Dites garson, un perno или изборот на изгубените поколенија

garson

Во дискурсот на западната култура концептот на и з г у б е н а   г е н е р а ц и ј а се воведува преку првиот епиграф пред романот Сонцето одново изгрева од Хемингвеј. Таму стои дека Гертруда Штајн при еден разговор кажала: „Сите вие сте една изгубена генерација“. Според широко распространета анегдота исказот потекнува од извесно искуство со париски автомеханичар при кое кога таа се пожалила на одолговлекувањето во поправката на нејзиното возило тој на својот чирак му се обратил со споменатите зборови. Се разбира, тука „сите вие“ се однесува на луѓето кои по завршувањето на воената служба за својата држава во Првата Светска Војна неуспешно се обидувале да се ресоцијализираат во општествениот живот. Голем број од нив не можеле да ги надминат последиците од она што го посведочиле по фронтовите, некои од нив поради физичката онеспособеност, некои поради неповратната психичка штета.

Во суштина не е многу битно дали и колку оваа анегдота е точна затоа што од неа романот го добива само својот епиграф, додека првичното отелотворување на она што таа го опишува се исполнува преку репертоарот на ликови околу кои се одвива неговото дејство. Главниот лик, Џек Барнс е новинар кој поради рана од шрапнел стекната во војната е импотентен и не може телесно да ја искуси заемната љубов со Леди Ешли Брет. Тој е американец кој о д б и р а да живее во Париз, критиката се навикнала одново и одново да препишува дека причината за ова е тоа што тој по враќањето во Америка не може да се помири со вредностите на раскош, сјај и потрошувачка типични за повоениот период па одлучува да ја напушти, делумно и заради пониските трошоци на животот во Европа која полека повторно заживува, иако неговите мотиви не се отворено образложени дури ни кога останатите ликови му префрлаат за напуштањето на Америка. Дејството на романот е концентрирано околу група луѓе од уметничките кругови на Париз кои посетуваат борби со бикови во Памплона, а речиси и да не минуваат ни две страни од текстот без да се опише прекумерно уживање во секакви видови алкохол. Атмосферата е декадентна, романот си има свои конфликти и разврски, а она што сега за нас е битно е дека преку него прв пат се дефинира припадникот на изгубената генерација како релативно млад човек кој поради учеството во војна не може да води нормален живот и да се ресоцијализира.

Пред извесно време Митре Велјаноски, тогашен пратеник во Македонското Собрание, со неполитички потег при типичното натегање од собраниската говорница околу ребалансот на буџетот за оваа година (или прилика слична на ова, тоа е лесно проверлива и не толку битна информација) кажа неколку нешта кои оставија впечаток кај македонската јавност. Меѓу нив беше тоа дека Македонија помалку се развива во периодот на транзицијата отколку претходно и дека поради лошите услови, поради тоа што нема работа, младите луѓе масовно се иселуваат од нашата или земаат пасоши од туѓи држави за да си ја решат егзистенцијата. Направивме, рече тој, изгубени генерации. Очигледно тој не реферираше кон последиците на некоја војна. Тоа беше навод кон практиката на западните институции, конкретно на Светска Банка, да ги нарекува изгубени оние генерации млади луѓе кои не можат да најдат работа и покрај тоа што значителен дел од нив имаат дури и високо образование. Ваков проблем има насекаде, а во одредени делови на Европа процентот на млади невработени е прилично висок, иако за претпоставување е дека стапката на иселување не е иста како кај нас. Недоследноста во изнесувањето точни податоци е намерна затоа што ова не е економски извештај, туку текст во кој се споредува смислата на концептот изгубена генерација. Како што може да се забележи, во западниот дискурс, истата конструкција се користи и за означување на поколенијата кои не можат да се вратат на нормален живот затоа што неповратно биле оштетени во војна и за оние кои поради низа причини – главно вон нивна контрола – не можат да најдат работа. Заедничко им е тоа што станува збор за луѓе кои не можат да се грижат за себе како сите останати. Во оваа смисла може да се заклучи дека последиците се исти, па според тоа може да се најде основата врз која тие делат ист назив.

Дозволете, за миг подробно да се позанимаваме со ова. Што значи да се учествува во една војна? За поголемиот дел од војниците искуството почнува со мобилизацијата по која следи кратка воена обука и распоредување на бојното поле. Неискусните војници немаат ни претстава што ги очекува таму. Одеднаш се наоѓаат на терен на кој многу брзо и лесно се гине, наоколу паѓаат мртви и повредени, а наскоро во свеста на секој војник се изделува мислата која суштински го навестува стравот од неизвесната повоена судбина – поарно смрт отколку голема рана или отсечен екстремитет. Да не заборавиме Првата Светска Војна е најголемиот дотогашен воен судир во кој се применуваат сите средства, меѓу кои и оружја кои поради нивната ужасна природа подоцна ќе бидат забранети со меѓународни конвенции. Кој е тој што сака да се врати сакат кај својата жена или девојка, кај својата мајка, кај браќата и сестрите, пред пријателите? Кој е тој што сака да не може да се грижи за себе како сите останати? Џек Барнс го извлекува полошиот крај од ситуацијата во која се нашол. Иако може да се спори дека треба да биде благодарен што неговиот живот е спасен, тој никогаш нема да може да води живот како останатите луѓе, романот тоа го прикажува на толку извонреден начин што може да му се прости сета внатре присутна декаденција само поради ова.

Дали ова може некако да се спореди со искуството на еден млад Шпанец кој не може да најде работа? Или со млад човек кај нас кој одлучува да се исели или да земе пасош на туѓа држава? Некој може да забележи дека денес нема судири од размер на историските настани опишани во романот. И ова делумно не е точно. Затоа што и денес со и з г у б е н а   г е н е р а ц и ј а  се означуваат и сите оние млади луѓе, верно кажано деца, кои се родиле во Сирија или Украина. Причините за судирот се потполно небитни. На тинејџер на кој наеднаш му гинат блиски роднини, кој го прекинува образованието разделен од другарите, кој секојдневно гледа грозни нешта и бива, за негова безбедност, принудно раселен на неодредено време не му е битно дали неговите ја водат добрата војна или се злосторници – тоа ќе го одредат победниците кога се ќе се стиши. Како може несреќата која го снашла овој кревок младешки ум да се спореди со она што го живеат младите невработени во западните земји? Обете се изгубени генерации и обете не можат да се грижат за себе како сите останати.

Она што е различно кај нив е природата на нивната состојба. Оние кои по сплет на различни околности се нашле сред воени жаришта не можат да направат ништо за да го променат веќе слученото. Овие другите, кои живеат на запад или кај нас, чиј единствен проблем е што не можат да се вработат и од кои голем број се образовани можат, ако се посветат, да ги сменат нештата. Доколку постојната поставеност на системот, која претставува изговор за безизлезот на сите влади по светов, не им одговара, тие можат да ја сменат и со тоа да престанат да бидат изгубени генерации. Така можат и според називот и според суштината да се издвојат од поколенијата кои се навистина изгубени. Дури и ако се предмет на некоја невидлива војна која ги онеспособува како да биле на бојно поле тие имаат поинаква општествена одговорност затоа што не се оштетени на ист начин. Во тоа се состои изборот. А да се порача перно и да се побара poule, добога, е премногу лесно.

____________

Во прилог на изгубените генерации на запад (материјалите се на англиски): во Италија, во Британија, во Шпанија и Франција / изгубените генерации во Сирија.

Во прилог на дискурсот: Светска Банка

_________________________________________________________

Површен човек е серија текстови главно посветена на современите пројави на оној парадигматичен лик во руската книжевност од средината на XIX век кој се нарекува излишен (лишний человек).

Оваа логофилска серија е инспирирана од неодоливо допадливата нарав на Пјер Кирилович Безухов.

П о в р ш е н  ч о в е к  е еуфемизам за и з л и ш е н  ч о в е к, а покрај ова очигледно семантичко ублажување во насловот серијата содржи и текстови во кои станува збор за ликови, случувања, интереси, концепти, дела и дразби кои по својата суштина некогаш се сосем спротивни на вредностите отсутни кај излишниот човек.

Автор: Александар Мицески

*Насловната фотографија е авторска (Александар Еленин), направена на Вевчанскиот карневал 2014 година, а дечкото на фотографијата и неговиот лик немаат никаква поврзаност со содржината од текстот, освен неговата симболична мимикрична претстава за потребите на Вевчанскиот карневал во улога на познатиот карневалски лик „Глупиот Август“.

941 total views, 1 views today