Хана Арент, тоталитаризмот и пропагандата: Генеалогијата на тоталитаризмот, пропагандата и моќта и нивното повторно актуализирање во услови на развиениот капитализам

arendt

1. Вовед

Уште пред да почнеме со излагањето, можеби ќе си го поставите прашањето: зошто е потребно да се пишува и повторно да се обработуваат тоталитаризмот и моќта, денес, после толку години од неговото наводно исчезнување од идеолошката матрица на светот и кога живееме во демократско општество во кое моќта кај поединецот како да ја губи својата сила. Едноставно, затоа што идеолошките последици на тоталитарната идеологија и не се исчистени, или кратко речено се уште живееме во време во кое таа на извесен начин се уште постои, а моќта е позначајна од било кога. Таа, само ја менува  својата форма на манифестација. Прашањето е: како постои? Одговорот ни го дава реалитетот на системот во кој денес толку се верува, во кој се полагаат сите надежи, се пропагира како најдобриот и единствена алтернатива. Нормално се работи за капитализмот. Меѓутоа кога ќе погледнеме под површината и не е се така розово како што изгледа одозгора.

Критики на капитализмот постојат уште од неговото настанување. Утопиите како литературен жанр и утописките сфаќања, покрај тоа што се навидум наивно замислување на едно идеално општество, произлегуваат директно од хуманистичките пориви за креирање на еден подобар свет и се сериозна критика упатена кон моменталниот систем во мигови кога капитализмот уште на самиот почеток ги покажува своите внатрешни противречности и создава огромни социјални контрасти меѓу населението, време во кое хуманизмот повторно ги буди старите идеи за единството на човечкиот род и тежнее за создавање една заедничка општочовечка култура. Моменталната состојба во Европа во XV век, бедата на народните маси од една, а раскошниот живот на општествениот врв од друга страна и сеуште силното влијание на црквата, сериозно влијаеле врз креирањето на овие реформаторски идеи. Во тие безмалку сурови услови, во самиот зачеток на капитализмот, настанува и Моровата „Утопија“, како најзначајно утописко дело и критика на современото општество која предвидува едно сосема поинакво општество. Понатаму, Маркс ја дава можеби најзначајната перспектива на капиталот каде човекот и неговата нечовечка положба се во центарот на вниманието. Доколку, пак, го следиме развојот на антиутопискиот литературен жанр, кој покрај тоа што е навидум измислена визија на научната фантастика, ќе ни даде прецизна антиципација на современото општество, системот и монополот на моќта, токму на начин на кој денес тие се реализираат. Франкфуртската школа или таканаречената критичка теорија се занимава исто така со критика на најразлични аспекти од општественото живеење и проблемите кои во него се јавуваат. Ноам Чомски, пак, денес, многу прецизно, директно и од внатре го вивисецира најзначајниот примерок на демократијата и најразвиениот облик на капиталистичко општество, давајќи увид во тоа што се случува во внатрешноста која не ја гледаме. Доколку постои толку критика кон овој систем, тогаш би требало да постои и причина за неа. Тука би требало да поставиме низа на прашања кои евентуално би ни дале одговор за причините на оваа критика, меѓу кои: што се случува таму, во внатрешноста; која е поврзаноста на капитализмот и тоталитарните системи; што е моќта и кој ја поседува; зошто е значајна пропагандата, ставајќи посебен акцент на ова последното – пропагандата; кој се методите на манипулација во современото општество… За да ги одговориме овие прашања треба да се задлабочиме токму таму, под површината и да видиме што не е во ред со овој систем. Но, пред се да ја дефинираме моќта и да видиме кој ја поседува.

galbrajt

2. Галбрајт: дефинирање на моќта

Пред да преминеме на експликација на поврзаноста на тоталитаризмот и пропагандата, би требало да дефинираме еден од клучните поими за разбирање на проблемот, а тоа е моќта. Денес тоа е можеби еден од најупотребуваните зборови, без разлика дали се работи за обична секојдневна конверзација, бизнис состанок или, пак, некоја стручна дебата. Секојдневно слушаме како некој е моќен, друг имал моќ или бил помоќен од некој трет, некоја организација или држава е по моќна од друга и сл. Интуитивно знаеме дека се работи за квалитет кој овозможува нешто на оној кој го поседува, сето тоа ни изгледа очевидно и затоа можеби сметаме дека нема потреба од дефинирање. Без да навлегуваме во поопстојно разгледување на суштината на овој поим, покрај тоа што знаеме за што се работи, согледуваме дека моќта се јавува кај различни ентитети, различно се спроведува и доаѓа од различни извори. Но, колку и да ни изгледа овој проблем едноставен и очигледен, сепак се работи за многу комплексен поим кој бара свое дефинирање. Германскиот политиколог и социолог Макс Вебер кратко ја дефинира моќта, со дефиниција која е блиска до секојдневното сфаќање, како “можност да се наметне нечија волја врз однесувањето на други лица” (цитирано според Галбрајт 1995: 16).  Можеме да се согласиме дека е ова општо прифатеното гледиште за моќта; поединец или група ја наметнува својата волја и цел или цели на други, вклучително и на оние кои не се согласуваат и се противат. Покрај многуте дефиниции кои се дадени за моќта, една од попрецизните ја дава “економистот со патики на филозоф” Џон Галбрајт, чија дефиниција, дадена во делото Анатомија на моќта, ќе ја искористиме овде за потребите на овој есеј.

Според Галбрајт моќта има три инструменти за нејзино спроведување или за дејствување, а има и три инструменти и начини на кој се стекнува правото на нејзината употреба. Тој говори за: изнудена, надоместувачка и условена моќ.

Изнудената моќ стекнува покорност преку способноста да им се наметне алтернатива на желбите на некоја единка или група, која е доволно непријатна или болна така што тие желби ќе бидат напуштени. Во овој термин е пренагласена казната. Единката се воздржува од искажување на сопственото мислење и прифаќа туѓо гледиште, зашто инаку очекуваниот прекор е премногу непријатен.

Надоместувачката моќ пак, стекнува покорност нудејќи афирмативна награда и на единката што се покорува ѝ се дава нешто вредно. Ова надоместување може да има најразлична форма, вклучувајќи (низ историјата) надоместување во облик на дозвола да се обработува дел од земјиштето или да се земе дел од бербата на полињата, за денес во современата економија најзначаен израз на надоместувачката моќ да биде паричната награда или плаќањето со пари за пружените услуги т.е. покорувањето спрема економските или личните цели на другите. Додека јавниот прекор е форма на изнудена моќ, пофалбата е форма на надоместувачка моќ.

Она што е заедничка одлика на изнудената и надоместувачката моќ е тоа што покорената единка е свесна за своето покорување – во првиот случај дека е приморана, а во вториот дека тоа го прави за награда. Условената моќ, напротив, дејствува преку промена на уверувањето. Убедувањето, образованието или општествениот ангажман за она што се чини природно, добро и правично ја тера единката да се покори на волјата на друг или други (Галбрајт 1995: 18-20). Додека првите два денес постојат во помалку или повеќе ублажена форма или навидум исчезнуваат, токму условената моќ, за нашиот предмет на обработка го претставува најподатливиот инструмент за стекнување моќ.

Зад овие три инструменти за остварување на моќта лежат и три извори на моќ т.е. атрибути или институции по коишто оние кој ја користат моќта се разликуваат од оние кои ѝ се потчинуваат. Тие три извори се личноста, сопственоста (која го вклучува и приходот) и организацијата. Додека личноста е квалитет од физички, умствени, вербални, морални и други одлики на единката кои ѝ отвораат пристап кон еден или повеќе од инструментите на моќ, сопственоста или богатството содржи одреден аспект на авторитет, во смисла на гаранција на целта, и тоа може да предизвика условено покорување. Но, нејзината примарна врска е врската со надоместувачката моќ. Сопственоста или приходот се средства за купување покорност. Организацијата пак е најзначајниот извор на моќ во современите општества и има примарна врска со условената моќ. Денес е општо прифатено правило дека кога некој бара делување на моќта, потребна му е организација, за потоа од неа да следува неопходно убедување, а од него и покорувањето кон целите на организацијата. Меѓутоа организацијата има, пристап и кон изнудената моќ, а имаат и поголем или помал пристап и до надоместувачката моќ преку сопственоста што ја поседуваат. Според ова можеме да заклучиме дека постојат всушност многу комбинации на изворите на моќ и со нив поврзаните инструменти. Личноста, сопственоста и организацијата се комбинирани со различен интензитет. Оттаму следат различни комбинации на инструментите за остварување на моќта.

Што се однесува до моќта, целите за кои таа се бара се широко видливи, но многу поретко артикулирани. Единките и групите бараат моќ за да им се приближат на своите интереси, вклучувајќи го тука и паричниот интерес, за да ги пренесат на другите своите лични религиозни или општествени вредности, или, пак, за да добијат поддршка за своите економски или други општествени сфаќања за општото добро. Во сите случаи, здружувањето на оние со слични интереси, вредности или гледишта е суштинско за стекнување на покорност во трката за моќ. Кога тоа барање е тесно поврзано со интересите на некоја единка или група, се вели дека тоа е од себична намера, а доколку го отсликува интересот или гледиштето на многу поголем број луѓе, тогаш за нив се вели дека се вдахновени државници. Исто така се знае дека целите заради кои се бара моќ честопати се целосно прикриени со вешто срочени лажни изјави. Така Галбрајт зборува дека политичарите кои сакаат мандат во име на паричните интереси на богатите гласачи ќе бидат особено елоквентни прикажувајќи се себеси како борци за општото добро, па дури и како загрижени и верни пријатели на сиромашните. Соодветно образованиот деловен човек не вработува работници за да му донесат профит; неговата крајна цел е да обезбеди вработувања, да придонесе за доброто на заедницата и да обезбеди успех на системот на слободното претприемништво. Конечно моќта не се посакува само заради личните интереси, вредности или општествените погледи, туку и заради неа самата, заради емоционалната и материјалната награда што ѝ е инхерентна на нејзиното поседување и дејствување. Сепак поради елементарна пристојност, не се признава дека моќта се бара заради неа самата, а сето тоа вешто се прикрива зад наметнувањето на моралните вредности на други, остварувањето на визијата за општественото добро, заработувачката… Додека желбата за моќ не може да се допушти, во стварноста таа е, како и секогаш, дел од јавната свест. За политичарите често се вели дека се “гладни за власт”, имплицирајќи со тоа дека сакаат да го задоволат апетитот за моќ.

Светот има илјадници години сурово искуство со изнудената присила од страна на воената организација, искуство на кое сè уште не му се гледа крајот. Токму оваа историја ѝ го дала на моќта нејзиното морничаво име. По сѐ, и денес не е многу поразлично судејќи според тоа дека голем дел од дејството на моќ зависи од општественото условување кое сака да се прикрие. Младите се учат дека во демократијата сета власт му припаѓа на народот и дека во системот на слободното претприемништво сета власт лежи во рацете на неприкосновениот потрошувач, дејствувајќи преку безличниот механизам на пазарот. На тој начин се прикрива јавната моќ на организацијата. Мистичноста на пазарот и неприкосновеноста на потрошувачот ја прикриваат моќта на корпорациите да ги определат или да влијаат врз цените и трошоците, да поткупуваат или да влијаат врз политичарите и да манипулираат со реакциите на потрошувачите. Очевидно е дека организациите навистина влијаат врз власта, потчинувајќи ја неа, а со тоа и луѓето, на своите потреби и волја. Корпорациите не му се подредени на  пазарот; напротив, пазарот кој би требало нив да ги регулира, во некоја мерка е инструмент во нивни раце, за воспоставување на нивните цени и приходи. Сепак, според Галбрајт, моќта сама по себе не треба да биде предмет на индигнација. Дејството на моќта, потчинувањето едни на други, е неизбежно во денешното општество; без тоа не може да се постигне ништо. Моќта може да биде општествено зло; но таа е исто така и суштинска за општеството (Галбрајт 1995: 27).

Според ова, кога се во прашање трката за моќ, личните интереси, како и интересите на некоја единка или група, или целите заради кои се бара моќ кои се целосно прикриени, сосема е очигледна поврзаноста помеѓу моќта и пропагандата. Од тука произлегува и потребата да видиме која е поврзаноста на, од една страна – моќта и тоталитаризмот, а тоталитаризмот и пропагандата од друга. Но, да го дефинираме најнапред тоталитаризмот.

totalitarizam

3. Хана Арент: тоталитаризмот и пропагандата

Цветан Тодоров го опишува тоталитаризмот од различни гледни точки: филозофска или политичка, економска или социолошка и издвојува три големи црти на режимот: 1) тој се претставува како идеологија; 2) се служи со терор за да го ориентира однесувањето на популацијата; 3) општото правило на живот е одбраната на посебниот интерес и безграничната власт на волјата за моќ. Според него заслугата за систематизација на овие идеи како и заслугата за нивното спроведување во практика неоспорно му припаѓа на Ленин, основачот на првата тоталитарна држава, како и на неговите болшевички другари. Токму тие се оние што ги артикулираа назначените прости начела: заплашувањето на народот во неговата целост. Одржувањето на теророт ќе стекне легитимитет со една војничка фразеологија: “класна борба”, “диктатура на пролетаријатот”. Од друга страна, непријателот е големото оправдување на теророт; тоталитарната држава не може да живее без непријатели. Ако и недостигаат таа ќе ги измисли (Тодоров 2001: 26-28).

Според Галбрајт дејството на моќ во тоталитарните режими претставува комбинација на исклучително интензивна (и прохибирачка) употреба на условена присила – преку школите, печатот, телевизијата, радиото, говорите – и голема надоместувачка награда за оние кои се потчинуваат и изнудена казна од одреден вид за оние кои нема да се потчинат (Галбрајт 1995: 51). Додека авторитарната моќ речиси исклучиво се потпира на изнудената присила,  тоталитарна моќ се темели на заедничката употреба на изнудената, надоместувачката и условената моќ.

Меѓутоа кога сакаме овие параметри да ги опипаме во пракса и да го дефинираме тоталитаризмот најнапред би требало да се повикаме на Хана Арент. Таа во своето дело Извори на тоталитаризмот” во делот посветен на тоталитаризмот прецизно ги опишува стереотипите на тоталитарните системи. Тука Арент ја споменува пропагандата како клучен феномен во одржувањето на тоталитаризмот и смета дека само толпата и елитата може да ја привлече жестината на тоталитаризмот, додека масата треба да се освојува по пат на пропаганда (Арент 1998: 349).

Тоталитарните движења постојат во светот кој сам по себе не е тоталитарен и тие се присилени да прибегнат кон пропагандата. Таквата пропаганда е секогаш упатена кон надворешната, екстерната сфера – било кон нетоталитарните слоеви на населението на тоталитарните држави, било кон нетоталитарните земји. Според Арент, оваа екстерна сфера кон која е упатена тоталитарната пропаганда може да биде доста различна; по доаѓање на власт, движењето може да ја насочи тоталитарната пропаганда на оние делови на сопственото население чија координација не била пратена со одговарачката индоктринација (Арент 1998: 350).

Пропагандата навистина е составен дел од “псохолошката војна”; но теророт е повеќе од тоа. Тоталитарните режими користат терор дури и кога ќе ги постигнат своите психолошки цели, кога потполно ќе завладеат со своето потчинето население. Таму каде што владеењето на теророт достигнува совршенство, како во концентрационите логори, пропагандата исчезнува. Со други зборови, пропагандата е само едно од средствата, иако најверојатно најважно, кое тоталитаризмот го користи во контакт со нетоталитарниот свет; теророт е пак, суштина на неговото владеење. Теророт не зависи од психолошките или другите субјективни фактори, баш како што ни законот во земјите во кој владее уставот не зависи од бројот на луѓето кој го кршат (Арент 1998: 352). Масовниот терор кој нацистите го користеле (таканаречен “пропаганда на моќта”), за отстранување на видни личности или функционери на ненаклонетите партии, Арент го доведува во сличност со вистинско гангстерство. Меѓутоа, појаснува дека, тоа не значи дека нацистите се гангстери, туку дека едноставно многу научиле од американските гангстерски организации, еднакво како што нивната пропаганда многу што преземала од американската економска пропаганда. Големата важност која тоталитаризмот ја придава на “научниот” карактер на своите тврдења може да се спореди со некој техники на рекламите, кој исто така се обраќаат на масите. Рекламите во сите свој новини претендираат на оваа “научност”: производителите со факти и со помош на “лабораториски” истражувања докажуваат дека баш нивниот сапун е “најдобар на светот”. Очигледно науката  и во случај на економска пропаганда и во случај на тоталитарна пропаганда е само сурогат за моќта (Арент 1998: 353).

Меѓутоа, оваа техника не ја откриле тоталитарните идеологии, ниту тие биле единствените кој ја применувале. Модерната политика во масовната пропаганда многу често користи привид на научност, што може да се протолкува и како општа опседнатост со наука, типична за западниот свет уште од подемот на математиката и физиката во шеснаесеттиот век, со што Арент отворено ја нагласува поврзаноста на капиталистичката пропаганда со тоталитарната. Според тоа се чини дека тоталитаризмот е просто последен степен на процесот со кој науката станува идол кој на магичен начин ќе ги излечи сите зла на егзистенцијата и измени човековата природа. Конечно, одамна е познато дека помеѓу подемот на науката и подемот на масите постои врска.

Во овој контекст, кога ги споменавме рекламите, секако неизбежно е да се спомене Едвард Бернајс, основоположникот на современата пропаганда, врз чии книги се смета дека токму Гебелс ја градел својата нацистичка пропаганда. Иако можеби звучи пренагласено, но влијанието на овој човек, како и неговиот придонес во развивањето и употребата на пропагандата, играат пресудна улога во самиот развој на конзумерското општество, а исто така ја согледал и катализаторската функција на медиумите во зголемувањето на интензитетот и екстензијата на промените кои можат да се постигнат со пропагандата.

Во политички контекст неговата критика кон пропагандата е насочена кон тоа дека методите на современите политичари, во соочувањето со јавноста, се еднакво архаични и неефикасни како што методите на рекламирањето во бизнисот од 1900 година би биле за сегашноста. Според него, додека, од една страна, политиката е првиот важен оддел на американскиот живот кој употребува пропаганда во поголем обем, од друга страна е најбавниот во промената на методите на пропаганда за да се исполнат променетите услови на јавното мислење. Додека според Арент политиката учи од економијата, во времето на Бернајс, американскиот бизнис најпрвин од политиката ги учи методите на привлекување на широката јавност. Но, сепак постојано подобрувајќи ги тие методи во текот на натпреварувачката борба, додека политиката се држи за старите формули (Bernays 1928: 93).

По првата светска војна, тој е првиот кој се сетил дека пропагандата може да се користи и во мирновремени услови, а познат е и како основач на новата гранка во социјалните науки „односи со јавност“ што всушност претставува прифатливо именување на толку неомилената пропаганда. Понесен од успехот на неговата работа во војната, како и сознанијата за можноста за манипулација со човековата потсвест – добиени од најновите теории на неговиот вујко Сигмунд Фројд, ја внесува пропагандата како легитимна човечка активност во сите сфери на општественото живеење, при тоа поставувајќи се себеси за експерт во водењето и извршувањето на таа дејност. Овие сознанија и активност неповратно влијаат во развојот на општествената реалност како во тоа време во Америка, така и низ историјата.

Пред Бернајс пропагандата е пред сè сфатена како средство кое се користи во воени цели. Легитимното оружје за извојување на победа против непријателот и средствата за манипулација биле ограничени на лажната логика, повторувањето, оцрнување на непријателот, удирање на основните емоции кои се карактеристични за дејствување во група и сл. Со новата мирновремена пропаганда се прибегнува кон манипулирање на масите во прв план преку манипулација на нивните најдлабоки потиснати желби и потреби. Добро познавајќи ја психоаналитичката теорија на Фројд обмислува многу пософистицирани начини на креирање на јавното мислење, а оваа негова вештина придонесува за прифаќање на оваа доктрина без никакви етички проблеми, успевајќи да го прикаже користењето на новата пропаганда (односите со јавност) како нешто што не е само по себе добро или лошо, туку нешто што зависно од несовесниот корисник може да стане лошо. Со ова неговата, како и совеста на сите понатамошни манипулатори е исчистена.

И самиот Хитлер во својата Mein Kempf (Мојата борба) ја нагласува таа релација и потенцира дека точното применување на пропагандата е уметност. Иако смета дека пропагандата можела да се проучува само на спротивната страна, бидејќи на нивната страна таа дејност во тој поглед останува скромна, а на реторичкото прашање “дали ние имавме воопшто некаква пропаганда?”, одговара со “за жал, на ова можам да одговорам само со Не!”, сепак во подоцнежните години на своето владеење ја доведува пропагандата до совршенство. Пропагандата според Хитлер е средство и според тоа мора да биде оценета од стојалиште на целта. Нејзиниот облик, според тоа мора целисходно да се подреди на постигнувањето на целта на која служи. А целта кон која во текот на војната се бореле, е според него највозвишената и најсилната која може да се замисли: “слобода и независност на нашиот народ, сигурност и исхрана за иднината, и чест за нацијата“ (Хитлер 2000: 182). Едно од прашањата кој ги поставува и кој имаат одлучувачко значење е: на кого треба да се обрати пропагандата? На научната интелигенција или на помалку образованата маса? Тука Хитлер е дециден и нагласува дека таа мора секогаш да се насочува само кон масата (Хитлер 2000: 184). За интелигенцијата или она што во тоа време се нарекува така, не постои пропаганда, туку научно поучување. Задачата на пропагандата не е содржана во научното образование на поединецот, туку во упатување на масите во одредени факти, случувања, нужности, итн., чие значење, дури тогаш, треба да се доближи до видокругот на масата. Уметноста во сето тоа е да се направи на што е можно посовршен начин, како би се создало општо уверување за стварноста на некој факт, нужноста на некое случување, исправноста на нешто нужно, итн. Секоја пропаганда мора да биде лесно разбирлива, а нејзиното духовно ниво ускладено со способностите на примање и на најограничениот поединец меѓу оние кон кој се намерава да се насочи. Со тоа, нејзиното духовно ниво треба да биде спуштено дотолку повеќе, колку што е поголема масата на луѓето кои треба да бидат опфатени со пропагандата.

Успехот на тоталитарната пропаганда според Арент, сепак не е заснован толку на нејзиниот демагошки карактер колку на сознанието дека интересот како колективна сила може да постои како во стабилно општество, чии механизми овозможуваат интересот на поединците да се спои со интересот на групата; ефектната пропаганда, која би била заснована само на интерес, е невозможна меѓу масите чија главна одлика е тоа што не припаѓаат на ниедна социјална или политичка заедница и кои се олицетворение на вистинска збрка на поединечни интереси (Арент 1998: 356).

Тоталитарната пропаганда ги усовршува техниките на масовната пропаганда; таа всушност не ги измислува ни нејзините техники, ни нејзините теми. Тие теми тоталитарната пропаганда ги црпи од педесетте години искачување на империјализмот и распаѓањето на националните држави, низ кои масата стапува на политичката сцена на Европа. Водачите на толпата, заговорниците на тоталитарните движења имале непогрешен инстинкт за она за што обичната партиска пропаганда или јавното мислење не воделе грижа. Мистериозноста станува главно мерило за избор на темите. Потеклото на мистериите не е важно; можело тоа да биде разумна, политички оправдана желба за тајност (како во случајот на британската Тајна служба) или конспиративноста на некои револуционерни групи (како анархистите или други терористички секти), или пак самата структура на општеството чија изворна тајна одамна стана добро позната, па само ритуалот ја задржува некогашната мистерија (како во случајот со слободните ѕидари), или тоа се општества околу кои од дамнини се испредувале празноверија и легенди (како кај Евреите). Нацистите во изборот на вакви теми за пропаганда се секако ненадминливи, но и болшевиците со време го изучуваат занаетот, иако тие помалку се ослонуваат на традиционалните мистерии. Ефикасноста на овие видови на пропаганда укажуваат на една од главните одлики на модерните маси. Тие не веруваат во ништо очигледно, ни во реалноста на сопственото искуство; тие не веруваат ни на своите очи и уши, туку само на својата фантазија која е спремна да се поведе по било што, што е универзално и однатре конзистентно. Масите не можат да ги убедат фактите, па дури ни измислените факти, туку единствено конзистентност на системот кој наводно се состои од тие  факти. Тоталитарната пропаганда е успешна благодарејќи на ова бегство од реалноста во фикцијата, од случајноста во конзистентност (Арент 1998: 360).

Клучната предност на тоталитарната пропаганда во однос на пропагандата на другите партии и движења се состои во тоа што нејзината содржина, барем за членовите на движењето, повеќе не е нешто објективно за што може да се има лично мислење, туку станува реален составен дел од нивните животи. Во нацистичка Германија оспорувањето на расизмот и антисемитизмот во моментот во кој ништо друго не е важно освен расното потекло, во кое кариерата зависи од ариевската физиономија, а количината на храната од бројот на еврејските предци, било еднакво на оспорувањето на светот воопшто (Арент 1998: 371).

Суштинските слабости на тоталитарната пропаганда излегуваат на виделина дури во моментот на пораз. Без силата на движењето, неговите членови одеднаш престануваат да веруваат во догмата за која вчера беа спремни да го дадат својот живот. Во оној момент во кој движењето е уништено, а со него и фиктивниот свет кој ги штител, масите се враќаат во својата стара состојба на изолирани поединци кои  со добра волја прифаќаат нова улога во изменетиот свет или пак повторно тонат во својата стара безнадежна излишност. Членовите на тоталитарните движења, крајно фанатични додека движењето постои, не сакаат да го следат примерот на големите верски фанатици, ниту, пак, да умрат со маченичка смрт. По спремно преќутно би се одрекле од движењето како од лоша инвестиција и би побарале некоја друга фикција или ќе почекаат додека старата повторно не стекне доволно сила да создаде уште едно масовно движење. По војната, Сојузниците залудно се обидуваа да најдат барем еден убеден нацист помеѓу Германците, кој е спремен тоа и да го признае – во народ чиј деведесет проценти барем во еден момент искрено ги поддржувал нацистите. Меѓутоа, тоа не треба да се земе како знак на човечка слабост или простачки опортунизам. Нацизмот е идеологија која до таа мера беше реализирана, што нејзината содржина престана да постои како независен систем на доктрини, како творба на интелектот. Готово ништо, а најмалку фанатизмот на следбениците, не го преживеа уништувањето на стварноста (Арент 1998: 371).

orvel

4. Орвел како профет

Во овој контекст, во светлината на растот на репресивните влади на комунистичкиот, фашистичкиот, а и демократскиот капиталистички систем во современата епоха, се чини сосема соодветно да се спомене и повторно преиспита Орвел и неговите дела, токму затоа што содржат концепти и анализи кои нудат опис и остра критики на механизмите и моќта на институциите кои вршат социо-политичка доминација и угнетување. Орвел се чини комплетно релевантен и доста корисен во овој момент нудејќи увид кој ги осветлува различните карактеристики на современиот општествено политички свет.

Според ова и анти утопијата – како под-жанр на научната фантастика во кој спаѓаат и делата на Орвел – оваа навидум измислена конструирана слика за иднината во која се мешаат технологијата, науката, непознатите светови, ескапизмот, оптимизмот и песимизмот, постоечкото и непостоечкото, покрај предвидувањето на иднината, всушност дава и анализа и критика на сегашната состојба на човештвото и општеството. Не ја предвидува едноставно само иднината, туку дава и алтернативни патишта по кои човештвото и општеството во таа иднина би се развивале. Предвидувања кои не се однесуваат само на идните можни општества, туку и на оспорување, критика и спротивставување на моменталната ситуација на општествениот живот кој се случува во времето во кое оваа слика е создадена. Сето ова укажува на тоа дека огромната антиципирачка моќ на научната фантастика е неоспорна но истовремено и нејзината интенцијата кон етичка коректура.

Неколку дела од антиутописката мисла се издвојуваат со својата брилијантност и антиципаторска моќ и се сметаат за клучни во формирањето на нејзиниот изглед каков што денес го знаеме. Меѓутоа во контекстот кој го обработуваме, би можеле да го споменеме Храбриот нов свет (1932) на Олдос Хаксли, и секако 1984 (1949) на Џорџ Орвел, како можеби најзначајно дело за оваа опсервација. Најзначајно затоа што најпрецизно го опишува тоталитарниот систем и неговите атрибути, употребата на пропагандата и други методи за систематска контрола, кој од перспективата кога ова дело е напишано би требало да се случат во иднината, т.е. нашата денешница. 1984, не е толку утопија настаната од кошмарот, колку краткорочна антиципација, или подобро, „сличност“ создадена од Втората светска војна, но исто така и од политичкото окружување кон крајот на војната, зародишот на Студената војна, социо-економскиот живот во Англија, а и  сталинистичкиот систем во Советскиот сојуз кој е директна инспирација врз која е базирано општеството во Океанија (“1984” дури е и забранета во СССР сé до 1988 година). Сепак голем дел од предвидените принципи, можеме сосема јасно да ги согледаме и денес, иако не во толку експлицитна и тоталитарна форма како претставените, додека Храбриот нов свет ни нуди по сé поблиска визија до денешната реализација на капиталистичкото општество или таканаречениот добродушен тоталитаризам. Или како што Жан Севрие забележува: сите утопии пред нас се под превезот на фикцијата, кој понекогаш е толку тенок што под него се наѕира другиот свет, полн со скриени тајни и симболи (Sevrije 2005: 275).

Тука хегемонијата е создадена од комбинација на државна пропаганда и идеолошка контрола од една страна и посредувањето на семејството, религијата, образованието, а денес во сè ова слободно би можеле да ги вклучиме  и медиумите, рекламирањето, масовната култура… Покрај сеприсутните телескрини кои ја прикажува телевизијата како антиципација на употребата на телевизијата како инструмент за индоктринација и општествена контрола, во Океанија во 1984-та, еден од аспектите кој за нас е значаен е манипулацијата која продира во коренот на мислењето и изразуањето – Новоговорот. Во Принципите на новоговорот, есеј кој е додаден во делото, е опишан развојот на новоговорот, партиски вештачки создаден јазик наменет, идеолошки да ја регулира мислата и дејствувањето, во контекст на Ангсоц (новоговор за Англиски социјализам), официјалната идеологија на Океанија, и да ги направи другите модели на мислење невозможни. Целта на новоговорот е да го спречи мислењето на поединците и преку одземање на зборовите потребни за формирање идеи поинакви од оние кои се прифатливи за државата, да конструира јазик кој нема да овозможува слободно мислење, а со тоа и отпор. Акцентот е на функцијата на јазикот како механизам на контрола и манипулација со јавноста, односно начините на коишто се оневозможува комплексното и критичко мислење, и изразувањето на слободната волја, со тоа што поголемиот дел од зборовите во Новоговорот се со двојно, и тоа контрадикторно значење. Значи, Орвел оди дотаму да го користи самиот јазик како моќно средство кое се користи во процесот на манипулација. Според него слободата на изразување не е само слобода на мислата, туку исто така и јазична слобода. Едноставно, светот се осознава преку јазикот и постои преку јазикот. Јазикот како систем е бесконечност и има моќ за создавање светови, па во таа смисла, отсуството на одредени јазични знаци, редукцијата на стилот и ограничувањето на употребата на знаците, значи ограничување на човековата моќ за слободно размислување и можност за контрола на човековите субјекти. Сето ова колку и да звучи фантастично, не е далеку од вистината на реалноста која ја живееме и потсетува на упростувањето на јазикот кој денес го користиме, а кој медиумите и рекламирањето го пропагираат за да ги продадат своите евтини пораки до масите.

Во ова дело се претставени сите можни методи на репресија, брутална контрола, подмолна пропаганда и константа присмотра со сеприсутниот телескрин (алузија на централизираната улога на ТВ медиумот денес) кој се употребени врз населението на ова општество. Еден диктатор – Големиот Брат – владее со „републиката“ Окејанија, чии портрети ги прекриваат ѕидовите, дополнети со паролата на единствената партија: Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила. Оттука и сите останати употребени имиња и фрази реферираат на нивното спротивно значење преку пропагандата на владата. Имињата на министерствата се иронични антоними на вистинската природа на нивната активност. Така Министерството на мирот се занимава  со војната, Министерството на љубовта практично ги принудува и мачи луѓето, а Министерството на вистината се занимава со лажирање на фактите.

Додека храбриот нов свет е свет совршен и без мани, каде поединецот е научно условен од епруветата до својата зрелост да биде среќен, во 1984-тата светот е потенциран од ограничувања, лишување, патење, понижување на поединецот притиснат под полицискиот режим и поткажувањето. Мисловната полиција го ограничува и контролира начинот на мислење и однесување преку двостраните телевизиски екрани, скриени микрофони и поткажувачи. Вистината во вака воспоставениот свет е варијабилна, во зависност од интересите на Партијата со цел манипулирање на населението. Нараторот, Винстон Смит е чиновник во Министерството на вистината, а негова задача е менување на историските факти во весниците и книгите како би се прилагодиле до новата владина политика и интереси кој постојано се менуваат, како тие факти и луѓе би се избришале од колективната меморија. Медиумите играат клучна улога во манипулирањето со вистината. Единствениот поглед кон надворешниот свет е само преку медиумите, кои имаат за цел да ги преувеличуваат и фабрикуваат фактите. Ова само укажува на манипулативниот однос на медиумите кој е под контрола на „врвот“, а кој го имаат спрема „поданиците“, нудејќи им варијабилна вистина во зависност од сопствените интереси, појава блиска и позната на денешната реалност.

Кога ја напишал оригиналната новела Орвел нагласува дека е разумно да се погоди каде светот би можел да оди, но понатака, во својата ревидирана верзија додава, дека светот станува како храбриот нов свет многу побрзо откоклу што очекувал. Социјалниот критичар Неил Постман ги спротивставува световите на 1984 и Храбриот нов свет во предговорот на своето дело Amusing Ourselves to Death и вели: Орвел стварувал од оние што ќе ги забранат книгите. Oна од што Хаксли стравувал, е тоа што повеќе не ќе има причина да се забрануваат книгите, затоа што нема да има некој што ќе сака да чита. Зарем не сме сосема блиску и до тој момент?

herbert-marcuse

5. Маркузе: денес

Кога говориме за светот во 1984-тата или за тоталитарното општество скицирано како претстава за иднината, или уште попрецизно за храбриот нов свет и хедонистичката утопија, имаме чувство како да зборуваме за денешнината и современото капиталистичко општество. Иако доста од техниките на моќ и општествена контрола ја промениле својата манифестација и облик, сепак влијанијата и методите се крајно слични. Можеби Орвел не ги антиципираше сите детали во врска со технолошкиот напредок и иновациите на компјутерите, медиумите и новите технологии, а наспроти нив ниту растот на конкурентското и технолошкото општество, но сепак дава сериозна општествена критика на трендовите кој во тоа време се наѕираат.

И други автори стојат на ставот дека развојот на потрошувачкиот капитализам е длабока закана за слободата и индивидуалноста. Додека Галбрајт сметаше дека демократските власти не се лишуваат ниту од изнудената, ниту од надоместувачката, ниту од условената моќ и во нив дејствуваат сите три, а разликата е само во нивната комбинација, во степенот до кој се користат инструментите и во обемот во кој државата ја задржува за себеси ексклузивната употреба на условената моќ (Галбрајт 1995: 52), Маркузе прецизно предупредува дека повторно сме конфронтирани со еден од најмачните аспекти на развиената индустриска цивилизација: со рационалниот карактер на ирационализмот. Современото индустриско општество тендира кон тоталитаризам на основа на организацијата на неговата технолошка база, и тоа тоталитарен не во смисла само на терористичка политичка координација на општеството, туку и нетерористичка, економско-технолошка координација која делува со посредство на манипулирање со потребите, доделувајќи интереси (Маркузе 1968: 22). Тој сугерира дека напредните капиталистички општества се “тоталитарни” поради капиталистичкиот начин на производство и “доделените интереси”, поради тоа што владејачката класа ја користи технологијата да манипулира со потребите, да индоктринира и да управуваат со општеството во согласност со нивните сопствени интереси. Во оваа смисла, напредните капиталистички општества се “тоталитарни” затоа што тие се целосно контролирани од страна на хегемонијата на капиталот. Капиталот ги контролира државата, медиумите, образовните и идеолошките апарати, и социјалните институции, додека ги користи за своите цели на максимизирање на профитот и одржување на социјална контрола преку елиминирање на опозицијата и интегрирање на поединците во капиталистичкиот систем.

Наспроти Орвеловиот тоталитарен систем ние денес живееме во пост Орвеловско време на современо капиталистичко општество кое е синтеза на капитализам и технологија и кое Келнер во својот есеј “Од 1984 до Едно-димензионален човек го нарекува технокапитализам и кој нуди нови форми на општествена доминација. Тоа е тоталитарно општество во кое се користат технологијата, консумеризмот, медиумите, јазикот, државата, културата и идеологијата, како нови инструменти на социјална контрола и доминација, наспроти поимањето на тоталитаризмот кој Арент го дава во делото Извори на тоталитаризмот. Маркузе врши анализа токму на овие нови трендови кои тој ги гледа како создавање на нова форма на тоталитарна доминација.

Во делото “Едно-димензионален човек тој дава анализа на такво тоталитарно општество во кои се користат технологијата, консумеризмот, медиумите, јазикот, државата и културата, и идеологијата како нови инструменти на социјална контрола и доминација. Употребата на терминот “тоталитарна” за да ги опишат напредните капиталистички општества е свесен обид да се реобликува и реконструира политичкиот дискурс, со што ќе се земе термин кој се користел за напад на фашистичките и комунистички општества и се примени на капиталистичките општества. Притоа, Маркузе имплицитно дава неодобрување на оние кои го користат терминот за напад на комунизмот, или да се изедначува комунизмот и фашизмот, но исто така предлага паралела помеѓу најлошите карактеристики на “тоталитарните” фашистички и комунистички општества и современиот технокапитализам.

Маркузе се обидува да ги редефинира поимот “тоталитаризам” кој се користи да го осуди комунизмот, кој е реконструиран и применет како поим кој ќе се користи да се критикува капитализмот преку поврзување со едно-димензионалното “тоталитарно” капиталистичко општество каде сржта на инструментите на општеството и стратегијата на социјална контрола се повеќе инструментите на културата, масовното убедување, манипулацијата, консумеризмот и контролираното задоволство, чија цел е да ги интегрира поединците во напредниот капитализам и да го произведат она што Маркузе го нарекува “едно-димензионално општество” и “едено-димензионален човек”.

Според ова Маркузе дава прецизен опис на капиталистичкото општество и неговото функционирање, објаснувајќи го преку овие карактеристики. Во повеќето капиталистички општества денес се користи мешавина на принуда и манипулација, на сила и хегемонија, па во најмала рака акцентот на Орвел врз силата и државниот терор мора да бидат дополнети и со манипулацијата и новите форми на социјална контрола. Орвел е скептичен за тоа дали централизираната држава вистински ќе го заштити поединецот и ја гледа економската слобода и капитализмот како барем малку корисно наследство, додека Маркузе го гледа капитализмот и контролата на општеството од страна капиталот како голема закана за слободата, индивидуалноста и демократијата во модерниот свет. Според тоа слободата и индивидуализмот кој Орвел имплицитно ги валоризира во својата критика на политиката на тоталитаризмот се уништени во напредните капиталистички општества.

Економската слобода би значела ослободување од економијата – од надреденоста на економските сили и односи, ослободување од секојдневната борба за егзистенција, од заработувањето за живот. Политичката слобода би значела ослободување на индивидуите од политиката која тие не ја контролираат. Слично на тоа, интелектуална слобода би значела враќање на индивидуалната мисла која сега е апсорбирана од масовната комункација и индоктринација, би значела укинување на “јавното мислење” задно со неговите творци. Нереалниот тон на овие предлози не индицира на нивниот утописктички карактер, туку на јачината на оние сили кој ја спречуваат нивната реализација. Најефикасното и најотпорното оружје против ослободувањето е  наметнување на материјални и интелектуални потреби кој перпетуираат застарени форми на борба за егзистенција (Маркузе 1968: 23-24).

Слично како и Орвел не многу далеку во проценувањето на манипулираната реалност на сегашноста оди и Маркузе кога ги анализира методите преку кој јазикот го обликува јавното мислење и дискурсот низ “магични” формули кој ја “скратуваат мислата” и го “отсекуваат развојот на значењето.” Овој јазик се обидува да манипулира со својата публика преку спречување на критичката мисла и дискурс.

“Орвеловскиот јазик” и денес се користи за да се опише природата и функциите на доминантните дискурси во рамките на современата пост-индустриски општества. Во анализата на Маркузе јавните и корпоративните функционери и мас медиумите користат “едно-димензионален јазик” за да ги ублажат социјалните противречности и проблеми, и на тој начин да ги ограничат мислата и јавниот дискурс на условите и интересите на општеството. Доминацијата на политичките водачи е инкорпорирана во дневните активности и релаксацијата на граѓаните, а “симболите” на политиката, исто така се симболи на бизнисот, трговијата и забавата (Маркузе 1968: 107).

Маркузе ги цитира современите примери на “орвеловскиот јазик” во кој концептите како што се демократијата, слободата и еднаквоста се користат во капиталистичките земји да означат класно општество, неслобода, и нееднаквост, додека “социјализам” и “демократија на работникот” се користат од страна на комунистички земји за да означат на партиската диктатура. Тој ја анализира и логиката на манипулација што е речиси надреална во своето обединување на спротивностите. Ќе каже дека: јазикот не само што ја одржува контролата туку и самиот станува нивен инструмент, дури и таму каде не пренесува заповед, туку информации, кога не бара контрола и подредување, туку избор и слобода. Овој јазик управува по пат на редуциање на лингвистичките форми и симболи на рефлексијата, апстракциите, развојот, конрадикциите; понатаму по пат на супституирање на одразите за поимите (Маркузе 1968: 106).

* * *

Повеќе од очигледно е дека денес живееме во едно Орвеловско време,  во едно-димензионално општество, подобро речено во храбар нов свет, каде тоталитарните методи се заменуваат со суптилна манипулација преку културата, пропагандата, консумеризмот и задоволството. Во него живее едно-димензионалниот човек кој своеволно се подведува на таа манипулација, кој подлегнува на сома терапијата и евтиниот хедонизам поттикнат од манипулативната пропаганда на капиталистичките корпорации, и верува во изјавите на политичарите гладни за моќ и од нив контролираните медиуми. Многу е веројатно дека токму тој човек ја гледа серијата Big Brother на омилената му телевизија, а воопшто нема претстава од каде тоа име и доаѓа.


Библиографија:

 

Arendt, Hannah (1961) Between past and future: six exercises in political thought, New York: The Viking Press

Arendt, Hannah (2000) The portable, New York: Penguin books

Arеnt, Hana (1998) Izvori totalitarizma, Beograd: Feministička izdavačka kuća

Bernays, Еdward L. (1928) Propaganda [pdf], достапно на: http://www.whale.to/b/bernays.pdf [15. 09. 2011]

Hitler, Adolf (2000) Moja Borba, Kvrga izdavaštvo

Huxley, Aldous (1985) Divni novi svijet, Zagreb: August Cesarec

Klajn, Naomi (2003) Ne Logo, Beograd: Samizdat b92

Marcuse, Herbert (1968) Čovjek jedne dimenzije, Sarajevo: Veselin Masleša

Postman, Neil (1986) Amusing Ourselves to Death, New York: Penguin books

Галбрајт, Џон (1995) Анатомија на моќта, Скопје: Култура

Орвел, Џорџ (1998) 1984, Скопје: Детска радост

Тодоров, Цветан (2001) Одродениот човек, Скопје: Тера магика

 

Автор: Тони Димитров

Текстот во 2011 година е првонаграден на конкурсот за филозофски есеј кој го објавува Аз-Буки.

1,257 total views, 1 views today