобно вкожурчени идеи. Или барем сакаме да веруваме дека направивме. И не се чувствуваме поразени. Се чувствуваме исполнети. И поприземни. Оти приземноста е доблест да си признаеш дека не се плашиш да се измешаш со луѓето. Не за да ги превоспитуваш – тоа е премногу суетно дури и само да го помислиш, тоа го прават само неискрените и недобронамерните. Туку да поднаучиш нешто од нив, од секој еден кој ќе го начекаш по патот на аџилакот кон Мудроста.

Под рака со Времето и свесноста за нашата дребност, не ни помислуваме да запреме тука. Напротив. Со обновени стремежи и нови идеи, одиме понатаму. Збогатени и со нова рубрика – „Површен човек“, која вклучува уште еден прекален љубител на мудроста и визионер за поубаво општество, наша кршна побратима чии думи и тоа како ветуваат побогат и поблагороден Акиндин. И со вас, со сите вас, кои не начекавте и ни се придруживте на ова наше мало и тивко патешествие. Посебно големо фала до Луѓето кои не удостоија и со свои авторски писанија – Стефан Марковски, Стефан Бојаровски, Никола Стојкоски, Тони Димитров, Маја Мухиќ, Барбара Платнар и на Михајло Мотески-Моте, кој несебично се заложи за доброто на Акиндин. На Кате Трајановска (наша голема другарка, автор на акиндиновото лого – „дрвото на мудроста“) и Виктор Јованоски – за многу нешта. На Стефан Сидовски-Сидо, за несебичното подарение свои текстови, кои ете, допрва ќе ги објавуваме. Најголемо фала до Павел Ничоски, без кого сето ова немаше да го имаме. И на оние кои се дрзнавме да им преземеме некој текст, а кои веруваме нема да замерат за тоа. Со надеж дека ќе не удостоите со вашите чекори врз нашите сништа, за сите заедно да ги калиме, афирмираме и направиме поголеми. Одиме заедно, загледани напред.

Со голема благодарност и поклон до земја до сите спомнати, до сите кои ги имаме на мисла и со исто такво понизно заблагодарение до оние кои можеби (ненамерно и незлодусно) ги заборавивме, искрено

Кирил Бисероски

Александар Еленин

 

922 total views, 1 views today