Ангелот и филозофите

natural+philosophy

Еднаш, некој ангел слегол на земјава и се тапосал на состанок на филозофско друштво. Откако им сторил едно здравоживо на филозофите, им се понудил да им одговори на едно прашање по нивен избор. На часот, фатиле филозофите да се надвикуваат и расправаат кое прашање да го постават. На сета таа џева, ангелот им рекол дека утре пак ќе дојди , па им дава мувлет до тогаш да смислат прашање.

Фатиле филозофите да смислуваат што да го прашаат ангелот утредента. Некои предложиле да постават конјунктивно прашање, но други се секирале дека ангелот може нема тоа да им го смета за едно прашање. Друг предлагал тоа да биде “Кое е најдоброто прашање да се праша”, та белким некогаш друг ангел ќе го навее Господ кај нив со иста понуда, та тогаш ќе го знаат најдоброто прашање и ќе го постават. Арно ама, на мнозина им било непара верно дека пак ќе дојдел ангел за да го прашуваат, и нејќеле така да ја изарчат оваа единствена можност. И така, еден едно рекол, друг друго – на крајот сите се кандисале прашањето да гласи вака “Кој е подредениот пар чиј прв член е најдоброто прашање кое може да се праша, а вториот член е одговорот на тоа прашање”.

Утредента го дочекале ангелот ќефосани и му го поставиле така формулираното прашање. Ангелот одговорил:”Тоа е подредениот пар чијшто прв член е прашањето кое штотуку ми го поставивте, а втор член е одговорот кој сега ви го давам”. На тој збор ангелот си исчезнал и ги оставил филозофите бели во очите.

781 total views, 1 views today