Дејвид Хјум: „За големџиството и скромноста“

David_Hume

На мислење сум дека вообичаените жалби против Провидението се  невтемелени и дека добрите или лошите особини на еден човек се причините за неговата добра или лоша среќа во многу поголема мера од општоприфатеното мислење. Без сомнение, има примери за спротивното, и тоа многубројни, но малку се  во споредба  со примерите за правилна распределба на благосостојбата и немаштијата, а не би можело да биде поинаку ако се знаат општите црти на човечката природа.  Да си надарен со добродушен карактер и човекољубие  речиси без исклучок обезбедува наклоност и почит; тие се главните предуслови за успехот на секоја иницијатива и потфат, настрана задоволството кое непосредно произлегува од нив. Горе – долу, исто стојат работите и со останатите доблести. Благосостојбата е, природно иако не и нужно, поврзана со доблест и вредност, а немаштијата, соодветно, со порок и глупост.

Сепак, морам да признам дека ова правило има исклучок кај една морална особина; тоа е, имено, скромноста која настојува да притаи нечии дарби, како што големџиството се фали со нив што да може и не може, и тоа е единствената причина зошто многумина успеале во животот, и покрај многуте хендикепи како ниското потекло и квалитети. Општо, луѓето како луѓе се толку невнимателни и некадарни, што се склони да го прифатат човек според она што тој за себе го кажува, и неговото дрско преправање да го прифати како доказ за квалитетите кои тврди дека ги има. Одреден степен на убедливост е постојан придружник на доблеста, а малкумина можат да го разликуваат големџиството од него. Од друга страна, колебливоста, како природна последица од порокот и глупоста, ја срами скромноста, која појавно е налик на неа.

Големџиството, иако порок, исто влијае врз среќата на човека како да е доблест, па можеме да забележиме дека е исто толку тешко да се постигне. Тоа ја разликува од останатите пороци кои се стекнуваат без мака . Многу луѓе, чувствувајќи дека скромноста однапред им одмага во ковањето на својата среќа, решиле сосила да станат големџии. Но, може да се забележи дека таквите ретко имат успех во овој обид, и на крајот сакале – нејќеле пак си се враќаат на старата скромност. Ништо не го пробива човека низ животот подобро од вистинското, исконско, вродено големџиство. Фалсификуваното ниту за нешто го бидува, ниту може самото себе за долго да се одржува. Било што да се обидува човек, кога греши и станува свесен за тие грешки, тој со самото тоа и напредува кон целта. Но при настојувањето да биде големџија, секој неуспешен обид ќе го усрами, и  постојано ќе го обеспокојува. Така, секое посрамување ќе биде повод за ново посрамување, се додека не стане озлогласен трчилаж, и целото преправање дека е големџија ќе му е залудно.

Ако нешто може да му ја зацврсти вербата на скромниот, тоа мора да бидат некои  предности кои случајно ги стекнал. Богатството обично му обезбедува на човека благонаклонетост насекаде, и обезбедува двојно посилен сјај за неговата вредност  кога човек е надарен, а во голема мера неа ја заменува кога не е. Навистина е прекрасно да се посматра какви сè не изрази на надмоќ  будалите и никаквеците  со голем имот си ги даваат себеси  над највредните луѓе во немаштија. А и вредните луѓе не се противат многу – многу на тоа, или поверојатно тоа го прифаќаат заради вродената кроткост во својот карактер. Нивниот разум и животното искуство ги прават несигурни  во своите просудби, и ги тера грижливо да ја испитуваат секоја работа . Од друга страна, префинетоста на нивните чувства чини постојано да се плашат да не згрешат, и во практичниот живот сосема се губи таа чесност која, така да се изразам, толку љубоморно ја чувале. Да се соединат мудроста и самодовербата е исто толку тешко, како и да се сложат порокот и скромноста.

Ова се моите размисли околу скромноста и големџиството, и се надевам на читателот нема  да му пречи да ги види напишани во следнава алегорија.

Јупитер, на почетокот, ги соединил Доблеста, Мудроста и Самодовербата заедно, исто така и Порокот, Глупоста и Колебливоста. Така заедно ги испратил во светот. Иако бил сигурен дека оваа поделба е многу промислена и дека на Доблеста местото и е до Самодоврбата, а на Поркот до Колебливоста, не поодиле долго време кога се јавила првата кавга. Мудроста, која била челник на оваа дружина, по навик , пред да тргнат по некој пат , внимателно разгледувала каде оди и кави сè не опасности , тешкотии и пречки би можеле да ги снајдат по него. Ваквите премислувања одземале време, а ваквите одложувања не и биле по ќефот на Самодовербата која била склона, без многу думање, да тргне по првиот пат на кој ќе наидат. Мудроста и Доблеста биле неразделни. Но, еден ден, Самодовербата , водена од својата нагла нарав, заминала прилично понапред од челникот и останатите сопатници. Ниту ја сакала нивната дружба, ниту ги побарала, ниту пак ги сретнала повторно. Така и остатокот од дружината, иако соединет од Јупитер, се скарале и се разделиле. Глупоста немала каде, зошто ниту  можела таа да ги проверува патиштата, ниту знаела кој од нив да го одбере. Колебливоста, која со своите двоумења и обѕирања и дотогаш го кочела патувањето, безизлезната ситуација ја правела уште полоша. Ова особено го вознемирило Порокот, кој не сакал ни да слуша за никакви проблеми и одлагања, ами само сакал да си оди каде ќе му се присака. Арно ама, знаел дека Глупоста, иако послушна кон Колебливоста, лесно може да и се наредува кога е сама, и затоа , како некој немирен коњ што го отфрла својот јавач, го избркала овој расипувач на ќефови и го продолжила патот со Глупоста со која станал неразделен. Самодовербата и Колебливоста, вака оставени од своите сопатници, лутале некое време, сè дедека среќата не ги однесе во исто село во исто време. Самодовербата се упатила директно кон замокот кој му припаѓал на Богатството, господарот на цело село. Без да се пријави кај домарот, се втурнала право во највнатрешната соба, каде ги нашла Порокот и Глупоста, веќе удобно сместени. Веднаш се ујдисала со нив, брзо го придобила газдата на куќата, и се сторила посестрима со Порокот, токму како Глупоста. Тие везден му биле гости на Богатството, и од тогаш станале неразделни. Колебливоста, во меѓувреме, не се осмелувала да влезе во замокот. Ја прифатила поканата од Сиромаштијата, една од жителите, и влегувајќи во нејзината колиба, ги нашла Мудроста и Доблеста, кои се повлекле таму набркани од газдата. Доблеста се сожалила над неа, а Мудроста заклучила дека, судејќи според нејзината нарав, лесно може да се подобри, па така ја прифатиле во својата дружина. Така, малку по малку, таа си го менувала своето поведение, и станувајќи се пошармантна и пољубезна, го добила името Скромност. А како што ништо не расипува повеќе од лошо друштво, и како што не слушала никакви совети ни поуки, Самодовербата меѓу Порокот и Глупоста се изопачила во Големџиство. Човештвото уште ги знае овие дружини онака како што ги составил Јупитер, и не знаејќи ништо за овие делби и разделби, често греши. Штом ќе види Големџиство, ги очекува и Доблеста и Мудроста, а штом ќе види Скромност, ги бара како нејзини придружници Порокот и Глупоста.

Дејвид Хјум ( од Морални и политички есеи, есеј 3)

превод Кирил Бисероски

858 total views, 2 views today