Извадоци од аналектите на Конфучие

confucius5

2 книга 15 глава

Учителот рече:„Учењето без мислење и изгубена работа; мислата без учење е погубна“

4 книга  14 глава

Учителот рече: „Човек треба да си рече , не ми е толку грижа што нема место колку што ми е грижа колку ќе сум погоден за некое место.  Не ме загрижува тоа што не сум познат,  јас сакам да заслужувам да бидам познат. “

4 книга 17 глава

Учителот рече: „Кога ќе видиме вредни луѓе, треба да посакаме да им станеме рамни; кога ќе видиме луѓе со спротивен карактер, треба да се свртиме кон себеси и да се преиспитаме себеси“

6 книга 13 глава

Учителот рече: „Манг Чих – фан не се фали со својата заслуга. Застанувајќи во една прилика на бегање, таман кога напаѓачот  беше на портите, тој го фрапна коњот велејќи „Не дека се осмелувам да бидам последен.Толку ми оди коњот““.

 6 книга 18 глава

Учителот рече: „Тие што ја знаат вистината не им се рамни на оние што ја сакаат, а оние што ја сакаат не им се рамни на оние што во неа наоѓаат задоволство“.

6 книга 24 глава

Цаи Во праша, велејќи : „Добродетелниот човек , ако му се рече: онаму, во бунарот, има човек; тој ќе оди по него претполагам“. Конфучие рече: „Зошто би постапил така? Возвишениот човек  може да оди до бунарот, но не може да биде натеран да скокне во бунарот. Тој може да биде предизвикан, но не и да биде направен будала“.

8 книга глава 13

1. Учителот рече: „Со искрено верување, тој ја обединува љубовта за учење; цврсто држејќи се за смртта тој ја усовршува одличноста на својот курс“

2. „Таквиот нема да дојде во разнишана состојба, ниту да се најде дезорганизиран. Кога вистинските начела на владеењето преовладуваат во царството, тогаш тој ќе се покаже себеси; кога тие ќе бидат соборени, тој ќе мора да се скрие .“

3. „Кога една земја е добро водена, сиромаштијата и недобрините стануваат срамота. Кога една земја е лошо водена, за срамување се богатствата и почестите“.

confucius

11 книга глава 21

1.       Це – лу праша дали тој веднаш треба да го направи тоа што го чул. Учителот рече:„Треба да се посоветуваш со татко ти и постарите браќа – зошто веднаш да постапиш како што си чул?“.Зан Ју го постави истото прашање, дали треба да го направи тоа што го чул,а учителот одговори: „Веднаш треба да го сториш тоа што си го чул“.  Кунг – хси Хва  рече: „Ју праша дали веднаш треба да го направи тоа што го чул, а ти му рече дека треба да се посоветува со татко си и со постарите браќа.  Чиу те праша дали веднаш треба да го направи тоа што го чул, а ти му рече дека веднаш треба  да го направи тоа што го чул. Јас, Чих, сум вџашен и се осмелувам да те прашам за објаснение”.

2.      Учителот рече:„Чиу е повлечен и бавен; затоа му реков да побрза.  Ју има енергија повеќе одошто треба, затоа треба да се забави“.

11 книга глава 25

1.       Це – лу, Цанг Хси, Зан Ју и Кунг – хси Хва седеа крај учителот.

2.      Тој им рече: „Иако за некој ден сум постар од вас, јас не мислам на тоа “.

3.      „Од ден на ден вие велите : ‘Ние не сме познати’. Ако некој владетел ве знаеше, што ќе очекувавте од него да стори?“

4.      Це – лу брзо и лесно одговори: „Претстави си држава со десет илјади колесници; нека се наоѓа помеѓу  други големи држави; нека биде изложена на инвазии; згора на тоа да додадеме суша по житата и градините – ако мене ми е доверено владеењето со неа, јас за три години можам да сторам луѓето да бидат храбри и да ги прифатат правилата на поведението според праведноста“. Учителот му се насмевна.

5.      Свртувајќи се кон Јен Ју, тој рече: „Чиу, кои се твоите желби?“. Чиу одговори: „Претстави си држава од шеесет или седумдесет ли, или некоја од педесет или шеесет и да ми биде дадена да ја водам – за три години можам да ја направам изобилна. Што се однесува до поучувањето на луѓето во начелата на пристојноста и музиката – ќе почекам да најдам возвишен човек кој ќе го стори тоа.“

6.      „Кои се твоите желби Чих“ рече учителот. Чих одговори:Не можам да речам дека моите способности допираат до тие нешта, но ќе сакам да ги поучувам. На свеченостите во храмовите на претците и на приемите на принцовите кај суверенот, ќе сакам да бидам облечен во темна едноставна облека и со црна ленена капа на главата, да се однесувам како скромен помошник“.

7.      Последен учителот го праша Цанг Хси: „Тиен, кои се твоите желби?“. Тиен, прекинувајќи го свирењето на својата тамбура, што сè уште одзвучуваше, го остави инструментот настрана и стана: „Моите желби“, рече тој, „се разликуваат од посакуваните намери на овие тројца“. „Што има лошо во тоа?“ рече учителот; „нели и ти, исто така, како и тие, ги кажуваш своите желби“. Тогаш Тиен рече: „Што се однесува до тоа, јас во последниот месец од пролетта,  облечен како што треба, со со пет или шест момци кои заносиле капи ќе се измијам во реката Ај, ќе уживам во ветрето што носи дожд и ќе се вратам дома пеејќи“. Учителот воздивна и рече: :„Јас му одобрувам на Тиен“.

8.      Кога тројцата од нив се оддалечија, Цанг Хси се задржа и рече:„Што мислиш за зборовите на овие тројца пријатели?“. Учителот рече: „Тие, просто, си ги кажуваа желбите еден на друг“.

9.      Хси настојуваше: „Учителе, зошто му се насмевна на Ју?“.

10.   Учителот му одговори: „Суредбата на државата ги бара правилата на пристојноста. Неговите зборови не беа покорни – затоа му се насмевнав“.

11.    Хси пак рече,„ Зарем не е држава онаа што Чиу ја спомна за себе “. Одговорот беше, „Да, си видел ли некаде  територија од шеесет или седумдесет ли или од педесет и шеесет а да не е држава?“

12.   Уште еднаш Хси праша, „Зарем не е држава онаа што Чих ја спомна за себе?“. Учителот пак одговори, „да, кој освен принцовите се одговорни за храмовите на претците и народот, освен владетелот? Ако Чих треба да биде скромен помошник во тоа, кој може да биде големиот владетел?“

12 книга глава 7

1.       Це  - кунг праша за владата. Учителот рече, „Од владата се бара да има доволно храна, доволно воена опрема и доверба на народот во владетелот“.

2.      Це – кунг рече, „Ако сето тоа не може да биде обезбедено, кое од овие три нешта треба да биде напуштено?“„Воената опрема“, рече учителот.

3.       Це – кунг праша, „Ако и тое не може да биде обезбедено, кое од двете преостанати треба да се напушти?“ Учителот одговори,„Откажи се од храната. Од секогаш смртта им била судбина на луѓето, но ако народот нема доверба во своите владетели, тогаш на државата ѝ нема спас“.

12 книга глава 8

Чи Канг, вознемирен од бројот на кратците во државата, го праша Конфучие како да излезе на крај со нив. Конфучие рече, „Ако вие, господине, не бевте лаком со што треба да сте ги охрабриле да го прават тоа, тие не ќе крадеа.“

13 книга глава 2

1.       Чунг – кунг кој беше главен министер во семејството Чи, праша за владата. Учителот рече, „Употреби ги прво услугите на своите разноразни службеници, проштевај ги малите грешки и унапреди ги оние кои се добродетелни и надарени“.

2.      Чунг – Кунг рече, „Како ќе ги препознаам луѓето со добродетел и дарба за да можам да ги унапредам?“. Тој му рече, „Унапреди ги тие што ги знаеш. Што се однесува до оние што не ги знаеш, нив другите ќе ги запостават“.

13 книга глава 15

1.       Војводата Тинг праша дали има една реченица со која државата може да се направи напредна. Конфучие одговори. „Таков резултат не може да се очекува од една реченица“

2.      „Меѓутоа, има една народна поговорка – Тешко е да си принц, не е лесно да си министер“

3.      „Ако владетелот го знае тоа – колку е тешко да се биде принц -  зарем од оваа една единствена реченица не може да се очекува напредок на државата?“

4.      Војводата тогаш рече, „Дали има една реченица што може да упропасти држава“. Конфучие одговори. „Таков резултат не може да се очекува од една реченица. Меѓутоа, има една народна поговорка – Ништо не ми прави такво задоволство што сум принц како тоа што никој не може да ми се спротивстави“.

5.      „Ако е добро зборовите на владетелот да се добри, не е ли исто така добро никој да не им се спротивстави? Но ако тие не се добри и никој не им се спротивставува, зарем од оваа реченица не треба да се очекува упропастување за државата?“

13 книга глава 20

1.       Це – кунг праша, велејќи „Кои квалитети треба да ги има еден човек за да може да се нарече службеник“. Учителот рече „Тој кој со своето поведение има смисла за срам и кога ќе биде испратен во кој и да е од четирите делови нема да го посрамоти принцот, заслужува да биде наречен службеник“

2.      Це – кунг продолжи „ Се осмелувам да прашам кој треба да биде поставен на следното подолно место?“ на што му беше речено „Тој кого во кругот на неговите роднини го сметаат за добар син, кого неговите соселани и соседи го сметаат за човек со братски односи“

3.      Ученикот пак праша „ Се осмелувам да прашам  за оние што се од онаа класа потоа?“. Учителот рече „ Тие се решени да бидат искрени во тоа што го велат и да го сторат тоа што го почнале. Тие се тврдоглави мали луѓе.  Сепак, тие би можеле да ја сочинуваат следната класа“

4.      Це – кунг најпосле праша „Какви луѓе се оние  што денес се ангажираат во владата?“. Учителот рече „Пуф! Тие се толку многу колвачи и сопкаџии на кои не треба да се смета.“.

 14 книга глава 1

Хсиен праша што е срамота. Учителот рече „Кога добрата влада ќе почне повеќе да мисли на платите, и кога лошата влада ќе почне повеќе да мисли на истото, на платите – тоа е срамота“.

14 книга глава 11

Учителот рече „Да бидеш сиромав и да не мрморош е тешко. Да си богат без да бидеш горд не е тешко.“

14 книга глава 25

Учителот рече „Во старо време учеа со оглед на своето сопствено усовршување. Денеска, луѓето учат заради другите“

15 книга глава 16

Учителот рече „ Кога еден број луѓе се заедно цел ден без да го свртат разговорот за праведноста и кога се склони да ги прифатат сугерираните лукавости – нивниот случај е навистина тежок.

15 книга глава 20

Учителот рече „ Она што на возвишениот човек му треба е во него. Она што нискиот го сака е во другите“.

15 книга глава 23

Це  - кунг праша, велејќи „ Дали постои еден збор што може да послужи како правило за цел живот? Учителот рече „Дали зборот ЗАЕМНОСТ не е тој збор? Тоа што не сакаш да ти го сторат тебе, ни ти не им го прави на другите“.

17 книга глава 3

Учителот рече „Само мудрите од високата класа и глупавите од најниската се луѓе кои што не можат да се променат“

17 книга глава 16

hram

Учителот рече „Во старо време луѓето беа неуспешни во три работи што денеска тешко може да се најде.“

„Високоумноста во старо време не се интересираше за мали работи; денешната високомисленост се покажува разуздана. Строгата достоинственост во старо време беше сериозно воздржана; строгата достоинственост во денешно време со покажува кавгаџиски изопачена. Глупоста во старо време се покажуваше себеси во отвореност; глупоста денеска се пројавува во чиста измама.“

(според преводот на Аналектите на Конфучие од Мето Јовановски)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

1,549 total views, 1 views today