Новата револуција во природните науки и филозофскиот идеализам

Со филмовите како Матрикс, интервјуата и книгите на Дејвид Ајк, книгите како „Тао на физиката“ и сличните феномени, како да станува дел од популарната литература верувањето дека материјализмот е побиен, дека всушност сè се сведува на некоја енергија итн. Како нерв на сите такви аргументации се јавува интерпретација на некој резултат од современата физика. Затоа, не би било на одмет да видиме што рекол Ленин соочен со слична ситуација во негово време. Не го слушавме во однос на политичките стратегии, па ете на кое дереџе сме дојдени.

Текстов инаку е извод од книгата „Материјализмот и емпириокритицизмот“. Непосреден повод на неговата книга е обвавувањето на еден зборник текстови од Базаров, Богданов, Луничарски, Берман, Хелфонд, Јушкевич и Суворов насловен како „Огледи од филозофијата на махизмот„. Иако на име марксистички, тие се напишани сосем под влијание на тогаш актуелниот емпириокритицизам на Мах и Авенариус и со тоа предизвикале цела теориска збрка. Книгата е пишувана меѓу 1905 – 1907 и се однесува на тогашниот стадиум на развој на физиката. Дали денес неговите заклучоци стојат и дали се во право денешните заговорници на ставот дека материјата е илузија – останува секој за себе да размисли и одговори.

Често ќе се сретне зборот фидеизам. Самиот Ленин него го дефинира како “учење што ја поставува верата на местото на знаењето или кое воопшто придава некое значење на верата. “. Всушност, со овој збор насекаде е заменет зборот поповштина кој оригинално стоел во ракописот заради цензурата и стравот од репресалии кон издавачот од страна на демократската власт.

0

Пред една година во списанисто „Die Neue Zeit“ беше поместена статијата на Јосиф Дине-Денес: „Марксизмот и најновата револуција во природните науки” (1906—1907, № 52). Недостатокот на таа статија е игнорирањето на гносеолошките заклучоци што се прават од „новата“ физика и кои сега специјално не интересираат нас. Но токму овој недостаток ги прави за нас особено интересни гледиштето и заклучоците на споменатиот автор. Јосиф Дине-Денес, како и пишувачот на овие редови, стои на гледиштето на оној ист „обичен марксист“, за кого нашите махисти говорат со таков величествен презир. „Дијалектичар-материјалист — пишува, на пример, г. Јушкевич — се наречува себеси обично средниот, обичниот марксист“ (стр. 1 од неговата книга). И ете, таквиот обичен марксист во лицето на Ј. Дине-Денес ги спореди најновите откритија во природните науки, и особено во физиката (икс-зраците, Бекереловите зраци, радиумот итн.), непосредно со Енгелсовиот „Анти-Диринг“. До каков заклучок го доведе тоа споредување? „Во најразличните области на природните науки — пишува Ј. Дине-Денес — се стекнати нови знаења и сите тие се сведуваат кон точката што Енгелс сакаше да ja истакне на прв план, имено кон тоа дека во природата „нема никакви непомирливи спротивности, никакви насилно фиксирани гранични линии и разлики“ и дека, ако во природата среќаваме спротивности и разлики, нивната неподвижност, апсолутност ja внесуваме во природата исклучиво ние“. Откриено е, на пример, дека светлината и електрицитетот се само пројави на една и иста природна сила. Со секој ден станува се поверојатно дека хемиското сродство се сведува на електричните процеси. Неразрушливите и неделиви хемиски елементи, чиј број продолжува се повеќе да расте како за потсмев на единството на светот, се покажуваат разрушливи и деливи. Се успеа елементот радиум да се претвори во елемент хелиум. „Како што сите природни процеси се сведуваат на една сила исто така и сите супстанци на природата се сведуваат на една супстанца“ (курзивот е на Ј. Дине-Денес). Наведувајќи го мислењето на еден од пишувачите што го сметаат атомот само за згустен етар, авторот извикува: „Како сјајно се потврдуваат Енгелсовите зборови: движењето е форма на постоењето на материјата“. „Сите природни појави се движење и разликата меѓу нив се состои само во тоа што ние, луѓето, го восприемаме тоа движење во различни форми. . . Работата стои токму така како што рече Енгелс. Како и историјата и природата му е потчинета на дијалектичкиот закон на движењето“.

Од друга страна, не може да се земе в раце литература на махизмот или за махизмот, а да не се сретнат претенциозни повикувања на новата физика, која божем го побила материјализмот итн. итн. Дали тие повикувања се оправдани, тоа е друго прашање, но не подлежи ни на најмало сомневање поврзаноста на новата физика или поточно на една определена школа во новата физика со махизмот и со другите варијанти на современата идеалистичка филозофија. Да се анализира махизмот, а да се игнорира таа поврзаност — како што тоа го прави Плеханов — значи да се бие шега со духот на дијалектичкиот материјализам, т.е. да се жртвува Енгелсовиот метод заради оваа или онаа буква кај Енгелса. Енгелс говори отворено дека „со секое епохално откритие, дури во природно-историската област“ (а да не говориме за историјата на човештвото), „материјализмот неизбежно мора да ja менува својата форма“ („JI. Фоербах“, стр. 19 од герм. изд.) “. Според тоа, ревизијата на „формите“ на Енгелсовиот материјализам, ревизијата на неговите натурфилозофски поставки не само што не содржи во себе ништо „ревизионистичко“ во вообичаената смисла на зборот, туку напротив нужно се бара од марксизмот. Ние никако не ги упрекнуваме махистите поради таквата ревизија ами поради нивната чисто ревизионистичка постапка — што ja менуваат суштината на материјализмот под вид на критика на неговата форма, што ги преземаат основните поставки на реакционерната буржоаска филозофија без секаков обид директно, отворено и решително да расчистат, на пример, со такви безусловно крајно суштествени за тоа прашање Енгелсови тврдења како што е неговото тврдење: „ . .. движењето е незамисливо без материја“ („Анти-Диринг“, стр. 50.).

Само по себе се разбира дека ние, анализирајќи го прашањето за врската на една школа на најновите физичари со обновувањето на филозофскиот идеализам, сме далеку од мислата да ги зафаќаме специјалните учења на физиката. Нас исклучиво не интересираат гносеолошките заклучоци од некои определени поставки и општопознати откритија. Тие гносеолошки заклучоци до таков степен се наметнуваат сами по себе што нив ги засегаат веке многумина физичари. Нешто повеќе, меѓу физичарите постојат веке различни правци, врз таа основа се формираат определени школи. Затоа нашата задача се ограничува на тоа јасно да се изложи во што е суштината на разидувањата на тие правци и во каков однос стојат тие кон основните филозофски линии.

1. КРИЗАТА HA СОВРЕМЕНАТА ФИЗИКА

Познатиот француски физичар, Анри Поенкаре, говори во својата книга за „Вредноста на науката“ дека постојат „признаци на сериозна криза“ на физиката, и посветува посебна глава на таа криза (ch. VIII, спореди стр. 171). Таа криза не се исцрпува со тоа што „великиот револуционер-радиум“ го поткопува принципот на зачувувањето на енергијата. „Изложени се на опасност и сите други принципи“ (180). На пример, принципот на Лавоазје или принципот на зачувување на масата се покажува поткопан од електронската теорија на материјата. По таа теорија атомите се состојат од извонредно мали честици наполнети со позитивен или негативен електрицитет, наречени електрони и „нурнати во средина што ние ja наречуваме етар“. Експериментите на физичарите даваат материјал за пресметување на брзината на движењето на електроните и на нивната маса (или односот на нивната маса кон нивната електрична наполнетост). Брзината на движењето може да се спореди со брзината на светлината (300.000 километри во секунда), таа, на пример, достигнува една третина од таа брзина. При такви услови треба да се зема под внимание двојната маса на електронот соодветно на нужноста да се совлада инерцијата, прво, на самиот електрон и, второ, на етарот. Првата маса ќе биде реална или механичка маса на електронот, а втората  „електродинамичка маса што ja претставува инерцијата на етарот“. И ете, првата маса се покажува рамна на нула. Целата маса на електроните, или барем таа на негативните електрони, се покажува по своето потекло целосно и исклучиво електродинамичка. Масата исчезнува. Се поткопуваат основите на механиката. Се поткопува Њутновиот принцип, еднаквоста на акцијата и реакцијата итн.

Пред нас се — вели Поенкаре — „урнатини“ на старите принципи на физиката, „сеопшт слом на принципите“. Навистина—се оградува тој—сите посочени исклучоци од принципите се однесуваат кон бескрајно мали величини—можно е ние уште да не познаваме други бескрајно мали величини кои би се спротивставиле на поткопувањето на старите закони— притоа и радиумот е многу редок, но во секој случај настапил „период на сомневања“. Ние веќе ги видовме авторовите гносеолошки заклучоци од тој „период на сомневања“: „природата не ни ги дава (или наметнува) поимите за просторот и за времето, туку ние и ги даваме на природата“; „сето она што не е мисла е најчисто ништо“. Тоа се идеалистички заклучоци. Сломот на најосновните принципи докажува (таков е текот на мислата кај Поенкаре) дека тие принципи не се некакви копии, снимки на природата, не се слики на нешто надворешно во однос на човечката свест, ами продукти на таа свест. Поенкаре не ги развива доследно тие заклучоци, не се интересира колку-годе суштествено за филозофската страна на прашањето. На неа најдетално се задржува францускиот писател по филозофски прашања Абел Реј во својата книга: „Теоријата на физиката кај современите физичари“ (Abel Rey: „La theorie de la physique chez les physiciens contemporains“, Paris, F. Alcan, 1907). Haвистина, самиот автор e позитивист, т. е. конфузен човек и наполовина махист, но во дадениов случај тоа претставува дури и некаква згода, зашто него не можеме да го подозираме дека сака да го „оклевети“ идолот на нашите махисти. Не треба да му веруваме на Реј кога станува збор за точното филозофско определување на поимите и за материјализмот посебно, зашто и Реј е професор и, како таков, полн со бескраен презир кон материјалистите (и се одликува со бескрајно незнаење во однос на гносеологијата на материјализмот). Не треба ни да се говори дека за ваквите „мажи на науката“ некој си Маркс или Енгелс воопшто и не постојат. Но Реј грижливо и главно совесно ja резимира извонредно богатата литература по тоа пpaшaњe, не само француската, но и англиската и германската (особено Оствалда и Маха), така што ние често ќе се користиме со неговата работа.

Вниманието на филозофите воопшто — вели авторот — а исто така и на оние што од овие или од оние мотиви сакаат да ja критикуваат науката воопшто, им го привлекува сега особено физиката. „Просудувајќи ги границите и вредноста на физичките знаења, тие всушност ja критикуваат заснованоста на позитивната наука, можноста на познанието на објектот“ (стр. I—II). Од „кризата на современата физика“ тие брзаат да извлечат скептички заклучоци (стр. 14). Во што е имено суштината на таа криза? Во текот на првите две третини од XIX век физичарите беа согласни меѓу себе по сите битни прашања. „Тие веруваа во чисто механичко објаснување на природата, сметаа дека физиката е само посложена механика, имено молекуларна механика. Имаше разидувања само по прашањето за начините како да се сведе физиката на механика, за деталите на механизмот“. „Сликата што денес ни ja пружаат физичко-хемиските науки изгледа сосема обратна. Поранешната еднодушност ja заменија крајни несогласија, и притоа несогласија не во детали, ами во основните и раководни идеи. Иако би било преувеличено да се каже дека секој научник има свои посебни тенденции, сепак е неопходно да се констатира дека, слично на уметноста, науката, посебно физиката, има многубројни школи чии заклучоци често се разидуваат, а понекогаш директно си се непријателски еден со друг…”

Оттука може да се види какво е значењето и каква е широчината на она што доби назив криза на современата физика.

„Традиционалната физика до половината на XIX век сметаше дека е доволно просто да се продолжи физиката за да се добие метафизиката на материјата. Таа физика на своите теории им придаваше онтолошко значење. И тие теории беа целосно механички. Традиционалниот механизам“ (Реј го употребува овој збор во особена смисла на систем од погледи што ja сведуваат физиката на механика) „претставуваше по тој начин, над резултатите на опитот, надвор од рамките на резултатите на опитот, реално познание на материјалниот свет. Тоа не беше хипотетички израз на опитот — тоа беше догма“ (16)…

Овде мораме да го прекинеме почитуваниот „позитивист“. Јасно е дека тој ни ja опишува материјалистичката филозофија на традиционалната физика, не сакајќи да го нарече ѓаволот (т.е. материјализмот) по неговото име. За хјумистот материјализмот мора да изгледа метафизика, догма, излегување надвор од границите на опитот итн. Не познавајќи го материјализмот, хјумистот Реј нема апсолутно никаков поим за дијалектиката, за разликата меѓу дијалектичкиот материјализам и метафизичкиот материјализам во Енгелсовата смисла на зборот. Затоа, на пример, апсолутно не му е јасен на Реј односот меѓу апсолутната и релативната вистина.

„ … Критичките забелешки против традиционалниот механизам, што беа направени во втората половина од XIX век, ja поткопаа претпоставката за онтолошката реалност на механизмот. Врз основата на таа критика се зацврсти филозофскиот поглед на физиката кој веќе стана скоро традиционален во филозофијата од крајот на XIX век. Според тој поглед науката не е ништо друго освен симболичка формула, начини на обележување (означување, reperage, создавање на знаци, обележја, симболи), а бидејќи тие начини на обележување се различни во различните школи, брзо беше направен заклучок дека притоа се обележува само она што човекот претходно го создал (faconne) за обележување (за симболизација). Науката стана производ на вештината на дилетантите, производ на вештината на утилитаристите: гледишта кои природно почнаа насекаде да се толкуваат како негирање на можноста на науката. Науката како чисто вештачко средство за воздејство врз природата, како проста утилитарна техника нема право да се наречува наука, ако не сакаме да ja изопачиме смислата на зборовите. Да се каже дека науката не може да биде ништо друго освен такво вештачко средство за воздејство, значи да се негира науката во вистинското значење на зборот.

„Сломот на традиционалниот механизам или, поточно, онаа критика на која беше подвргнат тој доведе до следнава поставка: науката исто така претрпе слом. Од невозможноста просто и исклучиво да се придржуваат кон традидионалниот механизам се донесе заклучок за невозможноста на науката.“ (16—17).

И авторот го поставува прашањето: „Дали современата криза на физиката претставува привремен и надворешен инцидент во развитокот на науката или науката одненадеж се враќа назад и решително го напушта патот по кој одела?..

„ … Ако физичко-хемиските науки, кои во историјата по својата суштина биле поборнички на еманципацијата, доживуваат слом во ваквата криза која им ja допушта уште само вредноста на технички кориснни рецепти, но им одзема секое значење од гледиштето на познанието на природата, тогаш од тоа мора да произлегува полн преврат и во логиката и во историјата на идеите. Физиката губи секаква воспитна вредност; духот на позитивната наука, што таа го претставува, станува лажен и опасен“. Науката може да даде само практични рецепти, а не вистинско знаење. „Познанието на реалното треба да се бара со други средства. .. ‘Треба да се оди по друг пат, треба на субјективната интуиција, на мистичното чувство на реалноста, со еден збор, на таинственото да му се врати она што се сметаше дека му го зела науката“ (19).

Како позитивист авторот смета дека таквото сфаќање е неправилно и дека кризата на физиката е привремена. Ќе видиме подолу на каков начин Реј го исчистува Мах, Поенкаре и Комп. од таквите заклучоци. Засега ќе се ограничиме со констатирањето на фактот на „кризата“ и на нејзиното значење. Од последните зборови на Реј, што ги наведовме ние, јасно е какви реакционерни елементи ja искористиле и заостриле таа криза. Во предговорот кон своето дело Реј вели отворено дека „фидеистичкото и антиинтелектуалистичкото движење од последните години на XIX век“ се стреми „да се потпре“ на „општиот дух на современата физика“ (II). Фидеисти (од латинскиот збор fides, вера) ги наречуваат во Франција оние што ja поставуваат верата над разумот. Антиинтелектуализам се наречува учењето што ги одречува правата или претензиите на разумот. Според тоа, во филозофски однос суштината на „кризата на современата физика“ се состои во тоа што старата физика гледала во своите теории „реално познание на материјалниот свет“, т.е. одраз на објективната реалност. Новиот правец во физиката гледа во теоријата само симболи, знаци, обележја за практиката, т.е. го одречува постоењето на објективната реалност, независна од нашата свест и одразувана од неа. Кога Реј би се придржувал за правилната филозофска терминологија, тој би требало да каже: материјалистичката теорија на познанието, која поранешната физика ja прифаќаше стихијно, се замени со идеалистичката и агностичката, од што се користеше фидеизмот наспроти на желбата на идеалистите и на агностичарите.

2

Но таа замена, која и ja претставува кризата, Реј не си ja замислува така како божем сите нови физичари да стојат против сите стари физичари. Не. Тој покажува дека по своите гносеолошки тендендии современите физичари се делат на три школи: енергетичка или концептуалистичка (conceptuelle — од зборот концепт, чист поим), механистичка или неомеханистичка — кон која продолжува да се придржува огромното мнозинство од физичарите, и преодната меѓу нив, критичката школа. Кон првата припаѓаат Мах и Дием; кон третата Анри Поенкаре; кон втората Кирхоф, Хелмхолц, Томсон (лорд Келвин), Максвел од старите, Лармор и Лоренц од најновите физичари. Во што е суштината на двете основни линии (зашто третата не е самостојна, ами преодна) се гледа од следниве зборови на Реј:

„Традиционалниот механизам го изгради системот на материјалниот свет“. Во учењето за строежот на материјата тој поаѓаше од „квалитетно еднородни и идентични елементи“, при што елементите требаше да се разгледуваат како „непроменливи, непроникливи“ итн. Физиката ja „градеше реалната зграда од реален материјал и реален цемент. Физичарот располагаше со материјални елемвнти, со причините и начинот на нивното дејство, со реалните закони на нивното дејство“ (33—38). „Промените на тоа сфаќање на физиката се состојат предимно во тоа што ja отфрлаат онтолошката вредност на теориите и што прекумерно го подвлекуваат феноменолошкото значење на физиката“. Концептуалистичкото сфаќање има работа со „чисти апстракции“, „бара чисто апстрактна теорија која ja отстранува, колку што е тоа можно, хипотезата на материјата“. „Поимот енергија станува подоснова (substructure) на новата физика. Затоа концептуалистичката физика во поголемиот свој дел може да биде наречена енергетичка физика“, иако овој назив не е погоден, на пример, за таквиот претставник на концептуалистичката физика каков што е Мах (стр. 46).

Тоа мешање на енергетиката со махизмот кај Реј, се разбира, не е сосема правилно, исто како ни уверувањето дека кон феноменолошкото сфаќање на физиката му се приближува и неомеханистичката школа (стр. 48), наспроти на сета длабочина на нејзиното разидување со концептуалистите. „Новата“ терминологија на Реј не ja објаснува работата, ами ja затемнува, но ние не можевме да ja одбегнуваме неа, зашто сакавме да му дадеме на читателот претстава за гледиштето на „позитивистот“ за кризата на физиката. Всушност, спротивставувањето на „новата“ школа на старото сфаќање наполно се совпаѓа, како што можеше читателот да се увери, со горенаведената критика на Хелмхолц од страна на Клајнпетер. Изнесувајќи ги погледите на разните физичари, Реј во своето излагање ja одразува целата неопределеност и колебливост на нивните филозофски погледи. Суштината на кризата на современата физика се состои во сломот на старите закони и основни принципи, во отфрлањето на објективната реалност што постои надвор од свеста, т.е. во замената на материјализмот со идеализам и агностицизам. „Материјата исчезна“ — така може да се изрази основната и типична за многу специјални прашања тешкотија што ja создаде таа криза. На таа тешкотија ние и ќе се задржиме.

1.2. „МАТЕРИЈАТА ИСЧЕЗНА“

Буквално таков израз може да се сретне кај современите физичари при опишувањето на најновите откритија. На пример, Л. Улвиг во својата книга „Еволуција на науките“ и стави наслов на главата за новите теории за материјата: „Дали постои материја?“ „Атомот се дематеријализира — вели тој таму — материјата исчезнува“. За да се види колку лесно оттука махистите прават основни филозофски заклучоци, да го земеме макар Валентинова. „Изјавата дека научното објаснение на светот добива свое солидно обоснование „само во материјализмот“ не е ништо друго освен измислица — пишува тој — и притоа апсурдна измислица“ (стр. 67). Како разрушувач на таа бесмислена измислица се наведува познатиот италијански физичар Августо Риги, кој вели дека електронската теорија „не е толку теорија на електрицитетот колку што е на материјата; новиот систем на местото на материјата просто го поставува електрицитетот“ (Augusto Righi. „Die moderne Theorie der phy­sikalischen Erscheinungen“, Lpz., 1905, S. 131**. Постои и руски превод). Наведувајќи ги овие зборови (стр. 64), г. Валентинов извикува:

„Зошто Августо Риги си дозволува да и нанесе таква навреда на св. материја? Можеби затоа што тој е солипсист, идеалист, буржоаски критицист, некаков емпириомонист или дури нешто уште полошо од тоа?“ Оваа забелешка, која на г. Валентинов му изгледа убиствено отровна против материјалистите, ja покажува целата негова девствена невиност по прашањето за филозофскиот материјализам. Во што се состои вистинската врска на филозофскиот идеализам со „исчезнувањето на материјата“, тоа г. Валентинов апсолутно не го разбрал. А она „исчезнување на материјата“ за кое тој говори, тргнувајќи по современите физичари, нема никаква врска со гносеолошкото разликување на материјализмот од идеализмот. За да го објасниме тоа, да земеме еден од најдоследните и најјасни махисти, Карл Пирсон. Физичкиот свет за него претставува групи од сетилни воспријатија. „Нашиот познавателен модел на физичкиот свет“ тој го илустрира со следниов дијаграм, со ограда дека во дијаграмот не е земен предвид соодносот на размерите (стр. 282 „The Grammar of Science“):

3

Упростувајќи го својот дијаграм К. Пирсон наполно го отфрлил прашањето за односот меѓу етарот и електрицитетот или меѓу позитивните и негативните електрони. Но тоа не е важно. Важно е тоа дека според Пирсоновото идеалистичко гледиште, „телата“ се земаат за сетилни воспријатија, а дека веќе потоа составувањето на тие тела од честици, на честиците од молекули итн. се однесува на промените на моделот на физичкиот свет, а никако не на прашањето за тоа дали телата се симболи на осетите или осетите се слики на телата. Материјализмот и идеализмот се разликуваат по едното или другото решение на прашањето за изворот на нашето познание, за односот на познанието (и на „психичкото“ воопшто) кон физичкиот свет, а прашањето за строежот на материјата, за атомите и електроните е прашање што се однесува само на тој „физички свет“. Кога физичарите велат: „материјата исчезнува“, тие со тоа сакаат да кажат дека до сега природните науки ги сведувале сите свои испитувања на физичкиот свет на трите последни поими — материја, електрицитет, етар; сега пак остануваат само двата последни, зашто материјата може да се сведе на електрицитет, атомот може да се објасни како нешто слично на бескрајно малиот сончев систем во кој околу позитивниот електрон се движат негативни електрони со определена (и како што видовме — со неизмерно голема) брзина. Следствено, наместо десетици елементи, физичкиот свет може да се сведе на два или на три (доколку позитивниот и негативниот електрон претставуваат „две суштествено различии материи“, како што вели физичарот. Следствено, природните науки водат кон „единството на материјата“ — ете ja вистинската содржина на фразата за исчезнувањето на материјата, за замената на материјата со електрицитет итн., која толку многу луѓе ги буни. „Материјата исчезнува“ — тоа значи дека исчезнува онаа граншда до која досега ja познававме материјата, значи дека нашето знаење оди подлабоко; исчезнуваат такви својства на материјата кои порано ни се чинеле апсолутни, непроменливи, првобитни (непроникливост, инерција, маса итн.) и кои сега се покажуваат како релативни, својствени само на некои состојби на материјата. Зашто единетвеното „својство“ на материјата, за чие признавање е сврзан филозофскиот материјализам, е својството таа да биде објективна реалност, да постои надвор од нашата свест.

4

Грешката на махизмот воопшто и на новата махистичка физика се состои во тоа што се игнорира таа основа на филозофскиот материјализам и разликата меѓу метафизичкиот материјализам и дијалектичкиот материјализам. Признавањето на некакви непроменливи елементи, „непроменлива суштина на стварите“ итн. не е материјализам, ами метафизички, т.е. антидијалектички материјализам. Затоа Ј. Дицген подвлекуваше дека „објектот на науката е бескраен“, дека е неизмерливо, непознавливо докрај, неисцрпливо не само бескрајното но и „најмалиот атом“, зашто „природата во сите свои делови е без почеток и без крај“ („Kl. ph. Sehr.“, S. 229—230). Затоа Енгелс го наведуваше својот пример со откритието на ализаринот во каменојаглениот катран и го критикуваше механичкиот материјализам. За да се постави прашашето од единствено правилно, т.е. дијалектичко- материјалистичко гледиште, треба да се прашува: дали постојат електроните, етарот и така натаму надвор од човечката свест, како објективна реалност или не постојат? На тоа прашање и природонаучниците без колебање мораат да одговорат и одговараат постојано да, како што го признаваат без колебање постоењето на природата пред појавата на човекот и пред органската материја. И со тоа прашањето се решава во корист на материјализмот, зашто поимот материја, како што ние веќе говоревме, гносеолошки не означува ништо друго освен објективна реалност што постои независно од човечката свест и што се одразува во неа.

Но дијалектичкиот материјализам инсистира на приближниот, релативниот карактер на секоја научна поставка за строежот на материјата и на нејзините својства, на отсуството на апсолутни граници во природата, на претворувањето на материјата што се движи од една состојба во друга навидум, од наше гледиште, непомирлива со неа итн. Колку и да е чудно од гледиштето на „здравиот разум“ претворувањето на импондерабилниот етар во пондерабилна материја и обратно, колку и да е „чудно“ дека електронот нема друга маса освен електромагнетната, колку и да е необично ограничувањето на механичките закони на движењето само на една област од појави во природата и нивното потчинување на подлабоките закони на електромагнетските појави итн. — сето тоа е само уште една потврда на дијалектичкиот материјализам. Новата физика се слизна во идеализам главно и имено затоа што физичарите не ja познаваа дијалектиката. Тие се бореа против метафизичкиот (во Енгелсовата, а не во позитивистичката, т.е. хјумистичката, смисла на тој збор) материјализам, против неговата еднострана „механичност“ — и притоа заедно со водата од коритото го исплискуваа и детето. Одречувајќи ja непроменливоста на познатите дотогаш елементи и својства на материјата, тие се слизгаа кон одречувањето на материјата, т.е. на објективната реалност на физичкиот свет. Одречувајќи го апсолутниот карактер на најважните и основни закони, тие се слизгаа кон одречувањето на секаква објективна закономерност во природата, кон прогласувањето на законите на природата за проста условност, за „ограничување на очекувањето“, за „логичка нужност“ итн. Инсистирајќи на приближниот, релативниот карактер на нашите знаења, тие се слизгаа кон одречувањето на независниот од познанието објект, кој приближно точно, релативно правилно се одразува во тоа познание. Итн., итн. без крај.

Расудувањата на Богданов во 1899 година за „непроменливата суштина на стварите“, расудувањата на Валентинов и Јушкевич за „супстанцијата“ итн. — сето тоа се исти такви плодови на незнаење на дијалектиката. Непроменливо е од гледиштето на Енгелс само едно: тоа е одразувањето во човечката свест (кога постои човечка свест) на надворешниот свет што постои и се развива независно од неа. Никаква друга „непроменливост“, никаква друга „суштина“, никаква „апсолутна супстанција“ во онаа смисла во која ги оцрта овие поими безделната професорска филозофија —        за Маркса и за Енгелса не постои. „Суштината“ на стварите или „супстанцијата“ се исто така релативни; тие го изразуваат само продлабочувањето на човечкото познание на објектите, и ако вчера тоа вдлабочување не одело подалеку од атомот, денес — подалеку од електронот и етарот, тогаш дијалектичкиот материјализам инсистира на привремениот, релативниот, приближниот карактер на сите тие отсечки во познанието на природата од страна на човечката наука што прогресира. Електронот е исто така неисцрплив како и атомот, природата е бесконечна, но таа бесконечно постои, и ете токму тоа единствено категоричко, единствено безусловно признавање на нејзиното постоење надвор од човечката свест и осети го разликува дијалектичкиот материјализам од релативистичкиот агностицизам и идеализам.

Ќе наведеме два примера за тоа како новата физика се колеба несвесно и стихијно меѓу дијалектичкиот материјализам, кој си останува непознат за буржоаските научници, и „феноменализмот“ со неговите неизбежни субјективистички (а понатаму и директно фидеистички) заклучоци.

Истиот тој Августо Риги, кого г. Валентинов не умееше да го запраша по прашањето за материјализмот што го интересираше, пишува во уводот кон својата книга: „Што се заправо електроните или електричните атоми, тоа и досега си останува тајна; но, без оглед на тоа, на новата теорија и е можеби су- дено да стекне со време големо филозофско значење доколку таа доаѓа до сосема нови поставки за строежот на пондерабилната материја и доколку се стреми да ги сведе сите појави од надворешниот свет на едно заедничко потекло.”

„Од гледиштето на позитивистичките и утилитаристичките тенденции на нашето време таквото предимство секако не е важно, и теоријата може пред се да се смета за средство на удобен начин да се средуваат и споредуваат фактите, да служи како раководство при барањата на натамошните појави. Но ако порано луѓето се однесувале можеби со премногу голема доверба кон способноетите на човечкиот дух и премногу лесно верувале дека со рацете ќе ги фатат последните причини на сите ствари, во наше време постои склоност да се падне во спротивна грешка“ (1. с., стр. 3).

Зошто овде Риги се оградува од позитивистичките и утилитаристичките тенденции? Затоа што тој, немајќи очигледно никакво определено филозофско гледиште, стихијно се држи за реалноста на надворешниот свет и за признавањето на новата теорија не само како „удопство“ (Поенкаре), не само како „емпириосимбол“ (Јушкевич), не само како „хармонизирање на опитот“ (Богданов) и уште како не ги наречуваат таму сличните субјективистички извртувања, ами како натамошен чекор во познанието на објективната реалност. Ако овој физичар се запознаеше со дијалектичкиот материјализам, неговото оценување на грешката спротивна на стариот метафизички материјализам ќе станеше можеби излезна точка на една правилна филозофија. Но сите услови во кои живеат тие луѓе ги одбиваат нив од Маркса и Енгелса, ги фрлаат во прегратките на тривијалната официјална филозофија.

Реј исто така апсолутно не ja познава дијалектиката. Но и тој е принуден да констатира дека меѓу најновите физичари има продолжувачи на традициите на „механизмот“ (т.е. на материјализмот). По патот на „механизмот“ — вели тој — одат не само Кирхоф, Херц, Болцман, Максвел, Хелмхолц, лорд Келвин. „Чисти механисти, и од извесна гледна точка повеќе механисти одошто кој и да е друг, кои претставуваат последен збор (l’aboutissant) на механизмот, се оние кои, одејќи по Лоренц и Лармор, ja формулираат електричната теорија на материјата и доаѓаат до одречувањето на константноста на масата, прогла- сувајќи ja неа за функција на движењето. Сите тие се механисти, зашто за излезна точка ги земаат реалните движења“ (курзивот е на Реј, стр. 290—291).

„ … Ако новите хипотези на Лоренц, Лармор и Ланжевен (Langevin) се потврдеа од опитот и придобиеја доволно цврста база за систематизација на физиката, би било несомнено дека законите на современата механика зависат од законите на електромагнетизмот; законите на механиката би биле специјален случај и би биле ограничени во строго определени граници. Константноста на масата, нашиот принцип на инерцијата би ja зачувале важноста само за средните брзини на телата, сфаќајќи го терминот „среден“ во однос на нашите сетила и на појавите што го составуваат нашиот обичен опит. Општата преработка на механиката би станала нужна, а следствено и општата преработка на физиката како систем.

„Дали тоа би означувало откажување од механизмот? Никако. Чисто механистичката традиција би продолжила да се зачувува, механизмот би одел по нормалниот пат на својот развиток“. (295).

„Електронската физика, која по својот општ дух мора да се уброи во механистичките теории, се стреми да ja прошири својата систематизација на целата физика. Таа физика на електроните, иако нејзините основни принципи се земаат не од механиката, ами од експерименталните податоци на теоријата на електрицитетот, по дух е механистичка, зашто 1) таа употребува фигуративни (figures), материјални елементи за да ги претстави физичките својства и нивните закони; таа се изразува со термините на восприемањето. 2) Ако таа не ги разгледува физичките појави како специјални случаи на механичките појави, тогаш таа ги разгледува механичките појави како специјален случај на физичките појави. Законите на механиката си остануваат, според тоа, во непосредпа врска со законите на физиката; поимите на механиката си остануваат поими од ист ред како и физичко-хемиските поими. Во традиционалниот механизам тие појави беа снимка (calques) на релативно бавните движења кои, бидејќи само тие му беа познати и достапни на непосредното посматрање, беа земени. .. како типови на сите возможни движења. Новите експерименти покажаа дека е нужно да се прошири нашата претстава за можните движења. Традиционалната механика си останува неприкосновена целата, но таа може да се примени само на релативно бавните движења… Во однос на големите брзини законите на движењето се покажуваат поинакви. Материјата се сведува на електрични честици, последни елементи на атомот. . . 3) Движењето, преместувањето во просторот, си останува единствен фигуративен (figure) елемент на физичката теорија. 4) Најпосле — и од гледна точка на општиот дух на физиката, овој аргумент е поважен од сите останати — погледот врз физиката, врз нејзиниот метод, врз нејзините теории и врз нивниот однос кон опитот, си останува апсолутно идентичен со погледите на механизмот, со теориите на физиката уште од епохата на Ренесансата“ (46-—47).

Ги наведов во целост овие долги цитати откај Реј, затоа што би било невозможно инаку да се изложат неговите тврдења со оглед на неговиот постојан страв да не се испадне во „материјалистичка метафизика“. Но колку и Реј и физичарите за кои тој говори и да се одречуваат од материјализмот, сепак си останува несомнено дека механиката беше снимка на бавните реални движења, а дека новата физика е снимка на гигантски брзите реални движења. Признанието дека теоријата е снимка, приближна копија на објективната реалност — во тоа и се состои материјализмот. Кога Реј вели дека меѓу новите физичари постои „реакција против концептуалистичката (махистичката) и енергетичката школа“ и кога тој во претставниците на таа реакција ги убројува физичарите на електронската теорија (46), — тогаш не можеме ни да посакаме подобра потврда на фактот дека борбата всушност се води меѓу материјалистичките и идеалистичките тенденции. Не треба само да се заборава дека најистакнатите теоретичари, покрај општите предрасуди на сето образовано малограѓанство против материјализмот, пројавуваат и полно непознавање на дијалектиката.

1.3. ДАЛИ Е ЗАМИСЛИВО ДВИЖЕЊЕ БЕЗ МАТЕРИЈА?

Што филозофскиот идеализам се користи од новата физика или што од неа се изведуваат идеалистички заклучоци, тоа не е последица од тоа што се откриваат нови видови материја и сила, материја и движење, ами од тоа што се прави обид движењето да се замисли без материја. Токму тој обид не го анализираат во неговата суштина нашите махисти. Тие не посакаа да се расчистат со Енгелсовото тврдење дека „движењето е незамисливо без материја“. Ј. Дицген уште во 1869 година, во својата „Суштина на работата на човечката глава“, ja искажуваше истата таа мисла како и Енгелс — навистина не без своите вообичаени збркани обиди да го „помири“ материјализмот со идеализмот. Да ги оставиме настрана тие обиди, кои во знатна мерка се објаснуваат со тоа што Дицген полемизира со Бихнеровиот материјализам — туѓ на дијалектиката, и да ги разгледаме сопствените Дицгенови изјави по прашањето што не интересира.

„Идеалистите сакаат — вели Дицген — општо без одделно, дух без материја, сила без супстанца, наука без опит или без материјал, апсолутно без релативно“ („Das Wesen der menschlichen Kopfarbeit“, 1903, S. 108). И така, стремежот движењето да се откине од материјата, силата од супстанцата Дицген го поврзува со идеализмот, го поставува во ист ред со стремежот мислата да се откине од мозокот. „Либих — продолжува Дицген — кој љуби да прави отстапувања од својата индуктивна наука во правец на филозофската спекулација, вели во духот на идеализмот: силата не може да се види“ (109). „Спиритуалистот или идеалистот верува во духовната, т.е. во призрачната, необјаснивата суштина на силата“ (110). „Спротивноста меѓу силата и супстанцата е исто толку стара колку и сиротивноста меѓу идеализмот и материјализмот“ (111). „Се разбира, нема сила без супстанца, нема супстанца без сила. Супстанца без сила и сила без супстанца е бесмислица. Ако идеалистичките природонаучници веруваат во нематеријалното битие на силите, тогаш во таа точка тие не се природонаучници, а.. . духовидци“ (114).

Од ова се гледа дека и пред 40 години имало природонаучници готови да допуштат дека може да се замисли движење без материја и дека Дицген „во таа точка“ ги прогласувал за духовидци. Во што имено се состои врската на филозофскиот идеализам со одделувањето на материјата од движењето, со отстранувањето на супстанцата од силата? Не е ли „поекономично“ навистина движењето да се замислува без материја?

Да си го претставиме доследниот идеалист кој стои, да претпоставиме, на гледиштето дека целиот свет е мој осет или моја претстава итн. (ако се земе „ничиј“ осет или претстава, со тоа ќе се измени само видот на филозофекиот идеализам, но нема да се измени неговата суштина). Идеалистот нема ни да помисли да одречува дека светот е движење, имено: движење на моите мисли, претстави, осети. Прашањето за тоа што се движи — идеалистот ке го отфрли и ќе го смета бесмислено: станува смена на моите осети, исчезнуваат и се појавуваат претстави, и толку. Надвор од мене нема ништо. „Се движи“ — и готово. „Поекономично“ мислење не можеме ни да си претставиме. И со никакви докази, силогизми, дефиниции не може да се побие солипсистот, ако тој доследно го спроведува своето гледиште.

Основната разлика на материјалистот од приврзаникот на идеалистичката филозофија се состои во тоа што осетот, воспријатието, претставата и воопшто човечката свест се зема за слика на објективната реалност. Светот е движење на таа објективна реалност што се одразува во нашата свест. На движењето на претставите, на воспријатијата итн. им соодветствува движење на материјата надвор од мене. Поимот материја не изразува ништо друго освен објективната реалност што ни е дадена во осетот. Затоа да се откине движењето од материјата е рамносилно на тоа да се откине мислењето од објективната реалност, да се откинат моите осети од надворешниот свет, т.е. да се премине на страната на идеализмот. Трикот што обично се прави со одречувањето на материјата, со допуштањето на движење без материја, се состои во тоа што се премолчува односот на материјата спрема мислата. Работата се претставува така како божем да не постои таков однос, а всушност тој скришум се протуркува, останува недоискажан во почетокот на расудувањето, но подоцна испливува повеќе или помалку незабележливо.

Материјата исчезна — ни велат нам — со желба оттука да изведуваат гносеолошки заклучоци. А дали остана мислата? — ќе прашаме ние. Ако не, ако со исчезнувањето на материјата исчезнала и мислата, со исчезнувањето на мозокот и на нервниот систем исчезнале и претставите и осетите — тогаш, значи, сè исчезнало, исчезнало и вашето расудување како еден од обрасците на некаква „мисла“ (или несмисла)! Ако пак да, ако при исчезнувањето на материјата се претпоставува дека не исчезнала мислата (претставата, осетот итн.), тогаш вие, значи, скришум сте преминале на гледиштето на филозофскиот идеализам. Токму тоа и се случува секогаш со луѓе кои од „економичност“ сакаат да замислуваат движење без материја, зашто тие просто со самото тоа што го продолжуваат своето расудување молчаливо го признаваат постоењето на мислата по исчезнуваљето на материјата. А тоа значи дека за основа се зема многу прост или многу сложен филозофски идеализам: многу прост, ако работата се сведува отворено на солипсизам (јас постојам, целиот свет е само мој осет); многу сложен, ако место мислата, претставата, осетот на живиот човек се зема мртва апстракција: ничија мисла, ничија претстава, ничиј осет, мисла воопшто (апсолутна идеја, универзална волја итн.), осет како неопределен „елемент“, „психичко“ што се супституира под целата физичка природа итн. итн. Меѓу разните видови на филозофскиот идеализам притоа се возможни илјада нијанси, и секогаш може да се создаде и илјада и прва нијанса, и на авторот на таквото илјада и прво системче (на пример, на емпириомонизмот) може да му изгледа важна неговата разлика од останатите. Од гледиштето на материјализмот тие разлики се сосема несуштествени. Суштествена е излезната точка. Суштествено е тоа што обидот да се замислува движењето без материја протуркува мисла откината од материјата, а тоа и е филозофски идеализам.

Затоа, на пример, англискиот махист Карл Пирсон, најјасниот и најдоследниот махист, непријател на вербалните извртувања, ja започнува VII глава од својата книга посветена на „материјата“ директно со параграфот што носи карактеристичен наслов: „Сите ствари се движат — но само во поимот“ („All things move — but only in conception“). „Bo однос на областа на воспријатијата излишно е да се праша („it is idle to ask“) што ce движи и зошто тоа се движи“ (р. 243, „The Grainmar of Science“).

Затоа и филозофските несреќи на Богданова започнаа заправо пред неговото запознавање со Мах, започнаа оттогаш откога тој му поверува на крупниот хемичар и на ситниот филозоф Оствалд дека божем може да се замислува движење без материја. На таа одамна мината епизода од филозофскиот развиток на Богданов дотолку е поумесно да се задржиме, зашто не може да се заобиколи Оствалдовата „енергетика“ кога се говори за врската на филозофскиот идеализам со некои правци во новата физика.

„Ние веќе рековме — пишуваше Богданов во 1899 година — дека на XIX век не му појде од рака да го реши конечно прашањето за „непроменливата суштина на стварите“. Таа суштина, под името „материја“, игра видна улога во погледот на светот дури на најнапредните мислители од нашиот век“… („Основни елементи на историското сфаќање на природата“, стр. 38).

Ние рековме дека е тоа збрка. Признавањего на објективната реалност на надворешниот свет, признавањето дека надвор од нашата свест постои материја што вечно се движи и вечно се менува овде се меша со признавањето на непроменливата суштина на стварите. Не може да се претпостави дека Богданов во бројот на „напредните мислители“ во 1899 година не ги внесувал Маркса и Енгелса. Но очигледно е дека тој не го разбрал дијалектичкиот материјализам.

……. Во процесите на природата се уште обично се разликуваат две страни: материјата и нејзиното движење. Не може да се каже дека поимот материја се одликува со голема јасност. На прашањето: што е материја? — не е лесно да се даде задоволителен одговор. Неа ja определуваат како „причина на осетите“ или како „постојана можност за осети“; но очигледно е дека овде материјата се меша со движењето…”

Очигледно е дека Богданов расудува неправилно. Дури и нешто повеке, тој го меша материјалистичкото признавање на објективниот извор на осетите (нејасно формулирано во зборовите причина на осетите) со агностичката Милова дефиниција на материјата како постојана можност за осети. Основната грешка овде е таа што писателот, доаѓајќи непосредно до прашањето за постоењето или непостоењето на објективниот извор на осетите, го напушта на пол пат тоа прашање и прескокнува кон другото прашање за постоењето или

непостоењето на материјата без движењето. Идеалистот може да го смета светот како движење на нашите осети (макар и „социјално организирани“ и „хармонизирани“ во највисок степен); материјалистот — како движење на објективниот извор, на објективниот модел на нашите осети. Метафизичкиот, т.е. антидијалектичкиот материјалист може да го зема постоењето на материјата (макар и привремено, до „првиот поттик“ итн.) без движење. Дијалектичкиот материјалист не само што движењето го смета за неразделно својство на материјата, туку и го отфрла упростениот поглед на движењето итн.

„ … Најточна можеби би била ваквата дефиниција: „материја е она што се движи“; но тоа е толку бессодржајно како кога би рекле: материјата е подмет на реченицата чиј прирок е „се движи“. Но работата можеби и се состои во тоа што луѓето во епохата на статиката се привикнале да гледаат во улогата на подмет бездруго нешто солидно, некаков „предмет“, и се согласиле една таква незгодна за статичкото мислење работа како што е „движењето“ да ja трпат само како прирок, како еден од атрибутите на „материјата““.

Тоа е веќе нешто како Акимовото обвинение против искровците дека во нивната програма го нема зборот пролетаријат во номинатив! Ако се каже: светот е материја што се движи или: светот е материјално движење, од тоа работата нема да се измени.

„ . .. Па енергијата мора да има носител!“ — велат приврзаниците на материјата. — „А зошто?“ — оправдано прашува Оствалд. — „Зар природата мора да се состои од подмет и прирок?“ (стр. 39).

5

Оствалдовиот одговор, што толку многу му се допадна на Богданов во 1899 година, е прост софизам. Зар нашите судови — би можело да му се одговори на Оствалд — мораат да се состојат од електрони и етар? Всушност, мисленото отстранување на материјата како „подмет“ од „природата“ означува молчаливо допуштање на мислата како „подмет“ (т.е. како нешто првично, излезно, независно од материјата) во филозофијата. Не се отстранува подметот, ами објективниот извор на осетот и „подмет“ станува осетот, т.е. филозофијата станува берклијанска, па како и да го престоруваат подоцна зборот: осет. Оствалд се обидуваше да ja одбегне таа неминовна филозофска алтернатива (материјализам или идеализам) со помошта на неопределената употреба на зборот „енергија“, но токму неговиот обид и ja покажува уште еднаш залудноста на таквите итроштини. Ако енергијата е движење, тогаш вие само сте ja префрлиле тешкотијата од подметот на прирокот, само сте го преправиле прашањето: дали материјата се движи? во прашање: материјална ли е енергијата? Станува ли претворување на енергијата надвор од мојата свест, независно од човекот и човештвото или се тоа само идеи, симболи, условни знаци итн.? Токму на тоа прашање и си го скрши вратот „енергетичката“ филозофија, тој обид старите гносеолошки грешки да се замачкаат со „нова“ терминологија.

Еве примери за тоа како се заплетка енергетичарот Оствалд. Во предговорот на своите „Лекции за натурфилозофијата“ тој изјавува дека го смета за „голема добивка тоа ако старата тешкотија: како да се соединат поимите материја и дух — биде просто и природно отстранета со подведувањето на обата тие поими под поимот енергија“. Тоа не е добивка ами загуба, за што прашањето за тоа дали да се врши гносеолошко испитување (на Оствалд не му е јасно дека тој поставува токму гносеолошко, а не хемиско прашање!) во материјалистички или идеалистички правец не се решава, ами се заплеткува со произволната употреба на зборот „енергија“. Се разбира, ако под тој поим се „подведат“ и материјата и духот, тогаш е несомнено вербалното уништување на спротивноста, но бесмисленоста на учењето за духовите и сеништата нема да исчезне од тоа што ние ќе го наречеме него „енергетичко“. На стр. 394 од Оствалдовите „Лекции“ читаме: „Дека сите надворешни појави можат да бидат претставени како процеси меѓу енергиите, таа околност најпросто може да се објасни со тоа што токму процесите на нашата свест и самите се енергиски и таквото свое својство им го предаваат (aufprägen) на сите надворешни опити“. Тоа е чист идеализам: нашата мисла не го одразува претворувањето на енергијата во надворешниот свет, туку надворешниот свет го одразува „својството“ на нашата свест! Американскиот филозоф Хибен многу точно вели, укажувајќи на тоа и на слични места од Оствалдовите лекции, дека Оствалд, „се појавува овде во облеката на кантијанството“: објаснивоста на појавите од надворешниот свет се изведува од својствата на нашиот ум! „Очигледно е — вели Хибен — дека ако ние првобитниот поим на енергијата го определиме така што тој да ги вклучува во себе и психичките појави, тогаш тоа веќе нема да биде оној прост поим на енергијата што се признава во научните кругови или дури и од самите енергетичари“. Природните науки го разгледуваат претворувањето на енергијата како објективен процес, независен од свеста на човекот и од опитот на човештвото, т.е. го разгледуваат материјалистички. И кај самиот Оствалд во маса случаи, дури веројатно во огромното мнозинство на случаи, под енергија се подразбира материјалното движење.

Затоа и се случи таквата оригинална појава што Оствалдовиот ученик Богданов, откако стана Махов ученик, да отпочне да го обвинува Оствалда не за тоа што тој не се држи доследно за материјалистичко сфаќање на енергијата, ами за тоа што тој го допушта (понекогаш дури го поставува во основата) материјалистичкото сфаќање на енергијата. Материјалистите го критикуваат Оствалда за тоа што тој паѓа во идеализам, за тоа што се обидува да го помири материјализмот со идеализмот. Богданов го критикува Оствалда од идеалистичко гледиште: “Непријателска на атомизмот, но во останатото многу сродна на стариот материјализам, Оствалдовата енергетика — пишува Богданов во 1906 година — ги привлече моите најтопли симпатии. Сепак јас наскоро ja забележив важната противречност во неговата натурфилозофија: подвлекувајќи го многупати чисто методолошкото значење на поимот енергија, самиот тој во многу случаи не го спроведува него. Од чист симбол на односи меѓу фактите на опитот кај него енергијата секој час се претворува во супстанција на опитот, во материја на светот“… („Емпириомонизам“, кн. П1, стр. XVI—XVII).

Енергијата е чист симбол! По ова после Богданов може колку сака да спори со „емпириосимболистот“ Јушкевич, со „чистите махисти“, со емпириокритичарите итн. — од гледиштето на материјалистите тоа ќе биде спор меѓу човек што верува во жолт ѓавол и човек што верува во зелен ѓавол. Зашто не се важни разликите меѓу Богданов и другите махисти, ами она што им е заедничко: идеалистичкото толкување на „опитот“ и на „енергијата“, одречувањето на објективната реалност во приспособувањето кон која се состои опитот на човекот, во снимката од која се состои единствено научната „методологија“ и научната „енергетика“.

„За неа (за енергетиката на Оствалд) материјалот на светот е безначајно нешто, со неа наполно е совместим и стариот материјализам и панпсихизмот“ (XVII)… — т.е. филозофскиот идеализам? И Богданов од конфузната енергетика не тргна по материјалистичка, ами по идеалистичка патека. . . „Кога енергијата ja претставуваат како супстанција, тогаш тоа не е ништо друго освен стариот материјализам минус апсолутните атоми — материјализам поправен во смисла на непрекинливоста на она што постои“ (пак таму). Да, од „стариот“ материјализам, т.е. од метафизичкиот материјализам на природонаучниците Богданов не тргна кон дијалектичкиот материјализам, што тој не го разбрал ни во 1906 година како ни во 1899 година, ами кон идеализмот и фидеизмот, зашто против „методолошкиот“ поим на енергијата, против толкувањето на неа како „чист симбол на односи меѓу фактите на опитот“ нема да се буни ни еден

образован претставник на современиот фидеизам, ни еден иманент, ни еден „неокритицист“ итн. Земете го П. Карус, со чија физиономија се запознавме доволно погоре, и ќе видите дека овој махист го критикува Оствалда наполпо по богдановски: „Материјализмот и енергетиката — пишува Карус — безусловно и припаѓаат на една и иста категорија“ („The Monist“ vol. XVII, 1907, № 4, р. 536). „Материјализмот не просветува многу малку кога ни говори дека сè е материја, дека телата се материја, и дека мислата е само функција на материјата, а енергетиката на проф. Оствалд не е ни малку подобра штом тој вели дека материјата е енергија и дена душата е само фактор на енергијата“ (533).

6

Оствалдовата енергетика е добар пример за тоа колку брзо станува помодна „новата“ терминологија и колку брзо се покажува дека малку изменетиот начин на изразување ни најмалку не ги отстранува основните филозофски прашања и основните филозофски правци. Во термините на „енергетиката“ исто така може да се изрази и материјализмот и идеализмот (се разбира, повеќе или помалку доследно), како и во термините на „опитот“ итн. Енергетичката физика е извор на нови идеалистички обиди движењето да се замислува без материја — во врска со разлагањето на честиците на материјата што се сметаа досега за неделиви и со откритието на досега непознатите форми на материјалното движење.

 

Владимир Илич Ленин, извадок од книгата Материјализмот и емпириокритицизмот

1,225 total views, 1 views today