Извадоци од „Прирачникот на Епиктет“ од Флавиј Аријан

SONY DSC

1.Од нештата, едни се во наша моќ, а други не се во наша моќ. Во наша моќ се нашите сфаќања, дејствието, стремежот, одбегнувањето; со еден збор, сите дела што изворно се наши. Не е во наша моќ телото, имотот, угледот, местото во општеството; со еден збор, сите дела што изворно не се наши.

3.Затоа запамети: ако го сметаш за слободно она што по природа не е слободно, а за свое го сметаш она што е туѓо, ќе трпиш многу страдања, јадови и маки, прекорувајќи ги за тоа боговите и луѓето. Но, ако за свое го сметаш само она што е твое, а за туѓо она што навистина е туѓо, никогаш никој не ќе те принуди на ништо, никој не ќе ти пречи, никого нема да прекоруваш или обвинуваш, ништо не ќе правиш против своја волја, никој не ќе ти наштети нешто; непријатели нема да имаш, оти не ќе претрпиш никаква штета.

15. Никогаш немој за ништо да речеш: „го загубив“. Подобро речи: „Го вратив назад“. Ако ти умрело детето, речи дека си го вратил назад. Лишен си од тоа што ти е дадено во овој свет, сега си го вратил назад. Но, ќе речеш дека ти го одзел некој арамија! Не е твоја грижа на кој начин ти е земено даденото. Сè додека ти е дадено, грижи се за него како за туѓо како што гостите се грижат за она што припаѓа на гостилницата.

16. Ако сакаш духовно да напредуваш, отфрли ги ваквите размисли: ако не се грижам за својот имот, не ќе имам за јадење, ако не го карам робот, тој ќе стане лош. Поарно е да умираш од глад, но ослободен од грижи и стравови, одошто да живееш во изобилство притиснат од грижи. Поарно е робот да е лош одошто ти да си несреќен.

17.Затоа почни од ситните нешта. Ти се излеало малку од маслото? Ти украле малку вино? Речи си себе си: „Тоа е цената на рамнодушноста. Со тоа плаќам за своето душевно спокојство. Ништо не можеш да купиш без да се потрошиш“.

Кога ќе го викнеш својот роб, помисли дека можеби не ќе те слушне, а ако те слушнал, можеби не ќе направи како ти што сакаш. Како и да е, не треба од него да зависи твоето душевно спокојство.

20. Господар на друг човек е оној кој има моќ да му даде или земе нешто што тој сака или не сака. Оној што сака да е слободен, не треба да посакува или одбегнува нешто што е туѓо. Во спротивно, неизбежно станува роб.

23. Замисли дека ти имаш улога во една драма која што ја режира зналец. Сеедно дали драмата е куса, а твојата улога мала или драмата е долга, а твојата улога голема. Ако тој од тебе бара да ја играш улогата на питач, одиграј го тоа како што треба. Истото важи и за улогата на куц човек, владетел или обичен граѓанин. Твое е само да го одиграш добро ликот што ти е даден. Изборот на улогите го прави друг.

introspection

25. Ти можеш да бидеш непобедлив ако не влегуваш во ниедна борба во која победата не зависи од тебе.

32. Некој те прередил на некоја гоштевка, при поздравувањето или пак при поканата на некое советување?Ако се тоа добри нешта, треба да те радува тоа што му се случило на тој човек. А ако е нешто лошо, не треба да ти е жал што тебе не ти се случило. Запамети: ако истото тоа ти не го правиш како нив затоа што не е во твоја моќ, тогаш истото не можеш и да го посакуваш. Како може да има исто оној што не коленичи пред портите од богатиот со оној што тоа редовно го прави? Или оној што не ползи по него со оној што ползи? Или оној што му се додворува со оној кој не му се додворува? Несправедлив си и алчен ако сакаш да го добиеш бесплатно она што другите скапо го купуваат. На пример, колку чини една салата? Нека биде, да речеме, еден обол. Ако некој плати обол, ќе си земе една салата, а ти не плаќаш и не земаш. Притоа сметаш дека не си во кусок во однос на оној што платил, затоа што оној има салата, а ти си го имаш оболот што не си го дал.

Така исто е и во нашиот случај. Не те поканиле на гозбата? Но, ти немаш платено на домаќинот за поканата на гозба? А тој неа ја продава за да му платат со пофалби и додворување. Ако имаш корист од тоа, плати ја цената на чинење. А ако сакаш она да го земеш, а да не го платиш, тогаш си ненаситен и глупав.

Зарем наспроти таа гозба тебе не ти останува ништо друго? Мислам дека го имаш следново: прво, не си го фалел оној што не сакаш да го фалиш, а освен тоа не си морал да чекаш понизно пред неговата порта.

33. Намерата на природата можеш да ја препознаеш во оние нешта кон коишто луѓето се однесуваат различно. На пример, кога неопитниот слуга на соседот ќе скрши чаша или нешто друго, подготвен си веднаш да речеш дека и тоа се случува. Но знај дека ако и твојот слуга ја скрши , треба да се однесуваш исто како кога туѓата чаша беше скршена.

На ист начин однесувај се кога се во прашање и покрупни нешта. Умрело нечие туѓо дете или жена? Нема никој што не ќе рече: „Тоа ти е човековата судбина“. Но, кога ќе ти умре некој твој, веднаш лелекаш „Ох каква несреќа ме снајде“. А тогаш треба да се сетиме како го доживеавме истото тоа кога чувме дека им се случило на другите.

48. Ако некој ти каже дека за тебе зборуваат многу лошо, немој да се браниш оправдувајќи се од реченото туку одговори дека тие луѓе не ги знаат другите твои мани па затоа ги споменуваат само овие.

71. Став и одлика на обичниот човек се што тој  потеклото на користа и штетата никогаш не го бара во себе туку некаде надвор. Став и одлика на филозофот е што тој потеклото на секоја корист и штета го бара во себе си.

Извадоците се дел од преводот од старогрчки на Витомир Митевски

Избор: akindin.com

1,306 total views, 1 views today