Писмо до кршниот побратим Ферид Мухиќ

platnar-muhic

Драги мој,

Дамна ништо не сум напишал, ни заглавие, ниту маргина, слово макар да сум гукнал, да сум плукнал две-три морфеми-не, згора на тоа не паметам кога последен пат беше да сум му се ѕвекнал, та да сум клекнал својски за да одревам еден цел репертоар. Ај што никому не сум му рекол потака стапи, ај и некако: тоа ми е во пописот, среде наравот, во квинтесенцата, ама ми е што нема кому да кажам: “Дај да совладаме по едно дамаџанче угаснато црно, моја кршна побратима, та да поблендиме блодни и смирени, свртени кон онаа страна на светот која не се споменува ниту во најстарите списи.“

Туку нејсе, сè е џабе, бадијала се трудам, а сепак блудам буден и ми е темно како во поштенско сандаче. Само кога понапати оклембешен и намќор ќе влезам во бламбоната вода од реката и кога меѓу бедрата, голите леденици, ќе ме заскокотка мламната течност со намера да ме раствори, ете само тогаш сред свеста, како заџидана морница, искрснува прашањето:

„Гломино, гломно лизна скомина, од сто мина глукната, или само бела пепел бел петел од непцата ти прета, та јазикот ти го запретува?“

И толку. Другото е глобална тапост: Скинат е небесниот тапан и не баботи, не рзнува, а јас не трзнувам да му ја менам кожата, ниту ти можеби од што си далеку и не му ја слушаш немоста. Што ќе да е, не знам. Само знам дека упорно блунѕам, ѕлапкам и се штурам со надеж дека, кога да е, ќе ме снема од сопствениот видеокруг…
А сакав да ти напишам долго и смешно писмо.

Твој Благоја

Благоја Ристески Платнар

1,270 total views, 1 views today