Душевната кујна на Маја Мухиќ: Современа номадо-логија

majamuhic

Голем дел од моие патувања беа резултат на професионална надградба, работни обврски, образование, но дури и тогаш, беа поттикнати длабоко од мојата внатрешна одлука да патувам, да почувствувам какви се боите, мирисите, изгрејсонцето, храната и зачините, таму некаде, надвор од ова што го познавам. Со текот на времето, почнував да чувстувам дека патувањата му даваат нова свежина на умот, особено оние кои извираат од најскриените дамари на нашето срце. За мене, тоа се одењата в природа, искачувањата на големите планински врвови и карпи, моите храмови, местата низ кои ја ткаам врската со и свеста за себе.

Моето семејство беше номадско по природа. Уште на 6-месечна возраст ме качија на 1700 м.н.в., на Попова Шапка, гравитациониот центар на Шарскиот масив. На 3 години татко ми, ми ги откриваше бесконечните убавини на храмовите на овој свет, планините, носејќи ме на рамо сѐ до врвот Љуботен – 2499 м.н.в., на Китка, на Јелак. Си играв со небеските чувари на Шарските пасишта, големите мудреци – Шарпланинците, на кои им бев едвај во висина на нозете. Со мајка ми патував во Рим, а сите заедно бевме дури до Мароко, патувајќи низ цела бивша Југославија и Европа. Подоцна, тргнав сама. Имав мало загревање со европските земји, за да наскоро потоа, отидам преку Атлантикот на студии во Америка. Приказната понатаму самата се отплеткуваше.

Бев во многу градови ширум светот. Иако во некои од нив бев само во проаѓање, се случи да ми остават впечаток посилен од некои, пак, во кои престојував подолго. Сепак, секако би ги издвоила, Тусон – Аризона, Бостон, Сан Франциско, Куала Лумпур – Малезија, Сингапур, Кембриџ-Англија, Нагоја и Кјото – Јапонија, Техеран – Иран, Доубајазит – Турција, Маракеш-Мароко. Искуствата од сите овие места се разликуваат, па сепак, обединети се во интензитетот на возбудата која ја доживував со самото тоа што бев таму некаде, чувствувајќи дека низ патувањата, ја откривам повторно хармонијата која можеби некогаш постоела помеѓу човекот и светот/универзумот. Тусон беше волшебен со своите изгрејсонца и зајдисонца, со планините и Навахо и Хопи индијанците кои сѐ уште живеат во тој реон. Сан Франциско беше интензивен, културно богат град, архитектонска загатка со своите улици кои одат угору и удолу, отворен кон Пацификот, блиску до најубавите карпи и планини на Калифорнија. Куала Лумпур беше своевидно естетско, гастрономско, религиозно искуство, преку архитектурата, до улиците кои мирисаа на чудесни зачини, егзотични овошја и тајни тутуни, разните култури олицетворени во лицата на индусите, муслиманите, Кинезите, па сѐ до импресивните џамии и хиндуистички храмови во карпи. Јапонија бездруго беше друга планета за чие опишување ќе ми треба повеќе простор. Будистичките храмовите со своите тешки дрвени порти и шуми од бамбуси најсилно пулсираат во мене. Кембриџ мирисаше на книги и дожд и наука. Техеран и Каспиското море ме освоија со аурата на древните тајни на Персија, пештерите на Зороастријанците, планинскиот врв Дамаванд -5610 м.н.в. Доубајазит- Курдски дел од Турција ме плени со интензитетот кој едно такво мало место може да го има, веројатно бидејќи се наоѓа под падините на библиската планина, Арарат -5137м.н.в. Маракеш е исполнет со волшебства, од улици преполни зачини до плоштад пол секаква храна и хипнотизери на кобри.

Никогаш не патувам со цел. Верувам дека патот до целта е патот до крајот. Оставам доживувањата сами да се ткаат. Потрагата е инаку бескрајна. Доколку и трагам по нешто, трагам по убавината пред мене, зад мене, насекаде околу мене и во мене, како што вели една стара Навахо молитва. Таа-убавината, е толку сѐприсутна, па сепак, во овој и ваков забрзан, потрошувачки свет, заборавивме и дека воопшто постои. Уште помалку, пак, се обидуваме да ја здогледаме.

Доколу  внатрешниот мир и хармонијата со вас и светот околу вас, извира од патувањата, тогаш нема ништо поскапоцено од таквото искуство. Токму патувањата ја возобновуваат таа врска која ја имаме со космосот и ја враќаат снагата на духот и умот. Патувањата не треба да се обезглавено трчање од едно на друго место, безполезно шкрапање со апаратот и доживување на местата низ објективот, наместо низ нашите очи и срца. Тоа денес, се случува и многу луѓе патуваат токму така, залудено, бесмислено, или во работна/бизнис треска од еден во друг авион или во туристичка избезуменост, од еден до друг град. Секое вистинско патување надвор, треба да вреже по една нова приказна, длабоко во нас.

Имало такви мигови, но ете, сѐ уште не сум се одлучила за таков финален чекор. Градовите сами по себе никогаш не ме заскокоткале доволно силно за да копнеам по останување. Се случило в планина или во некое мало место под падините на некоја планина или карпи, да посакам да останам или да си го замислам остатокот од животот таму.

Животот како номад е бескрај од можности, одгатка на нашето постоење, сон.

Вистинско превозно средство за номадизам – нозете. Авионите се најбрзи и моќни во тоа да ве пренесат од една хемисфера на друга за неколку часа, но со тоа и средства за брзо пренесување на вашата тага, чемер, немир или радост од едно на друго место. Секое превозно средство ви открива инакви перспективи и пејзажи, но со нозете, знаете до каде и колку можете да одите, а патот струи низ вашите стапала па се до вашето срце. Зарем не е тоа и суштината на номадството?

Сретнав секакви луѓе. Се запознав со Индијанци и го допрев златниот пердув од орелот, исклучително важен симбол за Навахо Индијанците. Во Иран, еден Иранец, кој не знам од каде се појави, постар човек ми помогна во последните чекори од искачувањето на Дамаванд пеејќи ми некои волшебни песни. Зарем може тоа рационално да се објасни? Во Англија и Маџарска запознав антрополози, филозофи, луѓе блиски на мојата академска определба со кои и до денес комуницираме и соработуваме.

А во другите земји честопати се чувствувам како дома, но не секогаш. Некогаш не можете да го заобиколите чувството дека едноставно не сте од таму. Се соочувате со култура која пулсира со потполно инаков дух од сето она што до тогаш сте го знаеле. Но разликите, меѓу вас и другата култура, секогаш се однесуваат на луѓето и артефактите, никогаш на небото, сонцето, хоризонтот.

За жал, свет во кој се вреднуваат чесноста, добрината и човечноста, веројатно никогаш нема да постои. Токму затоа им останувам најверна на храмовите на овој свет, планините и карпите. Ако има чесност и добрина, таму се и извираат од секој лист, од секоја една тревка, од секој цвет. Само тие уште и можат да не потсетат на големината на животот.

Автор: Маја Мухиќ

На наше големо задоволство и глобока радост, со надеж дека ова е еден иницијациско-осознателен почеток на едно недогледимо пријателство и разбирање, и со одобрение од големиот и нескротим дух на Маја Мухиќ, текстот е преземен од нејзиниот личен блогMaYa’s Soul Kitchen.

1,159 total views, 1 views today