Две анимации на „алегоријата на пештерата“ од Платоновата „Политеја“

TheCave

– По ова, реков, замисли си слика на таква состојба со оглед на нашата природа, а во врска со воспитанието, знаењето и незнаењето! Замисли луѓе затворени во едно подземно пештеровидно живеалиште кое има влез долж целата пештера, а се отвора кон светлината; во таа пештера нозете и вратовите на овие луѓе од само детство им се оковани, така што им преостанува да гледаат само напред, додека главите не можат кружно да ги вртат поради оковите; светлоста им пристигнува од еден оган којшто е зпален одзади и подалеку од нив; замисли дека меѓу огнот и окованите има некаков нагорен пат, а покрај него ѕид изграден како кај чудотворците и магионичарите, поставен пред луѓето како стена над која се прикажуваат чудеса.
– Еве гледам, рече овој.
– Гледај сега: покрај тој ѕиднекои други луѓе разнесуваат разноразни предмети кои го надвисуваат ѕидот; носат, на пример, кипови на луѓе и други камени и дрвени облици на некои суштества, и секакви можни изработки; според обичајот – дел од оние кои се движат раснесувајќи – викаат, а дел молчат.
– За чудна некоја слика говориш и за чудни заточеници!
– Меѓутоа – слични нам, реков јас. Мислиш ли дека таквите заточеници би можеле да гледаат нешто друго освен сопствените сенки и сенките на другите, сенки кои поради огнот паѓаат врз спротивната страна на пештерата?
– Па како, рече, ако се тие присилени цел живот неподвижно да ги држат главите?
– А што е со предметите кои се разнесуваат? Нели се случува истото ова, луѓето да ги гледаат сенките?
– А што друго?
– Кога би биле способни да разговараат меѓу себе нели сметаш дека овие луѓе, призраците, како што ги гледаат, така и би ги именувале, со имињата на предметите?
– Нужно.
– А што понатаму?
– Ако се појави одек од спротивната страна на занданата, во мигот кога некој од минувачите испушта глас, мислиш ли дека би им се сторило нешто друго одошто дека гласот го испушта сенката која минува?
– Жими Ѕевса, јас не мислам поинаку.
– Во секој случај, реков, за таквите луѓе ништо друго не би било вистинито освен сенките на предметите!
– Нужно, рече овој.
– Замисли си сега, реков, некакво ослободување од оковите и некакво природно ослободување и исцелување од безумноста, ако се случи природно, што би станало со секој од нив?! Кога некој би бил ослободен и би бил присилен одеднаш да се крене и да го сврти вратот и да зачекори кон светлината за да погледне, притоа – правејчи го сето тоа би чувствувал болка, а поради заслепувачкиот блескот не би можел ни да ги види оние нешта на кои пред ова им ги гледал сенките; што мислиш, што би изустил овој, ако некој му каже дека пред ова гледал пусти и празни нешта, додека сега е многу повеќе и поблиску до суштината и дека така гледа поточно?Потоа, ако тој некој му го покажува секое нешто од она кое се движело покрај него, па ако го присили, прашувајќи го да одговори што е што, нели мислиш дека овој би се нашол во безизлез и би сметл дека токму тоа што го гледал порано е повистинито одошто ова кое сега му се посочува?
– Секако, рече овој.
– Ако пак тој некој го присили заточеникот да гледа кон самата светлина, нели овој би чувствувал болка во очите и би побегнал кон тие нешта кои може да ги гледа, и со тоа би сметал дека овие нешта суштински се појасни од самите посочени и покажани ствари?
– Така е.
– И кога некој би го влечел со сила оттаму по стрмно и мачно искачување нагоре и не би го пуштил пред да го довлечка на сончева светлина, зарем овој не би страдал и не би е лутел што е влечен, а кога би излегол на светлината, а очите би му се исполниле со блескот, нели тогаш воопшто ништо не би можел да види од ова за коешто сега велиме дека е вистинито?
– Не би, зошто би му било ненадејно.
– Значи би морал да свикне, ако сака да ја види горната стварност. Сепак, отпрвин полесно би ги ѕиркал сенките, потоа би ги гледал призраците на луѓето и на другите нешта во водата, па дури подоцна самите нешта, појавите на небото и самото небо. Меѓутоа, полесно би ја гледал ноќе светлината на ѕвездите и месечината, одошто дење сонцето и светлината на сонцето.
– Секако.
– На крајот би бил во состојба, како што мислам, да го ѕирне самото според себе сонце во неговата сопствена област, а не само неговите одблесоциво вода и на други места.
– Нужно, рече Глаукон.
– По ова веќе би можел да заклучува мисловно и нешто за сонцето = дека тоа ги определува часовите и годините, тоа управува со сè што се наоѓа на видливиот простор, и, на некој начин тоа е причинител за сите нешта кои се гледаат.
– Јасно е дака по онаа состојба, тој би дшол до оваа.
– Што потаму? Кога би се присетил на првото живеалиште и на таа мудрост таму, нели мислиш дека би се сметал себе си за блажен поради промената, а другите што останале таму би ги сожалувал?
– Особено.
– А, ако имале оние таму и тогаш некакви меѓусебни почести и пофалби, па и подароци за оној кој најостро ги согледувал нештата што поминувале крај нив, дарови за оној кој би запаметил што е она кое минува порано, а што подоцна, што истовремено и заедно, па според ова тој станал највешт да го пророкува и идното, ти се чини ли дека овој што излегол горе би имал некаков копнеж и сремеж по оние почесни велможи кај нив, или би го доживеал она, според Хомера, и силно би посакал ” селанец тој да биде, слуга кај сиромав некој ” (Хомер, Одисеја, XI, 489), па дури и да поднесува што и да е повеќе, одошто да му се привидува она додека живее онаму.
– Така мислам и јас, рече Глаукон; овој би сакал повеќе сенешто да претрпи, одошто да му се привидува и онаму да живее.
– Помисли на ова, реков: ако таквиот повторно слезе долу во она исто живалиште, итоа ненадејно од сончева светлина, зарем не би му се исполниле очите со темнина и мрак?
– Токму така, рече овој.
– Сега, овој кој ги препознава сенките, ако треба повторно да се натпреварува с вечно окованите, не би можел да гледа, пред да си го воспостави очниот вид, а тоа време на привикнување не би му било кусо; во оваа состојба, нели овој би предизвикал смеа и би се говорело за него дека се вратил откако си ги расипал очите искачувајчи се горе,и би се рекло дака воопшто не е дотојно ни да се обидеш да се искачиш нагоре?! Така расположени, овие луѓе би го усмртиле оној кој би се нафатил да ги ослободува и да ги води угоре, само кога би можеле некако да го дофатат и да го убијат!
– Би го убиле со големо задоволство.

Извадокот е од македонскиот превод на „Политеја“ од Платон

Платон, Политеја. 2002, Три, Скопје

897 total views, 1 views today