Кинеската Логика од Артур Греам

chinese_symbols

Систематското аргументирање во кинеската филозофија започнало со моистичката школа, која во петтиот век п.н.е ја основал првиот анти – конфучиевски мислител Мо Ѕе. Тој поставил три мерила за вистината на едно учење: стариот авторитет, општото искуство и практичниот ефект. Најнапред расправите на различните школи за моралните и политичките начела довеле до засилена строгост во докажувањата, потоа до интерес за дијалектиката заради неа самата, за што сведочат парадоксите на Хуеј Ш за бесконечноста и софизмот на Гонг Сун Лонг “(Бел )коњ не е коњ”, а уште подоцна до антирационализмот на Чуанг Це (роден околу 369 г. п.н.е), кој ја отфрлил секоја дијалектика со образложение дека имињата имаат само произволни врски со предметите и дека секое гледиште е правилно за оние кои го прифаќаат изборот на имиња кој тоа го претпоставува.

ЛОГИКА НА МОИЗМОТ

Во третиот век п.н.е моистите одговориле на скептицизмот на Чуанг Це систематизирајќи ја својата дијалектика во Моистички канони и нешто подоцнежните Та – шуе и Хсјао – шуе.

Kina 2

Моистички канони
Каноните ја ограничуваат дијалектиката на прашања “Дали е тоа ова или не е ова?” или, бидејќи претпоставувале дека исказот е само сложено име за сложен предмет, “Дали е или не е точно дека…” (во кинескиот јазик облиците се менуваат со помош на реченица без глагол со една завршна наставка, а не со помош на глаголот “е “). Во вистинската дијалектика алтернативите се дадени во парови (Дали е тоа вол или не е) така што една и само една одговара на предметот. Дијалектиката ги исклучува прашањата како “Дали е тоа вол или коњ” (можеби не е ни едното ни другото) и “Дали е тоа кутре или пес “(може да биде двете).Нејзините решенија се апсолутно точни или погрешни ; да се биде и да не се биде “ова ” за разлика од тоа да се биде долг или краток не е нешто што се степенува, зошто ништо не е повеќе “ова ” отколку што е ова. Моистите понатаму докажуваат дека самото себе си противречи да се негираат или афирмираат сите искази: исказот Сите искази се невистинити подразбира дека и тој самиот е невистинит и обратно.
Постојат три типа на имиња, различни по своите односи кон предметите за кои се претпоставува дека се посебни. Неограничените имиња (како на пример “ствар”) се однесуваат на секој предмет. Имињата на видовите (како на пример “коњ”) се однесуваат на секој предмет кој е сличен со оној за кој станува збор. Сопствените имиња (на пример, личното име “Ѕанг”) се однесуваат само на еден предмет. Дали некое име одговара на еден предмет се одлучува со повикување на мерило. За еден предмет може да има повеќе мерила – за кружница мерило може да биде кружница, нечија ментална слика или шестар.Некои марила одговараат во потполност : кружницата нема прави линии. Некои одговараат само делумно: за да се одлучи дали некој е црн човек не е доволно на тоа да се укаже на неговите црни очи и коса. Каноните започнуваат со 75 дефиниции, очигледно дадени како мерила на разни морални, психолошки, геометриски и по некои логички поими. Пример за дефиниција на еден логички поим е “Сè е – ништо не е не -тоа” (дополнета во Хсјао –шуе со дефиницијата “Нешто е – не сè”. Првата од серијата гласи “Причина е она што е потребно за нешто да стане”. (“Споредна причина : со тоа нема нужно да биде така, без тоа нужно нема да биде така. Главна причина: Со тоа нужно ќе биде така.”). Каноните исто така ги разликуваат значењата на 12 двосмислени термини. Така, “ист” значи 1) идентичен (“две имиња за еден предмет”), 2) оној кој му припаѓа на едно тело, 3) заеднички и 4) од еден вид (“ист во одредена мерка”).

Та – шуе и Хсјао – шуе
Моистичкото Та –шуе понатаму ја усовршува класификацијата на имињата. Имињата кои означуваат број и мера стануваат неприменливи ако нивните предмети количински се смалат; ако голем бел камен се здроби, тој престанува да е голем, иако сèуште е бел. Имињата кои означуваат место на живеење не можат да се применат кога населението се сели, како во случајот со некои држави (Шеј) или видови на административна поделба (земја). Ставот дека некој го знае Х само ако знае дека некој предмет е Х важи само за имињата кои означуваат облик и изглед (рид, но не Шеј или грофовија).
Та – шуе, а уште повеќе Хсјао – шуе , исто така покажуваат пренасочување на интересот од имињата на речениците и на изведувањето на едни реченици од други. Кинезите никогаш не ги анализирале дедуктивните форми, но моистите забележале дека формалниот паралелизам на речениците ни дозволува од една да изведуваме заклучоци на ист начин како од друга, и развиле метод за проверување на тој паралелизам со додавање или супституција на зборови. На пример: да се праша за болеста на некој човек значи и да се праша за човекот, но да не се сака болеста на еден човек не значи да не се сака човекот; Духот на еден човек не е човек, но духот на мојот брат е мој брат. За да го помират погубувањето на разбојникот со принципот на сеопфатна љубов, некои моисти тврделе дека иако разбојникот е човек, да се убие разбојник не значи да се убие човек. Непријателите на моизмот тоа го отфрлале како софистерија сметајќи дека од “Разбојникот е човек” може да се заклучи “Да се убие разбојник значи да се убие човек” исто така како што од “Белиот коњ е коњ” може да се заклучи дека “Да се јава на бел коњ значи да се јава на коњ”. Хсјао – шуе одговара дека постоајт и втор и трет реченичен тип од ист облик кои не допуштаат таков заклучок – на пример “Нејзиниот брат е убав човек” , но “Да се сака нејзиниот брат не значи и да се сака убав човек” ; “Борбите на петли не се петли” но “Да се ужива во борба на петли значи да се ужива во петли”.За да се утврди дека Разбојникот е човек му припаѓа на вториот тип, употребена е четиристепена постапка.
1. Илустрирање на предметот (разбојник) со нешта (брат, чамец) за кои може да се тврдат формално слични искази
2. Споредба на паралелните реченици за илустрациите и за предметот – на пример “Нејзиниот брат е убав човек, но да се сака нејзиниот брат не значи и да се сака убав човек”; “Чамецот е дрво, но да се влезе во чамец не значи да се влезе во дрво” ; “Разбојникот е човек, но да има многу разбојници не значи да има многу луѓе, ниту да се биде без разбојници значи да се биде без луѓе”.
3. Наведување аргументи кои одат во прилог на последните и најрелевантни паралели проширувајќи ги и покажувајќи дека паралелизмот сèуште важи : “Да не се сака да има многу разбојници не значи да не се сака да има многу луѓе; да се сака да нема разбојници не значи да се сака да нема луѓе”.
4. Изведување на заклучок, дефинирано како “употреба на неговите (на предметот) сличности со она што оној (лицето со кое се распрва) го прифаќа за да се утврди она кое не го прифаќа”: “Иако разбојникот е човек, да се сакаат разбојници не значи да се сакаат луѓе, да не се сакаат разбојници не значи да не се сакаат луѓе и да се убиваат разбојници не значи да се убиваат луѓе”.

Kina

ШИН Ѕ
Надвор од моистичката школа само конфучијанецот Шин Ѕ (околу 313 – 238 п.н.е) оставил една поврзана расправа за логички прашања. Според неговата Правилна употреба на имињата имињата постојат за да укажуваат на предметите, разликувајќи ги така благородното од подлото и сличното од различносто. Имињата се утврдени со конвенција и се променливи, но самоволно да се употребуваат кога нивната употреба е веќе утврдена е злочин сличен на фалсификувањето на тежините и мерките. Предметите се различни ако се разликуваат по место, иако не по облик; тие остануваат исти ако го сменат обликот, а не се распаднат. Предметите од ист вид се искусуваат со сетилата како слични и добиваат исто име. Имињата можат да бидат на било кој степен на општост – можеме да ги опфатиме предметите под името “ствар” или да ги разликуваме како “птица” и “ѕвер”. Слично како моистите, Шин Ѕ стоел на номиналистичко гледиште. Реченица е низа на имиња која соопштува една мисла, а името го разбираме ако ги сфаќаме предметот за кој стои и неговите меѓуповрзаности во реченицата.
Шин Ѕ разликува три видови на логички грешки кои ги илустрира со необјаснети примери ( две објаснува кога ги побива во својата “Расправа за исправките”). Логичките грешки кои ги злоупотребуваат имињата се разоткриваат со повикување на утврдената употреба на зборовите, а грешките кои ги злоупотребуваат предметите со повикување на сетилата. Првата грешка, “која ги меша имињата погрешно употребувајќи ги”, Шин Ѕ ја илустрира со примерот “Да се биде навредуван не е срамота”. Тоа е повреда на утврдената употреба на името “срамота” во две смисли, за општествено и морално понижување. За другата грешка, која ги меша имињата “вршејќи насилие врз предметите”, даден е примерот “Вистинските наши желби се малку”. Шин Ѕ ова го критикува како фактичка заблуда за човештвото. Третата грешка е “мешање на предметите со погрешна употреба на имињата”. Гонг Сун Лонг (роден 380 п.н.е) го бранел софизмот “(Бел)коњ не е коњ” со аргументи кои поаѓаат од тоа дека во прашање е идентичност, а не припадност кон класа. Шин Ѕ веројатно би му одговорил едноставно дека белиот коњ обично се нарекува “коњ”.

ПОДОЦНЕЖНА ЛОГИЧКА МИСЛА
Класичниот период на кинеската филозофија завршува околу 200 п.н.е. Следното важно движење, неотаоизмот од третиот и четвртиот век н.е. го оживеало изучувањето на софистите и моистичките канони. Индиските логички расправи биле достапни во превод од седмиот век од н.е. па натаму; будистите пишувале коментари за нив за време на династијата Тан (618 – 907), а во Јапонија тоа го продолжиле и подоцна. Но, има малку докази дека напредувале било таоистите било будистите. Неоконфучијанизмот, главното филозофско движење на династијата Сонг 9960 – 1279), потполно ги занемарил логичките истражувања.

КИНЕСКОТО ЗАПОСТАВУВАЊЕ НА ЛОГИКАТА
Добро е познато дека речиси сите кинески филозофски “системи” се практично, морално или мистично филозофирање за животот, рамнодушно кон апстрактната спекулација. Затоа не изненадува дека тие кинески мислители малку се грижеле за облиците на заклучување, освен под притисок на акутните спорови од третиот век пред н.е. Изненадува речиси исклучивиот интерес на кинеските филозофи за проблемот на имињата и речениците и фактот дека дури и оние кои напредувале од имињата кон речениците го изучувале повеќе паралелизмот меѓу речениците отколку нивната структура.
Една од причините за тој интерес може да се најде во кинескиот јазик, кој ги организира неменливите зборови единствено преку редот на зборовите и ставањето наставки. Без конјугации и деклинации кои ги карактеризираат структурите на санскритските, грчките или арапските реченици и поттикнуваат истовремен развој на граматиката и логиката, кинеската реченица, сè до неодамна, речиси потполно се противи на анализата; Кинезите биле лексикографи, но не и граматичари. Од друга страна, строгиот паралелизам на зависните реченици – во кои на именките им одговараат именки, на придавките придавки, на прилогот прилог, на глаголот глагол -составен дел е на обичните средства на кинескиот јазик и лесно обраќа внимание на логичките опасности од формалниот параелизам.

Извадок од History of logic редактирано од А.Н.Приор

945 total views, 2 views today